Шест раскршени сонети

31.08.2026 18:54
Шест раскршени сонети

 

И Исток Улчар настапува на книжевниот фестивал Друга приказна #11, во сабота навечер во Центар Јадро, во програмата „Овде паѓаат крупни зборови“.

 

ПРВ РАСКРШЕН СОНЕТ

Како да се судоку, решавам равенки зборовни,
на ритамски абакус пребројувам слогови:
технички предизвици сега си давам,
зашто здодевна е чувственоста
што само баналност нуди.

Мислата скусена
многу збори —
стамен
камен
што говори
мантра избрусена.

Стиховни маневри луди:
умешност ја уби девственоста,
вештината на пиедестал ја ставам —
макар морал и да изминам трња глогови,
макар и кожа ми распарале грмушки коровни.


ВТОР РАСКРШЕН СОНЕТ

Нешто кое нема никој да го разбере пишувам,
доколку сите лозите си ги разграниме
во некојси латиничен затапен крај —
кај страшен јастреб ни колва прсти,
нем виј ни задушува глас,
и нашиот јазик
го каснува
стршлен.

(Бршлен
нараснува?
Та, ќе да е празник!
Се стопи ли западен мраз?)

Само на гласните усни цврсти
им останува зборот в непокорлив сјај.
Сепак, како ли речта да си ја одбраниме,
штом нашата челад везден туѓи букви издишува?


ДЕВЕТТИ РАСРКШЕН СОНЕТ
(кас е сега моќ тешка)

Искри нов огномет зад ребрата едвај зацелени!

Кога ми зборува, светот веднаш онемува;
штом смеа ѝ чујам, времето сопира:
грло меко музика ѝ пее.

Им се предадовме бурно
на желбите жарки
и родивме
радост —
младост
оплодивме
со спомени јарки.

Ни в порој не ни е тмурно:
низ умот бистар мир ни се лее,
долж души тих спокој ни продира;
сомнежите како пареа ни ги снемува,
срамот и стравот за навек в неврат ни се иселени.


ОСМИ РАСКРШЕН СОНЕТ

Желни ни треперат тела за туѓиот допир вжештен,
ко полен на прсти пчелини да се слепиме.

За од избрзан блуд да не прегориме,
успеваме да се воздржиме
веднаш да разоткриеме
тајни што очи не
можат да ги
кријат.

Бијат
срца, снаги
в страст — ум да почине!
Од врел грб нокти триеме,
колкови нажарени си држиме —
повтежите правилно си ги водиме.

По чинот замелушено гушнати лежиме —
таа ко дете озарена, јас ко лудак исклештен.

 

ДЕСЕТТИ РАСКРШЕН СОНЕТ

Отмено дотеран дечко, со скап парфем намирисан,
подготвен е за рандевуто во осмиот час.

Полн надеж си повторува безброј пати:
„Ноќва ќе легнам, ноќва ќе легнам...“
Но, и образите руди
ќе ѝ ги милува,
саноќ ќе ја
љуби.

Губи
ум без неа
штом ден му минува!

(Татко му помош понуди:
„Дај краватата да ти ја стегнам“)
На старците, уште пред квака да фати,
шеретски им довикна: „Отидов на судар јас!“

Веднаш штом тргна од дома, здраво го закачи „нисан“.


 ШЕСТИ РАСКРШЕН СОНЕТ

Сонливи привиденија се распослале по сводот:

на лаѓа од дожд морнарите буна кренале —
срамота капетан папагал да нема!

Брези никнале од облаците,
кај лилјаци свиле гнезда.

Капки дождовен брод
наврнале
призма,

в пизма
насрнале
зла од сивиот род —
бесна безбојна наезда
им се вдала на божилаците,
нетрпелива шаренило да снема.

На лебдечките дрвја гнездата им свенале.

Папагал со морнар на рамето го запловил бродот.

 

Слики: Georg Baselitz

Извор за текстот: исток ј. улчар - бела, РАСТ Е НИЕ (Илика, 2025)

 

Белешка за поетот

Исток Ј. Улчар - Бела е германист и филолог. Автор е на досега 6 објавени книги песни (Сенки низ циркускиот шатор, 2014 – Антолог; Интензивен курс по агонија, 2016 – Темплум; Стихотворбите на Хрвоје, 2018 –ПНВ публикации; Порој од пепел, 2020 – Полица; Молох 2,2021 – Македонија презент) и на еден словенечко-македонски поетски избор („Lidija na obali/Лидија на брегот“, 2020 – независно издание). Настапувал на повеќе поетски читања и фестивали во земјата (Струшки вечери на поезијата, Поетска ноќ во Велестово и др.) и странство („Вече отворених микрофона“ и фестивалот „Допир на Македонија“ во Белград). Добитник е на првата награда на фестивалот „Бдеење на кокински мугри“ за песната „Вежба“, подоцна објавена во „Молох 2“.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото