1018 hPa
48 %
26 °C
Скопје - Пет, 11.09.2026 09:59
Ги следиш обележјата на мапата
што те одвлекуваат подалеку од патеките:
аглестата глаголица на папратта
(врзувањата! кратенките!);
вилините коњчиња како ноти над барите
(што меѓу вертикалните петолинија прпелкаат!);
таблата заборавена по шах-натпреварите
врз оклопот на желката;
дамката зад окото на белоушката
(и таа го има своето тајно значење!);
замрсените чкртаници на грмушката;
гаврановото телеграфско грачење;
точките – созвездија врз јајцето на лештарката;
монограмите врз крилата на пеперутите;
заплетканиот барок на шарката
врз свитокот на влечугите;
гладната гасеница-предилка со родан во лисијата
(по секој залак нова навивка ќе намота!);
тешката дождовна капка писната
како печат врз царска грамота;
кртечините врз земјата што од ноќниот дожд смекнала;
рибјото јато во вирот – ту брз трепет сребрест,
ту темно купче полумесечник-секала;
медниот компас – бумбар тигресто-зебрест –
што место магнетна стрелка има осило-пружинка;
писмото врз брезовата кора од цртки и решки;
скакулецот набоден на трн – заборавена птичја ужинка;
трагите од верверичји заби врз ланскиот лешник;
одот на еж низ честак (оттаму бавниот шуштеж!);
срмената следа што останала зад полжавите-лигуши;
во клун на страчка – опашката на гуштер;
смутот меѓу полноглавците пред барата да се исуши;
наслушнувањето на боровата оса
што мајсторисуваат под кората поткорните жители;
пајажината во која се фатила капката роса –
сè зборлести знаци-водители
во миговите кога навиката замолкнува
и сфаќаш: текстот на полето е палимпсест.
Од неписмен зјапач – стануваш учен толкувач,
си ја надминал поделбата: безразборност – свест.