1018 hPa
53 %
23 °C
Скопје - Пет, 11.09.2026 09:00

Пред многу векови, во античкиот град Хераклеја, живеше момче по име Антифол. Татко му беше занаетчија, грнчар и понекојпат, кога времето дозволувало, уметник во теракота. Најголемиот дел од деновите ги поминувал вртејќи грнчарско тркало, со рацете нурнати во влажната глина. Ќуповите, амфорите и садовите што ги правел татко му, Антифол ги продавал на пазарот. Навечер, се враќал дома и му ги предавал парите на татка си, плашејќи се да му ја каже вистината - дека не сака да го наследи семејниот занает. Зборот бил дотолку потежок бидејќи и не знаел што би работел во животот. Го одложувал моментот на исповед, држејќи го својот татко во неизвесност, а себеси во страв дека животот залудно ќе го потроши.
Една вечер, слушнал детски врисок пред куќата. Момче од околу десет години паднало од дрвото и си ја скршило ногата. Коската на потколеницата ја пробола кожата и поток крв течел по камената скала. Му се приближил на детето, го кренал и го внел во куќата. Ја исчистил раната со чиста вода и со прсти што знаеле што да прават, внимателно ја вратил коската на место. Потоа ја врзал ногата со штици и завои натопени во лековити масла за кои неговиот татко имал направено мали ќупови со широко грло. Боговите му пратија порака како треба да го ползува времето штостоело пред него.
Антифол се пријавил за ученик кај еден од најпознатите лекари во неговиот крај. Тој ветил дека учителот ќе му биде како татко, дека ќе го почитува и дека во староста нема да го заборави учителот, но ќе го помага со дел од неговата лекарска заработка. Така поминаа шест години во учење и во вежбање на исцелителскиот занает.
Потем Антифол почнал сам да лекува и набрзо станал познат како добар и трпелив лекар. Детето што го крена од улицата израснало во млад човек кој не кривеше, што сите во Хераклеја го сметаа за чудо. Снеможениот и исцрпен татко пак го лекувал со вино во кое натопувал лековити билки - чубрика, рузмарин и диво нане.
На сиромашните ништо не им наплатувал, а од богатите земал само толку колку што му било потребно за пристоен живот. Едно дете дошло да го учи грнчарскиот занает и работилницата не се затворила, што пак на татко му му го развеселило срцето.
.jpg)
Најважното правило до кое Антифол се придржувал било да не му наштети ниту на еден болен. Затоа, не испробувал лекови или билки што добро не ги познавал. Се држел до советите на учителот и најнапред се трудел да го утеши и да го охрабри болниот, потоа и да му препише лек. Добро ги познавал и отровите, но никогаш не ги откривал своите тајни, бидејќи божественото живот дава и, кога ќе дојде часот, животот го зема, без човечка рака и помош. Ценејќи го животот пред сè, жестоко ги прекорувал жените што му иделе со барање да ги ослободи од плодот во нивните утроби; дури и кога детето било непосакувано или од непознат татко, тој го бранел неговото право на живот. Поради тоа, разни вражалки кои не се ни двоумеле да помогнат во пометвувањата, го поткажувале дека е христијанин. Антифол не ги слушал клеветите, и принесувал мали жртви на боговите во кои верувал, решен да умре во верата во која бил и роден. Христијаните го мразеа, велејќи дека е надменен и оти замислува дека е господар на животот и на смртта, можеби во дослух и со ѓаволот.
Не плашејќи се, Антифол се обидувал да ги смекне срцата на луѓето враќајќи им радост, со тоа и здравје. Колку и да се трудел им помогне на другите и да не им нанесува болка, животот го ставил пред големо искушение. Неколку пати годишно, една жена на средна возраст, од ниско потекло, доаѓала во нивната куќа за да помогне во она што таткото и синот не стасувале да го сторат, а не им ни доликувало. Ја чистела кујната, ја вриела постелнината, ги поправала зимските покривачи, им ја крпела облеклата, проверувала дали сѐ уште се добри маслото и виното, ги контролирала залихите од брашно и од сол. Кога силата почнала да ја изневерува, со неа доаѓала нејзината ќерка, младата и умна Ејлејтија. Не беше обдарена со посебна става, но родителите ѝ дариле длабоки, бистри очи, остар ум и вродена уредност. Се интересирала да научи нешто за лековите и за мелемите што ги подготвувал Антифол; гледајќи ги сиромашните жени како се мачат низ бројните породувања, добила желба некако да им помага.
-Самото твое име помага, ѝ рекол Антифол, мислејќи на Ејлејтија, богинката на породувањата, подучувајќи ја трпеливо, уверен во нејзината способност. Тоа ја разгори надежта кај девојката, а набрзо и љубовта. Се надеваше на брак и на семејна среќа особено зашто Антифол, покрај то што беше учен, не беши ни грд, напротив. Многу девојки се натпреварувале за него, иако тој секоја учтиво ја одбли. Еднаш, чувствувајќи го копнежот во очите на девојката, ја повика да седне покрај него. Почувсвува како дамарите ѝ бијат во неговите ушни тапанчиња и му стана мачно поради она што мораше да ѝ го каже:
-Ти си умна девојка, Ејлејтија, ќе ме разбереш. Лесно би можел да те засакам и да се оженам со тебе. Но, многу брзо ќе станеме лути еден на другиот. Често би бил надвор од домот зашто не смеам да изневерам ниеден болен, до колку ме повика. Би станувал ноќе од брачната постела и би те оставал сама и уплашена; ако нашето дете би плачело или би било болно, јас би ти го оставал тебе на грижа и би одел да лечам нечии туѓи, поболни. Кога дома би снемало пари, би ме карала што сиромашните ги лечам бесплатно, нашиот брак би станал тежок за двајцата, зашто на жената на прво место се детето и домот, а на лекарот болниот. Затоа сум сечиј и ничиј, избран да лечам, а животот да го поминам сам. Затоа, не помислувај дека го презирам твоето потекло и дека поради тоа те одбивам.
.jpg)
Ејлејтија го слушала со наведната глава, без солзи. Болката што ѝ ја нанесе ја памтел до крајот на животот. Неколку години подоцна, слушнал дека се омажила за младич од друг град. За да заборави, уште повеќе се впрегнал во работата и лојаницата му горела до доцна во ноќта.
Еднаш, една жена дотрчала во неговиот двор, боса и разбушавена, молејќи го веднаш да дојде со неа бидејќи нејзиниот свекор бил во претсмртни грчеви. Патем, појмил дека старецот наеднаш добил болки во стомакот, па фатил да ја колне својата снаа дека му ставила отров во храната не би ли го испратила од овој свет што поскоро. На лекарот веднаш му било јасно дека штом старецот е способен да колне, не може да умира, па ја смирил несреќната жена кажувајќи ѝ уште на патот кон нејзината куќа дека не е виновна. Наредил да се подготви напивка со сушени листови од жолта дуња, а потоа, кога неговото присуство го смирило домаќинството, останал сам со пациентот. Старецот веднаш почнал да се жали на своите снаа и син, па дури и на внуците, жалејќи се дека не го почитуваат доволно. Антифол го сочекал да се доискаже, па рекол:
-Зошто, старецу, штом веќе пружаш покрив над главата за твојот син и неговото семејство, си го загорчуваш животот и себеси, и ним? Љубоморен ли си на нивната младост, како самиот никогаш да не си бил ни пазено дете ни распуштен младич? Причини им некоја радост, па ќе те сакаат наместо да го посакуваат денот кога ќе те испратат од овој свет.
Старецот молчел, навреден. Со желба што побргу да го испрати соговорникот, посегнал по ќесето со монети. Антифол не допуштил да биде подмитен.
-Те молам тие пари искористи, прво да купиш сандали за снаата која те двори, за да не ѝ ги валка стапалата жешкиот камен додека трча да ви угоди на сите вас. Потоа дај им го кусурот на децата да купат смокви и ореви, на крајот, нареди тебе и на син ти да ви донесат бокал добро вино. Пијте го со здравица, за да ви ги стопли срцата и да ги оттргне мислите за смртта. Тогаш твоето здравје ќе биде добро, а твоето семејство задоволно.
Така, Антифол, стареејќи, заслужувал сè поголема почит, а многу болни луѓе доаѓале од далечни населби и градови барајќи лек за своите неволји. Зборот на Антифол лекувал исто колку и неговите билки, а бројните ученици го почитувале и го сакале.
.jpg)
Оваа приказна ми ја раскажа мојот драг пријател, лекар од Битола со кого поминав многу лета шетајќи и разговарајќи, крај брегот на Преспанското Езеро. Бидејќи ја делевме истата професија, секогаш имавме многу теми и заеднички дилеми што се обидувавме да ги решиме. И двајцата ергени, веќе длабоко загазени во години, одамна ергенувавме одвикнувајќи се од жените, и сè повеќе разговаравме за минатото, потсетувајќи се на заедничкото детство и младост.
И татко му и дедо му беа лекари, дедото особено горд зашто ги лекувал турскиот и францускиот конзул пред и по завршувањето на Првата светска војна. Мојот пријател сакаше да каже дека неговиот татко е неговиот најголем учител, но двајцата знаевме дека годините на студирање во Франција од него создадоа експерт на глас. Претчувствувавме дека наскоро ќе живееме во две различни држави и дека нашите средби ќе се проретчат. Светот околу нас се менуваше со застрашувачка брзина. Природата и езерото останаа недопрени, финиот песок, кристално чистата вода во која се фрлавме како момчиња, благите планински врвови и магливиот хоризонт кон Албанија, таинствен и далечен, во кој зјапавме срамежли, во прегрнати со своите први девојки. Нивните штиркани фустани ги грееа зраците на зајдисонцето, а денес нивните внуки живеат во Австралија или во Северна Америка, не знаејќи многу за младоста на своите баби. Ние двајцата, чувари на времето и сеќавањата, верувавме дека е можно да се спречат неволјите, да се предупредат судирите. Кога ја сфативме безнадежноста на закотрчаната реалност, сакавме да го зачуваме она што не избегало од контрола - лекарската чест и личното пријателство. Последните денови од летото ги минував на езерото, уплашен од можноста никогаш да не се вратам во родниот крај. Избегнувавме да зборуваме на таа тема, игнорирајќи ги вестите во весниците и на телевизијата. Тој се трудеше што подобро да го осмисли времето, и деновите да ги исполни со безгрижност, што бледнееше.
Едно утро ја стави на глава својата старомодна летна шапка и рече, како да се шегува:
-Ако војните или староста нè разделат, сега сакам да ти покажам нешто.
Седнавме во неговата изнемоштена Шкода и се возевме до археолошкото наоѓалиште, остатоците од античката Хераклеја што лежеа под жешкото сонце. Неколку распнати платнени настрешници ги штитеа главите на младите археолози наднесени над ископувањата. Еден убав мозаик пропаѓаше под наслагите од црвена прашина, неколку зачувани столбови го означуваа местото на некогашната палата. Остатоците од дамнешно исушените терми зборуваа за запрено, скаменето време. Пешачевме по сонце, мене ми се чинеше предолго. Ме бодреше:
- Издржи уште малку, близу сме.
Конечно, дојдовме до една стела, надгробен споменик за кој веројатно самиот Антифол напишал епитаф, како еден вид тестамент. Мојот пријател го знаеше текстот напамет, но кој му го протолкувал не ми кажа. Главно, пишуваше:
Јас, Антифол од Хераклеја, бев исцелител сиот живот, од мојата младост до длабоката старост што ја доживеав по милоста на боговите, трудејќи се никому да не му наштетам и работејќи во полза на животот. Единственото каење што со себе го носам од овој свет е она за болките што не умеев да ги ублажам и за болестите што не можев да ги излечам. Моите ученици нека ме паметат по добро и нека лечат поарно од мене.
Долго стоев пред тој надгробен камен, не забележувајќи дека сонцето се движи и прави сè подолги сенки што паѓаа врз црвената земја, фина како талк и загреана како жарта во печката на Антифоловиот татко. Ја мачев својата совест со преиспитувањата - дали и колку сум згрешил, заслепен од суета и од самољубие? Колку пати не сум слушал што ми кажува пациентот, иако не бев толку уморен, колку што бел нестрплив?
Жедта и лесната вртоглавица ме потсетија дека веќе не сум млад и патот низ ископините ми се стори подолг од било кога. Како и патувањето дома, во белградската есен што мирисаше на војна и на тешка зима. Ме шибна тишината и застоените мириси на мојот стан. На сакилото се меткаше мачор со инфицирана нога и јас конечно се сожалив. Го пуштив преку прагот и му ја преврзав ногата со завој натопен во кантарионово масло. Кога ногата му зарасна, не сакаше да си оди. А ни јас не инсистирав.
(Записи од Охрид и околината)
.jpg)
Превод од српски: Томислав Османли
Фото: „Охрид, слики од минатото“ (фејсбук група)
Белешка за авторката
Александра Ѓуричиќ (Белград, 1963) завршила уметнички студии од прв степен на Академијата Моцартеум во Салцбург (1984), а потоа студиите ги продолжила во Белград на Факултетот за драмски уметности и на Филозофскиот факултет, Отсек за историја на уметноста. Магистрирала на Одделот за театрологија на Факултетот за драмски уметности во Белград. Докторската теза ја објавила како книга под наслов Четирите векови на оперската приказна.
Од 1995 година објавила поголем број театролошки статии, критики, есеи и студии во списанијата Театрон, Сцена, Зборник за музичко-сценску делатност Матице Српске, Лудус, Орхестра, Књижевност, Књижевна реч, Свеске, Књижевни магазин, Квартал...
Ги објавила книгите Историја на играта (1998), Индекс на балетски и оперски либрета (1999 и второ, проширено издание во 2006), книгата литературни есеи Грации на перото (2014) и книгата раскази Лозата во улицата Рига од Фере (2021), преведена и на македонски јазик (Скопје, 2025). Нејзините раскази се вклучени во десетина антологии, од кои најзначајна е Антологијата на балканското расказно творештво, во која расказот Куќата на Црвени крст е објавен во превод на грчки (Солун, 2022).
Соработничка е на литературните додатоци на дневните весници Блиц, Политика и Данас. Колумни за литературни рецензии има во магазинот Недељник, како и во литературната ревија Букмаркер.
Добитничка е на награда за краткиот расказ на конкурсот Вукашин Цониќ во 2010 година, за патепис на конкурсот Проза на пат во 2011 година, на наградата за расказ на 55-от конкурс на Сојузот на еврејски општини на Србија во 2011 година, на признанијата „Лазар Комарчиќ“ во 2012 година и на „Милутин Ускоковиќ“ во 2014 година. Наградата за најдобар расказ на српски јазик „Лаза Лазаревиќ“ ѝ припадна во 2018 година за расказот Сосем обичен ден.
Објавувала поезија и проза во списанијата Летопис Матице српске, Балкански књижевни гласник, Повеља, Градина, Траг, Књижевни магазин, Београдски књижевни магазин, Источник, Нова мисао... Една деценија била постојан соработник во весникот на српската дијаспора Кишобран од Ванкувер.
Преведува проза и поезија од англиски, германски и новогрчки.
Живее и работи во Белград.