Најстрашниот предатор на сите времиња: ајкула долга и до 20 метри која можела да проголта сè пред себе

14.08.2026 14:44
Најстрашниот предатор на сите времиња: ајкула долга и до 20 метри која можела да проголта сè пред себе

Мегалодонот (Carcharocles megalodon), познат и како Мег“, бил еден од најголемите и најстрашните предатори во историјата на Земјата. Оваа џиновска ајкула, која живеела пред 23 до 2,6 милиони години, господарела со океаните и голтала речиси сè што ќе ѝ се најдело на патот. 

 

Предатор кој можел да проголта сè пред себе

Благодарение на истражувачите кои ги проучуваат древните фосили, денес за оваа машина за убивање знаеме повеќе од кога било – мегалодонот навистина изгледал како суштество од хорор-филм. Просечниот предатор тежел меѓу 50 и 70 тони и бил долг од 11 до 13 метри, додека најголемите примероци можеле да достигнат тежина од 100 тони и должина од 20 метри. Тој бил еден од најмоќните океански грабливци.
Замислете заби остри како жилети на тело големо колку двокатен автобус – тоа бил Мег. За разлика од повеќето ајкули, кои ги напаѓаат помеките делови од пленот, мегалодонот без проблем можел да ги крши коските на своите жртви.
Покрај тоа, се верува дека мегалодоните се движеле во групи, што им давало уште поголема моќ. Името мегалодон“ значи голем заб“ – што совршено му прилега на овој изумрен грабливец, чии заби биле големи од 7 до 18 сантиметри. Неговите огромни вилици биле со димензии од приближно 3,4 на 2,7 метри и можеле да проголтаат делфини, ајкули, желки, па дури и огромни китови. Во текот на своето владеење, мегалодоните живееле низ целиот свет.
Фосили се пронајдени во Америка, Европа, Африка, Австралија, Јапонија, Индија, Карибите и на други места. Живееле меѓу 20 и 40 години, а понекогаш и подолго. Биле хомеотермни животни, што значи дека одржувале постојана телесна температура без оглед на околината – а тоа им овозможувало слободно да се движат низ океаните.
 
 

Претпочитале плитки води

Можеби е тешко да се замисли ѕвер со такви димензии близу до брегот, но мегалодоните ги донесувале своите младенчиња на свет во топли, плитки води. Научници од Универзитетот во Флорида откриле во Панама расадник“ на мегалодони стар 10 милиони години – повеќе од 400 фосилизирани заби пронајдени на тоа место им припаѓале на младенчиња. Слични наоѓалишта се откриени и на Флорида и во Мериленд.
Освен што бил огромен, Мег“ бил и изненадувачки брз. Пронајдениот ’рбетен столб, составен од 150 пршлени, открива дека овој грабливец можел силно да го тресе пленот откако ќе го фател со забите, кинејќи го месото од коските. И покрај својата големина, можел да плива со брзина до 32 километри на час, додека просечната брзина му била околу 18 километри на час.
Иако не постојат конечни докази за тоа зошто исчезнале, најприфатената теорија е дека изумреле од глад. Нивото на морето драстично се променило пред 2,6 милиони години, а исчезнала една третина од сите големи морски цицачи. Храната станувала сè поретка, а помалите и побрзи грабливци ги презеле преостанатите ресурси.
 
 

Дали изумреле од глад?

На мегалодонот му била потребна огромна количина храна за да преживее. Неговата популација го достигнала врвот во текот на средниот миоцен, а кон крајот на плиоценот видот почнал да се шири кон бреговите на Азија, Австралија и Јужна Америка – но безуспешно.
Данскиот природонаучник Николаус Стено во 17 век ги идентификувал забите на мегалодонот; пред тоа се верувало дека забите на оваа изумрена ајкула потекнуваат од змејови или џиновски змии. Луѓето ги собирале бидејќи се сметало дека штитат од каснувања од змии и од отров.
Откритието на Стено го побило митот за змејовите, но истовремено открило едно застрашувачко морско чудовиште.