Зошто социјализам?

03.05.2011 13:52
Зошто социјализам?

Дали е умно некој кој не е стручњак за економски и општествени прашања, да го искажува своето мислење за социјализмот? Поради низа причини верувам дека е.

Да го разгледаме најпрвин ова прашање од точка на научно знаење. Би можело да се помисли дека нема основни методолошки разлики меѓу астрономијата и економијата: научниците од обете области се обидуваат да ги откријат законите кои се општо прифатливи за одредена група појави со намера меѓусебно да ги поврзат на што е можно појасен начин. Меѓутоа, такви методолошки разлики сепак постојат. Откривањето општи законитости во областа на економијата е отежнато од многуте факти кои многу тешко можат да се оценат вон контекстот во кој се појавуваат. Покрај тоа, искуството собрано од почетокот на т.н. цивилизациски период на човечката историја – како што ни е добро познато – во голема мера се наоѓа под влијание на ограничување на причините кои не се исклучиво од економска природа. На пример, повеќето големи држави во историјата за своето постоење треба да му се заблагодарат на освојувањето. Освојувачките народи се поместија, во правна и економска смисла, во привилегираната класа на освоената земја. Во свои раце зедоа монопол на сопственост над земјиштето и именуваа свештенство од сопствените редови. Свештениците со својата контрола над образованието овозможија институционализирање на класната поделба во општеството и создадоа систем на вредности со кој оттогаш луѓето, често несвесно, ќе се водат во свое социјално однесување.

Меѓутоа, историската традиција е, да се изразиме така, вчерашна; никаде сè уште не сме го надминале она што Торестен Веблен го нарече „граблива фаза“ на човечкиот развој. Економските факти кои можеме да ги разгледаме спаѓаат во таа фаза, па дури и они закони кои можеме да ги изведеме од нив не се применливи на други фази. Бидејќи вистинската цел на социјализмот е токму во напредокот и надминувањето на грабливата фаза на човечкиот развој, економската наука во својата сегашна состојба може да фрли малку светло на социјалистичкото општество од иднината.

Како второ, социјализмот е насочен кон социјално-етичката цел. Меѓутоа, науката не може да создава цели и, уште помалку, да ги внесува во човечката душа; науката, во најдобар случај, може да ги снабди со средства за остварување на одредени цели. Но, целите сами создаваат личности со етички идеали, и – доколку овие цели не се мртви, туку полни со живот – ги прифаќаат и ги пренесуваат на многу други кои, делумно несвесно, го одредуваат текот на бавната општествена еволуција.

Поради овие причини, треба да сме внимателни за да не ја прецениме науката и научните методи кога се занимаваме со човечките проблеми, и не треба да претпоставиме дека стручњаците се единствените кои имаат право да се изразат за прашањата кои се однесуваат до организацијата на општеството.

Неброени гласови веќе одредено време тврдат дека човечкото општество минува низ криза, и дека стабилноста му е сериозно нарушена. Карактеристично е дека во таква ситуација поединци чувствуваат рамнодушност или дури непријателство кон групата, мала или голема, на која и’ припаѓаат. За да го илустрирам она што го кажувам, ќе наведам еден пример од лично искуство. Неодамна со еден интелигентен и добронамерен човек разговарав за заканата од нова војна која, според мене, сериозно би ја загрозила егзистенцијата на човештвото, и забележав дека само супранационална организација би можела да претставува заштита од таквата опасност. На тоа мојот гостин многу мирно и ладнокрвно ми одговори: „Поради што сте толку спротивставени кон исчезнувањето на човечкиот вид?“.

Сигурен сум дека пред само стотина години никој не би дал толку лесно изјава од ваков вид. Тоа е изјава на човек кој залудно се обидувал на најде рамнотежа во себе, и има сè помалку надежи за успех. Изјавата е израз на болната самотија и изолација од која денес страдаат толкав број луѓе. Што е причината за ова? Постои ли излез?

Такви прашања лесно се поставуваат, но е тешко да се одговори на нив со одредено ниво на сигурност. Наспроти тоа, морам да се обидам најдобро што можам, иако сум многу свесен за фактот дека нашите чувства и стремежи често се противречни и нејасни и дека не можат да се изразат со лесни и едноставни формули.

Човекот истовремено е поединечно и општествено битие. Како поединечно, тој се обидува да ја заштити сопствената, како и егзистенцијата на оние што му се најмили, да ги задоволи своите лични потреби и да ги развие своите внатрешни способности. Како општествено битие, тој настојува да добие признание и приврзаност од другите луѓе, да учествува во нивните задоволства, да ги теши во нивната тага, и да ги подобри нивните општествени услови. Само постоењето на овие различни, често конфликтни стремежи го прави специфичен карактерот на човекот, и нивната специфична комбинација ја одредува мерата во која поединецот може да постигне внатрешна рамнотежа со која може да придонесе за доброто на општеството. Многу е веројатно дека релативната сила на овие два порива во најголем дел е одредена од наследството. Меѓутоа, карактеристиката која конечно се појавува во најголем дел е обликувана од опкружувањето во кое човек се наоѓа за време на својот развој, структурата на општеството во кое расте, традицијата на тоа општество, како и неговото вреднување од одредени облици на однесување. Апстрактниот концепт „општество“ за индивидуалното човечко суштество значи вкупна сума на неговите директни и индиректни врски со неговите современици, како и со сите луѓе од претходните поколенија. Човекот е способен да мисли, да чувствува, да се стреми и да работи сам; но, тој е толку зависен од општеството – во својата физичка, интелектуална и емоционална егзистенција – што е невозможно да се мисли за него и да се разбира вон општествените рамки. „Општеството“ го снабдува со храна, облека, дом, орудие, јазик, облици на размислување, како и со поголемиот дел од неговите содржини, неговиот живот е овозможен од трудот и достигнувањата на милионите од минатото и сегашноста, скриени зад зборот „општество“.

Затоа, очигледно, таа зависност на поединецот од општеството е факт на природата кој не може да се укине – како и кај мравките и пчелите. Меѓутоа, додека сите животни процеси на мравките и пчелите се утврдени со најситен детаљ во вид на крути, наследени инстинкти, општествениот примерок и меѓуодносите на човечките суштества и самите се подложни на промени. Меморијата, капацитетот за изработка нови комбинации, дарбата за усна комуникација овозможија развој меѓу луѓето кој не е диктиран од биолошките потреби. Ваквите развои се манифестираат во традициите, институциите, и организациите, во книжевноста, научните и инженерските постигнувања, во уметничките дела. Ова објаснува, барем на еден начин, како човекот може да влијае на својот живот преку сопственото однесување, како и дека во тој процес свесното мислење и желбата можат да имаат своја улога.

При раѓањето, преку наследството, човекот стекнува биолошка градба која треба да се сфати како утврдена и неменлива, како и природни пориви кои се карактеристика на човечкиот вид. Понатаму, за време на неговиот животен век, тој стекнува култура која ја усвојува од општеството преку комуникацијата и преку многу други типови на влијание. Токму културата е она што со текот на времето, е подложно на промени, и која ги одредува, во многу голем опсег, односите меѓу поединецот и општеството. Модерната антропологија нè учи, преку напоредно истражување на т.н. примитивни култури, дека општественото однесување на човечките битија може силно да се разликува во зависност од преовладувачките културни обрасци и типови на организација кои преовладуваат во општеството. На тоа тие, кои се обидуваат да го подобрат човечкиот род, можат да ја засноваат надежта: човечките суштества не се осудени, поради нивната биолошка природа, на меѓусебно уништување и не се изложени на милоста и немилоста на суровата, самонаметната судбина.

Ако се прашаме како структурата на општеството и културниот став на човекот треба да бидат променети за да го направат човечкиот живот задоволувачки колку е тоа можно, непрестајно би требале да бидеме свесни за фактот дека постојат состојби кои сме неспособни да ги модифицираме. Како што претходно споменавме, биолошката природа на човекот, за сите практични цели, е неподложна на промени. Понатаму, технолошкиот и демографскиот развој на настанатите во последниве неколку векови создадоа состојби кои со нас остануваат засекогаш. Во размерно густо населената популација со производи кои се неопходни за нејзиното постоење, цврстата поделба на трудот и високо-централизираниот продуктивен апарат се и повеќе од потребни. Времето – кое, гледано наназад, се чини толку идилично – засекогаш е поминато кога поединците или групите можеа да бидат сосем аутархични. Само мало преувеличување ќе биде ако се каже дека човештвото веќе сега е планетарна заедница за производство и потрошувачка.

Сега ја досегнав точката каде што можам да покажам накратко што, според мене, ја сочинува суштината на кризата од нашето време. Станува збор за односот на поединецот кон општеството. Поединецот стана посвесен од кога и да е за својата зависност од општеството. Но тој оваа зависност не ја доживува како позитивна добивка, како органска врска, како заштитна сила туку, пред сè, како закана за неговите природни права, или директна закана за неговото економско постоење. Освен тоа, неговата положба во општеството е таква што егоистичките пориви на човечката природа непрестајно поттикнуваат, додека неговите општествени пориви, кои по природа се послаби, се прогресивно слаби. Сите човечки суштества, каква и да е нивната положба во општеството, го трпат овој штетен процес. Несвесни затвореници на сопственото користољубие, тие чувствуваат несигурност, осаменост, и лишени се од наивното, едноставното и несофистицирано уживање во животот. Човек може да најде значење во животот, колку и да е опасен и краток тој, единствено посветувајќи му се на општественото живеење.

Економското безвластие на капиталистичкото општество што постои денес, според мене, е вистинскиот извор на злото. Пред нас гледаме голема заедница производители, членови на општеството кои постојано се стремат да се лишат еден со друг од плодовите на нивниот колективен труд – не со сила, туку со верно покорување на законски утврдените правила. Овде е важно да се сфати дека средствата за производство – т.е. целокупниот продуктивен капацитет, кој е потребен за производство на потрошна стока, како и дополнителни капитални добра – можат легално да бидат, и повеќето се, приватна сопственост на поединци.

Да поедноставам, во расправата која следи „работници“ ќе ги нарекувам сите кои не учествуваат во сопствеништвото на средствата за производство – иако ова не одговара на популарната употреба на изразот. Сопственикот на средствата за производство е во положба да ја купи работничката моќ на работникот. За време на користењето на средствата за производство, работникот произведува нова стока која станува сопствеништво на капиталистот. Најзначајната точка во овој процес е односот меѓу производот што работникот го произведува и колку е платен тој, обата мерени според вистинската вредност. Доколку договорот за работа е „слободен“, колку ќе добие работникот не е одредено со вистинската вредност на стоката што тој ја произведува туку со неговите минимални потреби, како и потребата за куповната моќ на работникот, која му треба на капиталистот, а повторно е во зависност од големиот број работници кои се натпреваруваат за работата. Важно е да се разбере дека ниту во теоријата работничката плата не е одредена со вредноста на произведениот производ. Приватниот капитал се концентрира само во неколку раце, делумно поради конкуренцијата меѓу капиталистите, делумно поради тоа што технолошкиот развој и засилената поделба на трудот го охрабруваат формирањето поголеми единици за производство на штета на помалите. Исход од ваквиот развој на настаните е олигархијата на приватниот капитал чии големи моќи не можат ефикасно да се контролираат дури ни во демократски организираното политичко општество. Ова е вистина бидејќи и членовите на законодавните тела избрани од политички партии, а наголемо финансирани или на друг начин се под влијание на приватните капиталисти кои, за сите практични цели, го издвојуваат гласачкото тело од законодавството. Последицата е „претставниците на народот“ да не ги штитат доволно интересите на неповластените/угнетените делови од населението. Понатаму, во сегашните услови, приватните капиталисти неизбежно ги контролираат, директно или индиректно, главните извори на информации (весници, радио, образование). Затоа е толку крајно тешко, и најчесто речиси невозможно, индивидуалниот граѓанин да дојде до објективни заклучоци и интелигентно/информирано да ги употреби своите политички права.

Ситуацијата која преовладува во економијата, заснована на приватната сопственост на капиталот, на тој начин е окарактеризирана од две главни начела: првото, средствата за производство (капиталот) се приватни и сопствениците се служат со нив како сакаат; второ, договорот за работа е слободен. Се разбира, не постои такво општество кое би било чисто капиталистичко во ваква смисла. Посебно треба да се воочи дека работниците, преку долгата и горчлива политичка борба, успеаја да обезбедат нешто посигурен облик на „слободен договор за работа“ за одредени категории работници. Но во целина, современата економија не се разликува во многу од „чистиот капитализам“.

Производството се врши за заработка, а не за употреба. Не е обезбедено дека сите способни и сите кои сакаат да работат секогаш ќе бидат во состојба да најдат работа: „војската невработени“ постои речиси секогаш. Работникот е во постојан страв од губење на работата. Бидејќи невработените и лошо платените работници не претставуваат профитабилен пазар, производството на потрошувачките стоки е ограничено, и последица се големи тешкотии. Технолошкиот напредок често резултира со поголема невработеност наместо да го намали товарот на работата за сите. Мотивот за добивка, заедно со натпреварувањето меѓу капиталистите, е одговорен за нестабилноста во акумулацијата и искористувањето на капиталот кои водат до пораст на силните депресии. Неограничената конкуренција доведува до големо раситнување на работничката моќ, осакатувајќи ја со тоа општествената свест на поединецот за која зборував претходно.

Ова сакатење на поединецот го сметам за најголемо зло на капитализмот. Нашето цело образование боледува од ова зло. Претераниот конкурентски дух се втерува во студентот кој е обучуван алчно да го обожава успехот како подготовка за неговата идна кариера.

Убеден сум дека постои само еден начин за отстранување на овие најсериозни зла, имено, преку основање социјалистичка економија, следено од училишен систем кој би бил насочен кон општествените цели. Во таквата економија, средствата за производство се во сопственост на самото општество и плански се користени. Планското стопанство, кое го прилагодува производството според потребите на заедницата, би ја делело потребната работа меѓу сите работници способни за труд и ги му гарантирала егзистенција на секој човек, жена и дете. Образованието на поединецот, заедно со промовирање на неговите вродени способности, би се обидело да развие во него чувство за одговорност за неговите блиски наместо величење на моќта и успехот во нашето сегашно општество.

Сепак, неопходно е да се сетиме дека планското стопанство не претставува социјализам. Самата планска економија како таква би можела да биде проследена од целосното ропство на поединецот. Достигнувањата на социјализмот бара решавање на некои многу тешки општествено-политички проблеми: како е можно, со оглед на далекусежната централизација на политичката и економската моќ, да се спречи бирократијата да стане омнипотентна и секонтролирачка? Како можат правата на поединецот да бидат заштитени и така да се оствари демократската противтежа кон моќта на бирократијата?

Јаснотијата за целите и проблемите на социјализмот е од најголема важност во нашиот транзициски период. Бидејќи, во сегашни прилики, слободната и непопречувана расправа за овие проблеми западна под моќно табу, сметам дека создавањето на ова списание е важна општествена услуга.

Овој текст првпат бил објавен во списанието Monthly Review, во мај 1949 г.

Извор: dangerousminds.net

Цртежи: Лори Липтон

да не ми беше ADD-то може и

да не ми беше ADD-то може и до крај ке читав