Повик за обука за застапување за независни културни работници

05.08.2026 15:05
 ПОВИК ЗА ОБУКА ЗА ЗАСТАПУВАЊЕ ЗА НЕЗАВИСНИ КУЛТУРНИ РАБОТНИЦИ

 

Јадро- Асоцијација организира Обука за застапување во културата која ќе се одржи на 31 август и 1 септември (понеделник и вторник). Обуката е наменета за сите заинтересирани здруженија од културата и независни културни работници, студенти и млади професионалци кои се заинтересирани за културните политики и подобрување на условите за работа на независната културна сцена.

Обуката ќе ја води д-р Милица Пекиќ – историчарка на уметност и кустоска од Белград, со широко и долгогодишно искуство во областа на културните политики и застапување за независната културна сцена.
 
 
Целта на обуката е да ги зајакне капацитетите на учесниците за активно вклучување во процесите на развој на културните политики на национално и локално ниво.
 
Учесниците ќе стекнат практични знаења и алатки за:
 
 

- Развивање стратегии за застапување на културни политики;

 

 
- Комуникација со институции и носители на одлуки;
 
- Мобилизирање јавна поддршка за културни иницијативи;
- Изградба на коалиции и партнерства во културниот сектор.
 
Обуката ќе се одржи во две онлајн сесии преку платформата Zoom од по три часа, во два последователни денa (31 август и 1 септември 2026), во работно време.
 
Заинтересираните учесници можат да се пријават преку формулар најдоцна до 17 август. Доколку од какви било причини не можете да се пријавите преку формуларот пишете ни мејл на jadro.nks@gmail.com со назнака „Пријава за Обука за застапување“.
 

 

 

Ги молиме учесниците при пријавуањето да го одговорат и овој подготвителен прашалник
 
Прашалникот НЕМА за цел да ги селектира учесниците, туку да ни помогне подобро да ја прилагодиме обуката кон интересите и потребите на учесниците.
 
За обучувачката:
Д-р Милица Пекиќ е историчарка на уметност, кураторка, уметница и активистка од Белград. Нејзиниот истражувачки фокус се авангардните уметнички практики, алтернативните форми на колективно авторство, институционалната трансформација и потенцијалот на интердисциплинарните пристапи во уметничките истражувања и продукции. Пекиќ е активно ангажирана во независниот културен сектор повеќе од две децении. Низ годините учествувала во бројни локални и регионални иницијативи посветени на градење одржлива рамка за развој на независната културна сцена и зајакнување на регионалната соработка. Таа е соосновачка на КИОСК – платформа за современа уметност. КИОСК, пак, како платформа е дел од основачите на Асоцијацијата на независната културна сцена на Србија (НКСС) и Кооператива, регионалната платформа за култура.
 
Обуката за застапување се реализира во рамки на проектот „Креативна работа, јавна вредност: Застапување за праведни политики во независниот културен сектор“. Проектот е поддржан од Владата на Швајцарија (Embassy of Switzerland in North Macedonia) во рамки на проектот „Култура за развој“, кој се имплементира од Хартефакт Фонд (Heartefact Fund).