Сполијација

14.04.2011 13:34
Сполијација

Што да се прави со незавршените и непоставените објекти од Скопје 2014?! Тоа е едно од најтешките политички прашања во моментов, особено зашто на проектот крај не му се гледа, дури ни во некаква минимална смисла.

Кејот на Вардар, и на долниот и на горниот дел, бескрупулозно е блокиран веќе три години. Централниот градски плоштад трета година исто така е узурпиран од груевистичкото лудило. Како што никого не прашаа дали смеат до тој степен да им ги пореметат дневните патеки и рутини на стотици илјади скопјани, така ни сега нааканите моќници не се ни обидуваат да одговорат кога би можела да се заврши агонијата наречена Скопје 2014. (Иако скопјани се питом и мазохистички народ: ако им ги заѕидаш вратите и прозорците на куќите тие брзо ќе се навикнат да влегуваат низ оџаците.)

Толку многу пари пропаднаа во бунарот на тој проект и толку многу пари допрва ќе пропаднат - што на човека му се завртува во главата од длабочината на бунарот, од длабочината на падот и понижувањето на умот на современиот Македонец. Затоа се потребни одговори: што со лудачкиот проект?!

Најчудовишните работи, споменикот на Александар и Триумфалната капија, без двоумење треба да се отстранат. Можеби да се пренесат на локација (Паљурци?) каде би почнал да се гради забавен етно-парк на гротескното македонство. Таму би можеле да се пренесат и добар дел од спомениците (грдиот кимилсунговски споменик на Ченто, на пример). Дел од зградите ќе треба да се завршат и пренаменат, пред сè поради одржливоста. На пример, земјава ниту во моментов нема капацитети да ја одржува сосема распаднатата културна инфраструктура (што ги подразбира и постојните згради, но и постојните луѓе кои ги создаваат производите на културата). Се распаѓаат и некогаш најрепрезентативните институции (Музеите на Македонија во Старата чаршија, на пример). Во земјата не постојат кина. Културните домови низ целата држава се во распад, а локалните власти не можат да ги платат ни основните комунални трошоци, греење и чистење.
Во светот, одржливоста на јавните објекти е поважна од нивната изградба. Да, се градат спектакуларни јавни објекти, но сите тие објекти имаат стратегии на одржливост. На пример, кога се градат големи спортски сали, прв услов е да бидат поливалентни (да можат да се користат за сè; од шах и пливање до хокеј и кошарка); втор услов е да бидат пополнети речиси секој ден; некои проценки велат дека спортска сала со над 15.000 седишта треба да биде пополнета околу 280 дена во годината, за воопшто да може да се одржува и да биде исплатлива.

***

А можеби на бизарноста и градежното лудило на груевизмот треба да се одговори исто толку екстравагантно и лудо? Еден сатиричен расказ на Пандалф Вулкански ме натера да размислувам за сполијацијата како решение за Скопје 2014. Зборот сполијација значи вградување на одломки од постара градба или споменик во нов објект. Најпознатиот пример на сполијација се случува под закрилата на Француската револуција, кога бунтовниците го рушат злогласниот затвор Бастиља и потоа од остатоците на затворот создаваат мноштво мали „Бастиљи“, суштински создадени од истата супстанца на „споменикот-мајка“.

Сполијацијата, значи, е неодвоива од прашањето на рецепцијата на наследството и секогаш е поврзана со разорувањето и со обновата по разорувањето. Како што пишува Амра Хаџимухамедовиќ во мошне интересниот текст, „Град Разград, за сполијацијата како алтернативна реконструкција“, во некои случаи сполијацијата може да биде дефинирана како некаков вид алтернатива за реконструкцијата, а во некои случаи е нејзина спротивност.

Еден од најнеобичните случаи на сполијација во дваесеттиот век е Hearst Castle во Сен Симон во Калифорнија. Тој објект го нарачал славниот новински магнат Вилијам Херст во 1919 година (и Херст и неговиот замок ни се познати од култниот филм на Орсон Велс, „Граѓанинот Кејн“). Во раскошните градби, базени и градини на „замокот“ биле вградувани одломки од стари европски градби, коишто Херст ги купувал од трговците со сполии низ цела Европа - готички дрвени плафони од Теруел во Шпанија, готичка камена фасадна пластика од Шпанија, фасади од влезен трем на антички римски храм, италијански барелјефи од 17 век итн.

За крај, еве го и расказот што ја поттикна денешната колумна:

Сполијација

Еднаш на историчарот на уметноста Небојша Вилиќ, додека седел пред Пелистер и очајно гледал пред себе како бабри идентитетот на македонскиот народ, му текнала генијална идеја: spolia. „Сполија му е мајката!“, викнал одушевениот Вилиќ, привлекувајќи го вниманието на архитектите од соседната маса, Митко Хаџи-Пуља и Минас Бакалчев. „Ќе го растуриме споменикот на Александар и од него ќе направиме илјадници мали реплики, како што Французите направија со урнатините на Бастиља!“

На смртно пребледениот Хаџи-Пуља сталожениот Бакалчев му објаснувал, колку да го смири: „Сполијација е вградување на делови од стара градба или споменик во нов објект, и во европската историја е присутна од стариот век до денес...“
„Ах, мил Минас, на латински spolia значи и одрана кожа, а сполијацијата е грабеж и дерење“, мрачно мрморел Хаџи-Пуља, додека Вилиќ веќе го вадел лап-топот за да понуди интегрално решение за целиот проект СК 014.

фотографиите се од филмот „Граѓанинот Кејн“ (таа со кранот е од снимањето на филмот)

„Глобус“, 12.04.11.

Не, нека останат. Како

Не, нека останат. Како споменици на едно грдо време, бидејќи народот лесно заборава... може да се „преобразат“ со графити и слично, и да добијат автентичен карактер од својата непроценлива грдотија.

коља архитектот, коља

коља архитектот, коља писателот, коља економистот а сепак на крајот само коља СРЕДНИСТОТ.

хахах, добра.

хахах, добра.

И ете уште еден безвезен

И ете уште еден безвезен текст за СК 2014. Ваквата опседнатост е вистина неверојатна. :|

Од бронзата на спомениците да

Од бронзата на спомениците да се излијат топови. Од нив граѓаните со меремерни ѓулиња да можат да ги гаѓаат зградите на ск 2014.

Тоа на 15ти Септември 2045,

Тоа на 15ти Септември 2045, кога ќе имате шанси да дојдете на власт. Но прашање е, со овој памет, дали можете да се надевате дури и на таа дата. Тоа е дискутабилно.

http://utrinski.com.mk/defaul

http://utrinski.com.mk/default.asp?ItemID=A101D7FB55A0814FA61A04CDAC894F1F

Интересна му е математиката на Константиновски: дека со рушењето на зградите ќе се заштедат најмалку 50% од парите што ќе се поарчат за сомнителните згради. Тешка политичка одлука ќе биде, во секој случај...

За 1 евро по салва.

За 1 евро по салва.

Овој текст наликува на

Овој текст наликува на домашна задача за 7 одделение. За вакви ли текстови сорос фрла пари ........

Зградите и спомениците се

Зградите и спомениците се убави, а Скопје 2014-та е закон. Е, така. А другово ви е „Гладна кокошка просо сонува“ во сполијација со „Кисело е грозјето“. Среќен 5-ти јуни. =)

Слични содржини

Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото