Мануел Бонифасио: „Ги користам само сопствената фантазија и она што го чувствувам во моментот“

11.08.2026 10:16
Мануел Бонифасио: „Ги користам само сопствената фантазија и она што го чувствувам во моментот“


Мануел Бонифасио (Manuel Lança Bonifacio) е роден во 1947 година во Португалија, во градот Фаро во провинцијата Алгарве. Поради тешкотии во учењето го напуштил училиштето на осумгодишна возраст, но уште тогаш развил снажна љубов кон цртањето и сликањето.

Неговата животна приказна и творештво се длабоко испреплетени со менталното здравје и престојот во институции. Поради психички проблеми тој поминува голем дел од својот живот во психијатриска болница во Лисабон. Клучниот пресврт се случува кога се приклучува на болничкото уметничко ателје (Atelier de Pintura), каде што почнува интензивно да слика и да го развива својот особеен визуелен јазик. Неговата работа е поддржана и промовирана од здружението P28, кое им помага на уметниците со искуство во психијатриски институции.

Како дете Мануел бил фасциниран од две работи: мотоцикли и војска. Негов голем сон бил да стане војник, но наместо тоа успеал да се приклучи на локалната противпожарна единица како млад волонтер. Овие воени и механички мотиви (тенкови, авиони, хеликоптери, мотоцикли, чамци, воени возила) подоцна стануваат средишна тема во неговите цртежи. Неговото творештво е инспирирано и од општествените случувања и од она што гледа на телевизија, но најголемиот дел произлегува од неговата живописна фантазија.

Неговата сестра, Марија Одоне, ја опишува огромната разновидност на темите што Мануел ги прикажува во своите дела: „Раѓањето на Исус, циркусот, папата, кралицата, Маргарет Тачер и Дејвид Камерон, танчери, дела инспирирани од Божиќ, мотоцикли, музичари, улични свирачи, птици, нуркачи, риби, хеликоптери, кучиња, коњи, волци, сирени – и секогаш луѓе. Во поголемиот дел од неговите дела има лица.“

Иако е најпознат по цртежите со моливи во боја и пастели, работи и акварел, маслени бои, керамика, графика и дрвени скулптури. Неговите дела – динамични композиции исполнети со движење – се лесно препознатливи по силните и чисти бои, фантастичните животни и необичните човечки фигури.

Речиси целото свое слободно време Мануел го посветува на создавањето уметност. Работи тивко интензивно, често завршувајќи по четири или пет дела во рок од само неколку часа.

Марија Одоне вели: „Творештвото на Мануел е мошне важно за сите што го познаваме, оти тоа е поврзано и со начинот како тој комуницира. Неговите идеи и начинот на кој го доживува она што се случува околу него, и локално и пошироко, се сосема единствени. Неговата амбиција како уметник е да патува низ светот, откривајќи места и луѓе што ќе го инспирираат.“

Пред неговата педесетта година на Мануел му починала мајката, а една година подоцна, во 2001 година, починал и неговиот татко. Како последица на овие околности, тој се преселил во Велика Британија заедно со својата сестра Марија Одоне и нејзиното семејство. Се населиле во Кобам, гратче во близина на Гилдфорд, во грофовијата Сари.

Од 2009 година го посетува креативниот центар ArtVenture Trust (креативен дневен центар за возрасни лица со тешкотии во учењето) , каде што интензивно создава уметнички дела. Како член на ArtVenture Мануел често оди во Лондон, посетувајќи изложби и галерии, како што е галеријата G. F. Watts или палатата Хемптон Корт, најчесто во придружба на својата сестра, пријатели или групата од студиото Art Venture.

Мануел е скромно облечен, љубезен човек кој живее мирен живот во стан во Кобам. Местата, и од минатото и сегашните, имаат посебно значење за него. Тој ужива во долгите прошетки, често поминувајќи неколку километри, при што понекогаш собира отфрлени предмети што подоцна ги вградува во своите дела.

Ја негува навиката стекната во детството, кога родителите го охрабрувале во тефтерче да ги запишува имињата на улиците и да скицира згради. Еднаш ја опишал својата наклонетост: „Сакам да пешачам и да разгледувам, набљудувајќи згради.“

Редовно пешачи од Кобам до Кингстон, растојание што со автомобил се минува за околу дваесет минути. За време на овие прошетки ги запишува имињата на улиците, прави скици и ги впива природата и секојдневниот живот, мотиви што постојано се присутни во неговото творештво. Една од неговите фигури е инспирирана од статуа на кружен тек во местото каде што живее, но повеќето ликови што ги создава со толкава живост се измислени. Се добива впечаток дека Мануел може да замисли и да оживее што било – магаре, тореадор или најразлични превозни средства.

Мануел вели: „Го цртам она што чувствувам дека ми се допаѓа. Не копирам ништо. Ја користам само сопствената фантазија и она што го чувствувам во тој миг.“

Иако очигледно ужива во јавното признание, тој останува скромен и еднаш изјави: „Не се чувствувам голем. Јас сум мала личност“.

Мануел често слика сирени. Вака објаснува една своја слика со сирена: „Живеат на копно. Таа престојува во камп‒приколка. Има шофер, а приколката вози по патиштата, додека полицијата вози напред. Приколката влегува во морето и тоне под вода за сирената да може да излезе. Таа има куќа на дното на морето. Во водата има крокодили. Сирената им мавта на луѓето, а потоа тоне под вода кога поминуваат бродовите. Бебиња‒делфини пливаат околу неа и ја бакнуваат.“

Неговиот талент доживува поширока афирмација во 2012 година, кога ја освојува престижната британска награда Outside In за маргинална и аутсајдерска уметност, во конкуренција на стотици пријавени дела од Велика Британија. Оваа награда му носи самостојна изложба во музејот Pallant House во 2014 година (насловена My Imaginary Cave), каде што неговата наградувана слика „Сирена“ и неговите керамики привлекуваат големо внимание.

Делата на Мануел Бонифасио набрзо влегуваат во колекцијата на прочуениот музеј Collection de l'Art Brut во Лозана, една од најважните светски институции посветени на маргиналната уметност, како и во колекцијата Treger Saint Silvestre во Португалија. Неговото творештво беше претставено и во списанието Raw Vision Magazine и на саемот Outsider Art Fair во Париз.


Подготвил: Тим Дисензус

 

ОкоБоли главаВицФото