Референдум за референдум за името

04.04.2011 13:02
Референдум за референдум за името

Скопје, Македонија - Собранието на вчерашната седница донесе одлука за одржување референдум на кој граѓаните ќе треба да се изјаснат по прашањето за одржување референдум за промена на името. Одлуката се донесе со 73 гласови „за“ по претходната петчасовна расправа на која дојде до бројни пресметки меѓу пратениците од власта и опозицијата, кои имаа спротивставени мислења околу предлогот.

Според одлуката, референдумот ќе се одржи во недела на 18 мај, а референдумското прашање ќе биде „Дали сте за одржување референдум на кој ќе се одлучува за евентуална промена на името на Република Македонија?“. Нормално, право на глас ќе имаат сите полнолетни граѓани кои ќе треба да заокружат еден од двата одговора – „за“ или „против“.

- Ние цело време зборувавме дека ако евентуално дојдеме до компромисно решение за името, него ќе го ставиме на референдум за граѓаните да одлучат дали се за или против, но добивавме и многу критики. Најчесто, опозицијата велеше дека со самото тоа што граѓаните нè изгласале, ни дале и право да одлучуваме за вакви прашања, а некои велеа и дека референдумот ќе биде само уште едно непотребно трошење пари. Бидејќи коментарите беа различни, ние решивме да се обратиме кај граѓаните и од нив да побараме одговор, да видиме што мислат тие, дали се за ваквата идеја. И се разбира, нема подобар начин за да се провери мислењето на граѓаните од референдумското изјаснување.

На почеток размислувавме за анкета која би ја спровел институтот „Павел Шатев“ или евентуално „Димитрија Чуповски“, но знаете какви се коментарите за анкетите. Не ги признаваат или велат дека се нарачани. Вака, нема што да кажат бидејќи на референдум можат да гласаат сите полнолетни граѓани и сами да одлучат дали треба да направиме референдум за името - ја објасни одлуката премиерот Никола Груевски, воедно и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, партијата која го поднесе предлогот за референдум за референдум во Собранието.

Премиерот ја даде изјавата еден ден пред седницата, а демантот стигна другиот ден, на собраниската седница. Опозицијата во Собранието нудеше контрааргументи за предлогот за референдум за референдум, кои, пак, обично беа повторување на аргументите за првично замислениот референдум за името со мали модификации.

- Референдум за референдум? Ако претходно ве критикувавме дека планирате да потрошите илјадници евра за одржување еден референдум, што очекувате да кажеме сега кога креирате можност за одржување два и трошење двојно повеќе пари? - праша Емилијан Станковиќ од СДСМ.

На ова следуваше одговор од спротивниот табор.

- Зарем вие имате образ да говорите за трошење пари? Па, колку само пари вие искрадовте од граѓаните, сега нè критикувате за одржување на најдемократската можна форма во една демократија... - возврати Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Во име на најголемата опозициска партија продолжи Цветанка Иванова:

- Не знам кој само ги смислува овие глупави идеи, ама дефинитивно поглупава идеја не можевте да измислите. Браво. Со секој нареден ден како вие сте на власт Македонија сè повеќе тоне и тоне, а вие се занимавате со вакви глупости - рече Цветанка Иванова од СДСМ.

Одговорот од спротивниот табор дојде преку Анета Стефановска.

- Мајко, сопруго, бабо, свекрво, што е проблемот со тебе, што е таа некултура да навредуваш мажи во Собранието како координатор на пратеничката група? - рече Анета Стефановска од ВМРО-ДПМНЕ.

Набрзо во кавгата се вмеша и ЛДП.

- Море само ако ви ги пуштиме магарето и змијата... тогаш ќе ве видам кај ќе бегате. Фатиле овде се караат по цели денови додека граѓаните го бараат излезот од лавиринтот. Е сега има излез. Ајде драги граѓани, ајде повелете наваму кон излезов - изјави Андреј Жерновски од ЛДП.

Веднаш по седницата повторно со став излезе и премиерот, кој рече дека е изненаден од приемот на идејата кај пратениците од опозицијата.

- Ние знаеме дека СДСМ не размислува за доброто на граѓаните, туку само како да дојде на власт, но, сепак, јас навистина не можам да сфатам зошто сега не ја прифаќаат идејата за референдум на кој граѓаните ќе одлучат дали треба да се одржи референдум. Што треба да направиме за да нè поддржат? Да организираме референдум на кој ќе ги прашаме граѓаните дали треба да поднесеме предлог за одржување референдум за референдум за името до Собранието?!? - запраша премиерот Груевски.

До затворањето на весникот немаше повратен одговор од опозицискиот СДСМ, но според нашите неофицијални информации, од партијата ќе излезат со листа барања, кои власта ќе треба да ги исполни доколку сака да се одржи референдумот за референдум.