Што се дата-центри? Како функционираат и зошто се важни

27.08.2026 00:38
 Што се дата-центри? Како функционираат и зошто се важни
 

 Од стриминг до вештачка интелигенција, овие центри стојат зад речиси сè што правиме онлајн. Во план се уште илјадници, што отвора прашања за потрошувачката на струја и вода, работните места и трошоците.

 

Без разлика дали на социјалните мрежи или во секојдневниот живот, веројатно сте слушнале некој да зборува за дата-центри. Некои ги поздравуваат, други се против нив.

 

Но, што всушност се тие?

 

Дата-центрите овозможуваат голем дел од секојдневните дигитални активности, како гледање стриминг-содржини, користење Apple Pay, социјални мрежи или поставување прашања на четбот. Сите овие услуги зависат од компјутери и мрежи сместени во дата-центри.

 

Иако дата-центрите не се нешто ново, во последните неколку години нивниот број нагло расте. Тоа предизвикува загриженост кај локалното население дека можат да придонесат за повисоки сметки за струја и поголема потрошувачка на водните ресурси. Некои политичари бараат построга регулација, додека други го истакнуваат нивниот потенцијал за економски развој.

 

Претседателот Доналд Трамп изјави дека сака САД да имаат повеќе дата-центри, меѓу другото и преку изнајмување земјиште во федерална сопственост. Неговата администрација ги олеснува федералните регулативи за да ги забрза одобрувањето и изградбата на нова инфраструктура потребна за овие центри.

Во продолжение објаснуваме што се дата-центрите, како работат, каква е улогата на вештачката интелигенција и што може да значи отворањето дата-центар за локалната заедница. 
 
 

Дата-центри: основи

 
 

Терминот „дата-центар“ вообичаено означува физички објект во кој се сместени моќни компјутери, најчесто илјадници, заедно со системи за складирање податоци и мрежна опрема. Тие работат 24 часа дневно, седум дена во неделата, складирајќи и обработувајќи податоци за различни веб-апликации и услуги.

 

„Машините постојано се вклучени и постојано работат“, вели Димитриос Николопулос, професор по инженерство на Virginia Tech.

 

Просечен дата-центар има површина од околу 9.300 квадратни метри, приближно колку еден голем Walmart Supercenter или магацин на Costco.

 

Дата-центрите постојат со децении. Првиот, од 1945 година, го сместувал првиот програмабилен компјутер во светот, создаден за пресметување артилериски траектории за американската армија за време на Втората светска војна.

Првите дата-центри главно служеле за бази на податоци, електронска пошта и веб-хостинг и трошеле релативно малку електрична енергија. Денешните трошат значително повеќе поради огромното количество информации што го обработуваат. 
 
 

Што им е потребно на дата-центрите за да работат?

 
 

Во основа, на компјутерите им е потребна електрична енергија, но и системи за ладење, кои често користат вода за опремата да не се прегрее.

 

Типичен дата-центар наменет за ВИ може годишно да потроши електрична енергија колку 100.000 домаќинства. Според проценка на Меѓународната агенција за енергија од 2025 година, најголемите дата-центри што моментално се градат ќе имаат потреба од дури 20 пати повеќе.

 

Во 2024 година дата-центрите во светот потрошиле околу 415 терават-часови електрична енергија, односно околу 1,5% од вкупната светска потрошувачка на струја.

 

Според извештај на Lawrence Berkeley National Laboratory, до 2030 година дата-центрите би можеле да учествуваат со 9,5 до 15,3% од вкупната потрошувачка на електрична енергија во САД.

 

За ладење најчесто користат свежа вода од локалните водоводни системи. Други видови вода, како солената, можат да ја оштетат опремата бидејќи при испарувањето оставаат сол и минерални наслаги.

Центрите имаат големи климатизациски системи, вентилатори и цевки со разладена вода што ги ладат компјутерите, кои при непрекината работа создаваат огромно количество топлина. 
 
 

Каква е врската меѓу дата-центрите и сè поголемата употреба на ВИ?

 
 

Вештачката интелигенција им овозможува на компјутерите да извршуваат задачи слични на човечките способности, како перцепција, расудување, учење и решавање проблеми. Системите за ВИ се обучуваат врз огромни количества податоци.

 

„Секојдневните дигитални комуникации, интернетот, банкарството, здравствените системи, cloud computing, гејмингот и веб-страниците користат оддалечени сервери, а со тоа и дата-центри“, објаснува Ке Ксу, професор на Rochester Institute of Technology, кој развива енергетски ефикасен хардвер за ВИ.

 

Според него, ВИ ги променила и обемот и видот на компјутерската обработка, но и интензитетот со кој обичните корисници ја користат.

 

Една онлајн-продавница, на пример, може да бара релативно малку компјутерска моќ за секое барање. Но, обучувањето голем модел на ВИ може да вклучи илјадници специјализирани процесори што работат истовремено подолг период.

А кога огромен број луѓе истовремено поставуваат прашања на систем за ВИ и очекуваат одговор веднаш, потребна е значителна компјутерска моќ. 
 
 

Како нов дата-центар може да влијае врз локалната заедница?

 
 

Поддржувачите велат дека дата-центрите создаваат привремени работни места за градежници и електричари, како и постојани работни места за техничари, обезбедување и менаџери на објектите.

 

Тие можат да создаваат и приходи за локалните и државните власти преку даноци на имот, продажба и користење.

 

Но, национална анкета од јули покажа дека регистрираните гласачи во САД најмногу се загрижени поради потрошувачката на вода, можноста дата-центрите да се субвенционираат со јавни пари и потенцијалното зголемување на сметките за струја.

 

Цената на електричната енергија за домаќинствата во САД расте во последните пет години, а во некои области големата побарувачка од дата-центрите е значаен фактор.

 

Повеќе медиуми известуваат и за постојаната бучава што ја слушаат луѓето кои живеат во нивна близина. Жители на Вирџинија, Мичиген и Висконсин се жалат на непрекинато зуење.

„Њујорк тајмс“ објави дека дел од бучавата се ултранискофреквентни звучни бранови што човечкото уво не може да ги слушне, но нивните вибрации можат да се почувствуваат. Некои жители пријавиле хроничен недостиг од сон, несоница и други здравствени проблеми. 
 
 

Каде се дата-центрите денес и каде се градат нови?

 
 

Во САД моментално има повеќе од 3.000 дата-центри, од кои повеќето се во урбани средини, според Pew Research Center. Но, повеќе од половина од планираните нови центри ќе бидат изградени во рурални области.

 

До 2034 година во САД се очекува отворање на уште повеќе од 1.900 дата-центри, од кои стотици во Вирџинија и Тексас.

 

Некои од најголемите дата-центри што моментално работат се наоѓаат во Тексас, Аризона, Висконсин и Тенеси. Најголемите зафаќаат повеќе од 93.000 квадратни метри, односно површина приближно колку 17 фудбалски игралишта.

 

Amazon, Microsoft, Google и Meta поседуваат дата-центри низ САД, а постојат и компании специјализирани за изградба и управување со дата-центри, кои потоа го изнајмуваат просторот на други организации.

 

Компаниите избираат држави како Вирџинија и Тексас делумно поради даночните и други поволности, но и поради веќе развиената инфраструктура.

 

Вирџинија била една од првите држави каде што физички се поврзал MAE-EAST, еден од првите големи комерцијални центри за размена на интернет-сообраќај. Поради тоа, Северна Вирџинија денес располага со исклучително развиена интернет-инфраструктура и голем мрежен капацитет.

 

„Тексас се натпреваруваше на поинаков начин“, вели Николопулос. „Понуди земјиште, даночни олеснувања, голем капацитет за производство на електрична енергија и побрзо приклучување на електричната мрежа.“

На 3 август, гувернерот на Тексас, републиканецот Грег Абот, објави пауза во одобрувањето нови дата-центри додека државните институции не направат проценка колку струја и вода ќе трошат, дали добиваат даночни олеснувања и какви системи за ладење ќе користат. 
 
 

Овој текст првично е објавен од PolitiFact, кој е дел од Poynter Institute. (19 август 2026)

 

ОкоБоли главаВицФото