Буквата како простор: Лазе Трипков ја отвора „Имерзивна трансформација на глаголицата“ во МСУ – Скопје

19.08.2026 10:22
Буквата како простор: Лазе Трипков ја отвора „Имерзивна трансформација на глаголицата“ во МСУ – Скопје

Шестгодишно истражување на најстарото словенско писмо за првпат се претставува во целосна форма — средина во која посетителот се движи, нурнува и учествува во креацијата.

Музејот на современата уметност – Скопје на 21 август (петок) 2026 година, во 20:00 часот, ја отвора самостојната изложба „Имерзивна трансформација на глаголицата“ на дизајнерот, уметник и интердисциплинарен истражувач Лазе Трипков. Кураторка на изложбата е Ленка Сикорова од Чешка, а ко-куратор Владимир Јанчевски.

Проектот, започнат во 2020 година, се навраќа на глаголицата не како на историски артефакт, туку како на отворена структура што може повторно да се чита, да се реобликува и да воспоставува нови односи со современоста — структура што смислата ја создава заедно со оној што ко-креира во неа. Во Скопје за првпат се поставува во целосен обем — од печатен плакат до интерактивна и имерзивна дигитална средина.

„Секоја азбука е технологија на мислата“, вели Трипков. „Пред да стане носител на јазикот, таа е систем од визуелни, фонетски и семантички принципи преку кои човекот го организира искуството и му дава форма на невидливото.“

Поставката е конципирана како премин низ медиуми. Посетителот тргнува од традиционалниот печатен плакат, продолжува низ тродимензионални објекти и видеоанимации и завршува во интерактивни и имерзивни дигитални средини. Виртуелната и проширената реалност, просторниот звук, хаптичкиот одговор и гејмификацијата ја ослободуваат глаголичната буква од статичната површина: таа станува простор што се истражува со движење и присуство. Улогата на публиката соодветно се менува — од набљудувач, во учесник во создавањето на значењето.

Сегашната форма на проектот, се должи на шестгодишно истражување, развивање и тестирање преку изложби, презентации и средби со публиката во Њујорк, Краков, Стокхолм, Малме, Братислава, Ријека, Нитра, Усти над Лабем и Белград. Истражувањето беше поддржано и со академска размена на Кралскиот колеџ за уметност (Royal College of Art) во Лондон, Јагелонскиот универзитет во Краков и институции во Чешка, а во него учествуваа домашни и странски експерти и артисти од полето на современата уметност, графичкиот дизајн, виртуелната реалност, анимацијата и интерактивните медиуми. Соработката со Иван Кикерков и со македонската заедница и платформа за развој на игри Galactic Omnivore од 2023 година, како и со видеоартистот Емил Петро од 2025 година, помогна првичната замисла да прерасне во комплексна средина што реагира на телото, движењето и присуството на посетителот.

„Имерзивна трансформација на глаголицата“ ја третира културната меморија како жив процес — нешто што се доживува, се преиспитува и одново се создава, а не како затворено наследство. Во тој процес глаголицата се реактивира како современ медиум.

Изложбата е поддржана од Министерство за култура и туризам, Халк Банка, Галактик Омнивор, Земјоделски Институт Скопје, Пакомак, а главен спонзор на дигиталното наследство е А1 Македонија.

Изложба: „Имерзивна трансформација на глаголицата“
Отворање: 21 август 2026, 20:00
Место: Музеј на современата уметност – Скопје
Автор: Лазе Трипков
Кураторка: Ленка Сикорова Ко-куратор: Владимир Јанчевски
Соработници: Иван Кикерков, Galactic Omnivore, Емил Петро
Информации: www.virtualheritage.space