1018 hPa
53 %
23 °C
Скопје - Пет, 11.09.2026 09:00

Да се изградат опозициски полиња
Да се изведе науката пред судот на светот значи да се прекрои односот кон интелектуалниот и политичкиот простор. Ако за научното производство размислуваме така што во него ќе ги вклучиме етичкото прашање и потребата, со сите средства, да ѝ се спротивставиме на репродукцијата на системот, тогаш неизбежно се наметнува однос што нè оддалечува од институционалниот животен модел на истражувачот. Оти, кога пишувам, кога создавам анализи, не значи дека сум нужно близок со другите социолози или со другите филозофи. Не им се обраќам нужно ним, иако многумина од нив, секако, ќе бидат дел од кругот кому му се обраќам. Но, критериумот според кој се оформува тој круг е поинаков.
Во секоја дисциплина, во институционална смисла на зборот, постојат луѓе чие творештво се вклопува во репродукцијата на системите на моќ, и други што настојуваат да ги дестабилизираат. Затоа многу истражувачи за кои државата, институцијата и дисциплинарниот дискурс велат дека треба да ми бидат заедница, всушност се покажуваат како противници: тие не се луѓе со кои расправам, туку луѓе против кои се борам.
Прашањето на соговорништвото, на тоа кому му се обраќаме, не е институционално, туку политичко прашање. Кога се соочуваме со некого, не треба да се прашуваме: дали оваа личност ѝ припаѓа на „мојата“ дисциплина? Туку: дали таа припаѓа на истиот етички проект како и јас? На што му служи? Што објективно произведува? Дали припаѓа на оние чие дејствување придонесува за одржување на системот, или на оние што го оспоруваат и го поткопуваат, без оглед на областа во која пишуваат?
Луѓето со кои случајно го делиме истиот дисциплинарен идентитет, доделен исклучиво во институционална смисла (зашто, очигледно, постојат многу начини на занимавање со социологија, историја, економија...), не мора нужно да бидат наши соговорници. Обратно, новинари, активисти, политички активисти, писатели, уметници, математичари, адвокати и други, кои се препознаваат во истата етичка задача како и јас, сосема можат да бидат дел од мојот простор на припадност и соговорништво.
Кога Моник Витиг зборува за потресот што го доживеала читајќи ги текстовите на Леви-Строс за „размената на жените“, во кои жените се изедначени со знаци или предмети што „зборуваат“, а што за неа претставувало појдовна точка за критика на структурализмот; кога Еме Сезер во „Расправа за колонијализмот“ го изразува згрозувањето што му го предизвикуваат теориите на историчарите, социолозите и психолозите, осудувајќи ја нивната лажна објективност, нивниот шовинизам, прикриениот расизам, нивните претстави за примитивизмот и нивното инсистирање на „поинаквата природа“ на небелците – тогаш тие заземаат позиции и развиваат анализи кои очигледно припаѓаат на истиот простор на мислење, соговорништво и обраќање како и секој теоретичар и секој практичар што настојува етички да живее во еден лош свет.
Наспроти тоа, идејата дека расправата треба да се одвива само во рамките на заедница составена од дисциплинарни стручњаци би довела до тоа дискурсите на Сезер и Витиг да бидат прогласени за „профани“, да бидат исклучени од просторот на расправата – односно нивниот збор да стане непостоечки – а со тоа многу истражувачи да останат глуви за нивните ставови.
Да се пишува за да се служи, да се пишува како средство, да се мисли за да се биде во опозиција, значи да се сфати дека мојот простор на припадност и соговорништво – моето поле – го сочинуваат сите оние кои, во своите области (епистемолошки, уметнички, културни, политички), исто така настојуваат да го доведат системот во прашање. Со нив се борам, со нив разговарам, со нив расправам против оние што, во своите области, работат на одржување – па дури и зајакнување – на системите на моќ. Да се произведува еманципаторска наука значи да се стане дел од опозициски заедници чии облици, логика и временски рамки се во расчекор со дисциплинарните заедници.
.jpg)
Јавното и политичкото
Преструктурирањето на нашите простори на соговорништво, на нашето чувство за близина и оддалеченост, очигледно не е ограничено само на просторот на знаењето и културата, односно на просторот на создавачите на симболички добра. Прашањето за обликот на просторот на соговорништво и расправа е, несомнено, многу важно. Но, тоа не е специфично ниту автономно. Ако е точно дека интелектуалната етика нè води кон заклучокот дека сите луѓе чиј проект е да го доведат светот во прашање се дел од нашиот простор на припадност и соговорништво, тогаш овој инклузивен пристап не се однесува само на интелектуалците и културните творци. Тој подеднакво и непосредно се однесува и на сите учесници што во јавниот простор развиваат опозициски практики.
Од истата причина поради која бара ослободување од дисциплинарната форма, етичкото преиспитување води и кон воспоставување инклузивен однос на интелектуалците кон јавноста и политиката.
Ако во нашиот пристап ја внесеме етичката перспектива, ќе дојдеме до непосредна врска со борбите. За разлика од дисциплинарниот модел, не постојат два последователни чекора во создавањето опозициско знаење. Не постои најнапред „внатрешна“, „дисциплинарна“ расправа, а потоа, како втор чекор, средба со „надворешното“. Не постои прво создавање на делото, а потоа негово ангажирање во јавниот простор или во дијалог со јавноста.
Јавноста е секогаш веќе присутна. Знаењата се создаваат во допир со неа. Нејзе непосредно ѝ се обраќаат и ѝ се наменети (секако, не само нејзе, но и нејзе). Теориската дејност се развива во рамките на еден хетероген мисловен простор, во кој припаѓаат активисти, уметници, писатели и автори од најразлични области. Со други зборови, ангажманот со „надворешното“ и одредениот начин на поврзување со „јавноста“ му претходат на самото обликување на мислата и на практиките на спознавање.
Во бројни интервјуа Мишел Фуко јасно ја изразува оваа онтолошка поврзаност меѓу етичкиот пристап и практиките на оспорување. Авторот на „Надгледување и казнување“ изјавува дека „воопшто не се грижи за академскиот статус“ на она што го прави и дека негов проблем не е „да ги задоволи професионалните историчари“. Зошто? Оти неговата цел е да произведе ефекти:
„Она што е суштинско не е низата вистинити или историски проверливи тврдења, туку искуството што книгата ни овозможува да го стекнеме.“⁵
Затоа, кога во 1974 година ја спомнува книгата за „дисциплинските системи“, на која тогаш работел, Фуко изјавува дека би сакал таа да може да му послужи на воспитувачот, старателот, судијата и на оној што ја повикува совеста.
Фуко, исто така, ќе каже дека не пишува за да рече: „Вака стојат работите“. Никогаш не станува збор за знаење заради самото знаење:
„За овие работи зборувам само дотолку доколку сметам дека на тој начин можат да се променат. Сè што правам, го правам за да му служи на нешто.“
.jpg)
Да се изградат разлики
Кога ќе ја напуштиме идејата за знаење што самото себе си е цел и ќе ја замениме со идејата за опозициско спознавање, мислата се обликува на рамниште што е непосредно поврзано со политиката, со учесниците во борбите и со јавните собири. Многу брзо се поставува и прашањето како да се одреди односот што треба да се одржува со просторот на општественото оспорување: како да се промисли врската меѓу практиката на спознавањето и општествените борби?
Во таа смисла треба да се нагласи едно: да се каже дека нашата задача е да пишуваме за тоа да му служи на нешто, да понудиме алатки или средства никако не значи – спротивно на она што би можело да се претпостави – да се застапува некакво растворање на интелектуалната дејност во општествените движења или негирање на специфичноста на знаењето во однос на спонтаните мислења.
Навистина, во струите што се залагаат за потесна поврзаност меѓу интелектуалците и политиката, премногу често се среќава критика на фигурата на интелектуалецот, како повторното вклучување на научната практика во борбата нужно да мора да се оствари преку некакво изедначување на опозициското и спонтаното знаење.
Наспроти таквото гледиште, ми се чини дека обликувањето една добра научна етика бара истовремено да успееме да ги поврземе потребата просторите на припадност, обраќање и соговорништво на авторот да се прошират кон контрајавноста, и неопходноста да се потврди дека ваквото вклучување на практиката на спознавање во полето на борбите нема цел да нè разгради како интелектуалци, туку, напротив, да нè изгради токму како такви.
Ако интелектуалецот или истражувачот треба да пишува за јавноста, тоа е токму оти има нешто да ѝ каже – нешто што таа без него не би го знаела. Во еден текст за поимот Општи сталежи, Дидие Ерибон го истакнува поимот „отсутен глас“ како парадигма на односот меѓу интелектуалците и општествените движења. Да им се обраќаш на општествените движења, на луѓето што се борат, не значи да им служиш или само да го повторуваш она што тие веќе го кажуваат. Напротив, тоа значи постојано да се бара она што недостасува во движењето, што не е присутно во него, кои прашања не се поставени, кои луѓе се исклучени од движењето и остануваат невидливи итн.
Според тоа, да се пронајде сопственото место како автор што припаѓа на едно општествено движење, што го слуша, разговара со него и сака да создава знаење, не значи да се негира разликата меѓу научникот и активистот, туку, напротив, таа разлика да се изгради. Токму таа разлика, таа способност да се видат работи на кои спонтано не помислуваме, овозможува да се создадат нови сознанија, нови насоки на критика, а со тоа и да се радикализира оспорувањето.
Да се разгради поимот дисциплинарна заедница и да се нагласат етичките простори на соговорништво не значи да се разградат истражувањето и знаењето, туку, напротив, да се афирмираат. Оти токму истражувањето и знаењето се она што му се упатува на другиот – а самата идеја на обраќање претпоставува дека имаме нешто да му кажеме. За да разговараме мораме да имаме што да си кажеме едни на други.
.jpg)
Како уште еден доказ за внатрешната логика и доследност на оваа етика, повторно кај Хоркхајмер наоѓаме анализи што ја осветлуваат оваа состојба. Бидејќи „критичката“ теорија (повторно, тоа е термин на Хоркхајмер, а веќе објаснив зошто сум резервиран кон него) не се сфаќа како цел сама по себе, таа мора да се дефинира како „елемент на една praxis чија цел е воспоставување нови облици на општествена организација“. Да се биде „критички“ теоретичар и така да се определиш себеси значи да се воспостави непосреден однос со учесниците во борбата: теоретичарот мора да мисли за себе како, заедно со потчинетата класа, да сочинува „динамично единство“.*
Зборот „единство“ е важен оти точно покажува дека критичката теорија се развива во средина што го вклучува пролетаријатот. Но уште поважен е зборот „динамично“. Тоа единство не е единство на стопување или идентитет, туку единство на разликата. Теоретичарот треба да изгради заедница на заемно влијание со пролетаријатот, во која нема да се откаже да му ја кажува вистината, дури и кога тоа значи да го доведе во прашање.
Во однос на општественото движење и историската ситуација во која се развива, мислата не е во однос на еднаквост или едноставно изразување, туку во однос на поттикнување и преобразба. Благодарение на воспоставувањето на оваа „заедница на заемно влијание“, може да се развива револуционерната свест, а со неа и нејзините „ослободителни“, „поттикнувачки“ и „агресивни“ енергии.
Поради тоа Хоркхајмер го напаѓа интелектуалниот став што има обичај да ја велича креативноста на пролетаријатот, да му се приспособува или да ја идеализира неговата критичка свест. Тој тој став го нарекува „бегство од напорот на теоретското мислење“. Според него, таквото уверување не му помага на пролетаријатот. Напротив, повеќе го „заслепува и ослабува“ отколку што тоа би го направил самиот по себе.
Суштината на аргументот на Хоркхајмер е дека свеста на пролетаријатот е оформена и се оформува во рамките на воспоставениот поредок. Таа, значи, е производ на системот, дури и кога изразува критика кон него. Оттука доведувањето на системот во прашање претпоставува раскин со системските облици на критика вградени во свеста на пролетаријатот, за повторно да се конституираат неговите објективни интереси, кои самиот не ги согледува. Тоа е улогата на теоретичарот:
„Ставот што би ја исклучил можноста на пролетаријатот да му се противречи во име на неговите вистински интереси, а со тоа и на интересите на целото општество, и што би се ориентирал според мислењата и расположенијата на масите, и самиот би западнал во целосна зависност од воспоставениот поредок.“
Токму затоа секој дискурс што се радува на исчезнувањето на фигурата на интелектуалецот ги поставува темелите на конзервативизмот.**
.jpg)
Тага
Секој теоретичар што сака да живее етички интелектуален живот треба да се оддалечи од воспоставените и однапред зададени облици на академскиот живот. Тоа оддалечување овозможува опозициската мисла да се развива во релативна автономија во однос на институционалните механизми.
Секако, само по себе тоа не е посебно лошо и нема посебно значење. Но, истовремено, тоа значи дека опозициските дискурси и луѓето што ги носат во себе остануваат кревки и ранливи. Институциите не им даваат доволна поддршка, ниту им се доволно посветени. Напротив, најчесто ги напаѓаат или ги маргинализираат.
Ако општеството и понатаму е толку лошо, веројатно тоа делумно се должи и на слабата институционална интеграција на дисфункционалните практики во свет во кој академското признание има значајна улога во јавното циркулирање на дискурсите.
Во секој случај, оваа состојба покажува дека, за опозициската мисла да може да ги произведе своите ефекти, таа не може да смета на однапред обезбедена поддршка. Бидејќи се развива според облици различни од оние што ги поддржуваат воспоставените системи, таа мора да ги измисли сопствените облици на сојузништво што ќе ѝ овозможат да се шири, да биде користена и да стане јавна. Освен што мора самата да се создаде, таа мора да ги измисли и сопствените канали за дистрибуција и да ги изгради сопствените платформи.
Проблемот е во тоа што, колку и да се важни, тие облици на поддршка не можат да ги создадат само авторите (или, во секој случај, не само тие). Нивната форма, нивната употреба и нивниот успех во голема мера зависат од другите: од активистите, новинарите, писателите, јавноста и другите автори.
Со тоа, во самото јадро на еден пристап што настојува да се темели врз најрационални и најконтролирани основи, се внесува елемент на зависност, непредвидливост и случајност.
Веројатно токму поради тоа, иако етичкиот проект се определува како утописки и насочен кон иднината, тој и понатаму е проникнат од длабок однос со меланхолијата, тегобата и немирот – а можеби токму затоа и со слободата.
.jpg)
ФУСНОТИ
* Во врска со оваа тема, важно е да се додаде дека интервенциите се условени: јавно да се заземат автономни позиции е дотолку полесно доколку можеме да ги наметнеме своето присуство и својот глас во јавниот и медиумскиот простор, особено ако авторот е веќе препознаен како таков и ако зад себе има дело. Токму затоа институционалните практики што настојуваат да ја отстранат фигурата на авторот во име на нормата (која е исклучиво институционална и нема никаква врска со барањата на науката или спознанието) за „колективно и специјалистичко истражување“, всушност придонесуваат за слабеење на можноста радикалните дискурси да се шират во просторот на јавната видливост.
** Во тој поглед може да се нагласи еден парадокс во претставите што циркулираат во академското поле. Денес е навистина впечатливо што се среќава прилично ирационално отфрлање на идеи кои, по мое мислење, се исклучително важни: идејата за епистемолошкиот прекин, за надминувањето на непосредното искуство, како и на пристапите што инсистираат на тоа дека истражувачот располага со поголема стручност и знаење од луѓето што ги проучува. Постојат бројни правци и истражувачи во академското поле што ја отфрлаат оваа идеја, што се спротивставуваат на достигнувањата на структуралистичката мисла и на детерминизмот во име на вреднувањето на критичките компетенции на учесниците или на рефлексивните способности на општествените актери итн. И токму ова би заслужувало посебно истражување, за да се разбере како едно поле што се дефинира како научно може да се конституира околу вредности што се спротивни на фигурата на научникот или дури на самата идеја за науката. Но, парадоксално, токму тие истражувачи што ја негираат специфичноста на научникот често се истите оние кои најсилно се стремат кон академизација на дисциплините, па дури и активно се залагаат за нивна „професионализација“, за зацврстување на дисциплинарните граници и контролите, за унапредување на критериумите според кои „колегите“ ги вршат евалуациите или за објавување во „рецензирани списанија“ како централни елементи на научната кариера, на сметка на начините на објавување што се претставуваат како егзотерични – како што е книгата. Навистина е парадоксално што, од една страна, толку доследно се спроведува хиерархиска политика од институционална гледна точка, а, од друга страна, од епистемолошка гледна точка се негира постоењето хиерархии во когнитивните или евалуациските способности. На крајот на краиштата, ако секој е истражувач и ако сите располагаат со исти способности како социолозите, историчарите или филозофите, тогаш се поставува прашањето зошто воопшто би постоеле професионални и дисциплинарни заедници што произведуваат знаење (ако, наводно, сите веќе сè знаат), што организираат затворени кругови на евалуација – и за тоа се платени. Би можело да се каже дека гледиштето што јас го застапувам е токму спротивното. Сметам дека опозициската теорија може да произлезе само од епистемолошки прекин со поединците и со спонтаните знаења. Но тој прекин е епистемолошки, а не институционален. Тоа е когнитивен прекин. Тоа е практика чија функција не е да воспостави професионален простор отсечен од надворешноста, туку, напротив, да овозможи развој на знаења насочени кон надвор и упатени до активистите, новинарите, граѓанските иницијативи, уметниците, писателите, како и до другите интелектуалци и истражувачи. Постојат одредени начини на негирање на разликата што истовремено претставуваат и начини на нејзино конструирање, а постојат и начини на нејзино потврдување што, истовремено, се и начини таа да се надмине. Кога веќе нема никаква интелектуална или когнитивна разлика, единствениот начин да се стекне специфичен општествен идентитет е тој да се изгради институционално. Денешното вкочанување на професионалниот и институционалниот живот во голема мера може да се објасни со фактот што истражувањата веќе не произведуваат знаења што би биле супериорни во однос на секојдневните сознанија – според логика многу слична на онаа што ја опиша Норберт Елијас во својата анализа на развојот на класните граници, кога забележа дека колку повеќе се наметнувала идејата за заедничка човечка припадност, толку повеќе се зацврстувале институционалните и просторните граници меѓу класите, бидејќи разликата морала сè понагласено да се истакнува за воопшто да продолжи да постои.
.jpg)
Слики: Vladimir Kazanevsky
Извор за текстот: Geoffroy de Lagasnerie - Penser dans un monde mauvais, 2017.
Избор и превод: Тим Дисензус