Летна апатија (шест песни)

02.09.2026 16:37
Летна апатија (шест песни)

 

И Стефанија Граовац ќе настапи на книжевниот фестивал Друга приказна, во сабота, 5 септември, во 21 часот во Центар Јадро. Овде донесуваме нејзини шест нови песни: Летна апатија, Тревка, Го вртам погледот настрана, Улица на тагата, Демонот од 25ка и Оп-скок Тик Ток.

 

ТРЕВКА

Две згради градежникот спојува,
меѓу нив мала нежна тревка опстојува.
Танцува тука одамна, на ветрот се вее,
шумоли тивко, нечујно пее.
Ќе ја згазне ли дете, маж со чевли лакирани,
госпоѓа со нокти полирани?
Oд страв да не свене можеби ќе стане прав?
Безначајна пред граѓанинот што ита
и не го чувствува нејзиниот ритам.


ЛЕТНА АПАТИЈА

Сонце. Горештина.
Црна е волјата,
прегорена е бојата
на мислите стуткани во умот.
Шумат како бладање,
нечујно сврдлечко страдање.
Се склопчувам, се заклучувам.
Не можам да спијам,
во подрумот на светот се кријам.
Сонце. Горештина,
неподнослива жештина.
Сè што ме печело е изгорено,
во прав претворено.
Мувите навратија.
На вратата Апатија.

ГО ВРТАМ ПОГЛЕДОТ НАСТРАНА

Со себе носиш камења од тишина,
се тркалаат кон мене
во последно време.
Вртам поглед настрана,
јасно ми е од нас што стана.
Раширените раце сега се прекрстени,
без допири, рамките се зацврстени.
Вртам поглед настрана,
јасно ми е од нас што стана.
Бев принцеза и кралица,
на твоето срце царица.
Невидлива сум сега жена,
се губам ко морска пена.
Вртам поглед настрана,
јасно ми е од нас што стана.
Кревка ко пајакова мрежа,
на студен кревет сама лежам.
Вртам поглед настрана,
јасно ми е од нас што стана.


УЛИЦА НА ТАГА

Си одиш.
Телото ми е тука
но духот ми лута
во улица темна,
осамена, скриена,
улица на мојата сага,
улица на мојата тага
од солзи полна со влага.
Улица џез обоена,
тажно настроена,
под јорган од мрак
темниот мој сокак.
Си одиш, а јас се губам пак.

 

ДЕМОНОТ ОД 25ка

Во автобус се возам
Пред мене екранче:
Греби и добиј станче!

Девојка со голема глава
Фарбана плава
Намига и совет ми дава:
Уплати за милион
Да си оствариш сон!

Автобусот се движи
Кадарот се повторува
Лудило ми се присторува
Загушливо е и тесно
Одвај најдов место.

Ама за што?!
Да имам ваков призор
На демонски телевизор!?


ОП СКОК НА ТИК ТОК
Оп-скок!
Оп-скок!
Тик Ток!
Неколку секунди имаш рок
да понудиш информации,
што пократки формулации,
да скокаме од рил на рил,
оп-скок животен стил!
Трпение македонско — познато,
одамна спознато,
со маки стекнато,
во умот штрекнато —
се руши со секој клик.
Оп-скок!
Оп-скок!
Тик Ток!
Времето минува,
животот посинува.
Не можеме да ја видиме ни бојата,
во телефон ни е заглавена волјата.
Искасани од разни информации,
правиме шестсекундни опсервации
на глупостите од сите нации.
Часовникот е во криза,
од бескрајната Тик Ток низа!
Оп-скок!
Оп-скок!
Тик Ток.

Слики: Daieny Chin

ОкоБоли главаВицФото