1015 hPa
25 %
17 °C
Скопје - Пет, 10.04.2026 16:59

4. Глава
Приказната за детективот
Габриел Сајм не беше само детектив кој глумеше дека е поет; тој навистина беше поет кој стана детектив. Неговата омраза кон анархистите не беше лажна. Им припаѓаше на оние луѓе кои многу рано во животот се принудени да бранат премногу конзервативни ставови заради збунувачките лудории на мнозинството револуционери. Ставот што го имаше не беше последица на мирната традиција во која беше израснат. Неговата чесност беше доброволна и неочекувана, се појави како бунт против бунтот. Потекнуваше од семејство на занесеници, во кое најстарите членови се залагаа за најновите идеи. Еден од неговите чичковци секогаш се шеташе без шапка, а друг неуспешно се обиде да шета со шапка и со ништо друго на себе. Татко му се залагаше за уметнички живот и лична реализација; мајка му за едноставност и чистотија. Оттука детето, во текот на своите најнежни години, не проба ниеден друг пијалак освен екстремните апсинт и какао, па кон двата создаде здрав отпор. Колку повеќе мајка му проповедаше апстиненција поголема од пуританската толку повеќе татко му се залагаше за паганска слобода; така, со текот на времето едниот дојде до позиција да наложува вегетаријанство, а другиот длабоко загази во територијата од која го бранеше канибализмот.
Од раното детство опкружен со секаков вид бунтовништво,
Габриел мораше да протестира против нешто, па почна да протестира во име на единственото нешто што остана – разумноста. Но, во него имаше премногу од крвта на овие фанатици за неговото залагање за здравиот разум да биде целосно разумно. Омразата кон модерното беззаконие што ја негуваше беше крунисана со еден инцидент. Додека одеше низ една споредна улица се најде среде бомбашки напад. За миг ослепе и оглуви, а потоа ги виде чадот што се расчистуваше, скршените прозорци и раскрвавените лица. По настанот продолжи онаков што и вообичаено беше – тивок, учтив, благороден; но, во неговиот ум се појави нешто што воопшто не беше разумно. За анархистите не мислеше, како повеќето од нас, дека се грст нездрави луѓе, кои своето незнаење го комбинираат со интелектуализам. Ги сметаше за огромна и безмилосна закана, како кинеска инвазија.
Постојано ги полнеше весниците и нивните корпи за отпадоци со куп приказни, стихови и насилни текстови, предупредувајќи ги луѓето за огромната варварска закана.
Но, се чинеше дека воопшто не се доближува до непријателот и, што беше уште полошо, не се доближуваше ни до реалниот живот. Додека се шеташе низ кејот на Темза, горчливо пушејќи евтина цигара и размислувајќи за напредувањето на Анархијата, не постоеше анархист со бомба во џебот толку див или осамен како него. Навистина, отсекогаш мислеше дека Владата е сама и немоќна, притеснета до ѕид. Сепак, беше премногу дон-кихотовски настроен за да се грижи за тоа.
Еднаш чекореше низ кејот додека зајдисонцето беше темно црвено. Во црвената река се одразуваше црвеното небо, а небото и реката заедно го одразуваа неговиот гнев. Навистина, небото беше толку црно, а светлото во реката толку мрачно, што изгледаше како водата да пламти, а не зајдисонцето одразено во неа. Личеше на река од оган што тече низ пустите пештери на подземниот свет.
Во тие денови Сајм беше запуштен. Носеше старомоден црн шешир што потсетуваше на оџак; беше завиен во уште постаромодна наметка, црна и искината; вака облечен личеше на младите никаквеци од делата на Дикенс и Булвер Литон. Исто така жолтата брада и косата му беа многу позапуштени и несредени од мигот кога многу подоцна, истрижен и со поткастрена брада, се појави на полјаните на Сафрон парк. Долгата, тенка, црна цигара, купена од Сохо за две пени, му висеше од стиснатите заби, и сè на сè изгледаше како многу задоволителен примерок на анархистите против кои се заколна дека ќе води света војна.
Можеби поради ова еден полицаец на кејот му пристапи и му рече „Добровечер“.
Сајм, во момент на криза поради своите болезливи стравови за човештвото, се изненади од вообичаената рамнодушност на автоматизираниот службеник, на големата сина појава во самракот.
„Добровечер, а?“, остро рече. „Вие и крајот на светот би го нарекле добра вечер. Погледнете го крвавото црвеното сонце и крвавата река: Ве уверувам дека ако стануваше збор за буквална човечка крв, разлеана и светкава, Вие сè уште ќе си стоевте тука, здрвен како и обично, и ќе баравте некои бедни безопасни траги погодни за следење. Вие полицајците сте сурови кон бедните, но можам да ви ја простам суровоста ако ја немаше вашата смиреност.“
„Ако сме смирени“, одговори полицаецот, „тоа е смиреноста на организираниот отпор.“
„А?“, рече Сајм, зјапајќи.
„Војникот мора да биде смирен во екот на борбата“, продолжи полицаецот. „Прибраноста на армијата е бесот на народот.“
„Мили Боже, училишта со одбори“, рече Сајм. „Ова е предноста на секуларното образование?“
„Не“, тажно рече полицаецот, „немав можност да посетувам такво училиште. Училиштата со одбори се појавија откако моето школување заврши. Се плашам дека образованието што јас го имав беше многу грубо и старомодно.“
„Каде учевте?“, праша Сајм, зачудено.
„О, во Хароу“, рече полицаецот.
Симпатиите кон соучениците, колку и да се извештачени, се едни од највистинитите работи кај многу луѓе, па тие се појавија кај Сајм пред тој да може да ги контролира.
„Боже, Вие човеку“, рече тој, „не требало да станете полицаец!“
Полицаецот воздивна и ја заниша главата.
„Знам“, рече со свечен тон, „знам дека не заслужувам.“
„Но, зошто и’ се придруживте на полицијата?“, праша Сајм, грубо љубопитен.
„Од истата причина од која Вие ја навредувате полицијата“, одговори другиот. „Дознав дека има посебни места за оние кои повеќе се плашат за човештвото од застранувањата на учениот интелект отколку од нормалните и оправдани, иако прекумерни, човечки прекршоци. Верувам дека бев доволно јасен.“
„Ако мислите дека Вашите мислења ги направивте јасни“, рече Сајм, „претпоставувам дека бевте. Но, најмалку успеавте самиот да ми станете јасен. Како тоа човек како Вас на филозофски начин зборува со син шлем покрај кејот на Темза?“
„Очигледно немате слушнато за последниот развој на нашиот полициски систем“, одговори другиот. „Воопшто не сум изненаден. Тоа го таиме од образованата класа, бидејќи од таа класа доаѓа најголемиот дел од нашите непријатели. Но, изгледа дека Вие правилно размислувате. Сметам дека дури би можеле да ни се придружите.“
„Да Ви се придружам во... што?“, праша Сајм.
„Ќе Ви кажам“, бавно рече полицаецот. „Вака стојат работите. Шефот на еден од нашите оддели, кој сигурно е меѓу најпознатите детективи во Европа, одамна верува дека чисто интелектуална завера наскоро ќе и’ се закани на цивилизацијата. Тој е сигурен дека научниот и уметнички свет се во тивок крстоносен сојуз против Семејството и Државата.
Затоа формираше посебни одреди од полицајци, полицајци кои истовремено се и филозофи. Нивна задача е да го набљудуваат зачетокот на овој заговор, не само во криминалистичка туку и во интелектуална смисла. И јас самиот сум демократ, целосно свесен за вредноста на обичниот човек кога станува збор за обичната храброст и доблест. Но, очигледно ќе биде несоодветно ако се вработат обични полицајци во истрага која истовремено е и лов на еретици.“
Очите на Сајм се осветлија со благонаклонета љубопитност.
„Во тој случај, што правите?“, рече.
„Работата на филозофот полицаец“, одговори човекот во сино, „бара поголема храброст и префинетост од онаа на обичниот детектив. Обичниот детектив оди во крчми за да апси крадци; ние одиме на уметнички чајанки за да откриваме песимисти. Обичниот детектив од записник или дневник дознава дека злосторството се случило. Ние од книга со сонети откриваме дека злосторството наскоро ќе се случи. Мораме да го откриеме потеклото на ужасните мисли што го присилуваат човекот да биде интелектуален фанатик или да изврши интелектуално злосторство. Успеавме навреме да спречиме убиство во Хартлпул, целосно благодарение на нашиот г. Вилкс (едно умно момче) кој правилно разбра еден триолет.“
„Дали сакате да кажете“, праша Сајм, „дека постои навистина голема врска меѓу криминалот и модерниот интелект?“
„Не сте доволно демократичен“, одговори полицаецот, „но бевте во право кога тукушто кажавте дека нашиот вообичаениот третман на бедниот криминалец е мошне сурова работа. Можам да Ви кажам дека понекогаш ми се гади од мојата струка кога гледам колку често тоа значи буквална војна против незнаењето и очајот. Но, нашево ново движење е сосема друга работа. Ние ја негираме снобовската англиска претпоставка дека необразованите се опасни криминалци. Да се присетиме на римските императори. Да се присетиме на големите принцови – трујачи од ренесансата. Ние велиме дека опасен криминалец е образованиот криминалец. Велиме дека моментално најопасниот криминал е целосното беззаконие на модерниот филозоф. Споредени со него, крадците и бигамистите во основа се морални луѓе; моето срце е на нивна страна. Тие ја прифаќаат основната идеја за човекот; само што ја сфаќаат погрешно. Крадците ја почитуваат сопственоста. Тие само сакаат сопственоста да премине во нивни раце за да можат совршено да ја почитуваат. Но, филозофите ја отфрлаат сопственоста како сопственост; тие сакаат да ја уништат самата идеја за приватна сопственост. Бигамистите го почитуваат бракот, инаку никогаш не би поминале низ високо церемонијалната или дури ритуална формалност на бигамијата. Но, филозофите го презираат бракот како брак. Убијците го почитуваат човечкиот живот; тие само сакаат нивниот живот да достигне поголема исполнетост со жртвување на она што им изгледа како помалку вреден живот. Но, филозофите го мразат животот како таков, сопствениот како и животот на другите луѓе.
Сајм ги стисна дланките една во друга.
„Колку вистински мисли“, рече. „Ова го чувствував уште од моето момчештво, но никогаш не можев да го дефинирам со конкретниве антитези. Обичниот криминалец е лош човек, но тој барем е, или бил, услов за добар човек. Тој вели дека ако некои пречки се отстранат – на пример, богатиот чичко – тогаш е подготвен да го прифати универзумот и да го слави Бога. Тој е реформатор, а не анархист. Тој сака да ја исчисти палатата, а не да ја уништи. Но, злобниот филозоф не се обидува да ги промени нештата, туку да ги поништи. Да, во модерниот свет се задржани сите оние аспекти од полициската работа што навистина се мачни и срамни, како вознемирувањето на сиромашните, шпионирањето на несреќните. Наспроти ова, ние можеме да имаме подостоинствена работа, како казнување на моќните предавници на Државата и моќните расколници во Црквата.
Модерните велат дека не смееме да ги казниме еретиците.
Мојот сомнеж е дали имаме право да казниме некој друг.“
„Но, тоа е апсурдно!“, извика полицаецот стискајќи ги дланките со возбуда нетипична за личност со негов статус и униформа, „тоа е непростливо! Не знам што правите, но знам дека си го трошите животот. Вие морате, Вие ќе го направите тоа, придружете се на нашата специјална војска која се бори против анархијата. Нивните војски се на нашите граници.
Нивната стрела е подготвена за напад. Ако само малку почекате ќе можете да ја изгубите можноста да работите со нас, можеби можноста да се умре со последните херои на светот.“
„Секако, оваа можност не би требало да се пропушти“, се согласи Сајм, „но сè уште сосема не разбирам. Како и секој друг знам дека модерниот свет е полн со мали луѓе што не го почитуваат законот и луди мали движења. Но, чудовиштни какви што се, тие во основа негуваат големи несогласувања едни со други. Како може да зборувате за нивна заедничка армија или задавање заеднички удар? Во што е тука анархијата?“
„Немојте да ги мешате“, одговори полицаецот, „со оние случајни бомбашки напади во Русија или во Ирска, кои навистина се востанија на потчинетите, ако не и заблудени луѓе. Ова е огромно филозофско движење, составено од надворешен и внатрешен прстен. Можете надворешниот прстен да го наречете лаички, а внатрешниот свештенички.
Претпочитам надворешниот прстен да го нарекувам невиниот оддел, а внатрешниот прстен исклучително виновниот оддел.
Надворешниот прстен – главната маса на нивни поддржувачи – се едноставните анархисти; со други зборови, луѓе кои веруваат дека правилата и формулите ја уништиле човечката среќа. Тие веруваат дека сето зло кое е последица на човечкиот криминал е последица на системот кој го предизвикал тој криминал. Тие не веруваат дека како последица на криминалот доаѓа казната. Тие веруваат дека казната го создала криминалот. Тие веруваат дека човек кој завел седум жени природно може да остане невин како пролетен цвет. Тие веруваат дека ако човек ви го украде паричникот, тој природно би се чувствувал исклучително добро. Овие ги нарекувам невиниот оддел.“
„Ох!“, рече Сајм.
„Затоа е природно што ваквите луѓе зборуваат за ’среќното време што доаѓа’; ’рајот на иднината’; ’човештвото ослободено од стегите на пороците и стегите на добродетелта’, итн. А така зборуваат и луѓето од внатрешниот круг – светото свештенство. Тие исто така на толпата што ги поддржува и’ зборуваат за среќата во иднината и за човештвото кое конечно ќе биде ослободено. Но, во нивните усти“, тука полицаецот го снижи гласот, „во нивните усти овие среќни фрази имаат ужасно значење. Тие немаат никакви илузии; тие се премногу умни за да мислат дека човекот на земјата некогаш може целосно да се ослободи од првобитниот грев и од борбата. Тие мислат на смртта. Кога велат дека човештвото конечно ќе се ослободи, тие мислат дека човештвото ќе изврши самоубиство. Кога зборуваат за рајот ослободен од идејата за добро и за лошо, тие мислат на гробот. Тие имаат само две цели, прво да го уништат човештвото, а потоа и себеси. Затоа фрлаат бомби наместо да пукаат со пиштоли. Невините членови се разочарани зашто бомбата не го убила кралот; но, високото свештенство е среќно бидејќи сепак некого убила.“
„Како можам да Ви се придружам?“, страсно праша Сајм.
превод од англиски: Владимир Јанковски
наслов на оригиналот: G. K. Chesterton: The Man Who Was Thursday