Новинарите на нишан

29.04.2011 13:33
Новинарите на нишан

Дуња Мијатовиќ, претставничка за слободата на медиумите во Организацијата за европска безбедност и соработка (КЕБС), на почетокот на април соопшти дека моментално 57 турски новинари се наоѓаат во затвор, главно врз основа на законот за тероризам.

Бидејќи уште 11 новинари се соочуваат со обвиненија, вкупниот број затвореници наскоро би можел да биде двојно поголем од оној во Иран и Кина, кои во декември 2010 имаа по 34 новинари во затвор. Мијатовиќ проценува дека се започнати уште 700-1000 постапки против новинарите.

Ваквата ситуација никаде не може да се толерира, а посебно не во една демократска земја која се стреми кон зачленување во ЕУ и која ја признава слободата на изразување како основно право. Од истата причина однесувањето на Турција не ја доведува во прашање само нејзината желба туку и способноста да се посвети на вредностите кои се суштината на ЕУ. Новинарите кои имаат врска со курдските или марксистичките организации редовно се на мета на антитерористичките закони, а во студијата на КЕБС се укажува дека ним им се закануваат најстроги казни. Еден курдски новинар е осуден на 166 години затвор. Останатите, доколку се прогласени за виновни, очекуваат пресуди од вкупно 3000 години затвор.

Меѓутоа, по неодамнешниот бран апсења во рамки на т.н. случај „Ергонакон“ се промени ситуацијата во која многумина на Запад не му придаваат значење на третманот на новинарите во Турција. Бројни воени лица и универзитетски работници беа доведени во врска со случајот во кој наводно било планирање уривање на владата. Истрагата досега сè повеќе е насочена кон новинарите.

Еден од обвинетите дека учествувале во заверата е и Недим Сенер кој се занимава со истражувачко новинарство во весникот Милиет. Тој објави книга за поврзаноста на силите за безбедност со убиството на турско-ерменскиот новинар Хрант Динка во 2007 г. Меѓународиот прес институт го прогласи Сенер за херој на светската слобода на печатот за 2010 г. Минатиот месец тој беше уапсен под обвинението дека е припадник на вооружена терористичка организација која сака да ја смени владата.

На мета се најде и Ахмед Сик кој веќе е доведен пред судија по пишувањето за аферата Ергенекон. За Сик се зборуваше дека работи на книга за наводното влијание на исламската група врз полицијата. Минатиот месец власта нареди конфискување на книгата пред да биде испечатена.

Властите одбија да објават какви било докази за престапите кои им ги товарат на новинарите. Уште полошо е тоа што одбија дури и да ги известат оние што се изведени пред лицето на правдата или нивните адвокати за обвиненијата со кои се соочуваат.

Всушност, новинарите кои беа уапсени во овој кафкијански случај можат да очекуваат дека ќе поминат многу години зад решетки пред да им се дозволи да одговорат на обвиненијата кои се изречени против нив.

Турската влада истовремено тврди дека се залага за слобода на печатот.

Стравовите дека новинарите во Турција се во немилост ги истражуваат не само групите кои заговараат слобода на говорот и новинарите, туку и угледни меѓународни институции. Мисијата на САД при КЕБС и Европската комисија ѝ се придружија на Мијатовиќ во повикот до турската влада веднаш да престане со заплашување на медиумите. Канцеларијата на високиот комесар на ОН за човекови права постапи слично.

Турскиот претседател Абдула Ѓул неодамна бараше од „обвинителите и судовите да бидат повнимателни во извршувањето на своите должности и да делуваат на начин со кој не се загрозуваат честа и правата на народот“.

Основно право на новинарите е да се занимаваат со чувствителни теми, вклучувајќи ја и националната безбедност. Новинарите кои ја критикуваат владата во своите земји демонстрираат вистински патриотизам, бидејќи ниедна демократска земја не може да преживее без независните проценки на јавната политика кои ги пружаат новинарите. Ако Турција, регионална сила со древно културно наследство, навистина сака да биде добредојдена во Европа, да го добие заслуженото место на светската сцена и понатаму да биде демократска земја, нејзините водачи не смеат да ја презираат слободата на печатот.

Елисон Бетел Мекензи е директорка на Меѓународниот прес институт (IPI). Стивен М. Елис е советник за слободата на печатот во IPI.

Извор: project-syndicate.org

ОкоБоли главаВицФото