Никола Груевски – нов претседател на ЗНМ

06.04.2011 13:40
Логото на ЗНМ

Скопје, Македонија – Премиерот Никола Груевски од вчера презеде уште една функција со која ќе раководи.

Покрај тоа што е претседател на владата и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, тој е и новиот претседател на Здружението на новинарите на Македонија, а мандатот ќе му биде доживотен.

Одлуката била донесена едногласно од сите новинари кои се членови на здружението, а дури и досегашниот претседател без проблем и со задоволство му ја отстапи.
Одлуката доаѓа по долготрајна анализа на изјавите на премиерот во кои ја оценува работата на новинарите, а клучни за доделување на функцијата биле следните:

- Денеска Утрински весник е истиот, ама има и медиуми кои станаа поголеми партиски мегафони на Бранко Црвенковски и на СДСМ. Но во СДСМ забораваат дека и народот ги научи овие трикови, и со голема резерва и потреба за проверка гледа на сите информации кои доаѓаат од ваквите медиуми, ставени на располагање на Бранко Црвенковски – Никола Груевски (роденден на ВМРО-ДПМНЕ, 15 јуни 2010).

- И ова е уште една прилика да повикам до сите граѓани на Република Македонија, информациите кои доаѓаат од А1 Телевизија и весниците Време, Шпиц и Коха е ре, да ги земаат со сериозна резерва и добро да ги проверат пред да почнат да им веруваат - Никола Груевски (изјава за новинари, 19 март 2011).

Како што велат од здружението, уште од јуни почнале да се воодушевуваат на првата изјава, а некои од новинарите дури ја имале ставено и како рингтон на своите телефони и се потсетувале на мудрите зборови на премиерот при секое ѕвонење.

- Оваа изјава беше вистинско просветлување за нас. Премиерот успеа да допре и до нас, кои работиме за ваквите медиуми, ставени на располагање на Бранко Црвенковски. Дел од нас претходно можеби не беа свесни каде работат и чии интереси штитат, но по оваа изјава веќе сè ни беше јасно и сме му бескрајно благодарни на премиерот за тоа – вели Слободан Митревски, новинар во еден од партиските мегафони на СДСМ.

Според информациите кои ги добивме од ЗНМ, тие и претходно размислувале да му ја предадат функцијата на премиерот Груевски, но не биле сигурни дали ќе има време за да ја извршува поради преголемите обврски кои ги налага премиерската функција како што е - работа 24/7.

- Знаете... уште лани кога требаше да избереме нов претседател размислувавме дали да организираме изборно собрание или едноставно да му ја предадеме функцијата на премиерот. Мислењата беа поделени, но сепак одлучивме за почеток да избереме претседател по регуларен пат, а доколку премиерот продолжи со оценките и загриженоста за работата на медиумите да се навратиме повторно на идејата – се присетува поранешниот претседател на ЗНМ, Роберт Поповски.

Одлуката за најновиот потег конечно била донесена минатиот викенд, откако ја слушнале најновата изјава на премиерот, во која уште еднаш ги повикува граѓаните, информациите кои доаѓаат од А1 и весниците со адреса на Перо Наков да ги земаат со сериозна резерва и потреба за проверка.

- Очигледно претходните изјави не беа случајни и премиерот сериозно си ја сфатил својата улога на оценувач на работата на новинарите и медиумите, сè со цел граѓаните да ги добијат точните информации од вистинските медиуми и да не дозволат да бидат изманипулирани од партиските мегафони. Штом е така, ние одлучивме неговото хоби да му го претвориме во вистинска работа и да му ја доделиме оваа функција. Воопшто не жалам што ја отстапувам позицијата бидејќи знам дека таа оди во вистински раце – изјави Насер Селмани, досегашниот претседател на ЗНМ.
И премиерот Груевски со огромно задоволство ја прифати одлуката и новата функција за која, како што кажа, од поодамна сонувал.

- Сè уште не можам да поверувам дека јас сум новиот претседател на ЗНМ. Сево ова ми е навистина нереално. Да ми кажуваше некој дека ова ќе ми се случи немаше да му верувам и ќе го прогласев за партиски мегафон, но еве, навистина се случува. Премногу сум ви благодарен на сите вас, добри мажи и жени, кои ми ја дадовте оваа чест и, верувајте, нема да ве изневерам. И понатака ќе продолжам да ја оценувам работата на новинарите и медиумите и ќе ги прогласувам за патриотски или предавнички. Па, нема смисла граѓаните да бидат оставени да потпаѓаат во канџите на лошите новинари и медиуми без да им биде покажана светлината и вистината. Понатаму можеби ќе направиме и работно тело чија работа ќе биде спалување на клада на новинарите кои не известуваат убаво – рече Никола Груевски, новиот претседател на ЗНМ.

Според неофицијалните информации кои ги добивме од извори во здружението, на премиерот во работата ќе му помага и претседателот на државата Ѓорге Иванов, кој исто така има искуство во односите со новинари, како што е примерот од минатата година кога изјави дека македонските новинари со своите текстови ќе бидат дел од одбраната на Грција пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг.

Зошто си дозволиле новинарите

Зошто си дозволиле новинарите некој (премиерот Никола Груевски) да има такви јавни настапи во врска со нив?

Срамота, луѓе, па каде го има

Срамота, луѓе, па каде го има ова!? Значи дефинитивно сме бетер и од Танзанија.

ОкоБоли главаВицФото