Национализмот заглупува

05.04.2011 11:42
Национализмот заглупува

Светлана Слапшак зад себе има биографија која бара почит и восхит. Во 2005 г. беше предложена за Нобеловата награда за мир. Предавала на многу југословенски, европски и американски универзитети, а со своите книги и колумни покажува дека општествените појави не се онакви какви што ни се претставуваат. Во минатиот режим била сослушувана, следена и претепана од страна на полицијата и тајните служби, а долго делувала како дисидент, укажувајќи на потребата за слободен говор. Авторка е на повеќе од 40 книги и зборници, над 200 студии, 400 есеи и еден роман. Работи како професорка по антропологија на античките светови, родови студии и балканологија, а моментално е декан на Institutum Studiorum Humanitatis од Љубљана.

Во својот текст „Сеќавање и одговорност: предуслов за иднината“ кој го напишавте 2000 г., истакнувате дека интелектуалците, уметниците и културните творци преку техниките на лага и заборав ја тргнале одговорноста од себе кога станува збор за соочување со минатото. Десет години се добра дистанца. Дали нешто се промени?

За жал, речиси ништо не се промени. Тоа го забележуваме кога ќе ги споредиме различните културни и историски модели за произведување дискурс на омраза, предизвикување војни, производство на уметнички, културни и други дела. Овие дела, инаку, не се поврзуваат со војната, но во случајот со Југославија беа многу важни за предизвикување на менталитетот кој водеше право на фронтот, а критиката која би го анализирала тоа сè уште не заживеала. Постои една формална иницијатива кога зборуваме за соочувањето со минатото во рамките кои претставуваат одредени уметнички и културни активности, а тоа е РЕКОМ (REKOM, Регионална комисија која треба да ги утврди фактите за воените злосторства и другите тешки прекршувања на човековите права сторени на територијата на поранешна СФРЈ во периодот 1991-2001 г. – заб. на прев.). Меѓутоа, оние кои се навистина виновни, оние кои со својот талент и интелектуални способности произведуваа националистички дискурси не се во таа група. Младите луѓе се обидуваат да ја разрешат оваа одговорност, но проблемот е во тоа што тие го немаат чувството за контекст кое ние постарите го имаме. Поколението кое ги предизвика југословенските војни, барем на областа на интелектуалните напори и меѓу елитите, сè уште може да се обвини.

Национализмот и понатаму е главна идеологија која владее на овие простори. Каква ни е проекцијата на иднината?

Популарноста на национализмот е лоша, а клучната работа е тоа дека тој е наменет за глупавите и помалку образованите. Национализмот на ниво на знаење е еден вид понижувачко знаење, бидејќи не ги негува интелектот, критиката и разбирањето. Тоа е најлошиот аспект на национализмот кој е вистински опасен за иднината. Основниот проблем е тоа дека национализмот заглупува. Сè останато може да се лечи, а заглупувањето тешко се лечи бидејќи бара многу пари и време. А фолклорот и останатото, кој ги сака – нека си ужива, немам ништо против.

Вие се занимавате со балканологија. Колку самиот поим Балкан е оптоварен со минатото, предрасудите и стереотипите. Каков е Балканот кога ќе се согледа без тие талози?

Балканот е цел еден сплет од нарации кој добро го анализираше Марија Тодорова (во книгата „Имагинарен Балкан“). Како сплет од нарации, Балканот настана во Европа во мигот кога и’ требаше нов идентитет кој беше брзо најден во Античка Грција. Тоа потекло Евгропа го украде за себе во 19-от век кога инвестираше во себе за да се спаси од Турците. Тогаш Грција беше фиксирана како област во која има смисла да се вложува, за разлика од остатокот на Балканот. Сè останато се појавува како „балкански двор“ каде што никој нема право и положба какви што имаат Грците. Првото нешто кое тогаш се произведе беше балканската траума, а второто – локалните национализми, бидејќи сите мораат да смислат нешто за себе за да му се доближат на грчкиот модел. Тоа е една напната ситуација која постојано се одобрува, овозможува и која воведува колонијални политики. Поради тоа јас сум многу бесна кога нешто стереотипно се поврзува со Балканот бидејќи тоа е западна измислица која сè уште се употребува исто како што се употребуваше во средината на 19-от век. Тоа е скандалозно. Истовремено, тоа не значи дека ги бранам балканските национализми. Напротив, кога ќе расчистиме со тие стереотипи, ќе видиме колку стравотии биле произведени. Јас сакам да ја извлечам балканската одговорност од западните стереотипи и локални национализми.

(...)

Како гледате на една нова појава општествен активизам, популарно наречена „фејсбук протести“?

Од пораката на Фејсбук до бунтот има долг пат на кој се наоѓаат многу свиоци. Овде не постои директна линија. Не може од Фејбук да се прави револуција, но добро е што барем во урбаните простори, каде што луѓето можат брзо да се соберат, Фејсбук може да делува. Всушност, совршена е прилагодливоста на Твитер, Фејсбук, мобилните телефони и останатите технологии во градот. Сè уште ниедна тајна служба не успеа да го уништи тоа и токму поради тоа се буди надежта дека постојат методи кои не се доволно искористени.

Една ваша реченица многу сликовито ја опишува состојбата во денешните медиуми „Набрзо ќе имаме и шоу во кое ќе можеме да дознаеме дали доброволецот ги брише своите интимни делови со тоалетна хартија со левата или со десната рака“ („Охолократија“, 2009). Дали оваа ситуација во медиумите го поместува фокусот од вистинските проблеми на граѓаните кон шоуто, забавата, глупоста?

Добар дел од улогата на медиумите се состои токму во тоа. Така беше и порано, ова не е ништо ново. Медиумите еден добар дел од својата активност отсекогаш ја посветувале на пренесување такви содржини и работеле на заглупување, социјално и политичко заспивање, развивање на бесчувствителноста наместо на чувствителноста. Еден мал дел од медиумскиот простор беше зафатен со будењето на свеста, политичките иницијативи и интелектот. Тоа е нешто со кое мораме да се пресметуваме и веројатно нема да доживееме ништо друго освен уште поголема банализација на медиумскиот простор.

Живееме ли во време на банализација на животот? Данило Киш на едно место рече: „Баналноста е неуништлива како пластичното шише“. Како да се бориме против тоа?

Зборовите на Киш се вистина. Баналноста е неуништлива како пластичното шише, или како античката ваза, бидејќи има многу банални антички вази кои сведочат за тоа. Баналноста секогаш ќе биде присутна, но она што е клучно е колку баналноста е вклучена во системот на размислување за Другиот. Немам ништо против баналноста која е невидлива и која се третира, каде што еден дел од таа баналност може да биде обоен така да биде посветен на разбирање на баналноста на Другиот. Баналноста во таа смисла може да биде бенигна. Меѓутоа, како ќе ја обоите баналноста и каков јавен дискурс ќе добие таа веќе е сосем друго прашање. Се плашам дека на нашите простори баналноста главно беше обоена со црвената боја на крвта. На ниво на баналноста се расправа кој смее да живее, а кој не.

Каква е положбата на жените на Балканот? Колку се промени нејзината улога во однос на некои минати времиња?

Да речеме во однос на социјализмот, бројот и квалитетот на законските прописи, кога станува збор за женските права, е помал. На Балканот ме загрижува тоа што жените сè уште не нашле сојузници во борбата за своите права. Женските права се остваруваат со помош на другите, поголемиот дел со помош на оние што владеат, а ако владее патријархатот, треба да најдат сојузници во патријархатот. Денес имаме ситуација сите да се политички коректни, но никој ништо не работи на полето за правата на жените.

Извор: 6yka.com

Фотографии: Мациек Јасик

ОкоБоли главаВицФото