1018 hPa
53 %
23 °C
Скопје - Пет, 11.09.2026 09:00

Во Македонија изминативе неколку години често може да се чуе фразата „се дава втор живот“. Свртувалиштата на креативни умови со таа фраза означуваат своја активност каде нудат нов почеток: ревитализација или пренамена на нешто што претходно било оштетено, отфрлено или сметано за бескорисно. „Нов живот“ се дава на стари предмети или облека преку настани-разменотеки, преку бувљаци за роба од втора рака, а воедно зачестија и работилниците за шиење, поправки, рециклажи, за заедничко уметникување... Од една страна, во својата суштина, таквите работилници се произлезени контра потрошувачката култура, за да се развиваат штедливи и одржливи навики, но истовремено се во својство и на неформалното образование.
Ако се фокусираме на ова второво, тоа е важно бидејќи повеќето формални образовни системи, дури и по појавата на интернетот и хиперинформираноста, се ригидни и се однесуваат на „знаење работи“, а не на „учење преку правење работи“. Во превод, недостасуваат локации каде луѓетo можат да дојдат, слушнат, фатат нешто во рака и да научат нови вештини, а потоа да ги применат во секојдневието, без тие да бидат услов единствено за диплома или сертификат. Значи, вештини кои нема да бидат „декорација“ за во CV, туку некому ќе му бидат навистина корисни во животот.
***
Дизајнерката Ирина Тошева лани ја сретнав во Центарот за поправки на АРНО. Ми зборуваше дека почнала иницијатива за ваква работилница во затворот „Идризово“. Осуденички да минуваат работно време во затворска шивална, таму да учат нови вештини, а производите што ќе ги везат – да се нудат под етикетата „Made in Idrizovo“.
Но, како што раскажува Тошева, за да се случи тоа, требало прво идејата да прерасне во работилница за жени од казнено-поправниот дом, а притоа нивната изолација да прерасне во видливост.
„Во женскиот затвор имало некои мали активности за плетење, а организацијата ‘Конект’ ме поврза со нив, со идеја да помогнам околу насоки за некои интересни производи. Но, јас од самиот почеток кажав дека треба да основаме шивачка работилница. Бев цврсто уверена дека можеме да ја активираме заедницата и преку донации од граѓан(к)и да стигнеме до почетните материјали и домашни машини за шиење. Го објавивме повикот на социјалните мрежи, го преземаа медиумите и реакцијата и поддршката беше навистина голема. Денес, година ипол подоцна, сè уште добиваме донации. Тоа ми покажа дека постои голема солидарност во заедницата кога на луѓето ќе им дадеш можност конкретно да придонесат“, раскажува Тошева.
Патот од идеја до реализација не бил краток, затоа што станува збор за институција со свои правила и процедури. Но, уште поважно ѝ било да не влезе во затворот со готова претстава за што треба да прават, туку постепено да видат што им е интересно, што знаат, што сакаат да научат и каде може да се создаде реална можност. Сега веќе работи со петтата група жени.
„Видливоста, пак, доаѓа преку самите производи. Кога нешто што го направила жена во затвор, ќе излезе од тие ѕидови и ќе стигне до купувач, изложба или публика, нејзиниот труд станува видлив на еден сосема поинаков начин. Тука е и финансиската мотивација, која за нив е многу значајна. Кога знаат дека нивниот труд има вредност и дека за него можат да добијат надомест, работата добива уште една димензија. Не станува збор само за тоа да го поминат времето корисно или да научат нешто ново, туку да почуствуваат дека нивната работа има реална економска вредност. Тоа е важно и за самодовербата, но е и подготовка за животот по излегувањето“, посочува Ирина.
.jpg)
Околу тековните предизвици, сепак се работи за простор во затвор... Требаше ли да се помине еден куп бирократија, одобрувања, институции, директори, а воедно знам дека просторот имаше и влага...?
И.Т: Во затворскиот систем секој чекор има свои процедури. По зеленото светло од раководството, требаше да се разговара со Управата за санкции, да се обезбедат одобренија за влез, да се најде простор, да се земат опрема и материјали, па да се одберат жените кои ќе бидат дел од работилницата...
Тој прилично бавен период на подготовки јас го искористив за работилници за везење во женскиот затвор и запознавање одблизу со нив, со огромна поддршка од тогашната воспитувачка Јасна. Покрај директорот, клучна алка во целава приказна.
Во април 2025 со ресурсите што ги имавме го ставиме просторот во функција. Ја украсивме и разубавивме шивичката работилница во границите на можностите и создадовме место во кое, барем додека луѓето работат, можат да заборават дека се зад затворските ѕидови.
Просторот, и покрај донираниот одвлажнувач, уште има проблем со влага. На нашата годишнина пуштивме абер преку медиумите и социјалните мрежи, обидувајќи се да најдеме поддршка за решавање на овој проблем, но за жал не се јави никој. Многу компании сакаат да поддржат општествено корисни проекти, но кога ќе дојде до потреба од конкретна интервенција во простор што е дел од една јавна институција и не носи директна комерцијална видливост, одѕивот го нема.
Средствата што жените ги заработуваат со својот труд не треба да се користат за подобрување на инфраструктурата на установата. Тоа е одговорност на институцијата и на државата, а доколку компаниите сакаат да придонесат како општествено одговорни партнери, нивната поддршка може многу да значи. А јас не сакам да ги молам по мејлови :)
.jpg)
Ти си менторка, па да ми кажеш нешто повеќе за обуките на жените. Понекогаш велиме дека „работата е најдобата ресоцијализација“, но, веројатно овде не се обучуваат само за да работат, туку и да им се развие креативниот ангажман, кој ќе ги охрабри да размислуваат на поинаков начин и воедно да веруваат со сопствените способности?
И.Т: Ако целта беше само да научат да шијат, ќе имавме кратка обука и ќе завршеше приказната. Но, работата во шивачката работилница има многу поширок ефект.
Учењето на занает им дава чувство дека можат нешто да направат со сопствените раце и знаење. Со текот на времето доаѓа и поголема сигурност. Прво учиш како се користи машината, па како се крои, како се везе, како се спојува и завршува производот. Тоа се навидум мали чекори, но секоја од нив гради самодоверба во процесот.
Креативноста е уште еден важен дел. Кога создаваш нешто, не си само извршител на задача. Донесуваш одлуки, пробуваш, грешиш, поправаш, замислуваш како нешто може да изгледа. Тоа е многу важно во средина во која голем дел од секојдневието е однапред определен.
Затоа не би рекла дека работата сама по себе е „најдобрата ресоцијализација“. Туку комбинацијата од вештина, одговорност, креативност, чувство на припадност и можност твојот труд да биде вреднуван може да биде многу моќен дел од ресоцијализацијата.
А мене лично најмногу ме радува кога низ разговор ќе ги чујам нивните планови за по излегувањето. Кога почнуваат да размислуваат каде би можеле да работат, што би можеле да шијат, како би можеле да продолжат да го развиваат занаетот. Тогаш сфаќаш дека не им даваш само нова вештина, туку им се отвараат нови можности и перспективи. Тоа за мене е најголемиот успех.
Во едно интервју, жена од казнено-поправниот дом рече дека, кога дошла во шивалната, сфатила дека потајно, во себе, криела уметност. Можеби сега твојата улога не е само менторска од аспект на тоа како да шијат, туку и да им ги откриваш и пренасочуваш капацитетите?
И.Т: Апсолутно. Некои од жените имаат предзнаење, некои никогаш претходно немале контакт со шиење и везење, а некои првично доаѓаат само затоа што сакаат да пробаат нешто ново. Но, низ работата се покажуваат различни способности - некоја има одлична прецизност во шиење, друга има чувство за композиција и боја, трета е многу добра во везење или во пренесување знаење на другите.
Мојата улога затоа не е само да им покажам техники и смислам производи. Повеќе ја гледам како препознавање на потенцијалот и отворање простор тој потенцијал да се развива. Најважниот дел од менторството не е само да научиш некој нешто да направи, туку да му помогнеш да поверува дека може. Да кажеш: „Супер! Браво! Продолжи!“ и навистина да го мислиш тоа.
.jpg)
Кога зборуваме за креации, било да е тоа облека, или кога се создава некаква уметност... може да зборуваме преку концептот „дисензус“ на филозофот Жак Рансиер. Тој посочува на „пукнатината во начинот на кој ја гледаме стварноста“. Ако општеството става „рамка“ за тоа кој има право да зборува, креира, кој да биде слушнат или да добие видливост, во вашиот случај е токму спротивното и е чин на дисензус – „невидливите“ стануваат видливи во општеството?
И.Т: Жените во затворот обично се гледаат низ една единствена категорија - „осуденички.“ Тој идентитет станува толку силен што ги покрива сите други нивни идентитети и способности. Не гледаме жена која знае да везе, жена која има чувство за дизајн, жена која сака да научи занает или жена која има потенцијал да работи по излегувањето
Кога нејзиниот труд станува производ што некој друг го препознава, купува и вреднува, се случува едно поместување во таа слика. Одеднаш таа не е само некоја што е во затвор, туку е авторка на нешто што има вредност.
Но, тука постои и еден интересен парадокс. За да зборуваме за нив и да ја направиме иницијативата видлива, јас сум лицето на „Made in Idrizovo“. Јас ја претставувам нивната работа во јавноста, додека самите жени не можат да бидат јавно присутни на истиот начин. Тоа понекогаш ми тежи, затоа што не сакам мојата видливост да ја замени нивната. Сакам да биде мост до нив, а не јас да стојам наместо нив.
Затоа ми е важно „Made in Idrizovo“ да не се гради само околу приказната дека „дизајнерката Тошева работи со жени во затвор“ туку околу нивниот труд и авторство. И затоа инсистирам да создаваме производи кои се модерни, практични и носливи, производи кои луѓето ќе ги купуваат и носат затоа што им се допаѓаат и им требаат, а не само затоа што сакаат да поддржат хумана приказна за која чуле на интервју со мене.
Сакам јавноста да го гледа нивниот труд, знаење и потенцијал. Ако на крајот производот стои сам за себе, а приказната за тоа кој го создал дополнително му дава значење, тогаш сме направиле вистински чекор кон таа промена.
.jpg)
Со какви материјали работат жените и дали тие ги добивате преку донации? Има ли „трчање и бркање“ додека се стигне до нив, или постои ангажирана јавност и заедница што ја препознава вашата мисија?
И.Т: Голем дел од материјалите со кои работиме се донации од граѓанки и фабрики, остатоци од моето ателје или од мои соработници. Преку овие интервјуа се дознава за иницијативата, луѓе го наоѓаат мојот контакт и ни носат материјали. А зад секоја донација има и некоја лична приказна.
Некогаш се работи за машина или материјали што биле на мајка, баба или свекрва, па семејството не сака да ги фрли. Некогаш жената е веќе во години и не може да шие, па сака да ги подари некому кој ќе може повторно да ги употреби. Некогаш некој едноставно сака да расчисти простор дома, но му е важно материјалот да не заврши во отпад. Интересно е колку им значи чувството дека нешто што им било драго ќе продолжи да живее и ќе биде искористено за „нешто добро.“
Со дел од средствата од продажбата на производите купуваме и дополнителни материјали. На тој начин постепено создаваме модел во кој не зависиме исклучиво од донации, туку дел од потребните ресурси можеме самите да ги обезбедиме.
Годинава имавме и неколку поголеми соработки кои се одлична мотивација за жените, затоа што значат поголем обем за работа и можност да заработат повеќе. Ги изработувавме промотивните производи за последното издание на фестивалот „Прво па женско“ на „Тииит! Инк.“, а потоа и производи по повод 20-годишнината на „Русти“, кои може да се купат кај нив. Во моментов работиме и модели за танцовата федерација на Македонија.
Ваквите нарачки се особено важни, затоа што освен што им даваат конкретна финансиска мотивација и искуство со реален работен процес, ни овозможуваат одеднаш да набавиме и повеќе работи што ни се потребни во работилницата. Иницијативата постепено почнува да создава сопствен екосистем и ми е особено драго што се вклучуваат и други.
.jpg)
Изработките „Made in Idrizovo“, кога ќе бидат изложени надвор да се продаваат, какви се реакциите на луѓето? Се соочувате ли со стереотипи од типот „абе, ова се торби од затворенички, не од професионалци“?
И.Т: Досега не сум посведочила лоша реакција. Тука е многу важно и како го раскажуваме проектот. Не сакам да го продаваме производот само со аргументот „купете затоа што е изработено во КПУ Идризово.“ Тоа повторно ја става етикетата „осуденичка“ во центарот, наместо човекот и неговиот труд.
Сакам прво да стојат квалитетот на изработката, дизајнот и рачната работа, а потоа да дознаеме дека зад производот стои и една многу поголема приказна за можност, учење и промена.
Јас го надгледувам квалитетот на изработките и гледајќи што се продава, можам слободно да кажам дека производите се со професионален квалитет. Тоа ми е најдобриот показател дека не бараме од луѓето да купат нешто само за да поддржат добра кауза, туку им нудиме производ што навистина им се допаѓа, им е корисен и за кој сметаат дека вреди да го купат.
На крајот, целта е жените да бидат препознаени како луѓе што умеат нешто да направат, а не постојано да бидат сведени на грешката што ја направиле во минатото.
Што ти се врти во глава како заокружување на целиов процес? Веројатно има уште чекори, но, на крајот, можеби ќе размислувате не само за пласирање на изработките на жените, туку што да се прави и со научениот занает? Можеби нивните вештини би се ставиле во некаква мрежа, соработка со шивални, работилници, со фирми, организации...?
И.Т: Крајната цел е она што ќе се случи со стекнатото знаење кога жените ќе излезат од установата. Сакам „Made in Idrizovo“ да биде почетна точка, а не крајна дестинација.
Веќе имаме пример за жена која по излегувањето продолжи да биде дел од иницијативата, да оди по потреба таму кога јас не можам, а и да ми помага во ателјето. Некои и ги поврзав со луѓе што можат да им помогнат понатаму со работни ангажмани. Тоа за мене е многу поважно од самата продажба на производот, да постои реален премин од научената вештина кон можност за работа и економска независност.
На подолг рок би сакала да создадеме мрежа со шивални, модни студија, фабрики и организации кои би можеле да ги ангажираат. Би било прекрасно повеќето од нив по излегувањето да продолжат да шијат, везат или работат во производство и тоа да стане вистински извор на приход.
Но, би сакала да размислуваме и пошироко. Зошто, на пример, идни јавни набавки за постелнина за болници, промотивни торбички за институции или полесни делови од униформа да не можат да ги работат токму овие жени, во рамки на работилницата? Ако веќе имаме обучени луѓе, опрема и простор, зошто тој капацитет да не се искористи? Би сакала да постои фер можност ваквите работни ангажмани да стигнат и до нив, наместо по веќе воспоставени партиски шеми и релации.
Идната визија ми е самата работилница да продолжи да функционира и по моето учество, како модел што може да се реплицира и во други установи. Зашто, ако ваква иницијатива зависи само од ентузијазмот на неколку луѓе, таа секогаш ќе биде ранлива. Ако стане дел од системот, тогаш веќе зборуваме за вистинска промена.
.jpg)
Фотографии: Марјан Петковски, Надица Манева Ангеловски и Ирина Тошева, ЈП „Лајка“