Коментар: Колите ги избркаа луѓето од градот

31.08.2026 19:06
Коментар: Колите ги избркаа луѓето од градот

Простор резервиран за коли; Луѓето нема што повеќе да бараат тука, во пустинава од асфалт и бетон; Некогаш овој простор го ширеше духот на градот; Омаловажувачки пешачки острови, сé за автомобилите.

Скопје ги живее последните денови како град, пред повторно да се претвори во бескрајна колона од коли што е побавна од пешак, во глетка на коли што само што не почнале да се паркираат едно врз друго и не е плод на АИ, туку е реалност, во тешко загадена средина, и со отровни гасови, и со бучава.


Како и секоја друга еуфорија што ќе биде оставена да прерасне во фанатизам, така и евтиниот увоз на користени автомобили смени многу во секојдневието, во погрешна насока. Но, тој фанатизам се хранеше и со погрешни решенија, за коишто мораше предвреме да се согледаат последиците.

Какво ли е само изненадувањето, кога во средината на август, веројатно во најубавиот период од годината во Македонија, ќе се сетите да појдете пеш по старите скопски делови, што уште се неиспоганети од оној уфилман слој, што уривајќи го вистинскиот град продава приказна дека создава подобар град, и ќе почувствувате разладувачка сенка, мир од разбрмчени дизели, чист воздух – едноставно, задоволство.

И зошто ова е автомобилска тема, што дошла на ред да се објави токму на Аутомедиа? Затоа што срединава уште се нема освестено, дека со автомобилскиот фанатизам си ги избркавме луѓето од градот, во отсуство на политика којашто ќе се грижи и за нешто друго, освен само за масовно трошење нафта и исто толку масовно полнење на државната каса.

Кога ќе се вратите од летен одмор, наидувате на една несекојдневна, или поточно, заборавена и обесценета слика на Скопје. Денес веројатно до многумина останал непренесен духот на Градот, оној каков што луѓе го памтат, пред да се претвори во оваа чудна средина.

Денес се останати одвај неколку места, на коишто луѓе уште можат да се движат човечки достоинствено, без да гледаат дали некој терач на автомобил ќе им влета да ги прегази од лево, десно, или ќе им падне од небо, иако и тоа пак е со голема резерва: Паркот, плоштадот Македонија, парковите меѓу зградите во Аеродром, кејот. Можеби уште најмногу две или три такви места.



Тука најверно се прикажува фанатичкото воздвижување на колите; Место простор за деца, коли во училишниот двор

Точно е дека луѓе денес „се шетаат“ со автомобил

Некогаш спасоносното Водно е претворено во шеталиште со автомобили. Додека порано уште можеше да се направи прошетка по патчето од средно Водно до Свети Пантелејмон, денес не само што е голема веројатноста за човек да биде качен на хауба, туку и ќе остане испоотруен од гасовите на евтиниот луксузен крш на којшто му се искорнати филтрите. На крај, сфаќате дека ќе било многу подобро и поздраво, да сте останеле долу меѓу зградите.

Веројатно повеќе од половината од оддишката што порано овозможуваше луѓе да се движат пеш, со велосипед сами или семејно, со детска количка, денес е урната. Таму каде што некогаш се извишуваа раскошни дрвја и народот се движеше без да го влечка на поводник автомобилот покрај себе, денес е послан асфалт или е нареден бетон. Или многу поверојатно, крената е зграда како чир.

Ништо поразлично од пустина; Град што не им дава шанса на луѓето да се движат без автомобил дење, како што беше некогаш, со сенки, простор за провев меѓу зградите


Се сеќавате на некогашниот „раскош“ што го нудеше градот на денешна Климент Охридски


Повеќе од два километри градска улица се уназадени во автопат. Целата должина на денешна Свети Климент Охридски, почнувајќи од влезот во гаражите во Влада, до кртосницата со некогашна Мито Хаџивасилев Јасмин, денес Свети Кирил и Методиј, кај исто така некогашна Нова Македонија, остана без душата на местото, кога крвнички беше сосечен цел дрворед, со бесценетото шеталиште под крошните, за кое што секој од тоа време има своја приказна. Не знаеја кутрите сечачи на историјата на градот, зошто служат тие дрвја на толку „непотребна“ локација.

За одење пеш или возење велосипед остана само една понижувачки тесна патека, по којашто што уште оттогаш се нема нагазено на друго освен на прашина, валканици, отпад – и на тоа што не е да се спомне. Како да им објасни некој на денешниве градители, зошто во времето на дрворедите од Влада до Нова Македонија, таму постојано имаше движење на народ, посетени кафулиња на глас, ресторани, дружење, луѓе, град?

Пример како за кусо се врати уличниот живот на Орце Николов, и пример како истиот брзо се уништи, откако Ге Ге ги симна островите за колите да му врват побрзо и камионите да носат потешко


Коцка на Водњанска?


Некој ќе се сети и на времето на коцката на Водњанска. Впрочем, целиот тој потег во должина од два километри, почнувајќи од Влада, денес е незамисливо да се изоди пеш. Прво е врева, и за таа да се преживее без последици, мора да се натнат слушалки, второ е отровен воздухот, затоа што на еден метар летаат стари дизели, а трето веројатно и не е потребно, покрај првиве две. Можеби сенката што тогаш нé штитеше од жештината кога ќе тргневме низ градот.

Истото се повтори со Илинденска, од Влада до 8-ми Септември. Со до денес жално недораснати дрвца наоколу, делот на стогодишните куќи е престорен во тунел, каде што одекнува уште толку од залетаните дизели. Кој уште помни, со какво богатство некогаш располагаше градот? Ако денес се охрабрите и се опремите да одите таму, со слушалки и со маска за дишење, голема е веројатноста да ве погоди некој велосипедист што прочитал знак дека тоа е само велосипедска патека. Тротинетисти? Не е проблемот до тротинетите, туку до нивните терачи. Сé што е ставено на тркало, гледа да те згази во овој град.

Од времето кога тогашните налогодавачи за уривање на стариот град, за да го направат нивниот нов и лош град, препорачуваа луѓе да јадат повеќе портокали за да се справат со отровната концентрација на канцерогени честички ПМ во воздухот, денес ни се останати и омаловажувачки скусените пешачки острови долж Партизанска, стоењето метар од колона залетани автомобили, комбиња, камиони, среде двата правци – кога не е толку незамисливо да се погоди некој што ќе те турне под тркала, за да слика за тикток.



Додека не се вратат колите и се наредат во смрдливи и бучни колони, овој простор е неискористен, град опустошен, или подобро пустинизиран, без некогашните дрвја, широки тротоари на Илинденска

Ретко враќање на градот во градот се случи на улицата Орце Николов


Во времето на Саша Богдановиќ, кој имаше чудно западнато во таква несреќна „есдеесовидна“ средина, се случи историска пресвртница на улицата Орце Николов. Историска улица за градот. Коловозот се стесни, се поставија дрвореди, широки патеки за пешаци, посебно патека за велосипедисти, „острови“ со коцка за да ги забават возачите на автомобили.

Можеби тоа ќе збуни некого, но градот го прават луѓето, не автомобилите

Тоа го врати животот на улицата. Одеднаш почнаа да се отвораат кафулиња, но не на утната, туку на вистинска локација, затоа што беа масовно посетени. Се вратија луѓето, се врати градот. Можевте да видите луѓе како се движат, некоја убавица што ќе ви го направи денот, физиономија на урбана средина, архитектура, да слушнете џагор, да ве изненади некоја песна што ви побудува сеќавања движејќи се по улицата.

И како што сé биднува во оваа средина, кога сите почнаа да уживаат во таа оаза, се случи Ге Ге, односно денешниот божем градоначалник на Центар. Место да се поправат островите со коцка, оштетени од камионите со бетон за масовното „обезградување“ и да се воведе контрола што смее да се движи по улицата – да гоп уништува тоа за штоп се потрошени пари на народот – коцката на островите се замени со асфалт и истите се спуштени пониско, за да може полесно да се прелетува преку нив. И што се случи? Ге Гето го отепа штотуку вратениот град во центарот. Луѓе седнуваат таму сé поретко и сé покусо, избегнуваат да се движат таму.



И, една освестувачка и подеднакво развеселувачка глетка при фото-репортажата: Вангел Коџоман Помладиот, со големото уметничко име, го црта градот; Како инаку ќе посведочи човек на овој возвишен момент, ако постојано седиме во коли и гледаме да паркираме веднаш пред врата · Сликата води до вебсајтот на Вангел

Моловите да се изградеа надвор од градот?

Врвот во одземањето на градот од жителите се случи со моловите. Како чирови што не се повлекуваат, туку напротив само шират зараза наоколу, тие се изградија на највредните места, коишто требаше да останат поштедени. Најголемиот метеж денес се случува кај Сити Мол, Ист Гејт Мол, разни Дајмонди, Џевахири и слични креации, што се со далеку постратешка улога од привременото глумење функција на градски трговски центри.

Зошто истите не се изградија надвор од градот, кога веќе сите доаѓаат со автомобил? Зошто во градскиот парк упорно се отвораат хотели, свадбарски ресторани, фирми со адреса на остров, којзнае уште што се нема населено таму, кога сé доаѓа со автомобил – каде што е доволно двајца да се затепаат за предимство на свијокот на министерството и секакво движење да се блокира. Некогаш дискотеки, во иднина забавни паркови, денес шеталишта за кучиња, функционирале и функционираат на место каде што и без тоа луѓе доаѓаат со автомобил.

Уште едно дело на Вангел Коџоман Помладиот што оди во смисла на идејата, дека не го прават градот автомобилите, туку луѓето се градот; https://www.instagram.com/vangelkodjoman

Некој ќе рече, па што да правиме со автомобилите?


Тоа што градот исто така го поседувал некогаш, тоа секако и пред сé е градскиот превоз. Затоа и се нарекува градски превоз, затоа што е превоз што му користи на градот, привлегија што може да си ја дозволи секоја урбана средина. Но, провизиите секогаш се во игра, тоа решава. Народот трпи затоа што некој чека поголема провизија. И касата се полни одлично, колите трошат по петнаесет литри додека чекаат во неред, а повеќе од половина од цената за горивото, оди за акцизи, даноци, разни организации, поправки на патишпта, заштита на животна средина – во основа, тоа е најсилната „стопанска“ гранка во земјава во изминатите две децении, откако масовно се увезуваат евтини стари коли, за секој да полни буџет. Затоа немаме градски превоз.

И, ако некој е толку наивен и се надева дека нови автобуси ќе го решат хроничниот метеж во градот, па ќе можат повторно со автомобилите да летаат по улиците, вистината е дека тој автобуски превоз ќе добие вистинска смисла и корист само ако се скусат или се одземат лентите на коишто сега се туркаат автомобили. Место три, веројатно само една лента. Тој е основниот принцип во големите градови низ светот.

Уживањето во возењето автомобил е надвор од градот, треба со автомобилите да почнеме да излегуваме од градот

Аутомедиа, како медиум за автомобили, и авторот на овој текст, со повеќе од тридецениско искуство во автомобилската бранша, секако дека нема намера да одвраќа од користењето автомобил или од обожувањето и воздигнувањето на индивидуалната мобилност, на првиот и најважен степен на слобода. Но, зарем не би било подобро, оваа наша прекрасна Македонија, повторно да се отвори за патување со автомобил. На само петнаесет минути возење надвор од градот, во која било насока, се излегува во природна средина. Во средина во којашто се враќа достоинството на човечкото живеење.

Некогаш се излегуваше од градот до Сарај, Матка, до езерото Треска, секако на Водно, пред да стане паркиралиште, засмрдено и хаотично, па уште и шеталиште за автомобили. Катланово, Скопска Црна Гора, Лешок, Пуста Брезница, Китка, секаде се доаѓа со автомобилите што си ги трошиме бескорисно и наивно, туткајќи се во колони, додека никој одговорен не се наоѓа за надлежен, да му овозможи на народот да се движи повторно слободно и да не го троши времето во чекање, само додека појде две три возила понапред,. Па, потоа пак чекање.

Словенија уште пред неколку децении го најде решението во евтини вињети место скапи патарини

Свеста дека со автомобил може за час да се дојде до прекрасни места низ оваа наша света Македонија, може да се врати многу лесно, ако се следи примерот на Словенија. Земјата што со право тврди дека не му припаѓа на Балканот, уште пред неколку децении реши да воведе систем на вињета со достапни цени, место да крева патарини на секои пет километри.

Некој умен и некоја умна, се сетиле дека со тоа се поттикнува туризмот, се пуштаат луѓе да се движат низ земјата, да носат прогрес, да отвораат нови шанси, да го искористат тоа што го имаат. Славниот Рут Сиксти Сикс во САД, меѓу другото е изгден со слична замисла пред сто години. За денес да извозите до езерото Младост, на пример, пред Велес, на одвај 40 километри пат, треба за патарина да се плати 240 денари. Ако четирипати во годината го повторите тој потфат, тоа се близу 1.000 денари. Ако случајно, пак, возите до Гевгелија, тоа ќе чини 720 денари. Со колку пари за патарина во блиска иднина ќе се вози до Охрид, Гостивар, Битола?

Од одење пеш или возење велосипед низ град, „никој“ не заработува

Но, малку е веројатно дека нешто ќе се смени. Од тоа што народот ќе се осмели за повторно да прооди пеш, да вози велосипед, да шета низ градот, не се заработува. Нема бизнис во тоа. Нема кој да се рекламира и да ве освестува, нема егзибицинистички ликови што ќе препишат отстрана и ќе ви додеваат по друштвените мрежи. Единствено треба да се сетиме дека некогаш сме имале повеќе и подобро.
Затоа, да уживаме уште малку во овие десетина денови до почетокот на септември, па здравје, в година пак.

 

 

ОкоБоли главаВицФото