Да се мисли во лош свет (1)

04.08.2026 11:21
Да се мисли во лош свет (1)


Да се изведе културата пред судот на општеството

Проблемите на односите меѓу културата и политиката, интервенцијата или улогата на интелектуалецот, долго време ги окупираат филозофијата, теоријата и општествените науки. Нема традиција, школа или мисловна доктрина што во еден или друг момент не морала да се определи во однос на оваа расправа и да каже како ја разбира смислата на теоријата и осознавањето, одговорноста на авторот, несомнено затоа што научникот или интелектуалецот не може да ја избегне нужноста да се соочи со прашањето за сопствената општествена корисност и да го дефинира нејзиниот облик, макар понекогаш и само за да ја избегне релевантноста на таквите прашања.

Прашањето за поврзаноста на интелектуалната активност со светот не е едно од многуте прашања. Тоа е незгодно и вознемирувачко прашање. Зашто секогаш, имплицитно или експлицитно, нè води кон потребата да се соочиме со проблем што, и како читатели и како автори, ни е непријатен и на кој попрво би избегнале да одговориме: прашањето за вредноста и значењето на дејноста на која ѝ го посветуваме својот живот. Оваа проблематика нè принудува да се оддалечиме од самите себе, да ја прекинеме спонтаната приврзаност кон она што сме и да се запрашаме: но, всушност... за што служи она што го правиме? За што служи тоа што го правам? Зошто да се пишува? Зошто да се објавува? Какво е значењето на таа практика? За што служат симпозиумите, средбите, книгите? Кои диспозитиви или кои норми го поткрепуваат значењето на науката, книжевноста и уметноста онакви какви што ги практикуваме? И, пред сè, како да се усогласи теориското пишување со практиката на оспорување?

Невозможно е да се биде автор, интелектуалец, научник или, во поширока смисла, создавач на симболички добра, а да не нè преокупираат вакви прашања и да не чувствуваме извесна тегобност пред барањата што тие ги наметнуваат.


Но, тоа што сме преокупирани со некои прашања не значи нужно дека директно и целосно се соочуваме со нив. Можно е и да ги потиснуваме, да ги држиме настрана од себе, свесно да се трудиме да не ги поставуваме или да ја негираме нивната важност, обидувајќи се да ја избегнеме нивната моќ за прозивање. Потребно е внимателно да се разликуваат прашањата од начините на нивното поставување: постојат начини на проблематизација кои, всушност, функционираат како одвлекување на внимание и како откажување од вистинските проблеми што би требало да се постават.

Но, ако некое прашање не е изрично поставено, тоа не значи дека не е присутно во нашите мисли. Напротив, може да биде таму, да нè измачува и да ја прогонува нашата совест – но да биде потиснато. Создадени се индивидуални и колективни техники за негово избегнување, за да можеме да продолжиме да живееме како ништо да не се случило, а се измислуваат и причини – кои, впрочем, општествениот свет ни ги нуди и ни ги става на располагање – за да се увериме дека е добро работите и понатаму да останат такви какви што се.

Во филозофската и општественонаучната литература, темата за односот меѓу науката и политиката, од крајот на XIX век наваму, главно се разгледува од епистемолошка или методолошка гледна точка. Таа добива облик на расправа за поимите на вистината, нормативноста, односот кон вредностите, можната поврзаност меѓу „спознанието“ и „интервенцијата“, техниките на објективизација и истражувачките пристапи, за вистината и мислењето, или, пак, за објективноста итн.


Се разбира, овие прашања во никој случај не се нелегитимни. Но, да се пристапи кон проблемот знаење/политика исклучиво од строга епистемолошка и методолошка гледна точка, најнапред значи да се постави во неговите вообичаени облици и модели – а токму тие облици и модели би требало да бидат доведени во прашање или, во секој случај, критички преиспитани. Но, пред сè, тоа значи проблемот да се издвои од општествениот, политичкиот и економскиот контекст во кој е вграден. Кога прашањето за односот меѓу авторот и светот се поставува на ваков начин, многу брзо централна тема станува научникот, а расправата добива облик на апстрактно истражување за спознавањето, вистината и начините на пишување. Тогаш целосно исчезнува другата страна на проблемот. Надворешното, политиката, начинот на кој сме вклучени во општествениот живот и она што тој ни го наметнува – сето тоа е заборавено, оттурнато. Што би значело да се реконструира концептот за науката, спознавањето и мисловните форми тргнувајќи од светот и политиката?

Прашањето за односот меѓу знаењето и политиката отвора цел сноп етичко-практични преиспитувања. Затоа, да се сведе само на епистемолошко и методолошко размислување значи тоа да се направи безопасно: значи да се изобличи и потисне, со што се овозможува проблемите да не се согледуваат во нивната материјална стварност.

Наспроти тоа, овде би сакал да се обидам радикално да размислам за интелектуалниот и научниот живот и, колку што е можно повеќе, да ја искористам моќта за прозивање и дестабилизирање на тоа размислување. За да го постигнеме тоа, морама да се поставиме на етички план: модалитетите на културната практика мора да се определуваат земајќи ги предвид светот и нашата ситуација во него.

 

Ангажман

За јасно и недвосмислено да ги изложам причините поради кои, според мое мислење, промислувањето за интелектуалниот живот – па дури, во суштина, и за сите форми на симболичко производство – нужно мора да вклучува етичка димензија, би сакал да го нагласам следново: апстрактно гледано, никој никогаш не е должен да се вклучи во работите на светот, да се занимава со политика, да се бори. Лично, никогаш не сум ги сакал повиците за „мобилизација“ или за „храброст“, кои ги среќаваме во милитантните или политичките текстови и кои честопати добиваат облик на – често сомнително – обвинување за „кукавичлак“ (на „масата“), „апатија“ или „пасивност“ на оние кои не заземаат страна, кои му се приспособуваат на системот.

Бидејќи, да се постои во голема мера значи случајно да бидеш фрлен овде или таму; не постои никаква етичка или морална принуда да заземеме став кога не се согласуваме со светот таков каков што е или со владејачките системи. Не сме ги избрале местото и датумот на своето раѓање, не сме избрале да бидеме токму таму каде што сме, да го гледаме она што го гледаме, да бидеме дел од овој или оној систем на власт, па затоа врз нас не стои никаква обврска да се ангажираме. Не постои онтолошка одговорност за она што се случува во светот.

Од друга страна, штом некој почне да пишува, штом одлучи да објавува, да истражува, да создава, сè се менува. Да се впуштиш во такви дејности претпоставува дека си одлучил, повеќе или помалку свесно, да бидеш дел од оние што произведуваат идеи, што пренесуваат дискурси и на тој начин придонесуваат кон обликувањето на состојбата на светот. Оттука, во тој миг сме одлучиле да се ангажираме. Ангажирани сме во нешто. И тогаш веќе не можеме да се повлечеме и да ја негираме политичката димензија на нашето дејствување.

Светот е лош

Секоја културна практика е условена од конкретен чин на ангажман. Затоа одговорот на прашањето за легитимните облици и начини на пишување, размислување или објавување мора да се разјасни токму во однос на ова соочување со светот. Тој мора да се заснова врз заклучокот што треба постојано да нè прозива и кој секогаш мора да го имаме на ум: светот е неправеден, светот е лош, проткаен е со системи на доминација, експлоатација, моќ и насилство, кои мора да бидат прекинати, оспорени и преобразени.

Кога ќе одлучиме да влеземе во светот на мислата и, токму поради тоа, да се ангажираме, обликот на нашата дејност треба да се определува единствено во однос на тој видокруг. Треба да се прашаме каков вид интелектуална и културна практика ќе биде способен да го промени светот, да го намали вкупното количество насилство што се шири во него. Дали нашата дејност придонесува за создавање поправеден и порационален свет и поттикнува спроведување некаква еманципаторска практика? Или преку нашата дејност учествуваме во репродукцијата на системот, соработуваме со него или дури ја влошуваме состојбата? Како што гледаме, оваа проблематизација е поширока од онаа што се однесува на вистината, објективноста и невистината (и ја опфаќа и неа): станува збор за тоа да се одреди каков вид вистина, каков вид знаење и каков вид истражување треба да се создаваат, во какви рамки, и како тие треба да бидат напишани, ширени и промислувани, ако сакаме светот да стане поподносливо место.


Џудит Батлер објави текст со наслов „Може ли да се живее добар живот во лош свет?“¹ Во него таа го презема проблемот што го постави Адорно: како можеме да се обидеме да живееме етички живот во неправеден свет обележан со нееднаквости и експлоатација? Како да се живее добар живот во лош живот? Тоа е прашање на етиката. Тоа е прашање што си го поставуваме секојдневно – или, напротив, понекогаш се обидуваме да не си го поставиме за да избегнеме соочување со сопствените компромиси, сопственото соучесништво и сопствените откажувања.

Прашањето за истражувањето му се поставува на секој од нас на ист начин. Прашањето на кое пред сè треба да одговориме е следново: што значи да се живее добар интелектуален живот или добар живот како автор во лош свет? Како треба да се мисли, ако знаеме дека мисловната дејност се одвива во свет на насилство, неправда и угнетување?

Од мигот кога ќе одлучиме да пишуваме и да објавуваме, не можеме да избегнеме политичкото да стане појдовна точка на нашето преиспитување за смислата на она што го правиме, за облиците што ги усвојуваме – па дури и за причините поради кои воопшто треба да го правиме тоа што го правиме.

Културата треба да се изведе пред судот на општеството.

 

Слики: Rafat Alkhatib

Извор за текстот: Geoffroy de Lagasnerie, Penser dans un monde mauvais, 2017

Подготвил: Тим Дисензус 

Проектот „Дисензус“ е активност поддржана во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хартефакт Фонд.

Содржината/изразените мислења никогаш не може да се толкуваат како ставови на Владата на Швајцарија и Хартефакт Фонд.

Слични содржини

Општество / Активизам / Теорија
Општество / Активизам / Теорија
Општество / Активизам / Теорија
Општество / Активизам / Теорија
Општество / Активизам / Фотографија / Култура / Музика
Активизам / Психологија / Живот / Теорија

ОкоБоли главаВицФото