1018 hPa
53 %
23 °C
Скопје - Пет, 11.09.2026 09:00

Марија Ратковиќ е гостинка на фестивалот „Друга приказна“. Пренесуваме фрагмент (всушност, првите неколку страници) од нејзиниот роман „Под маицата“ од 2020 година.
Имав шест отсто батерија. Штотуку ги отворив очите и гледав во нотификациите. Еден friend request и една порака. Се смрзнав. Девојка што не ја знаев. Девојка што добро ја знаев бидејќи за неа знаев сè што можеше да се знае, ја следев околу пет месеци без прекин. Ја додадов на Инстаграм минатата година. Имаше убава слика меѓу некои палми. Околу пет месеци го знаев нејзиниот дневен распоред, сите проекти на кои работи, сите соработници, нови пријатели или места што ги посетила. Го знаев поголемиот дел од нејзините разговори, последните пет врски, сите роднински односи и сите роднини до периодот отприлика околу Втората светска војна. Знаев кога имала финансиски проблеми или љубовни бродоломи, семејна историја на болести и моден вкус. Знаев дека има лажни профили на Инстаграм и Фејсбук. Некогаш си ја лајкува сопствената слика. Не е неписмена за мрежи. Има повеќе профили, дефинитивно. Сите теории велат дека сите мора да имаме свои бот-профили. Што поради лајкови, што поради шпионирање. Најдобро е профилите да бидат генерички, нешто смешно или потребно – како блог за мамички, бисквити во млеко или некој производ. На нејзиниот личен профил немаше многу за гледање. Веројатно нема време. Па сепак, сè најважно е тука. Изгледаше дека е убава и духовита. Многу патува. Можеби малку пресериозна. Некогаш се шегуваше грубо, некогаш усилено, некогаш со измислени хештази, што само таа ги разбира. Малку пријатели, но главно вистински. Следи некои шминкерки. Доста слики од странство. Точно го знам тој тип луѓе што водат досаден живот. И после, кога и да излезат, се сликаат. Често се мислев дали има мани. Можеби е строга или ситничава. Можеби нема карактер. Можеби е премногу добра или лековерна. Често ме интересираше дали можеби ја држи чашата бело вино погрешно. Консумира шеќер. Се дебелее и слабее, сигурно тоа ја нервира. Кога си дебела, мораш да го криеш газот или нозете. Кога ќе ослабиш, цицките висат. На сликите се собира. Става нога зад нога. Тоа го прават жени што мислат дека се дебели. Се виткаат и искривуваат за да зафатат помалку простор. Или за да им се спојат цицките. Се прашував дали вежба пред огледало. Дали вежба воопшто, не изгледа како спортски тип. Иако делува како да знае да плива. Ја натопува косата, не е од оние што пливаат исфенирани со главата над вода. Изгледа како некој кому тоа не му е битно. Но сепак, на сите ни е битно. Има искрена насмевка. Можеби е среќна. Се смееше раскошно и гордо, како некој што со години носел протеза. Можеби се слика само кога е среќна. Тогаш и не е баш нешто среќна. Има само 262 слики на Инстаграм. Или барем имаше толку последниот пат кога проверував, пред околу пет месеци. Тогаш ја блокирав.
.jpg)
Сите тие мисли ми поминаа брзо пред очи, како животот. Се пресеков. Што ако открила дека сум ја блокирала дури сега? И сега ме бара за да ме праша зошто. Што да ѝ кажам? Извини, те блокирав зашто ме замара да учествувам во твојот живот. Не можам да се будам наутро и да се прашувам дали мирно си спиела или дали си се опила синоќа или си се карала цела ноќ. Не можам да бројам колку денови одмор си искористила и да размислувам каде го минуваш викендот споен со државен празник. Не сакам твојата слика од Берлин да ме изненади. Мака ми е од тоа што имам опсесивна желба да ти се јавам, или да ти напишам писмо, да ти кажам здраво или да те прашам дали намерно не ме следиш или ме следиш од друг профил, а јас не знам кој е тој профил. Ме занима дали знаеш дека јас постојам или не знаеш, но невозможно е да не знаеш, оти ти сигурно го знаеш секој од твоите 852 фоловери и знаеш дека не ме знаеш. Сакаш да следиш што помалку луѓе, логично, затоа не си ме додала, и зашто имам отворен профил. Се чувствувам малку изложено зашто имам отворен профил. Секој бесплатно може да гледа во него и да го прави истото што го правам и јас – да ми ги пребројува лајковите, коментарите, да ми се загледува во цицките или газот. Секој може да верува дека ме знае. Се тешам со тоа дека секого го боли гз. Се тешам со тоа дека сите не се опсесивни лудаци како мене. Се надевам дека не постојат многу луѓе слични на мене. Понекогаш ме пресекува страв дека и таа гледа во мојот профил. Се тешам дека можеби пати бидејќи имам повеќе лајкови, помалку сало или поубава фризура. Размислувам за тоа дека, како многу девојки, им го покажува мојот профил на другарките и им вели само пази да не стиснеш лајк, некогаш речиси ме успива таа мисла дека нејзе сигурно ѝ е полошо од мене. А потоа си мислам – што ако не е?
.jpg)
Можеби би било добро да ја сретнам, да ја прашам нешто или да ѝ напишам писмо. Сакам да бидам искрена. Но не знам во кој универзум можам да бидам навистина искрена и да кажам:
Драга девојко,
Понекогаш ноќе, кога ќе легнам, прво долго плачам бидејќи не можам да одолеам да гледам во твоите 262 слики, и размислувам како ти ја удирам главата од рабник. Го замислувам твојот последен поглед, поглед на неверување, пред да ти го скршам челото, носот, пред парчињата коски да се помешаат со месото од образите, крвта, очите да ти истечат, да се растегнат како пивтија, и целата предна страна на главата да ти стане аморфна маса, додека темето е уште топло, а косата свиленкаста и тенка, но без волумен. Замислувам како со нога ти го кршам рбетот негде во висина на градите. Речиси ја чувствувам формата со која ѓонот од мојата патика се втиснува во твојата рамномерно поцрнета кожа. Некое глупаво жолто кежуал памучно фустанче со отворен грб што го носиш и кое порачува дека физичкиот изглед не е битен, битно е доброто зезање, сега лежи расфрлано по тротоарот. Одзади изгледа како да си паднала пијана. Не чувствувам радост или задоволство, чувствувам само благо олеснување и мир. Те шутнувам уште еднаш, а ти не се мрдаш, и дури тогаш си заминувам.
Ако бидеме искрени, мислам на тоа околу десетина минути, дишејќи длабоко на стомак, ме смируваат мислите како ти пука главата, како крвариш, како крвта бавно тече по тротоарот и се меша со канализацијата. Патувам низ канализацијата заедно со твоите остатоци и со гомната. Се влевам во река, со реката течам понатаму кон морето, морето се влева во океан. Малку сум уморна од насилството кое штоку го извршив, малку ми се приспива. Несоницата си оди како со рака однесена. Го навлекувам преку глава пердувестиот јорган, се загревам. Се вртам на страна и заспивам. И така секоја ноќ. Плачам, потоа те убивам, па заспивам. Поз.
Искрено,
М.
Таа девојка, која околу половина година ја убивав секоја ноќ пред спиење, бидејќи тоа е единствениот начин да заспијам, ништо специјално не ми направила. Глупачката која радосно се смее и се слика, става хештази и емоџија ништо не насетувајќи, веројатно е единствениот доказ за фактот што грижливо го кријам. Освен што десет минути размислување за разновидни тешки злосторства врз неа за мене е исто како јога или поезија, таа навистина не е никој посебен.
Само девојка на мојот бивш.
Која, изгледа, иако немам поим како, денес ме провалила.
.jpg)
Фрагмент од романот на Marija Ratković - Ispod majice (2020)
Превод: П. В.
Цртежи: Kaye Blegvad - BABY'S IN BLACK
Марија Ратковиќ за себе:
Писателка,живеам и работам во Корнвол во Англија, родена во Југославија. Објавив роман и раскази во повеќе антологии и книжевни списанија во југословенскиот регион и во странство. Пишувам за ТВ и филм и се бавам со научна работа во областа на сеќавањето. Пишувам за да ги именувам неименуваните делчиња срам, несигурност, досада, возбуда и каење.
Покрај пишувањето, работам во Школата за филм и телевизија на Универзитетот во Фалмут и истражувам како приказните се менуваат низ различни култури. Дел сум од програмата Word Space 2026–2027 за авторки и автори во подем на здружението Literature Works. Го завршувам првиот роман напишан на англиски јазик.
Пишувам. Многу.