Август на Охридското езеро

10.08.2026 12:24
Август на Охридското езеро

 

Охридските куќи што се наоѓаат на самиот брег имаат свој излез на езеро, малечко пристаниште за кое се врзува кајче што во деновите без ветер пливка на површината како лебед. Во августовските утра езерото е мирно, притаено во малку подоцнежните изгреви, ослободено од јулските жеги, а поспано од нив. Светлината е слаба, а утрата влажни. Рибарот кој го одврзува кајчето пред зори се надева на добар улов, во доцното утро ги носи свежите пастрмки, кришум, оние со големи дамки на сребрената кожа и со розово месо, кои ги нарекуваат летници и кошници со помали, сочни видови, грунци, исто така без мали коски, кои веќе за ручек се пржат во маслиново масло. Маслините не успеваат тука, превисока им е надморската височина, но маслото се носи во канти од пограничните грчки гратчиња каде што се одело за поголеми набавки, некогаш, кога бензинот бил евтин, курсот на драхмата поволен, а рибарот и неговата жена биле млади. Најмалата риба, циронката, се солела и се нижела на тенок канап и се сушела на воздух, како зимница; подоцна се служела со алпипер и со многу масло и бибер, како салата или како главно јадење, со црн леб. Мирисот на сушената риба не е привлечен за повеќето луѓе, а локалното население сушената циронка ја смета за храна на сиромашните.

*

Пливачот кој ќе се отисне од тоа домашно пристаниште, откако претходно совладал неколку скалила обраснати со мов и езерска трева, не мора долго да плива до првиот поглед: над неговата глава се контурите на Галичица, а десно, високо на карпата над езерото, црквата Свети Јован Канео, византиска црквичка со впишан крст и со необична убавина чии ѕвона одекнуваат во езерските утра. Амбициозните веслачи со чамци доаѓаат до плажата под црквата, карпеста и опасна поради водните струи, тука, под храмот кој стои уште од славните времиња, секогаш замислен над судбината на својата паства, денес повеќе од било кога загледан во некои магловити хеленски корени, славејќи ги Александар и Филип повеќе од Кирил и Методиј. Или е тоа само идеја наметната на еден питом народ кој го слави денот на Свети Илија како свој најголем празник, со неспокој, да не го навреди светецот-заштитник, на патот кон својата црква, а не кон Пела, за која мнозината знаат ни каде е, ни зошто е важна. Тука отсекогаш се знаело што е македонско, а што грчко, соединето само во борбата против заедничките непријатели, разделено со олтари, обичаи, преданија, а најмногу со спокојството на наравта на езерскиот човек кој во себе нема ништо од лутата медитеранска острина и тврдокорност што сè уште ја пронаоѓаме во Андалузија, на Сицилија и особено на Крит.

*

Охрид е место со неверојатно голем број на цркви и манастири начичкани како монисто од бели крлушки на рибата плашица во низите охридски бисер. Мали капели во карпите, цркви во тесните, стрмни градски улици каде што веќе не се одржуваат служби, манастирски тврдини како Свети Наум, издигнат над езерото и над изворите на Дрим, горд спроти блиската албанска граница, сето тоа стои едно крај другото и сѐ оттрајува во времето кое не му е секогаш наклонето. Политичките околности и потешкотии не го допреа премногу свештенството на охридските храмови. Во нив сѐ уште живее духот на Византија, непоколебливата лојалност кон православието без оглед на државните граници, на верата и молитвата одвоени од административните поделби. Затоа насмевка и благоста секогаш се на лицето на на духовникот во чиј храм влегувате, дури и на чуварот кој срамежливо ги покажува сувенирите, копии од охридски икони што ќе ве чуваат при враќањето дома.

*

Градот се протега од бреговите на езерото кон врвот на ридот Лихнидос, на кој се наоѓа тврдината на царот Самуил, како начичкани ласовичини гнезда. Искачувањето до тврдината не е лесно, по тесните, кривулести улички кои изгледаат уште потесни поради исфрлените катови на типичните охридски куќи, понекогаш толку стари што се потребни дополнителни дрвени греди за да се потпре катот. Дрвените порти се украсени со ползавци од слачец или од Христово око, на некои од нив сè уште стои ѕвекирот како украс. Металните порти со резе и колските влезови сведочат за богатството на нивните сопственици, некаде уште има и мушебак, традиционално скривалиште од преплетени летвички и пруќе, на прозореците од понекоја напуштена куќа. Куќите поблиски до тврдината се поскромни, до нив треба да се пешачи по припек или по ветрот што дува од октомври до март. Не е можно до секоја да се стигне со автомобил, па затоа најдобрата позиција е некаде околу средината на ридот, доволно високо за преубав поглед, доволно блиску до трговскиот центар и градскиот пазар. На таква позиција стоеше (белки сè уште стои) прекрасната вила на жена, повратичка од Германија, вдовица на средна возраст која примаше туристи, грижејќи се за нив како за сопствени пријатели. Утрата почнуваа со клокотење на водата за кафе во бакарни ѓезвиња чии меурчиња ги повикуваа пријателите како во грчката поговорка, со локум од пограничното грчко гратче Флорина, а потоа таа се симнуваше во млечниот ресторан и носеше јогурт со грутчиња во стаклени шишиња и млечници или зелници, пити од сукани кори и со различни филови што нејзинените гости ги голтаа, потоа одеа на капење, а таа остануваше во ладот на куќата, исчекувајќи ја вечерта кога повторно ќе седне со нив на големата тераса над градот и езерото, на ветрето што доаѓаше од Галичица, со ледена ракија од смокви и од кајсии и разговорот на сите јазици од кои знаеше по некој збор. Живееше само за летото.

*

Пазарот во август е палета од храна, билки и мириси. Првите мириси се млечни, од топчиња жолто сирење, наречено биено сирење, што се сечеше на дебели парчиња и се ставаше на леб или дополнително се пржеше на масло, а потоа се прекриваше со печени пиперки големи колку дланка од планинец. Млечен мирис испуштаа и некои билки, лековити треви од планината, меѓу кои најценет беше ендемскиот вид со кадифени, тврди стебленца од кои се прави чај со исклучителен вкус, и, како што секогаш се случува со локалните билки на глас, лек за сите болести, од нервна исцрпеност до гихт и туберкулоза. Врзопчињата од тој чај стегнати со парченца црвен конец или тенка волна, со себе ги носеа туристите со желба мирисот да ги потсети на летото, на сонцето и на безгрижноста. Во белградските кујни, чајот мирисаше поинаку, не го лечеше грипот, а употребените тврди стебленца гордо штрчеа од кантите за ѓубре, немоќни да се вратат во својата медитеранска закрила. Ниски сушени пиперки и лук ја красеа речиси секоја тезга. Доматот, модриот патлиџан и тиквичките стоеја заедно, нудејќи се како бесмртни јадења од југот на Македонија, зачинети со бамјите, тврдо, влакнесто пиперче што им мирисаше на детството, на сите што потенуваа од тука.

Поради големата надморска височина, овошјето зрееше подоцна, црните цреши што пукаа, огромните праски од чии семки ги вадевме бадеместите срца, а потоа ги плукавме поради горчината, лубениците на риги донесени од грчките градини и големите сини сливи со тенка лушпа од кои тукашните домаќинки правеа слатко. Грозјето никогаш не го бевме дочекале, а само по некој зрел грозд би се внел во црквите на Преобржение, кога ние веќе на големо бевме дома, а водата на езерото студена, без капачи на кои им е советувано, по празникот да не влегуваат веќе во вода. Белиот Дрим дотекуваше од планините и со својата ледена струја езерото го ладеше пред есента. Свежите утра ја најавуваа тагата на крајот на летото.

*

Августовската светлина паѓаше под кос агол врз охридските куќи, со белите фасади варосувани секоја година, со прозорци зад кои ѕиркаа везени завеси, со кујнски мириси во секој агол од домот, што никому не му пречеа, со бавчи негувани спонтано и наводнувани во самрак, со езерска вода ако куќата беше на брегот. На есен дозреваа хризантемите што мирисаа на школкички и на алги.

*

Тригодишно девојче си игра на чакалот од плажата надвор од градот (Охрид тогаш нема своја своја плажа, градот се спушта до работ на водата) и упорно го фрла белото платнено капче што мајка ѝ по некое време ѝ го враќа, а потоа се откажува пред детската тврдоглавост. Приоѓа добронамерен постар човек, обидувајќи се да ѝ го врати капчето на малечката, а потоа ѝ се обраќа на мајката:

- Пазете ја, сонцево е опако, не смее да ѝ го изгори лицето.

Вечерта мајката се обидува да нанесе крем на ранетото носе и обравчиња со што е можно понежни движења, детето плаче, мајката чувствува вина што попуштила, останува малечка лузна на носот и фотографијата на која таткото го снимил неговото девојченце како си игра на плажата. А потем таа замина во свој живот.


*

Преспанското Езеро, брат близнак на Охридското Езеро, се скрило зад ридот во својата машка, дива таинственост, иако таа за повеќето езера е од женски род бидејќи водата мора да биде од женски род, нејзина закрепувачка сила на обновувањето. Преспанското Езеро ги протега своите пусти песочни плажи, пресечени од албанската и делумно од грчката граница, по целата своја должина, но пеликаните што се занимаваат на песокот и во водата за границите не се грижат. Според преданието, тие се бесмртни, присутни на бреговите уште од претхристијанските времиња, сведоци на епохи, на човечко трпење и на потреба за осамување. Него на Преспа го има изобилно, метафорично изразено преку бројните монашки испосништва сместени во карпите, повеќето од нив напуштени пред поголемите искушенија на модерното време. Една капела во пештера посветена на Богородица во местенцето наречено Сливница, пак, обвиткана во легенда за чудотворна ицелителна вода, ги поттикнала претприемчивите во близина да изградат величествен хотел. Но тој останува празен, некоја сила на пуста светлина на овие брегови го одбива човекот. Остануваат пеликаните во постојана потрага по улов и, сè почесто, по отпад од рибарските чамци и од рестораните долж брегот. Капелата во камен е исто толку рамнодушна кон аџиите како и повеќето такви места низ светот. Со повеќе надеж се доаѓа одошто се заминува, главно без утеха пред немоста.

*

На местото каде што Црн Дрим извира од Охридското Езеро се наоѓа малото гратче Струга, пусто и здодевно дури и кога поети од целиот свет ќе поитаат во него, за да бидат видени, да ја читаат својата поезија, да очекуваат награди или да најдат инспирација за стихови... Струга ја создале и придвижиле занаетчии, пред сè кујунџии, проследени од бакарџии, ќилимари и ткајачи, слаткари и салепџии, пекари и бурекџии, но тие отсекогаш биле мажи, никој не се сеќава со некој занает, кога и да било, држејќи сопствен дуќан јавно да се занимавала жена. Струга е град на минатото и на жените скриени зад прозорците сведнати над Дримот, од каде гледаат како им одминува животот.

*

Дамнешното лето, пред повеќе од триесет години, тврдината на Цар Самуил беше природна сценографија за Софокле и античката драма Цар Едип . На претставата се влегуваше во придружба на костимирани Самоуилови војници кои држеа факели, високо спроти ноќното небо, акустиката беше беспрекорна, актерите инспирирани, трагедијата на Едип логична и можна. Дури и за едно дванаесетгодишно девојче кое разбираше македонски и кое по претставата плачеше од тага, зашто литературата го зароби нејзиниот живот.

Во припратата на Света Софија свиреа сите балкански филхармонии и некои од други, далечни краеви на светот, ја изведуваа својата музика вдахновено и убаво, на крајезерското ветре што ги носеше нотните листови од пултовите, па музичарите ги закачуваа со штипки за алишта смеејќи ѝ се во паузите на сопствената досетливост, на летото, на убавината и на она што ги чека по концертот. Зашто, познато е, најубави се миговите по претставите и концертите, кога тремата ќе одмине и сè делува убаво и совршено изведено, како што никогаш не е во реалноста. Такви се и спомените.

(Записи од Охрид и околината)

Превод од српски: Томислав Османли

Фото: „Охрид, слики од минатото“ (фејсбук група) 

 

Александра Ѓуричиќ (Белград, 1963) завршила уметнички студии од прв степен на Академијата Моцартеум во Салцбург (1984), а потоа студиите ги продолжила во Белград на Факултетот за драмски уметности и на Филозофскиот факултет, Отсек за историја на уметноста. Магистрирала на Одделот за театрологија на Факултетот за драмски уметности во Белград. Докторската теза ја објавила како книга под наслов Четирите векови на оперската приказна.

Од 1995 година објавила поголем број театролошки статии, критики, есеи и студии во списанијата Театрон, Сцена, Зборник за музичко-сценску делатност Матице Српске, Лудус, Орхестра, Књижевност, Књижевна реч, Свеске, Књижевни магазин, Квартал...
Ги објавила книгите Историја на играта (1998), Индекс на балетски и оперски либрета (1999 и второ, проширено издание во 2006), книгата литературни есеи Грации на перото (2014) и книгата раскази Лозата во улицата Рига од Фере (2021), преведена и на македонски јазик (Скопје, 2025). Нејзините раскази се вклучени во десетина антологии, од кои најзначајна е Антологијата на балканското расказно творештво, во која расказот Куќата на Црвени крст е објавен во превод на грчки (Солун, 2022).
Соработничка е на литературните додатоци на дневните весници Блиц, Политика и Данас. Колумни за литературни рецензии има во магазинот Недељник, како и во литературната ревија Букмаркер.
Добитничка е на награда за краткиот расказ на конкурсот Вукашин Цониќ во 2010 година, за патепис на конкурсот Проза на пат во 2011 година, на наградата за расказ на 55-от конкурс на Сојузот на еврејски општини на Србија во 2011 година, на признанијата „Лазар Комарчиќ“ во 2012 година и на „Милутин Ускоковиќ“ во 2014 година. Наградата за најдобар расказ на српски јазик „Лаза Лазаревиќ“ ѝ припадна во 2018 година за расказот Сосем обичен ден.
Објавувала поезија и проза во списанијата Летопис Матице српске, Балкански књижевни гласник, Повеља, Градина, Траг, Књижевни магазин, Београдски књижевни магазин, Источник, Нова мисао... Една деценија била постојан соработник во весникот на српската дијаспора Кишобран од Ванкувер.
Преведува проза и поезија од англиски, германски и новогрчки.
Живее и работи во Белград.

ОкоБоли главаВицФото