1018 hPa
53 %
23 °C
Скопје - Пет, 11.09.2026 09:00

30.000 семејства кај нас живеат од тутун, а 4.000 луѓе годишно овде умираат од тутун.
Од пушење цигари во светот годишно умираат седум до осум милиони луѓе, според СЗО. Во Македонија, според ИЈЗ, годишно умираат оклу 4000 луѓе. За бројкиве се зборува само како статистика. Од кампања до кампања. Не се претвораат во вакви написи или политики. Ни чуе.
Кај нас во Македонија речиси секаде е дозволено да се пуши цигари - надвор.
Постојат забрани со досегашниот закон за пушење во училишен двор, на места каде што се одржуваат спортски натпревари, на жичари и ски-лифтови... Но, кај нас работите повеќе етички и културолошки се решаваат, односно не се решаваат, зашто инспекторите и полицијата не одат да фаќаат дали некој пуши во училишен двор, иако има казни за тоа, за физички лица од 150 до 300 евра.
Воедно има казни од симболични 50 евра ако се фрли отпушок на јавен простор, согласно членовите 14 и 33 од Законот за јавна чистота. Но, пак ќе речам, јас во живот не сум сретнал човек да биде казнет за фрлање пикавец на улица. Да крене два прста оној што видел/доживеал вакво нешто.
Пикавците се најчест отпад по јавните простори. Ова е евидентно бидејќи, од една страна, нема контрола кој и каде пуши; второ, цигарите се поевтини од регионот и со тоа сме лидери во пушењето, односно, според податоците на „Аналитика тинк-тенк“ и Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Македонија е во самиот светски врв (меѓу првите 10 земји во светот) по преваленца на пушење; меѓу 45,4% и 48,4% од возрасното население се активни пушачи (податоци од 2023-2024).
Е, сега, со новиот предвиден Закон за заштита од пушењето, кој уште се крчка, треба да биде поригорозно за пушачите, не само за затворен простор, туку и на отворено: на пример, се дефинира непушачки простор пред училишен двор, игротека, исто така нема да биде дозволено пушење на отворени пазари, автобуски станици...
Живи били па... Особено прибидејќи во Македонија имаше отпор, а и ќе има, од локалите, но и од фирмите поврзани со тутун, кои годишно прават по 430 милиони евра (податоци од Бизнис мрежа).
Да не заборавиме дека во самото земјоделско производство на цигари се вклучени 30.000 семејства.
Значи, 30.000 семејства кај нас живеат од тутун, а 4.000 луѓе годишно овде умираат од тутун.
Ни треба национален консензус дека ова е голем и реален проблем, кој веќе не трпи одлагања.
.jpg)
Слики: Vladimir Kazanevsky