1018 hPa
53 %
23 °C
Скопје - Пет, 11.09.2026 09:00

„Минатото е непредвидливо“, вели Кристин Рос, американска книжевна теоретичарка која успева на сцената на текстот, во настаните околу Париската комуна и деколонизацијата на Алжир, да обелодени сосема неочекувани и заборавени актери, содржини, поврзаности. Изгаснатите, споредни неба на минатото така оживуваат ненадејно, со помош на најлуминозниот сообраќај на нови небесни тела кои го дочекале својот момент да бидат откриени.
Сегашноста на површината ни донесе уште едно такво потопено богатство: Прошетка низ иднината [Шетња кроз будућност], заборавениот детски роман за училиштето на иднината, пишуван 1924 година во Белград, потпишан (најверојатно засекогаш) од непознатата Мала Зора, која воедно е и главна хероина на романот. За ова откритие можеме да ѝ се заблагодариме на водилката на сите (доброволни) осуденици на „доживотна слобода“ на надреалистичкото чудо на секојдневието – објективната случајност.
Така, воопшто не е случајно што до заборавениот и (можеби и во круг многу поширок од јужнословенскиот) единствен социјално-политички-научно-фантастичен-детски-утопистички-анонимен роман во продолженија, со една таква случајност (пребарувајќи ја периодиката од почетокот на XX век), стигнала во 2017 година токму Билјана Андоновска, истражувачка на маргинализираните книжевни жанрови и авторка на раритетното истражување за антироманот, која со својата посветена работа и наслушнувањето истрајно го чува пламенот на надреализмот во (пост)Југославија. Исто така воопшто не е случајно, или е баш објективно случајно, тоа што истата 1924 година, кога овој детски роман излегува во Будућност, „забавно-поучен лист за ДЕЦАТА на организираните работници“, првото комунистичко-пролетерско списание за деца во Кралството СХС, во Белград почнува да излегува и списанието на надреалистичкото претскажување Сведочанства, кое малцинско но посебно место му посветувало на детското творештво, а во Париз Бретоновиот Манифест на надреализмот. Преведено на надреалистички јазик – кој на секоја своја страница т(р)ајно ги поврзува хидростатичкиот притисок во мирната течност и оној наелектризирен човек кој 1941 година чучи во срцето на Душан Матиќ, со едната рака врз динамит а со другата врз весници – би можело да се каже: станува збор за споени садови. Она што се прелева и што го поврзува одсонуваниот роман на девојчето од лумпенската, работничка периферија на Белград и надреалистичките обиди за нов вид движење низ просторот и времето, е токму непотрошливиот, за сите достапен градежен материјал на сонот – за свет без јадни, гладни и гадни.
Во воведниов текст ќе се обидеме да го анализираме жанрот на утописката научна фантастика поаѓајќи од поврзаностите кои на некој начин ги спои и на нив ни укажа Малата Зора, хероината на Прошетка низ иднината – искуствата на уметноста на надреализмот (посебно книжевноста за деца во кругот на југословенските надреалисти), традицијата и дострелите на утопиското размислување, реконцептуализацијата на политичката и револуционерна улога на (книжевната) фикција и низ неа: новите концепти на образованието, како и антиципацијата на феминистичките и еколошките политики кои полната афирмација ќе ја добијат дури во практиката на нашето време, или сè уште ќе чекаат на нив.

Верувајќи во остварувањето на сонот во „неговиот интегритет“, т.е. „во идното решавање на двете наизглед контрадикторни состојби – сонот и јавето, во некаква апсолутна реалност, надреалност, ако може така да се каже“ (Андре Бретон, Манифест на надреализмот, 1924), надреалистите преку сопствените животи и опус укажуваа на минатиот труд на сонот: „Се вели дека Сен-Пол-Ру секој ден, кога заспивал, на вратата од својот имот во Камаре ставал натпис на кој можело да се прочита: ПОЕТОТ РАБОТИ.“ Oткривајќи ја моќта на полусонот, на говорот и на сликите кои опипливо лебдат околу нас пред заспивање, Андре Бретон, на трагата на Фројд и Лотреамон, во описот на основната поетска практика на надреалистите од најраниот период ги вбројува хипнагогичките искуства на будност во сонот. Со право заклучувајќи дека вообичаеното пишување, заклучено во потрагата по стил и ефекти, го исклучило од својот академизам истражувањето на полусонот, надреалистите пишувањето (и размислувањето) достојно на тоа име го поврзуваат исклучиво со техниките на великодушниот несвесен неред. Во него наоѓаат непресушни резервоари за секојдневна реконфигурација на сето постоечко (преку поетско-политичка револуција), кои југословенските надреалисти ги спроведуваат и во пракса со своето активно учество во менувањето на еден назадaн и репресивен систем на Кралството Југославија во ново (перманентно) револуционерно општество.
Оти револуцијата, како што е добро познато, секогаш започнува токму од сонот за револуција, од ефемерната материјалност на сонувањето и естетскиот материјализам на скицата за новото, непознато и непостоечко. Или, како што Карл Маркс забележал во писмото до Арнолд Руге во септември 1843 година, обидувајќи се да го сугерира суптилниот простор помеѓу визијата за самата работа и passage à l’acte (преминувањето на дело): „Ќе видиме дека овој свет веќе долго сонува за нешто за кое е потребно да стане свесен за да може навистина и да го поседува.“
Од другата страна на надреализмот, еден посебен книжевен жанр – утописката научна фантастика – со векови ја негува човечката потреба за „поправање на реалноста“ во најразновидни литературни наративи за поправeден и похармоничен соживот на природата и општеството, на луѓето и нивното опкружување. Сепак, таму и тогаш на утопијата е секогаш тесно поврзано со нашето овде и сега, заклучуваат теоретичарите на овој жанр, додека самиот ефект на утопискиот потенцијал на уште-не моментот и „одложувањето на сегашноста“ е предмет на древни расправи на левицата, за што ќе стане збор подоцна во текстот. Предмет на утописката литература така станува нужната реконфигурација на нашата сегашност, која е „на крајот на краиштата единственото нешто што го имаме“, а која најчесто во „ова општество (...) во физичката и психичката дисоцијација на човечките субјекти кои го населуваат – е директно непристапна, укочена, испразнета од афект“, ќе каже Фредрик Џејмсон во својот есеј за научната фантастика.

Разгледувајќи ја реконфигурацијата на презентот што сите го делиме, Џејмсон размислува за Пруст како контрапример за фантастиката на иднината. Бидејќи во неговата литература сегашноста постои токму преку минатото, преку ретроспективната фикција на сеќавањето, организирана така што „интензитетот на сегашноста, кој сега постои само во сеќавањето, може да се доживее во постхумната реалност, откорната од времето, во некоја потполно неочекувана светлина“. Спротивно од Пруст, Џејмсон размислува за политичкиот потенцијал на утопискиот однос кон проширената сегашност во која, покрај минатото, би била вклучена и иднината на таквата радикално трансформирана и подобрена сегашност. Утопијата е сигнал за иднината, тој „принцип на надеж“, Novum за кој зборува Ернст Блох, тоа „време помеѓу“ кое го открива светот меѓу неостварените ветувања од минатото и антиципаторната свест за она што допрва доаѓа и што во себе ја носи привлечната магија на исчекувањето.
Речиси е невозможно да се набројат, а можеби ни да се лоцираат, првите обиди за утописка (научна) фантастика во таа паралелна и несогледлива школа на коригирана општествена историја, а чиј изненадувачки откриен дел го претставува и сонувањето на белградското девојче Зора. Брзински и со прескокнување, ќе споменеме само некои од нив. Секако, меѓу најраните примери на книжевното небо на научната фантастика се појавуваат Птици од Аристофан – ескапистички фантазии во форма на птичји град во воздухот во кој владеат поправeдни облици на демократија (4 век п.н.е.); кон нив се придружува визијата за Калиполис, градот што Сократ го гради за својата утопија во Платоновите дијалози под наслов Држава (375 година п.н.е.), како и Вистинитите приказни на Лукијан од Самосата, асирски реторичар кој во 2 век го опишал своето патување надвор од границите на познатото, преплетувајќи во тоа патување секакви јунаци од грчката историја и политика. Оваа низа со прескокнување би можела да продолжи со авантурата на волшебниот остров на Томас Мор во Утопија (1516); со Фенелоновите Авантури на Телемах на утопискиот остров Калипсо (1699), како и со мистериозниот остров сред водата што прочистува од стариот свет во Патување во Икарија од Етјен Кабе во 1840 година. Бидејќи на хоризонтот на исчекувањето станува збор за фантазматски остров или за посета на други планети, како што можевме да заклучиме, овој книжевен жанр-проектил ја изразува древниот човечки стремеж за експанзија на нови искуства и територии во некаков вид репризирање на животот на Земјата, давајќи му втора шанса – поправeден и посовршен обид.

Посебен поджанр се научнофантастичните романи чие дејство започнува во моментот кога главниот/главната херој/хероина паѓа во сон и се буди во „сон на јаве“, во Аркадија, во некаков вид фантазматски, идеален временско-просторен пејзаж, што е токму случај со Малата Зора. Судејќи по бројот на напишани и издадени научнофантастични романи, во комбинација на фабула oraculum (архе-сонот што Бог им го испраќал на своите емисари) со профетско-визионерскиот сон visio и phantasmae (фантоматските приказанија за време на првите фази од сонот), може да се заклучи дека XIX век го одбележала литературата на романи-соновници, која тогаш доживува вистински процут. Во тој контекст е интересно да се спомене дека авторот (или авторката) на Малата Зора – псевдоним зад кој најверојатно се крие иницијаторот и уредник на Будућност, лекарот и активист Драгутин Владисављевиќ, воедно и првиот преведувач на Марксовиот Капитал на српскохрватски јазик – истата 1900 година, покрај извадоците од Капитал, ја превел и книгата Хипнотизам и спиритизам од својот женевски професор Емил Јунг (1900). Така, Прошетка низ иднината [Шетња кроз будућност], роман кој иако е пишуван на тегобната периферија на Европа во 1924 година, всушност го сумира тешкиот премин од XIX во XX век, продолжувајќи го започнатиот бран на утописката традиција во литературата. Нетрпението за доаѓањето на подобра и поинаква иднина за сите, кое во претходните векови во најголем дел се сведувало на егзотични и повремени поединечни сонувања, во XIX век и почетокот на XX век, со ширењето на идеите на утопискиот и научниот социјализам, станува речиси френетична масовна појава, некаков вид колективно, хипнотичко и катарзично сонување за забрзување на времето, перфекционирање на иднината и егалитаристичка распределба на местата во неа. Со други зборови, во XIX век перспективата на иднината нагло прераснува од хронолошка категорија во политичка и историска категорија, што во литературната традиција се изразува преку разбивање на линеарната димензија на времето во романот, што рускиот формализам ќе го дочека со раширени раце како дисторзија на фабулата (хронолошкото време на дејството во след), давајќи му примат на сижето (испреплетеното и разбуричкано време на нарацијата).
Деветнаесеттиот век, векот кој прв имаше „свест за себе“ и прв започна со нумеричко одбележување, номинално се одредуваше и како век на Револуциите, Прогресот, Науката. И токму од тие задачи што фуриозно ги стави пред себе, од императивот за демаркација на „прогресистичката“ иднина со традиционалистичкото, „реакционерно“ минато, уплови во некаков вид „империјализам на иднината“. Од сите споменати причини, романот Прошетка низ иднинатa претставува всушност еманципаторски корелат и одглас на едно тегобно време, во кое коегзистирале, како и во секое време, различни темпоралности. Ќе резимираме дека романот за Малата Зора, парадоксално, по темата, стилот и жанрот, потполно му припаѓа на своето време, иако со големи чекори „бега“ од него.

Протрчувајќи низ различни амблематски примери на романи во сништа, поради неможноста за пошироко навлегување во тематиката, овде ќе останеме на површината на тој антиципирачки жанр. Ќе се осврнеме на авторите на научна фантастика кои останале верни на уметноста на сонување подобра иднина, не претворајќи се во обични футуролози, гуруа на пророштва или популаризатори на наука за предадолесценти – што се деривати во кои во еден момент од XX век овој жанр и неговите автори делумно скршнале.
Краткиот преглед ќе го започнеме со споменување на неизбежниот амблематски роман, за кој ќе стане збор уште еднаш подоцна, познат и под насловот Четирите сона на Вера Павловна, поточно книгата на Николај Чернишевски Што да се прави?: приказни од животот на новите луѓе (1863), во чие средиште е токму прогресистичкиот сон на главната хероина. Покрај него, ќе споменеме уште неколку романи кои во рамките на поширокиот химеричко-социјално-утопистички пејзаж ја третираат и новата положба на жените во општеството или нивните главни протагонист(к)и кои, како и Малата Зора, се од женски пол и како такви најавуваат структурни општествени промени кои во времето на настанувањето на овие романи ги доживеале своите зачетоци, а романсиерската фикција го овозможила токму нивниот поттикнувачки одглас.
Тоа се: Поглед наназад: 2000–1887 (Looking Backward: 2000–1887), утописки роман на Едвард Белами, објавен во 1888 година, во кој Џулијан Вест, млад Американец кој пред крајот на XIX век паѓа во длабок сон предизвикан од хипноза, се буди 113 години подоцна на истата локација (Бостон, Масачусетс), но во потполно променет свет: 2000 година е, и додека спиел, Соединетите Американски Држави се трансформирани во социјалистичка утопија, а постоечкиот поредок од XIX век е превртен наопаку – меѓу другото, жените добиле право на еднакво образование, што во времето на настанувањето на романов уште бил сон што едвај се отелотворува. Секако, една од најинтересните реакции од тоа време на новододелената улога на жената во овој роман била онаа на Хелен Вилард, цврста заговорничка на женските права, која книгата ја сметала за „откровение и евангелие“, изјавувајќи дека таа и некои од нејзините колешки од движењето биле убедени „дека Едвард Белами всушност е Едвардина – т.е. дека книгата ја напишала жена со големо срце и голем мозок“. Оваа книга брзо доживеала голема популарност, а свое продолжение добила и низ практиката на политичкото движење кое застапувало национализација на приватните добра ширум светот. Тоа бил третиот најтиражен роман од тоа време, после Колибата на чичо Том од Хариет Бичер Стоу и Бен Хур: Приказна за Христос од Луис Волас. Влијаел врз многу интелектуалци и бил цитирана во многу социјалистички текстови од тоа време. Како што наведува Ерих Фром во предговорот на книгата отпечатена во 1960 година: „Ова е една од ретките книги која речиси веднаш по своето настанување создаде политичко масовно движење“.

Уште еден вибрантен пример за „книжевно пророштво“, кој воедно е и директен одговор на романот на Белами, е романот Вести од никаде од Вилијам Морис (News from Nowhere) од 1890 година, во кој раскажувачот Вилијам Гест брзајќи се враќа од состанок на социјалистичко собрание, по што заспива во својот дом. Кога ќе се разбуди, се наоѓа во далечната иднина во 2102 година: открива ново општество, комунистичко, егалитарно, кое се карактеризира – за разлика од она опишано од Едвард Белами – со слаба улога на државата. Во таквата иднина работата веќе не отуѓува, туку го исполнува поединецот; трудот е претежно занаетчиски, а не индустриски, за разлика од визијата на Белами; парите и бракот исчезнале, луѓето живеат во склад со природата, а парламентот ѝ отстапил место на подиректната демократија и на жените во неа. Во романот дознаваме дека луѓето од тоа Никаде учат на нов начин (иако не постојат формални училишта за деца) бидејќи училиштето го нема во речниците на иднината и всушност суштински „нема врска со децата“. Постојат школи за харинги и школи за сликање, а децата „од 6–17 години“, но и сите жители на иднината, можат слободно надвор од институциите да го избираат својот облик на образование. Тие знаат да читаат уште на четири години, речиси сите многу рано знаат да пливаат, готват по принципот на самообразование и секој веќе знае голем број работи, дури и да е сосема млад; знаат да косат и извонредни се во работа со дрво. Латинскиот збор educere, кој всушност го означува дејството „излегување надвор“, изведување на децата во светот и надвор од познатите гранични рамки, отворање на светот кон нив, ја доби својата најпрактична смисла кај Вилиам Морис. Децата се навистина, исто како сонот на Малата Зора, надвор, на ливадите и во шумите, каде што преку праксата и природата ги учат животот и општеството и суптилните врски меѓу нив. Кај Морис Оксфордскиот универзитет и понатаму постои како место за проучување на „вештината на знаењето“, но не и за „комерцијалното учење од минатото“. Децата од Никаде често измислуваат забави и доаѓаат да си играат во шумата „живеејќи во шатори (...). Ние радо ги поттикнуваме тоа да го прават; така учат да прават работи за себе и запознаваат диви суштества (...) колку помалку се задушуваат во куќите, толку подобро за нив“. Морис, по професија уметник, дизајнер, печатар и архитект, како и секој автор на утопистичка фикција, станува во фикцијата на своите романи и архитект на нови општествени односи, во кои негува суптилно чувство за нова естетика на времето. Во случајот на Морис таа се протега од новата женска мода во XXII век (која ја разликува жената од „тапацираните фотелји од XIX век“), до новиот однос кон пејзажот како најголемо уметничко дело кое им припаѓа на сите.

Утопијата како имагинарна реконструкција на општеството и фикцијата како метод продолжуваат во праксата – во познатиот есеј на Морис за ограниченоста на училиштето во капитализмот и во теоретските списи и реализацијата на „утопистичките училишта“ на Џон Дјуи, психолог, филозоф и педагог на „училиштето на искуството“ и „учењето со раце“, соодветен продолжувач на Морис. Во својот познат есеј „Во утопистичките училишта“ Дјуи вели: „Најутописката работа во Утопија е тоа што во неа нема училишта.“ Училиштето за убав живот, кое многу потсетува на педагошките фантазии на Малата Зора, а кое Дјуи заедно со сопругата го отвориле во Чикаго (University of Chicago Laboratory Schools, 1896–1904), ја доживеало судбината на многу други „поинакви училишта“ – неговите главни педагози биле разрешени, а училиштето било затворено со припојување кон покласична педагошка установа.
И за Малата Зора политиката на новото време се огледува во најосновните материјални потреби на секого, во бесплатниот појадок за сите деца (што било незамислива општествена премиса во Кралството на Србите, Хрватите и Словенците во дваесеттите години на XX век), но и во различните естетски премиси антиципирани од Морис. Малата Зора сонува за можноста за поголема хигиена (често капење, што не било можност за пролетерските семејства: таа пишува дека децата како неа не можат да се капат цели четири месеци во зима поради немање дрва), за убава, чиста облека „во најразлични бои“, како и за потполн соживот со уметноста на природата изразен во натписите што ги красат парковите од сништата на Зора: „Слободно е да се оди надвор од патеките, да се бакнуваат цвеќињата и да се тркала по тревата.“ Со други зборови, иако долетале како комета во едно време и простор кои на прв поглед не ги очекувало, многу од сништата на Малата Зора веќе постоеле во општиот дух на тоа исто време, кое ветровите на утопистичката фикција ги донесе и на Балканот.

Слики: Richard Doyle (1824 - 1883)
Извор за текстот: Nepredvidiva prošlost budućnosti, O političkom potencijalu utopije (Urednica: Ivana Momčilović; 2024)
Превод и подготовка: Тим Дисензус