Провинцијалноста на малите и на големите

04.04.2011 15:05
Провинцијалноста на малите и на големите

Провинцијалноста на малите

Како да се дефинира провинцијалноста? Како неспособност (или одбивање) да се види сопствената култура во големиот контекст. Има два вида провинцијалност: провинцијалност на малите и провинцијалност на големите. Големите народи имаат отпор кон идејата на Гете за светската книжевност зашто мислат дека нивната книжевност е доволно богата за нив, па не мoраат да се грижат за она што се пишува на други места. Казимјеж Брандис тоа го кажува во своите Carnets, Paris 1985-1987: „Францускиот студент има поголеми ограничувања во познавањата на светската култура од полскиот студент, но тој може да си го дозволи тоа зашто неговата култура повеќе или помалку ги содржи сите аспекти, сите можности, сите фази на светскиот развој“.

Малите народи се воздржани кон големиот контекст токму од спротивните причини: многу ја почитуваат светската култура, но таа им изгледа како нешто туѓо, како небо над нивните глави, далечна, недостижна, како некаква идеална реалност со којa нивните народи немаат многу заеднички нешта. Малиот народ му сугерира на својот писател дека не припаѓа на никој друг освен на својот народ. Насочувањето на погледот надвор од границите на својата држава, здружувањето со колегите надвор од националната територија на уметноста, дома се прикажува како нешто претенциозно, надмено, некоректно кон сонародниците. А бидејќи малите народи често поминуваат низ драматични ситуации, во кои станува збор за тоа дали ќе постојат или нема да постојат, лесно им поаѓа од рака својот став да го објаснат како морално исправен.

Кафка пишува за ова во својот Дневник; од позиција на „голема“ книжевност, т.е. од позицијата на германската книжевност ја набљудува еврејската и чешката книжевност; малиот народ, вели тој, искажува голема почит кон своите писатели, зашто тие му даваат храброст, „во однос на непријателскиот свет кој ги опкружува“; книжевноста за малиот народ не е „работа на книжевната историја“, туку „народна работа“; токму таа поврзаност на книжевноста и народот го олеснува „ширењето на книжевноста, при што во сопствената земја се прифаќа преку политичките пароли“. А потоа доаѓа до оној изненадувачки заклучок: „Она што во големите книжевности се одигрува под површината и претставува некои неусилено подземје, тука се одигрува под рефлекторите; она што (кај големите народи) изгледа како минлив немир, тука станува прашање на живот или смрт“.

Овие зборови ме потсетуваат на хорската композиција на Сметана од 1864 година и на нејзините стихови: „Радувај се, радувај се, алчен гаврану, специјалитети, специјалитети те чекаат: со тој предавник на татковината ќе се сладиш...“ Колку сирова глупост, како толку голем композитор можел да ја сфаќа сериозно? Грев на младоста? Нема оправдување; тогаш имал 40 години. Всушност, што се подразбирало со тоа – „предавник на татковината“? Да се препуштиш на врбувањето на заповедта по која ќе се колат сонародниците? Сешто: предавник бил секој Чех кој бил подготвен да ја напушти Прага за во Виена или во Берлин спокојно да се предава на германскиот живот. Како што Кафка рече, она што на друго место „изгледа само како минлив немир, тука станува ништо помалку од прашање на живот или смрт“.

Посесивните барања на народот кон своите уметници се искажува како тероризам на малиот контекст, кој ја редуцира смислата на делото на улогата која тоа ја игра во сопствената земја. Ги отворам старите списи за музичката композиција кои ги напиша Винсент де Инди во париската Schole Cantorum, која на почетокот од 20 век формираше цела генерација француски композитори.

Таму има поглавја посветени на Сметана и на Дворжак, особено за два квартети на Сметана. Што дознаваме од нив? Само една мисла, повторена неколку пати во различни варијации: оваа музика од „народен карактер“ е инспирирана од „народните песни и игри“. Ништо друго? Ништо. Плиткост и несмисла. Плиткост, зашто трагите од народните песни ги наоѓаме насекаде, кај Хајдн, Лист, Шопен, Брамс; несмисла, зашто токму овие два квартети на Сметана претставуваат многу интимна исповед, настаната како последица на личната трагедија; Сметана го изгуби слухот; неговите квартети (божествени!) претставуваат, како што самиот кажува, „вртлог од музика во главата на оглувениот“. Како Винсент де Инди можел да се измами до таа мерка? Најверојатно, не познавајќи ја оваа музика, го повторил она што го чул за неа. Неговиот суд одговарал на мислењето што чешкото општество го создало за своите два композитори; за да ја искористи нивната слава (за да може да ја искаже својата гордост „против непријателскиот свет што го опкружува“) ги собрало остатоците од фолклорот кои ги пронашло во нивната музика, од нив сошило национално знаме и го развиорило над нивното дело. Светот понизно или злонамерно) ги прифатил понудените интерпретации.

Провинцијалноста на големите

А провинцијалноста на големите? Дефиницијата е иста: неспособност (или одбивање) сопствената култура да се согледа во големиот контекст. Пред неодамнешниот крај на минатиот век еден париски весник спроведе анкета меѓу личности кои моментално припаѓаат на интелектуалниот естаблишмент - новинари, историчари, социолози, издавачи и неколку писатели. Секој од нив требаше да ги именува, според важноста, десетте најважни книги за историјата на Франција; потоа од тие триесет одговори редакцијата состави список од 100 книги; иако поставеното прашање („Кои книги ја создадоа Франција?“) можеше да даде различни интерпретации резултатот даде не помалку прецизна слика на она што денешната француска интелектуална елита го смета за најважно во книжевноста на својата земја.

Победи Клетници на Виктор Иго. Писателот кон не е Французин ќе се изненади од тоа. Иако никогаш оваа книга не ја сметал важна ниту за себе, а ниту за историјата на книжевноста, одеднаш ќе сфати дека француската книжевност, на која тој самиот и’ се воодушевува, не е истата онаа на која и’ се воодушевуваат во Франција. На 11 место се Воените сеќавања на Шарл де Гол. Да се даде толкаво значење на книга на еден државник, војник, генерал, тоа тешко може да се протне на кое било друго место освен во Франција. На крајот на краиштата, тоа не ми пречи, многу полошо ми изгледа тоа што најголемите книжевни дела доаѓаат дури по него! Рабле се најде дури на 14 место! Рабле дури по Де Гол! Во тој контекст се сеќавам на текстот на еден значаен француски интелектуалец, кој изјави дека на француската книжевност и’ недостасува личност на основач, како што е Данте за Италијанците, Шекспир за Англичаните итн. Навистина? Значи, Рабле во неговите очи нема никакво основачко значење? А сепак за сите големи романописци на нашето време Рабле (пред Сервантес) е основач на една цела европска уметност, уметноста на романот.

А романот на 18 век, на 19 век, таа слава на Франција? Црвено и црно, 22 место; Госпоѓа Бовари, 25; Жерминал, 32; целиот циклус на Човечката комедија, дури на 43 место (дали е тоа воопшто можно? Човечката комедија, без која европската книжевност е незамислива!); Опасни врски, 50 место; кутрите Бувар и Пекише, како задишани ученичиња, дотрчуваат последни. А има и одлични романи, кои нема да ги пронајдете меѓу најдобрите 100: Пармскиот катрузијански манастир, Сентиментално воспитување, Фаталистот Жак (разбирам, зашто само во големиот контекст на светската книжевност боде очи неспоредливата оригиналноста на овој роман).

А 20 век? Потрагата по загубеното време, 7 место. Странецот од Ками на 23 место. А потоа? Само малку. Само малку од она што се нарекува модерна книжевност; од модерните стихови ништо. Како бескрајното влијание на Франција врз модерната уметност никогаш да не постоело! На пример, како Аполинер (кој го нема меѓу избраните) да не инспирираше цела епоха од европската поезија!

А нешто што уште повеќе изненадува: отсуството на Бекет и на Јонеско. Колку драмски писатели во последниот век ја носат нивната сила, нивното влијание? Еден? Двајца? Не повеќе од тоа. Сеќавање: еманципацијата на културниот живот во комунистичката Чехословачка беше поврзана со малите театри кои дејствуваа на почетокот од шеесеттите години. Таму првпат го видов Јонеско и тоа беше незаборавно; експлозија на имагинацијата, инвазија на непристојно слободниот дух. Често велев: Прашката пролет започна многу пред 1968 година со делата на Јонеско кои се играа во театарот Na zabradli.

Можеби може да ми се приговори дека анкетата на која се повикувам воопшто не сведочи за провинцијалноста, туку за денешната нова интелектуална ориентација за која естетските критериуми се колку постари толку послаби: оние кои гласале за Клетници не мислеле на значењето на оваа книга за историјата на романот, туку на нејзиниот голем социјален одек во Франција. Да, сигурно, но тоа само докажува дека индиферентноста кон естетската вредност неизбежно води кон провинцијалност. Франција не е само земја во која живеат Французи, тоа исто така е земја која другите ја набљудуваат и која ги инспирира. А странецот не може да ги проценува книгите родени надвор од неговата земја поинаку освен според нивните вредности (естетски, филозофски). Уште еднаш се потврдува правилото: тие вредности се непрепознатливи од позиција на мал контекст, па тоа нека биде и гордиот мал контекст на големиот народ.

Илустрации: Lane Hagood

Извор: Milan Kundera, Le rideau, Gallimard, 2005

ОкоБоли главаВицФото