Паѓање

18.04.2011 09:47
Паѓање

Изборите се наближуваат. Тоа се гледа по енормен број празни лопати, кои нè потсетуваат дека и понатаму ќе се храниме со празни лажички. А ветувањата за среќната иднина завршија во несреќното минато. Овие пет години власта опустоши сè што имаше некаква вредност. Таа го урна и тој минимум морал што постоеше. Ги задуши и тие слаби институции. Свесно ги подгреваше меѓуетничките тензии. Ја погази евроатлантската агенда. А со помош на Гебелсова измама ја презеде иднината на граѓаните во свои раце и ја задави.

И сега со право секој граѓанин може да се запраша: што направила власта за него овие пет години, за пак да ја поддржи?

Од Месечината се гледа дека и по пет години владеење на ова власт, граѓаните станаа уште посиромашни; уште понесреќни; уште понезаштитени; уште позапоставени и заборавени. Луѓето се препуштени на самите себе. Понижени до тоа ниво кога сосема лесно ќе се откажаат и од последниот грам достоинство, со цел доброволно да му ги продаваат душите на ѓаволот. На економски план - тотален пустош. За пет години двојно порасна надворешниот долг, а двојно падна животниот стандард.

Каде завршија тие пари?! Поради тешката политичка манипулација со колективни емоции, власта ги прокоцка важните стратегиски проекти во висина од неколку десетина милијарда евра. А за да би се реализирале тие проекти немаше потреба од власт, оти тоа ќе се случеше само поради географската компонента.

Тоа што имавме ваква власт е рамно на историска несреќа, оти таа свесно ги поткопува овие колосални развојни проекти. Таа, ковајќи ја својата бизнис среќа, немилосрдно удираше по животната несреќа на два милиони луѓе.

Прво, по заживувањето на антиката, умре Коридорот осум, со сите попатни компоненти во вредност од околу осум милијарди евра. Наместо луѓето, Груевски ги засака спомениците. За Грција тоа беше политичко супер бинго. Таа ја искористи шансата во рекордно време да ја заврши друмската компонента на својата „Виа игнација“, со што веќе го исфрли од игра Коридорот осум. Попат, таа доби и силни аргументи за повторно да го актуализира проблемот со името.

Второ, пропадна мега-нафтоводот Бургас-Валона (низ Македонија), во вредност од околу милијарда евра. Таткото на тој проект, Тед Фергусон, ќе изјави дека АМБО е џек пот за државите низ кои ќе поминува. Тие ќе станат економски лидери во регионот. Но, ние останавме лидери во бедата.

Трето, исчезна од агендата телекомуникациски оптички кабел од Турција до Бари (Италија) во вредност од околу 800 милиони евра. Проектот веќе почна да се гради по Северна Грција. А нам ќе ни останат бетонските лавови.

Четврто, пропуштивме да заработиме околу 200 милиони евра годишно, пари што ќе ги добиевме од транзитот (железничкиот, друмскиот, далноводниот, нафтоводниот и гасоводниот). Сега низ нас ќе транзитираат криминалците и перачите на пари.

Петто, пропуштивме да отвориме нови 150 000 работни места во разни дејности, поврзани за Коридорот осум - угостителски објекти, услужни дејности, бензински пумпи, одржување на инсталациите. Ќе профитираа и многу компании за осигурување од ризици. Но, изгледа власта не може без својот садизам, а ние без нашиот мазохизам.

Шесто, не се од помала важност и трасите на гасоводниот транспортен систем. И тука свесно ја утнавме работата. Во балканскиот регион жестоко се конфронтираат рускиот „Јужен тек“ и европскиот „Набуко“. Зад „Јужниот тек“ стои силниот руски „Гаспром“ и тој треба да транзитира низ Турција, Бугарија и Србија во правец на Централна и Западна Европа. А, конкурентниот проект - европскиот „Набуко“, првобитно се предвидуваше да помине низ Турција и Бугарија со тоа што едната насока би продолжила кон Романија и Унгарија накај Централна и Западна Европа, а другата насока ќе продолжеше кон Македонија и Албанија, поврзувајќи се со Италија и со Западна Европа. И тука останавме надвор од играта. И сега главната траса на “Набуко“ ќе транзитира низ Романија и Унгарија, а левиот крак на овој проект ќе транзитира низ северна Грција и јужна Албанија и ќе заврши во Италија. Познато е дека енергетско-транзитната позиција е непроценливо богатство - од аспект на бизниси, на профити, на политички и геостратегиски позиции, на комуникациски развој, на отворање работни места итн.

Ако се анализира објективно, Македонија, на долгорочни патеки, поради својата апсурдна политика има загубено стотина милијарди евра. Таа, наместо транзициски и комуникациски крстопат, се претвори во пат без пат. А Грција доби сè. Можеби таа сега на Груевски ќе му подигне грандиозни споменици во Атина и во Солун. А нам можеби ќе ни подари еден тројански коњ, со сите овдешни лажни патриоти, скриени во него. Државата загуби сè поради нив. Единствено доби смешна антиквизација, беда и сиромаштија, и целосна изолацијата. Полошо - здравје. Таа подолго време е заглавена во сопствената криминална мрежа.

Поради провоцирањето со антиквизацијата таа ги закопа евроатлантските процеси, а со тоа ги закопа и сите вековни инвестиции вредни повеќе милијарди евра. Дури ни името не требаше да се смени, оти по признавањето на уставното име од страна на САД, Грција падна во нокдаун. Таа беше спремна спорот со името да го пропушти на заборавот на времето. Но, Груевски им дојде како спасоносен џокер. Им ја врати надежта и можноста за конечно светот да го разбере нивниот апсурд од самиот факт што апсурдот на Груевски беше многу поголем. Со глумењето дека докрај ќе се бориме за победата, па макар сè да загубиме, ни се случи последното. И сега полека ни станува јасно дека љубовта на власта ни стана поопасна од омразата на Грците. Празната среќа ни го одзеде умот, а реалната несреќа ни го враќа. Ама доцна, предоцна. Сега ни преостанува спомениците на Груевски да ги прогласиме за своевиден ѕид на плачот, каде што ќе се исплакува судбината на луѓето, кои веруваа во лажни златни телиња.

Авторот е универзитетски професор

Извор: Време, 8.04.2011

Слики: Rems182

 Зачудувачко отсуство на

 Зачудувачко отсуство на коментари. Штама. Бар еден преродбеник да гукнеше нешто, не е фер вака.

Па на вакви "експерти" од

Па на вакви "експерти" од Чегране што дипломирале во Приштина а станале доктори на ФОН нема баш што да се коментира.

Какви глупости се изначитав

Какви глупости се изначитав овде. За какви проекти зборува овој Биљали? И Груевски е виновен за АМБО сега, а не тоа што не успеаја да најдат инвеститори, оф леле, смешно и патетично.

 A sto bese demantot? Ili

 A sto bese demantot? Ili Mersel e sorosoid, Milcin isto, Kolja isto, Radmila e marioneta, Zaev e lopov...Toa li e dematot izrodi edni? 

Слични содржини

Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото