Хрватската траума

19.04.2011 10:50
Хрватската траума

Хрватска е изложена на тешка и болна операција – мора да ја ревидира својата историја. Да го направат тоа современиците, кои се убедени дека биле жртва на српската агресија, е тешко, практично - невозможно.

Но, стои фактот дека Туѓман, таткото на нацијата, кој останува во хрватската меморија како најзаслужен за самостојноста на Хрватска и за победата во татковинската војна, сепак, не е недолжен. Неговите преговори со Милошевиќ за поделба на Босна, неговите идеи за создавање некаква голема Хрватска и иритирањето на Србите во Хрватска, кои веќе беа радикализирани со агресивната политика од Србија, говори за неговите големи промашувања.

Жалосно е, но на Балканот татковците на нациите лошо поминуваат. Посебно, по една таква крвава драма на просторите на бивша Југославија во која жртви, главно, беа цивили. Она што го снајде Милошевиќ, веројатно постхумно, му се подготвува и на Туѓман. Но, како што Србија не направи чесна, искрена ревизија на својата поблиска историја, така и Хрватска не е подготвена на едно болно соочување.

Светот го кажа своето – балканските народи ќе купуваат време за овие ревизии или таа задача ќе им ја префрлат на некои идни генерации. Оттука, пресудите на Хашкиот трибунал се битни, не само поради потребата да се казнат злосторниците против човештвото, туку и да бидат потсетување за промислување на сопствената историја.

Пресудата на генералите доаѓа неколку месеци пред одлуката за приклучување на Хрватска во ЕУ. Ова е и тест за Хрватска. Пораката е јасна: Ако сакате да бидете дел од Европа, мора да го направите компромисот.

Трагикомични и жални се коментарите на некои хрватски интелектуалци дека оваа одлука ќе го зајакне евроскептицизмот во Хрватска, па дури се доведува во прашање исходот од референдумот кога ќе се гласа за пристап во Унијата. Демек, Хрватите ќе се думаат дали вреди да се оди во Европа. Ваквите тези изразуваа една типична балканска мисловна композиција.

Одлуката на Хаг ќе ги влоши состојбите во регионот, бидејќи ќе продолжат нападите на релација Загреб - Белград околу војните, геноцидите.

Во сите војни се барал еден главен виновник, тој што ќе ја понесе моралната одговорност. Тоа понекогаш е неизбежно, но, сепак, е погрешно. На поранешните југословенски простори таа улога и' припадна на Србија, што во најголем дел беше заслужено. Но, тоа не значи дека виновникот е само еден и дека неговите цивилни жртви се помалку вредни. Одлуката на судот е поздравена од Белград, затоа што светската јавност од денес малку пообјективно ќе гледа на настаните. Аплаузите не смеат да се претворат во овации. Најважно е што жртвите од Книн добија некаква правна сатисфакција за хоророт низ кој поминаа.

Пресудата на генералите беше болно доживеана во Хрватска. Не постои човек во оваа држава што не изградил емотивен однос кон овој судски процес. Затоа, овие денови се траорни за Хрватите.


Познатиот хрватски аналитичар и филозоф, Жарко Пуховски, побрза да потенцира дека пресудата зборува за злоупотреба на власта, дека со неа не се обвинува државата, туку материјалните извршители, а тоа биле - претседателот на државата или други високи државни функционери.

Не сум убеден во ова толкување. Мислам дека пресудата на генералите и виртуелната осуда на Туѓман се само почеток. Допрва ќе се отвора и ќе се развива дискусија за одговорноста на хрватската нација во акцијата „Луња“, но и во настани што и' претходеа. Не сакам да кажам дека иднината на Хрватска е загрозена. Напротив, Хрватска доби пораз во битката за минатото, во обидот да се покаже поинаква од Србија и од нејзините хегемонистички амбиции и политики на етничко чистење.

Не може оној што планирал агресија врз една земја, како што направи Туѓман со Босна, потоа да плаче и да се претставува како жртва кога таквата судбина ќе го снајде. Тука и грешат Хрватите, што и натаму се жртви на двојните аршини на Туѓман. Затоа, сега им е толку тешко да гледаат на настаните и виновниците од југословенските војни со малку повеќе објективност. Туѓман за Босна беше исто што и Милошевиќ за Босна и за Хрватска. Политичар што немал само територијални претензии и што не се ограничил само да ги оспорува авнојските граници, туку човек што планирал да уништи една друга нација, да распарчи државен ентитет. Еднаш напишав дека на полето на криминалот, Хрватите го најдоа своето жртвено јагне во Санадер, кој покрај своите лични грешки и одговорности, стана издувен вентил за сите грешки на хрватската транзиција, корупција и криминал. Тој стана жртвеник за Хрватска да сонува полесни соништа за колективните грешки во хрватското општество и политика. Санадер плати и за таткото на нацијата, Туѓман.

Сега гледаме како се повторува тоа. Готовина и Маркач одговараат за своите потези но и, пред сè, за одлуките на Туѓман. Но, разликата е голема. Овој пат Хрватите ги боли затоа што нивната колективна одговорност, поддршка и верба, не можат да се исперат со неколку жртвени јагниња. И не само тоа, туку Хрватите толку многу се идентификуваа со жртвените јагниња, толку многу се потхрануваа со татковинската војна, со генералите, што сега, секоја осуда за „Луња“, колку и таа да е парцијална, за нив, е целосна осуда на хрватската држава, историја и гордост.

Хрватите имаат можност да расчистат кои грешки од минатото се колективни, а кои се одговорност пред се на една мала група, која популистички го зарази целиот народ. Тенка е линијата меѓу одговорноста на материјалните чинители и нацијата, но затоа треба да се направи дистинкција. Со тоа што хрватската нација ќе го прифати својот дел од одговорноста, ќе се оддалечи од виновниците и ќе побара искрено извинување.

Ова што се случува во Хрватска, нè чека и нас во Македонија. И ние треба да голтнеме една неправедна одлука околу името. И ние од таа неправда направививме мит за неправдата од големите спрема малите. И ние се браниме со емотивноста, со чувството за правдина, со гордоста. А светот очекува од нас да бидеме рационални, да сфатиме дека по толку многу тешка и болна историја што се создаде по распадот на бивша Југославија, ќе следуваат и некои тешки одлуки или тешки соочувања. Нашето соочување со компромисот допрва претстои. Разликата меѓу нас и Хрватска е сепак евидентна – тие се на чекор од влез во ЕУ, ние, ако продолжиме со овие политики на Груевски, ќе го загубиме и кандидатскиот статус. Хрватска денес плаче, но Хрватите добро сфатија дека без соработка со Хашкиот трибунал, немаше никогаш да станат дел од Унијата. Не верувам дека Хрватите ќе бидат толку емотивни за да ја отфрлат рационалноста што ја покажаа по заминувањето на Туѓман од политичката сцена. Посакувам таква рационалност да покаже и македонскиот народ.

Извор: Утрински весник, 18.04.11.

слики: Nick White

И така велиш, соочувањето на

И така велиш, соочувањето на Хрватите со сопствените злосторства е еднакво со тоа кога Македонците ќе си направат злосторство врз себеси? Логика е тоа, нема што.

ОкоБоли главаВицФото