1018 hPa
53 %
23 °C
Скопје - Пет, 11.09.2026 09:00

Од есејот „Фатаморгана од кафуле“ пренесуваме извадок.
Есејот е дел од книгата на Роберт Перишиќ „Што барате овде?“ (едиција Магма #151), која ќе биде промовирана на книжевниот фестивал „Друга приказна“ на петти септември во „Центар Јадро“.
Кафулето е интересно место, начелно отворено, проточно. Додуша, тоа не е правило за секое кафуле – постојат квартовски и приградски варијанти во кои секој странец е забележлив: тоа се обично места со малку женски гости, па таму енергијата се канализира кон мажите, се сака да се провери дали новодојдените случајно се „пички“, и сè е многу секси, ко во затвор...
Но овде не зборуваме за такви кафулиња, туку за местата на отвореност од кои живее градот. Таму каде што ќе влезете во кафуле и сите ве гледаат – таму нема град. Градот е место на отвореност – плоштадот со својата отвореност е суштината на градот, а кафулето е некаков продолжеток на плоштадот... Отворен принцип внесен во ентериерот. Виртуелен, збиен плоштад.
Сепак, и тука некои луѓе се повеќе, а некои помалку „дома“. Ова место исто така има свој јазик, невидлив, заплеткан, што го дефинира просторот. Има луѓе од кои кафулето го извлекува максимумот. Нивната интелигенција треба да се мери таму – тие се кафулска интелигенција. Таму се како риба во вода, таму сè разбираат, а кога ќе влезат во други институции, особено службени, просто не можеш да ги препознаеш. Сè некако им испарува!
Знаев луѓе што беа генијалци во кафуле, а сегде другде немаа резултат. Ним, всушност, им е посветен текстов – фер е да се каже нешто и за овој тип интелигенција, особено оти таа бесплатно се расфрла и брзо пропаѓа како чиста, минлива естетика. Се сеќавам на луѓе кои пред десетина години ме засмејувале по кафулиња – веќе не изгледаат толку бистри, сега се во некаков друг, зачаурен јазик, и ако чекаш да се појави стариот блесок, ќе се изначекаш. Кафулската форма, изгледа, трае колку и некаков отворен, не баш уигран живот. Сепак, дури и кај оние што ја изгубиле формата, кои рутината ги закочила, со мала алкохолна помош понекогаш се враќа во игра стариот човек, мајсторот на кафулскиот јазик, проработува genius loci.
Како и интелигенцијата на Пинтариќ, и кафулската интелигенција е нелегитимна оти нема кој да ја измери. Тоа е интелигенција што на сите други места е вишок, на која кафулето ѝ е засолниште, прибежиште. Вистинските претставници на кафулската интелигенција се оние што својата луцидност немаат каде на друго место да ја потрошат,кои сите свои инспирации ги расфрлаат во ветер, без запис и авторски права. Таквите луѓе некогаш веројатно создавале народна книжевност, поезија без авторство, а денес доаѓаат во кафулиња – таму зборуваат за сè и сешто, коментираат, се уфрлаат, острана заебаваат, филозофираат, на кафулски начин, испрекинато, набрзинка, без систем. Доаѓаат и си одат. Вистина, понекогаш се задржуваат со години во некоја база: доаѓаат, доаѓаат, стануваат како инвентар... Потоа, во некоја фаза, ги има сè поретко, сè додека не испарат, оти кафулската интелигенција исчезнува како призрак; случај без докази, приказна без трага.
Во накнадното сеќавање на кафулските луѓе има нешто меланхолично, оти на крајот за нив има малку за кажување. Целиот ваш однос бил во ситуацијата; тие се чисто минато, необновливо, оти кафулето е целосно потопено во времето, во моментот. Веќе по десет дена – понекогаш веќе следното утро – луѓето целосно забораваат за што зборувале: имало нешто интересно, некој блескал и бил духовит, но кој би го запомнил сето тоа, целиот неред од приказни, надоврзувања, поврзувања, случувања. Се памети само по некоја реплика што може да се структурира во анегдота, но најголемиот дел е расфрлан, непаметлив. Сеќавањето на кафулските луѓе на крајот останува како нешто испарено, исушено, повеќе празно отколку полно, како некаков базен од кој испарила содржината, а ветрот нанел лисја.
Сепак, зарем не беше она што – и како – го зборувавме во кафулињата нашиот живот, неофицијалниот јавен живот, off the record... Кога некој би можел да ја реконструира таа историја, тоа би било интересно четиво, но таквото прештелување залудно ќе го чекаме. Книжевноста тука може донекаде да помогне, таа е уточиште на неслужбените истории – и можно е дека јас тука, во книжевноста, со некоја приказна нешто и сум придонел, што, забележав, дури ми се зема како кримен од страна на набљудувачите на кои им оди на нерви ваквата „слаба“ историчност.
.jpg)
***
Често сум гледал како паметни и начитани луѓе не успеваат да изгледаат паметни во кафуле, а сум видел и како подоцна алергично ја негираат кафулската интелигенција, како некаков измачен вид, избегнувајќи ја како психолозите Пинтариќа во Загорје. „Штреберските“ алергии секогаш се добиваат од нешто живо, но еден од основачите на културните студии, Рејмонд Вилијамс, не припаѓа на таа приказна. Кога Вилијамс нè води кон својот клучен поим „структура на чувствата“, тој пишува – дозволете подолг цитат: „Станува збор за посебно животно чувствo, посебнo заедништво на искуството за кое речиси не е потребно да се зборува, низ чиешто тело на посебен начин минуваат сите обележја на нашиот начин на живот – кои можат да се опишат во надворешна анализа – давајќи му посебна и карактеристична боја. За тоа најчесто стануваме свесни кога ќе забележиме разлики меѓу генерациите кои никогаш ‘не зборуваат ист јазик’, потоа кога читаме опис на нашиот начин на живот од перото на некој надвор од нашата заедница или, пак, кога ги набљудуваме ситните разлики во говорот или однесувањето кај некој што ги научил нашите обичаи, но не е воспитан во нивниот дух. Речиси секој формален опис е едноставно прегруб за да ја изрази таа, сепак сосема посебнa, форма на издвоен и вроден стил...“ (Analysis of Culture, 1961).
Нашата секојдневна култура на кафулињата, би рекол, е директно поврзана со тоа „посебно животно чувство“ кое го објаснува Вилијамс, односно со „структурата на чувствата“ на времето во кое живееме. „На одреден начин, таа структура на чувствата е културата на едно време“, вели Вилијамс.
Сигурно, кафулската култура и нејзиниот тип на комуникација се значајни за нашата денешна структура на чувства и нашиот посебен облик на живот. Дури и културно-конзервативните типови, кои на сето ова само би превртеле со очи, сеедно влегуваат во кафуле и учествуваат.
Така стојат работите со темите кои имаат проблематичен легитимитет. Тоа го знаеме од теренот на сексот – поединци, како и цели периоди, официјално ја презирале оваа тема, што не значи дека не учествувале.
Има нешто слично и со кафулето – тоа, имено, често самото себе културно се презира. Сум сретнувал по кафулиња луѓе кои – имплицитно – сметале дека нивниот јазик, па и опишаната структура на чувства, не се доволно возвишени за да бидат забележани, на пример, во медиум како книга. Сум сретнувал, значи, луѓе од кафуле кои автоматски помалку ги ценеле книгите во кои станувало збор за нив. Тоа им изгледало тематски недоволно „високо“ според тоа како тие ја гледаат „културата“, што е гледиште по принципот на Гручо Маркс: „Никогаш не би сакал да бидам член на клуб кој би ме сакал за член.“
Таа изјава стана класична зашто има нешто психолошки живо во тој апсурд – навистина постои дел од нас што така мисли. Сепак, овде се бориме против таквите претстави: културата не е нешто си таму, од другата страна, нешто „нивно“ и надворешно.
Поимањето на себе како некој што не е достоен да биде протагонист на културата понекогаш е наследено класно чувство на пониските слоеви, понекогаш одек на изопачено образование, понекогаш само индивидуална несигурност. Во секој случај, тоа често се поклопува – оди заедно – со малограѓанското чувство за културата, каде што културата е „издвоена“ од општеството, ставена на посебна полица.
Малограѓанинот, на некој начин, сака културата да биде нешто друго, да остане надворешна, за да не го менува и да не му се заканува на неговиот начин на живот. Тој си го знае редот, и знае дека редот подразбира консумирање култура – затоа посетува културни настани, но она што го сака е тие настани да не го засегаат, или уште појасно: да не го допираат! Тој всушност е малку исплашен, не сака никакво проблематизирање на себе: тука е несигурен и никогаш не знае дали некој му се потсмева. Затоа не сака да се види себеси на сцена, освен во забавни програми и спектакли – каде што на некој начин нема никој – или во комедии наклонети кон него, во кои се исмеваат некои други.
Бидејќи малограѓанинот сака културата да ја задржи како нешто надворешно, за него нема поблагородно културно чувство од тоа да одгледа претстава што не ја разбрал, а потоа да каже дека е одлична. Тука сè си е на место. Тој се „жртвувал“ (за да добие културни поени), ја изгледал работата, кажал што треба, и сега може дома – неговиот свет е зачуван.
Културата, кога подобро ќе размисли, за него е тивок непријател, непријател со кој не смее отворено да војува (освен кога специфични историски околности тоа го дозволуваат), бидејќи културата за него има авторитет и мистичен легитимитет. За среќа или несреќа – елитите му го всадиле тоа, за да ја одбранат културата од него самиот.
Сметам некако дека тие магли и фетиши не важат за нас – не ни се потребни тие привиди што би ја бранеле културата од нас самите. Без таа издвоеност, културата веќе не е Другост и на крајот не постои како нешто, туку просто се случува. Блеска таму каде што се луѓето, каде што блеска јазикот – па, секако, и во кафуле.
.jpg)
***
Нашите културни дискурси, секогаш малку доцнејќи зад живите работи, со кафулето главно не знаат што да прават и знаат нешто само за кафеаната и кафеанската интелигенција, кои се забележани во литературата уште од реализмот наваму, па затоа се сметаат за легитимна тема.
Немаме ништо против таквата кафеана, но таа сепак не е главна сцена на нашата современост; како да бара побавно време, понизок ритам, едноставно е постара, а и луѓето денес во неа се постари. Кафеаната денес привлекува постара клиентела, оти нејзиниот код е помирен, постабилен, говорот е поцентриран, помалку скршен и разглобен, има помалку визуелни и звучни дразби, помалку движење. Затоа кафеаната е и нешто полесно да се опише, да се прикаже на сцена. Ми паѓаат на ум сликите од „Киклоп“ на Маринковиќ кои, вистина, не се баш слики на репрезентативна граѓанска кафеана, туку повеќе на боемско дувло („Дајдам“ му беше името), во чиј неред веќе имало нешто кафулско.
Маестро, столбот на дајдамската интелигенција, вели: „Јас знам како зборувам. Кога тоа би се напишало, би се рекло – жив муабет. Но треба да ме слушнеш! Затоа и повеќе сакам да зборувам отколку да пишувам. Усна литература.“
Она што Маринковиќ тука го бележи е многу блиску до нашата тема, само времињата се малку поинакви. Ликовите кај Маринковиќ, колку и да се неконвенционални, сепак се држеле баеги говорнички. „Вие сте говорник. И тоа е уметност“, му вели Мелкиор на Маестро.
За тоа говорништво, пак, бил потребен стол. Се разбира, во „Дајдам“ се седело. Сцената била центрирана околу масата, додека кафулската опција на стоење и подвижност ја распрснува сцената, ја фрагментира, ја лишува од центар. Затоа кафулето е пофлуидно, пораспрснато, па и кафулскиот говор е поинаков, помалку усидрен.
Кафулето притоа не е радикално, па често го угостува и кафеанското седење. Но, начелно, ќе признаеме, покафулски е оној дел од просторот за стоење, до шанкот и пошироко.
Типичното кафуле сака кафеанското наследство што повеќе да го приближи до сопствените начела – неизолираност, допир, комуникациски промискуитет – па масите инстинктивно ги збива, ги крева на барска висина, ги „размасува“, ги претвора во кружни и триаголни форми, продолжетоци на шанкот, поништувајќи го принципот на ексклузивност на масата.
Затоа кафулската комуникација не е лесно (книжевно) да се прикаже; кафулето е потешко фатливо бидејќи е пораспрснато од кафеаната; неговиот говор е неуреден како слободен стих, се клони од големи гестови и долги експозеа, притоа нужно е помалку говорнички рафинирано, но е и подемократско од кафеаната во односот кон авторитетот.
И кафеаната некогаш имала таков статус во однос на својот културен претходник – салонот, чии кодови, треба ли да се каже, биле поцврсти од кафеанските: за наши поими протоколарни. Колку што кафеаната е понеформална од салонот, толку кафулето е понеформално од кафеаната. Салон – кафеана – кафуле: тоа е поместување на сцената на говорот кон сè подемократски амбиенти, со помалку авторитет. Нема да кажам дека кафулето е попаметно од кафеаната – никако – дури ни не сака да биде, зашто кафулето начелно не сака да биде „паметно место“.
Начинот на говор во кафулето е таков што секое посегање по висок стил може да испадне смешно, а секој што би се правел паметен може да испадне глуп. Кафулето сака да биде неоптоварено, опуштено, да ја заобиколи нормата; го одбива типот јазик што културата го институционализирала, и затоа во него ниедно убедување не важи. Кафулската интелигенција и штреберството се две сосема спротивни појави.
.jpg)
***
Во однос на кафулето, кафеаната се гледа како граѓанска форма – додека кафулето е поизразено плебејски жанр (дури и кога не го посетува „плебс“, туку, на пример, млади интелектуалци). Тоа се гледа и по тоа што удобностите очигледно се помали: има помалку приватност и резервации, а повеќе стоење, допири, со можни гужви и досаѓања итн. Да се оди во кафуле значи да се биде подготвен на некомфорни ситуации, а тоа што цели генерации го преферираат токму таквото место за секојдневно излегување значи дека бараат нешто друго и дека за тоа го жртвуваат комфорот. Веројатно им е подрага токму таа некомфорна ситуација на допир поради комуникациските можности: полесно запознавање, особено со спротивниот пол. Таа мотивација, мислам, е во сржта на популарноста на оваа подвижна форма, но кога тоа ќе стане облик на секојдневен живот, формата на местото (кафулето) влијае и на сите други односи.
Кафулето, значи, е подвижно, некомфорно, со слаба заштита на приватноста и доста бучно, па сосема е предвидливо дека некој градски господин од 1900 година би бил шокиран од овој облик на излегување, кој би му изгледал како некаква инкарнација на пеколот. И не мора човек да е од толку далечно време: ми се случувало да дојдам во кафуле со некој постар што едноставно не можел да го поднесе тој свет, и се гледала непријатноста во неговиот поглед, што обично се сведувало на жалење за бучавата...
– Како да разговараме во оваа бучава! – велел тој.
Вистина, има кафулиња каде што музиката ја пуштаат преку мера – знае и мене да ме изнервира – но не е во тоа суштината. Луѓе што би можеле да ви бидат родители не ги носите баш на такви места.
Но испаѓа исто.
– Овде воопшто не може да се разговара! – велат тие.
Има нешто во тоа. На некој начин навистина не може да се разговара како што се навикнати. Работата е во начинот на (раз)говор.
Во кафулето, имено, пропаѓаат некои улоги, говорни позиции. Не можеш, на пример, со својот уважен стар професор да разговараш потпрен на шанк додека патем ѕвераш наоколу – односно можеш ти, но тој не може – му фали внимание, што потоа тој го поврзува со почитта... Вашите говорни позиции тука се распаѓаат, оти кафулето е форма што го распрснува граѓанскиот авторитет, ги става сите во слична позиција.
– Овде воопшто не може да се разговара! – ќе каже со право постариот соговорник – оти не можете да ги одржите зададените говорни позиции во метежот на кафулето. Ќе мора да излезете и да седнете на некое помирно место.
.jpg)
Цртежи: Karl Hubbuch (1891-1979)
Превод: П. В.
Извадок од есејот „Фатаморгана од кафуле“ од книгата „Што барате овде?“ на Роберт Перишиќ (едиција Магма #151, Темплум)
Белешка за авторот
Роберт Перишиќ (1969, Сплит) дипломирал хрватски јазик и книжевност на Универзитетот во Загреб. Автор е на драмата „Култура во предградието“ (Kultura u predgrađu, изведувана во периодот 2000-2002 година во Драмско казалиште „Гавела“, Загреб), и на сценариото за долгометражниот игран филм „100 минути Слава“ (100 minuta Slave, 2004; во режија на Далибор Матаниќ), засновано на мотиви од биографијата на сликарката Слава Рашкај. Неговите книги се преведени на бројни јазици, а особено се издвојува романот „Нашиот човек на теренот“ (Naš čovjek na terenu), кој постигна успех во САД. Романот „Подрачје без сигнал“ (Područje bez signala) беше финалист за наградите „Тпортал“ и „Меша Селимовиќ“, а е објавен во САД, Велика Британија и Франција.
Ги објавил следниве дела: „Дворецот Америка“ (Dvorac Amerika, поезија, 1995); „Можеш да плукнеш врз оној што ќе праша за нас“ (Možeš pljunuti onoga tko bude pitao za nas, раскази, 1999); „Ужас и големи трошоци“ (Užas i veliki troškovi, раскази, 2002); „Нашиот човек на теренот“ (Naš čovjek na terenu, роман, 2007); „Увод во смешниот танц: автофабули“ (Uvod u smiješni ples: autofabule, автобиографска проза, 2011); „Еднаш подоцна“ (Jednom kasnije, поезија, 2012); „Подрачје без сигнал“ (Područje bez signala, роман, 2015); „Сиромашниот човек кого го боли главата“ (Siromašni čovjek kojeg boli glava, поезија, 2020); „Брод за Иса“ (Brod za Issu, роман, 2022).
.jpg)