Си ја барам мојата Ал Џезира

07.04.2011 11:40
Си ја барам мојата Ал Џезира

Дописникот на Ал Џезира, Ајман Мохиелдин, тргна во „победнички поход“ на САД. Се работи за еден скромен човек, наспроти фактот дека гласи за еден од најдобрите новинари на оваа медиумска куќа, кој несомнено ќе постигне успех и на меѓународната сцена. Ал Џезира има добра причина да ликува со оглед на тоа дека милиони Американци, желни за известувања од Египет, ги следеа извештаите на Мохиелдин од плоштадот Тахрир во Каиро. Значи, стана добро познат во државата каде што гледачите главно се спречени да ги следат програмите на медиумската куќа во која што работи.

Ал Џезира е на удар на критиките на американската влада од 2003 г., кога оваа мрежа поранешниот потпретседател Дик Чејни и министерот за одбрана Доналд Рамсфелд ја опишаа како огранок на Ал Каеда. Двајца нејзини известувачи подоцна беа убиени во Багдад кога еден американски тенк отвори оган врз хотелот Палестина, бидејќи американските служби веруваа дека таму се наоѓаат луѓе кои ги шпионираат војниците на Западот. Сепак, имајќи предвид дека беше познато оти тимот на Ал Џезира се наоѓа во тој хотел, претставниците на оваа куќа и други лица изразија сомнеж дека мета биле, всушност, нејзините новинари.

Дури и денес програмата на Ал Џезира, која стана еден од главните извори за сериозни телевизиски вести, не им е достапна на многу Американци, бидејќи водечките емитери во државата не сакаат да им го овозможат тоа. Наспроти големиот интерес, само гледачите во Вашингтон и во делови од сојузните држави Охајо и Вермонт можат да ги следат извештаите на новинарите од оваа медиумска куќа. Поради ваквите околности, Ал Џезира праќа тим новинари во САД кои го претставуваат лицето на некогаш демонизираната телевизиска мрежа.

Беше неопходно оваа медиумска куќа да започне кампања во САД, бидејќи на Американците им е ускратено правото да ја следат Ал Џезира, што значи дека се сместени во меур во кој не можат да ги видат призорите и да ги слушнат приказните од остатокот на светот. На пример, неодамнешниот скандал во врска со гнасните фотографии кои ги снимиле американските војници во Авганистан беше тема во емисиите на многу медиумски куќи, вклучувајќи ја и Ал Џезира, но за разлика од гледачите во светот, Американците имаа можност да слушнат само штури информации за тој случај. Бидејќи се работи за шокантни фотографии кои можат да се споредат со страдањето на деца за време на бомбардирање, Американците не добија прилика да ги сфатат настаните кои можат да се споредат со траумата која самите тие ја доживеаја по терористичките напади на Њујорк и Вашингтон на 11 септември 2001 г. За споредба, ни водечките медиуми, вклучувајќи го Њујорк тајмс, не споменаа дека на едната фотографија е прикажан американски војник кој во рацете ја држи главата на мртов авганистански цивил, небаре држи трофеј од лов.

Значи, за доброто на САД, се надевам дека Ал Џезира ќе успее да најде место на медиумскиот пазар во Америка. Доколку Американците не ги видат призорите и не ги слушнат приказните кои влијаат на тоа како ги доживуваат другите народи, САД нема да бидат во состојба да му покажат на светот дека не се „полуслепи силеџии“. Несомнено, Еѓипќаните на некој начин се подобро информирани од Американците, што е значајно за граѓаните на ова африканска држава бидејќи, како што често истакнуваше Томас Џеферсон, слободата не е можна без информирано население. Египет има 30 весници и над 200 ТВ канали, додека американските весници „умираат“, а на повеќето ТВ канали најголем дел од програмата е составена од реални шоуа.

Американците се „гладни“ за вести од странство, а тврдењето дека не нè интересира она што доаѓа од надворешниот свет претставува мит. Затоа, можеби граѓаните на САД ќе им се заканат со бојкот на своите кабелски и сателитски оператори доколку на Ал Џезира и на другите странски медиумски куќи не им се овозможи да отворат свои претставништва и да почнат да емитуваат програма во САД.

Авторката е политички активист и општествена критичарка.

Извор: project-syndicate.org

Илустрација: Лори Липтон

ОкоБоли главаВицФото