Преломни линии

29.04.2011 15:36
Преломни линии

Преломни линии, пресврти, удвојувања, пукнатини: постои нешто како линии на чиј крај се појавува катастрофата на секој систем кој се шири и кој со силата на вртоглавиот раст ја надминува сопствената граница.

Веќе не се наоѓаме во системот на раст, туку во надраснувањата и заситувањата кои се концентрираат во фактот дека ова е премногу.

Насекаде е премногу и системот се руши заради екцесите.

Целата маса создава ефект на критичка маса – во физичкото прифаќање на одредена величина (маса, температура, притисок) која предизвикува радикална промена во својствата на некое тело или во одвивањето на некој феномен.

Така секој феномен може ја го пресврти својот тек со обично забрзување или множење.

Така обичната промена на вкупната маса на космосот може да предизвика нашиот космос од ширење да премине во грубо стеснување.

Секоја брзина создава еквивалентна или дури и поголема маса.

Секое забрзување создава еднаква или дури и поголема инерција.

Секоја подвижност создава еднаква или дури и поголема неподвижност.

Секоја диференцијата создава еднаква или дури и поголема неделивост.

Секоја проѕирност создава еднаква или дури и поголема непроѕирност.

Секоја информација создава еднаква или дури и поголема ентропија или дезинформација.

Секоја комуникација создава еднаква или дури и поголема несоопштливост.

Секое знаење, секоја извесност создава еднаква или дури и поголема неизвесност.

И така натаму.

Секој процес на експоненцијален раст со себе донесува некој ѕид: ѕидот на брзината, на топлината, на информациите, на транспарентноста, ѕидот на Виртуелното. И тој ѕид е неуништлив.

Енергијата на забрзувањето се исцрпува во надополнувањето на инерцијата како производ на тоа забрзување. Вишокот информации наменет да ги надополни перверзните ефекти на информациите само ги засилува.

Секој експоненцијален облик води до критичкиот праг во кој процесот ги пресвртува своите ефекти.

Акумулацијата на вистинитото, знаците на вистинитото создаваат неодолива неизвесност.

Нема ништо понеуверливо од трупање докази.

Нема ништо понестварно од трупање факти.

На хоризонтот на знаците на стварното, се јавува симулакрумот.

Кога ќе се натрупаат знаците на Доброто, почнува времето на Злото и неговата транспарентност.

Преминот од вистинското на лажното (или подобро кажано, на неодлучливото), од стварното на симулакрумот, од Доброто на Злото, е како ефектот на критичката маса, на недијалектичката логика, на фаталната логика на екцесот.

Екцесот на здравјето со себе повлекува вирус и зараза.

Екцесот на сигурноста предизвикува нова закана од имунолошка болест.

Екцесот на капиталот предизвикува спекулација и пад.

Екцесот на информациите предизвикува фактичка неодлучност и духовна збрка.

Екцесот на разумот го предизвикува она неоправдливото.

Екцесот на транспарентноста предизвикува терор.

Гравитациските потреси на секој систем, на секое подвижно тело чие забрзување создава бран на повратен шок, не само еднаква, туку и поголема антагонистичка сила која воспоставува своја апсолутна граница, негативен хоризонт од онаа страна кој се уништува сам од себе.

Што е премногу, премногу е.

Поминавме низ социјална, политичка, информативна бариера, без тоа да го забележиме.

Би можеле дури и да кажеме дека поминавме низ бариерата на Виртуелното, како и тоа дека влегуваме во критичкиот слом на информативниот систем.

Можеби и самата интелигенција во својот неврален продолжеток создава некоја критичка маса, како што тоа се случува со демографскиот раст?

Со нашите „интелигентни“ машини, наскоро на земјата ќе има онолку вештачки неврони колку и во нашите „природни“ мозоци (во секој има по 120 милијарди). По исчезнувањето на црната материја, дали не го ризикуваме и исцрпувањето на сивата материја, бидејќи уделот на Вештачката интелигенција ќе го надмине симболичкиот капитал на видот; тој ќе исчезне кога нејзиниот многу поефектен вештачки соперник ќе го види светлото на денот?

Дали на земјата има исто место за вештачките и за природните видови, за синтетичката супстанца како и за, живата или мртва, органска материја, за Вештачката интелигенцијата како и за природната?

Има ли место истовремено за светот и за неговиот двојник?

Сè додека се наоѓаме во некој вид просторна, географска и ментална бесконечност и трансценденција, додека универзалноста може да функционира како динамичка идеја – тоталноста може да биде убава и пожелна само во сон.

Денес имаме апсолутно превртена дијалектика на универзалното, степен на глобализација на конечниот, екцесивен космос врз трансценденцијата.

Што е премногу, премногу е.

Убавите души зборуваат:

„Екцесот на културата нема да ја поништи желбата за култура.“

„Изобилството на секс никогаш нема да ја поништи желбата за него.“

А исто така зборуваат за комуникација, информација, демократија, човекови права. Тие не можат да замислат дека има премногу од тоа (па сепак, тоа изобилие, тој телесен вишок, би требало да ги натера да подразмислат).

Сето тоа е лажно – ништо не се измолкнува на законот на наглиот пад на цените кој го предизвикува екцесот, вишокот на производството, а сигурно не желбата која пред сè се потхранува со недостаток!

Тоа е закон ист како и пазарниот, и истиот пад ја демне секоја форма на преголем раст, без разлика дали тој е сексуален, културен или економски.

Информација, комуникација, производство, спектакл: што ако се случи експлозивна акумулација на сето ова?

Можеме да претпоставиме дека човечката способност за приспособување во најлош случај е бескрајна. Тоа се потврдува, таа дури може да произведе и обратен ефект – но можеби нема да се потврдува бесконечно?

Вишокот општественост нè исклучува од општественото.

Вишокот политика нè исклучува од политиката.

Вишокот стварност нè исклучува од стварноста.

Само едно суштество повеќе, и сè е пренаселено.

Само еден елемент повеќе, и целиот систем станува екцесивен или исклучив.

Само заради една луда крава треба да се уништи целото стадо.

Тоа е диктатурата на одвишното, на екцесот, на критичката маса која ги замрсува сметките и нè поставува во злокобен раст.

За патафизичкиот злодух сè е, во секој случај, одвишно, самиот свет е одвишен.

Откако стана интегрален, светот впива сè во својата полнотија а истовремено самиот себе се исклучува.

Во самата своја тоталност тој истовремено се иднесува наивно и смешно, ирационално, како Убу.

Заради тоа, гледано со одредена критичка густина (на пример, сообраќајната густина во сообраќајните шпицови), рационалното однесување веќе не се исплати. Да се движиш кон целта случајно е еднакво ефективно како и да одиш по непредвидлив пат (како во Наполи, каде што апсолутниот неред има исти ефекти како и апсолутниот ред.)

Сепак, ирационалното однесување понекогаш може да биде подобро од другото: така, на пример, на езерото Констанц прекриено со магла, помала е шансата два брода да се судрат ако навигаторите се пијани, отколку ако се обидуваат да завладеат со ситуацијата.

Од тоа можеме да извлечеме неколку заклучоци за благотворните ефекти на Злото, како и за дијаболичните ефекти на Доброто.

Во денешната ситуација, во која се наоѓаме на границата со таа критична густина, ако не и од нејзината друга страна, мудроста би се состоела во воопштувањето на ирационалните однесувања. Со помош на нетолеранцијата кон самиот свет.

Додека, парадоксално, толеранцијата насекаде се воздигнува како најголема вредност, никогаш не се поставува прашањето за нетолеранцијата како самиот систем во неговите ефекти, нетолеранцијата кон доброто и неговиот екцес.

Толеранцијата, тоа миротворно заедничко постоење на сите култури, религии, идеи и обичаи, е слична на деградираната форма на енергија како топлината (без да се смета дека во некои ситуации, според сопствената „хуманитарна“ логика, поприма целосно нетолератна форма на превласт.)

Во светот немилосрдно предан на тоа начело, единствениот настан ќе биде избувнувањето на нетолеранцијата. Автоматското враќање на сите форми на расизам, интегризам и исклучување како реакција на тој безусловен соживот.

Злото во него иронично повторно излегува на површината.

Би можело, меѓутоа, да изгледа дека од Злото излегуваат позитивни вредности, но уште еднаш, она што е на дело во тој ироничен пресврт е Злото, она што го имаме во тоа кршење на логиката, тоа е, уште еднаш, насилството извршено врз разумот.

Токму на тој начин Жари во „Мажјачиште“ ги извлече среќните последици од експоненцијалната раширеност на сексот: откако веќе еднаш ќе го преминеме критичкиот праг, можеме бесконечно да водиме љубов.

Но, тоа веќе е патафизика.


Извор: Jean Baudrillard: Le pacte de lucidite ou l'intelligence du mal, Editions Galilee 2004

Илустрации: Jean Francois Rauzier

 

Слични содржини

Општество / Теорија
Теорија
Општество / Теорија
Општество / Европа / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Општество / Теорија

ОкоБоли главаВицФото