1022 hPa
49 %
18 °C
Скопје - Пон, 07.09.2026 22:59

Просторот на мислата
Ова истражување за мисловните слики и облици би сакал да го завршам со преиспитување на последиците кои интелектуалната етика ги има врз сфаќањето на пишувањето и врз односот на авторот кон светот, јавноста, политиката и институциите. Би сакал да покажам дека вградувањето етичка димензија во практиката нужно води кон изградба и одржување на специфичен однос кон светот.
Да се размислува за сопствената дејност, вклучувајќи го и прашањето за нејзините политички последици, влијае врз начинот на кој го замислуваме сопствениот субјективен однос кон различните простори и различните временски рамки на општествениот и културниот свет, како и кон нивните односи со политиката. Со други зборови, не можеме да се согласиме со она што овде го кажувам за статусот на знаењето, а од тоа да не извлечеме последици за институциите.
Секое размислување за мислата, порано или подоцна, неизбежно води кон размислување за просторот. Едно од прашањата што си ги поставува секој што се занимава со научен или културен живот е како да се ориентира, кои се неговите соговорници или неговата публика, за кого и како пишува, кому му е близок а кому далечен, и како се организираат тие близини и оддалечености.
Одредувањето на односот кон интелектуалниот и јавниот простор, како и кон другите, никогаш не се случува апстрактно и свесно. Тој однос се оформува постепено. Но, пред сè, постојат облици што ни се наметнуваат и однапред ги определуваат начините на кои ќе ги живееме и ќе ги доживуваме сопствените животи.
Преку концептот на полето, Пјер Бурдје покажа дека прашањето за просторот на припадност и на соговорништво е неопходно за да се разбере создавањето една мисла или една симболичка практика. Постои врска меѓу мислата и просторот. Ако сакаме да создадеме опозициска мисла, мора да создадеме и опозициски простори.
.jpg)
Иако дел од анализите што ги предложив во книгава можат, mutatis mutandis, да се применат и врз уметноста или книжевноста, размислувањето за односот на мислителите кон научниот, јавниот и политичкиот простор отвора прашање што се чини поспецифично за теоријата.
Се разбира, без оглед дали станува збор за уметничкото, книжевното или научното поле, постојат воспоставени и достапни модели на живот (живот на уметникот, живот на писателот, живот на авторот) што ги наследуваме. Но, особеноста на положбата на авторот или истражувачот, во споредба со писателите и уметниците, е тоа што еден од просторите што има клучна улога во регулирањето на облиците што ги добива неговиот живот е универзитетот. Не постои теориска практика што не мора да се определува во однос на универзитетските диспозитиви што го регулираат производството и дистрибуцијата на знаењето. Авторите неизбежно се занимаваат со универзитетот и мора да изградат однос кон него (па дури и радикално спротивставување спрема него, ако сакаат својот живот да го живеат надвор од него, како што правел Сартр).
Воопшто не сум сигурен дека може да се каже дека книжевното или уметничкото поле се помалку кодифицирани и нормативно уредени од академското или интелектуалното поле. Напротив, спонтано би рекол дека е обратно, бидејќи, парадоксално, знаеме дека токму областите во кои нормите не се институционално утврдени и одржувани често се оние во кои тие се најкрути.
Сепак, останува фактот дека прикажувањето на сложениот однос на опозициската мисла кон академските рамки ни овозможува да ги разбереме нејзината кревкост и тешкотиите при субјективизацијата на себеси како опозициски автор и ранливоста на таквата позиција.
.jpg)
Дисциплина
Начинот на постоење што академското поле го нуди како пример – и со тоа настојува да го наметне – секому што се определува за авторски живот, почива врз обликот на дисциплина. Етиката на автономијата и неутралноста, всушност, е неразделно поврзана со дисциплинарната етика.
Дисциплината претставува академски начин на заобиколување и на прашањето за начините на производство на знаење и на прашањето за односот на авторот кон политиката и јавниот простор. Таа создава сцена на која како да постојат два света: од една страна, светот на академската и дисциплинарната расправа, а од друга страна, јавниот, медиумскиот и политичкиот свет. Дисциплината им нуди на научниците начин на постоење управуван од временска логика. Најнапред следува акумулација на знаење во полето; потоа, во следната фаза, негова дистрибуција кон јавниот и медиумскиот простор.
Во предавањето одржано во 2001 година под наслов „Истражувачите и општественото движење“, Бурдје го изразува токму овој начин на кодификација на животот на истражувачот. Тој пишува:
„За да се биде ангажиран научник, легитимно ангажиран, потребно е да се ангажира знаењето.“
Но, додава тој, „тоа знаење може да се стекне само преку научна работа, која е подредена на правилата на научната заедница.“
Оттука, постои просторна и временска организација на животот на научникот, според која тој најнапред треба да им се обраќа на своите природни соговорници – другите истражувачи во својата област – пред да излезе во јавниот простор.
„Од клучно значење е на нашите колеги да им дадеме предност да го критикуваат она што го сметаме за откритие, но зошто колективно стекнатото и проверено знаење би се ограничило само на нив?“
.jpg)
Нова поткрепа на ова гледиште доаѓа од американскиот социолог Мајкл Буравој, преку категоријата „јавна социологија“, која тој ја определува како практика чија цел е академското, академски провереното знаење да се мобилизира во општествениот простор. Односот на „социологот“ кон јавниот простор треба да има облик на интервенција во која тој ги користи сознанијата создадени во „просторот на академската социологија“ за, во интеракција со општествените движења, здруженијата и слично, да размислува за функционирањето на општеството, за смислата на различните институции и за потребата од можни промени.
За Буравој, јавната и академската социологија не се ни противречни, ни, спротивставени. Јавната социологија не би можела да постои без академската, бидејќи токму академската ги обезбедува концептуалните рамки, методите и знаењата што потоа ќе влезат во дијалог со неакадемската публика. Академската практика најнапред произведува знаење, а потоа задачата на „јавниот социолог“ е да не дозволи тоа знаење да остане неискористено, туку да го пренесе во општествениот и политичкиот простор.
Како што гледаме, ова нормативно сфаќање претпоставува дека практиката на „производство на знаење“ е целосно одвоена од политичката практика, како политичкиот интерес да не се состои во преобразување на правилата и облиците на самото производство на знаење, туку само, дополнително, во неговата употреба.
.jpg)
Две значења на зборот „дисциплина“
Пред да продолжам – или, можеби, како вовед во следната расправа – би сакал да додадам едно појаснување за да избегнеме недоразбирања. Ми се чини важно да се разликуваат двете значења на зборот „дисциплина“, кои пречесто се мешаат.
Прво, дисциплината може да означува една епистемолошка стварност, односно одреден начин на мислење за светот. Во таа смисла, таа упатува на нешто важно и неспорно: постојат социолошки, историски или економски начини на мислење, кои меѓусебно се разликуваат.
Но, врз ова епистемолошко значење се надоврзува уште едно, овојпат институционално. Тоа подразбира дека луѓето што ја делат истата епистемолошка припадност треба заедно да создадат простор за разговор и расправа, така што животот на истражувачот треба да се одвива во рамките на една хомогена дисциплинарна заедница: заедница на социолози, економисти, историчари итн. Токму ова второ значење, кое нема никаква очигледна и непосредна врска со епистемолошката идеја, ми се чини проблематично.
Би требало веќе да биде саморазбирливо дека, кога себеси се определуваме како „социолог“ или како некој што развива социолошки начин на мислење, ние нужно разговараме и се определуваме во однос на автори што во својот живот се занимаваат со други начини на мислење – историски, економски, правни итн. Оттука, по самата дефиниција, просторот на мислата и расправата на еден автор ќе се состои од луѓе што припаѓаат на поинакви дисциплини, во епистемолошка смисла, од неговата. Да се прифати поимот дисциплина во епистемолошка смисла не значи да се прифатат дисциплинарните облици во институционална смисла; напротив, тоа значи да се оттурнеме од нив, да ги демонтираме или да ги укинеме.
.jpg)
Всушност, самата идеја за дисциплина и дисциплинарна заедница е мошне необична. Таа претпоставува дека затоа што некој ги положил истите испити како вас и стекнал исти дипломи – а добро ни е познато колку се произволни, неправедни и нерационални тие постапки – токму тие луѓе треба да го претставуваат вашиот интелектуален хоризонт, со нив да соработувате, со нив да расправате, како да сочинувате некаква заедница што споделува исти нешта и има што да си каже.
Само затоа што некој дипломирал или докторирал, само затоа што државата го именувала за „социолог“ или „филозоф“, не значи дека јас имам што да му кажам, дека сум обврзан на нешто или дека морам него или неа да ги сметам за дел од истиот простор во кој се наоѓам и јас. Поимот дисциплинарна заедница е, впрочем, по самата своја природа деполитизирачки поим, бидејќи претпоставува можност за некаква автономна научна расправа.
Субјективизацијата на себеси како автор вклучен во една дисциплина почива врз чин на слепо потчинување на неоправдани барања. Парадоксално, да се влезе во дисциплинарните кругови значи во самата основа на ангажманот во една рационална дејност да се внесе традиционалистички гест и конформистичка покорност – ирационален став на слепо прифаќање на нешто лажно, но признаено како исправно само оти го наметнува институција.
.jpg)
Слики: Marco De Angelis
Извор за текстот: Geoffroy de Lagasnerie, Penser dans un monde mauvais, 2017
Подготвил: Тим Дисензус