1018 hPa
53 %
23 °C
Скопје - Пет, 11.09.2026 09:00

Три скалила се спуштаат во водата. Сите три се покриени со кадифен слој алги што се повиваат назад па напред кога мал бран ќе го прелее претходниот. Лизгавата вегетација крие и понекоја малечка остра школка што при невнимание се зарива во петата и под неа се распаѓа како попатна жртва во оваа минијатурна жива заедница што престојува на каменот. По третото скалило водата е веднаш длабока, нема ни чакал ни дно под нозете, па Вера се навикна на отиснување директно во водата, со еден смел замав. Како чамец одврзан од мол, се ниша некое време на мирната површина, а потоа со силни замавнувања плива понатаму, сама со небото и со своите мисли. Во далечината го гледа местото на брегот од кое се отисна, малата бетонска тераса на нејзиниот двор, кајчето на свекорот врзано таму уште претпладнето и зеленкавите обриси на градината. Нејзиниот дом на езерото мирно ја гледа, чекајќи да доплива назад и да ги продолжи попладневните и вечерните обврски.
Уште неколку минути ја придружуваат магливите контури на Галичица што ги спојуваат водата и небото. Често голем облак залегнува и ја крие планината, па дури и самото сонце, создавајќи огромна сенка над нивниот дел од Охридското Езеро, но тој час е краток: светлината се пробива со исконската упорност и ја враќа бојата на сè што го сочинува светот на Вера во кој таа дојде пред три години.
Првите денови на езерото беа прозрачни, без тежината на секојдневието и без обврската да се навикне на нешто ново; собата на поткровјето гледаше кон езерото, свекорот и свекрвата беа пријателски расположени, по малку недоверчиви. Првата тага ја притисна кога Томе мораше да се врати на работа во болницата, на ноќните дежурства што ја осудуваа да седи сама во собата обидувајќи се да ги чита списанијата што ги донесе од дома. Потоа една вечер свекрва ѝ дојде и благо и помирливо ѝ рече:
- Не седи таму сама, ела си кај мене в кујна.
И таа се слезе во голема просторија со огништето, отворениот оган над кој висеше бакрачот, котел занишан на металните носачи. Набрашнетата штица и сукалото за месење ги чекаа топчињата тесто покриени со платнени салфетки.
- Ајде да ми те научам како да правиш тарана. Томе, да знаеш, ја сака.
Рацете на Вера посипани со острото брашно заронуваа во дрвените наќви, барајќи ја вистинската тврдост и изглед на тестото; месејќи го со поголема вештина, свекрвата повремено ѝ велеше добро и ете така. Тараната отпаѓаше од под грбавото ренде, се сушеше на чаршафите во дворот и се готвеше во тенџериња од леано железо, полека, над огнот разгорен одамна да стане пред снаата. Вера брзо сфати - овие луѓе не викаат, кога нешто не им е право, молчат, не се расправаат. Ако се налутат премногу, си одат. Ако отидат предалеку, не се враќаат. Остануваат засекогаш во Австралија или на Нов Зеланд. Не пишуваат, не се јавуваат. Од нив нема вести нема долго време сè до онаа, последната. Да се замине, многу е подобро отколку да се живее во постојана кавга. Онаа острата, отровната, што брзо станува цел сама на себе.
.jpg)
На крајот од улицата постои една куќа што се спушта од срцето на стариот град кон брегот. Рамната камена фасада ја издвојува од другите бидејќи нема карактеристичен охридски доксат, белата, варосана надстрешница потпрена на дрвени греди. Куќата како да доталкала од брегот на Јонското Море. Грубиот камен на фасадата го прегрнал од густ ползавец со тешко-сладок мирис. Прозорците се затворени, куќата е тивка и празна. Павел, печалбар во Диселдорф, куќата ја купил пред десетина години и со себе донел Германка со која постојано се расправал. Таа не се прилагодила на животот на езерото, а судбината одлучила бракот да биде бездетен, што само го разгорело судирот. Прштело од викотници што се прекршувала низ прозорците и тесната улица сè додека Елке не го прекинала бракот. Се случило дома да се враќа со воз, но со оној што, некаде во срцето на Западна Германија, останал сомлен на шините, во железничка несреќа каква што никој не паметел. Весниците објавувале морничави слики од смачканите вагони со телата на патниците и предметите расфрлени наоколу. Една бела женска папуча зјапајќи лежела на шините. Павел почувствува дека сè се споило да ја довообличи неговата трагедија и отишол во Скопјe, за во Германскиот конзулат да му го потврдат списокот на жртвите. Иако веќе знаел, Елке била на тој список, Елке со необично, македонско презиме од кое не успеала да се ослободи. Павел се вратил во камената куќа згрозен, верувајќи дека тие самите ја предизвикале судбината што ги снашла. Постојано повторувал дека кавгата е клета... и исчезнал некаде за никој никогаш повеќе да не го најде.
На патот кон центарот, Вера со трепет врвеше покрај камена куќа. Ја плашеше тишината, а густата ткаење на ползавецот како за вечноста да ги чуваше ѕидовите зад кои немаше живот. Куќата на нејзините родители беше во престижен скопски кварт; еден ѕид обраснат со бршлен на есен стануваше огнено црвен. Како малечка, таа сакаше да стои покрај обраснатиот прозорец, замислувајќи дека нејзината куќа е замокот на Трнорушка. Наместо бајковитата тишина, од куќата можеа да се слушнат гласовите на нејзините родители. Откако памети, тие се караа, викаа еден на друг, не обрнувајќи внимание на неа. Понекогаш татко ѝ или мајка ѝ соучеснички ја повикува на своја страна, напати ја обвинуваа дека судирот го предизвикала со нејзината непослушност. Потоа, изнервирана, мајка ѝ со неа одеше во куќата на дедо ѝ и баба ѝ. Тие двете се враќаа по неколку дни и повторно сè беше исто. Вера едвај го чекаше денот кога ќе замине и ќе се осамостои.
.jpg)
Се вљуби во студент по медицина од провинција и реши да оди со него. За прв пат нејзините родители за нешто се согласија. Беа запрепастени, навредени, лути. Татко ѝ ја праша како се осмелила да им направи такво нешто по сè што во неа вложиле. Вера отиде во куќата на езерото. Ја испратија со пророштво дека нема да издржи повеќе од три месеци. Поткровјето во новиот дом беше толку скромно што таа речиси се исплаши. Нејзиниот сопруг се срамеше од штирканите скромни сивкасти чаршафи од груб памук и од стариот железен кревет што крцкаше врз подот од штици. На ѕидот икона на Свети Илија и кандило. Во орманот подредени избелени најлонски завеси, чекајќи можност да бидат закачени. Над орманот - нејзините куфери. Потоа - под креветот, за некој да не помисли дека се крши и се предомислува.
Таа знаеше дека нејзиниот сопруг е син на рибар. Тие, пак, знаеја дека носи госпоѓица од Скопје.
- Не држи ги ноѕете на скалата, ладна е водава - ѝ вели свекрвата и таа послушно ги вади стапалата од лигавиот зелен тепих, но продолжува да седи на работ од исцементираниот приод гледајќи го езерото со кое сака да се спријатели. Томе денес отиде да вакцинира деца во село високо во ридовите каде што живеат измешано, Македонци и Албанци. Во вакви моменти, таа мисли на своите родители и се прашува дали уште викаат или сè престанало кога таа си замина.
.jpg)
Крај на август е, од Преображение никој веќе не плива во езерото. Вечерите се студени, магливите утра ја повикуваат есента. На припратата од црквата Свети Пантелејмон, лисјата веќе паѓаат од платаните. По дворовите се сушат посолени ниски циронки, чијшто мирис Вера не може да го поднесе. Еднаш, таа, мама и тато излегоа во елегантен ресторан на Водно за да ѝ го прослават матурирањето. И толку многу се караа на масата што на Вера ѝ потекоа солзи што ги голташе со залаците од вечерата. Потоа татко ѝ извади мала кутија со сафирен прстен за неа. Чуму, се прашуваше таа. А сепак го чува, иако прстенот одамна ѝ е тесен. Можеби, сепак, треба да ги повика и да им јави дека е добро.
Вечерниот ветрец ги галеше хризантемите во градината, темнината стануваше непроѕирна и ја обзеде малодушност. Низ градината доаѓа нејзиниот свекор за да ги собере раширените мрежи пред да замине на спиење. Тој зборува малку, убеден дека снаа му не го разбира. Во својата тивка гордост, никому не открива задоволен ли е од женачката на синот или не. Студот ѝ се вовлекува до в коса, сама е, на крајот на краиштата, што ако се карале? И други парови се караат, раѓаат деца, ги одгледуваат, спијат, патуваат, работат, трошат пари, цело време карајќи се како што дишат или одат. Можеби престрого ги судела, а се довела во свет што не е нејзин. И солзите појдоа сами во напливот на младешката тага по детството што поминало, какво тоа и да било. Страв и липање ја потресуваа во темнината и во стравувањето некој да не ја чуе и да ја презре поради слабоста.
Во куќата се палеа светлата, џагор допираше од соседната градина, каде што соседите седеа покрај едноставна маса и вечераа. Вера си легна без да јаде, со чувство на тегобност што не исчезна дури ни кога заспа. Се разбуди доцна наутро. Сонцето веќе наголемо го грееше прозорецот на кој висеше избелената завеса. На комодата до креветот стоеше чинија полна со сочни темни бордо цреши, речиси црни. Знаеше дека високо во планините тие дозреваат во август, дека овие се меѓу последните набрани и знаеше дека нејзиниот маж ги донел од селото. За неа.
(Записи од Охрид и околината)
.jpg)
Превод од српски: Томислав Османли
Фото: „Охрид, слики од минатото“ (фејсбук група)