Вториот арапски исклучок

21.04.2011 12:19
Вториот арапски исклучок

По демократските победи во средноисточна Европа и Латинска Америка по 1989 г., беше скован нов израз: „арапски исклучок“. Тој ја означува идејата дека Арапите се поинакви: за разлика од сите останати народи на светот кои трпат тирании, тие не се бунат.

Наместо тоа, организираат воени удари и завери, и протестираат поради квазинационалистички и верски побуди. Но кога станува збор за колективните општествени револуции, инспирирани од напредните идеи, ним им недостасува храброст.

Понуден доказ за ова тврдење е тоа што што современиот арапски свет е обликуван низ внатрешните воени удари и/или надворешните војни. Египетскиот офицер Гамал Абдел Насер во таа смисла е одличен пример: беше замешан во пучот од 1952 г. против кралот Фарук, во заверата од 1954 г. за сметнување на неговиот противник Мухамад Нагиб, во Суецката војна 1956 против Британците, Французите и Израелците, во војната за наметнување република во Јемен во 1962, во Шестдневната војна против Израел во 1967...

Но во 2011 г. овој општоприфатен став е превртен наопаку. Арапите, сепак, се побунија против сиромаштијата и авторитарното владеење, и бараат леб и слобода. Во Тунис и Египет успеаја да ги сметнат тиранските режими; во Либија, Јемен, Бахреин и Сирија им се спротивставуваат на силите на деспотските водачи. Во сите овие земји Арапите покажаа јунаштво; ја открија подготвеноста да поднесат жртва; го покажаа мирољубивиот став низ своите методи, и одлично ги искористија современите средства за промовирање на своите цели.

Овие импресивни достигнувања го сменија впечатокот дека Арапите претставуваат исклучок меѓу светските народи. Но тие истовремено претставуваат и двоен предизвик.

Како прво, можат ли Тунис и Египет, каде што националната држава е побитна од предмодерната верност (кон сектата, племето, етничката група), да изградат демократски републики, а тие да не паднат во рацете на исламистите? Хосни Мубарак и Бен Али ги плашеа луѓето и ги спречуваа промените преку потсетувањата на иранското искуство од 1979, и силата на исламистичките и салафистичките партии. Туниските и египетските револуционери сега мораат да докажат дека овие дискредитирани владетели биле и лажговци, а не само корумпирани тирани.

Како второ, можат ли Либија, Јемен, Бахреин и Сирија, каде што националните држави се слаби, да избегнат ахархија и граѓанска војна на секташки, племенски или регионални основи? Владејачките групи во овие земји сè уште таа закана ја користат во пропагандни цели, иако и самите се одговорни за слабеењето и кинењето на зачнатото национално ткиво. Револуционерите во Либија, Јемен, Бахреин и Сирија сега мораат да докажат дека политичките промени можат да го издржат тестот на националното единство.

Вториот исклучок

Поширокиот контекст на овој двоен предизвик се крие во фактот дека овој регион во клучните мигови успеваше да произведе две нешта: ислам, и роднински систем (или крвно сродство), изразен преку сектите и племињата. Современите идеологии, вклучувајќи ги национализмот и социјализмот, само оддаваа впечаток на раст и напредок, додека поголемиот дел од нивната енергија беше вештачки и произлегуваше од Студената војна, чиј крај уште еднаш ги натера Арапите да се соочат со реалноста на исламот и крвното сродство. Раситнувањето на комунистичките партии и левичарските движења воопшто, во периодот по Студената војна, само го потврдува овој недостаток.

Така, арапските движења во 2011 укажуваат на друг вид арапски „исклучок“. И тој мора да се побие. Во случајов, состојбата е многу нејасна. Фактот дека антиамериканското и антиизраелското расположение сè уште се чува на тесните маргини е позитивен; но негативни појави се силите на исламистите во Египет, и очигледната сила на предмодерните структури во Либија и Јемен.

Ова е пресуден миг за Арапите. Тие ги искористија современите методи за кревање револуции и изградба на протестни движења. Засега овие методи се користени вешто. Но за изградба на демократски републики потребни се поинакви елементи. Нè очекува тестот на вториот арапски исклучок.

Извор: Open Democracy

ОкоБоли главаВицФото