1018 hPa
53 %
23 °C
Скопје - Пет, 11.09.2026 09:00

БЕЗРАЗБОРИЈА
(Енциклопедиска одредница)
Безразборија е нешто помеѓу област и начин
како се разбира светот, а може да се сфати
и како збор што не сака да открие што точно значи.
Го кажувал на секој крстопат залутаниот патник
но залудо, а еднаш и една немка го изговорила
по седум години молк, пред цел собир на учени
што го разгледувале нејзиниот случај. Безразборија!
Со него се објаснуваат многу нешта случени
во минатото. По ноќта мината во подземна просторија
со гладни лавови, пророкот Даниил го рекол
и заминал на појадок кај царот. Безразборија!
Велат дека го кажал и Данте на замин од пекол.
Пред тоа – еден жител на Помпеја, кој од својата визба
излегол и згазнал во вулканската скорија,
сè уште жешка. А и Хамлет кога препознал еден призрак.
Повеќепати се среќава во Херодотовата „Историја“.
Го промрморел белокос мудрец, кој си ја мазнел брадата,
гледајќи како царската ќерка го гали змејот во мрачната корија.
Го крикнал и безимен богомил чадејќи на кладата.
На неколку места употребен во „Безразборна лабораторија“.
.jpg)
НЕУСПЕШНА ПРЕТСТАВА НА ПИЕСА СО МИТОЛОШКА ТЕМА
Помеѓу дрвјата, ноќе, горат лампиони
и од тоа бедната шумичка добива раскошна позлата.
Околу вратот на една коза е обесен будилник што ѕвони
и трите божици се будат и ја молзат козата.
На мала чистинка слугинката реди сребрени огледала.
Еден убавец носи нешто и треба некому да му го дари.
Божиците се протегаат и стануваат од своите седала.
Му нудат на момчето моќ, слава и пари.
Но нешто ги расипува плановите што тие ги плетат.
Се растура драмата напишана според замисла длабока:
дојденецот ја влече в мрак слугинката што вреска и прета.
Божиците, лути, го гаѓаат со гнили јаболка.
.jpg)
РАКА И ЛАМБА
Врз ѕидот џиновска рака сени.
Механизам. Одвиткување. Фитил.
Сплет од реки. Сплет од вени.
Музеј. Фосили на амонити.
Прпелкање на крилја. Птици.
Ламбата сега посилно свети.
Прсти се движат како на жици.
Театар. Претстава со марионети.
Ламбата е блескав плод. Круша.
Како сјајна семка фитилот гори.
Светлината раскажува. Раката слуша.
Опсерваторија. Спитомување на метеори.
.jpg)
ARCANA
Искршоци на настани
без смисла и без причина;
како да читаш писмо
но без ниту еден јасен знак;
чад в далечина; крај последните куќи од градот
пресушена чешма, покрај неа
траги во снегот. Гавран што се мачи
да рече: „Грак!“
Во пусто поле натпис
врз наполу урнатиот ѕид:
„Те сакам“, потоа нешто пречкртано,
па „те сакам“, пак. Сè бегло: чевел
покрај пруга; фрлен
’рѓосан кревет; искинато палто
со еден изгорен ракав;
дупка почната – којзнае зошто? –
потоа оставена така
во подножјето на голиот рид.
.jpg)
БЕЗРАЗБОРНА ЛАБОРАТОРИЈА
Ливадата врие од формули што скокаат и гризат:
имаат пипала и осила подвижните термостати.
Помеѓу прашниците и толчниците струи електролиза.
Хемијата е дворска наука во мравјите калифати.
Под земјата кртот се судрува со непросирни пречки:
корења и жили – лавиринт, безграничен по обем.
Стоногалката сè одново ги пребројува своите влечки.
Хаос или систем? Рој мушички везден го везат тој проблем.
Ќе може ли на сето тоа да му се најде алгоритам
не знае ниеден учен во целава лабораторија.
Тајнопис е сè – и да се најде некој што знае да го чита
тоа би ја обесмислило умната безразборија.
.jpg)
Слики: Axel Krause
Извор за песните: Влада Урошевиќ - БЕЗРАЗБОРНА ЛАБОРАТОРИЈА, 2019