Фемимен

04.05.2011 11:42
Фемимен

Меѓу многуте нови термини за облиците на сексуалност, како што се метро-маж и метро-жена, се појави и фемимен, мажи кои носат женска облека, шминка и додатоци. На своите бради, мустаќи и влакнести нозе додаваат репчиња, потпетици, шапки и сл.

Пример – американскиот геј креатор Марк Џејкобс, кој ја води модната куќа Луј Витон. Џејкобс на насловната страница на списанието Industry позираше во таква комбинација; креаторот Пол Смит целата овогодишна колекција ја посвети на мешањето на половите, главно класични комбинации кои се нарушени од еден изразено родов детаљ – женски сандали, панталони и сл. Пионир на оваа модна линија секако е францускиот креатор Жан Пол Готје, кој уште во средината на 1980-те ги популаризираше машките здолништа. Готје имаше и низа други предизвици: вработуваше старци и старици како манекени, дебели жени, и воопшто, луѓе со несовршени тела. Неговото воведување на шкотското машко здолниште, килтот, се совпадна со обновата на традиционалната облека меѓу аристократијата и... фудбалските навивачи. Денес не претставува никакво посебно изненадување да се видат најразличните верзии на килтот на улиците од светските метрополи. Обидите да се воведат здолништата за мажи во азиските култури се уште постари од обидот на Готје, и потекнуваат од 1970-те години.

Секако, историјата на здолништето е многу богата со пресврти: античките Римјани сметале дека носењето панталони е одлика на варварите. Го менувале мислењето само во постудени клими... Денешните панталони мажите почнале да ги носат пред помалку од два века. Сè дотогаш носеле фустани, здолништа и најразлични облици на припиени чорапи во комбинации со здолништа или кратки панталони. Мажот на капитализмот постепено стана униформирана сенка во сиво, црно и кафено, непрепознатлив, освен по скапотијата на своето одело. Жените, работниците и странците останаа вон овој безбоен, неиндивидуализиран, здодевен свет на моќта. Во визуелната еднаквост на мажите во капитализмот исчезнаа и обичаите на прикажување – и заведување – на машкото тело. Да погледнеме само како изгледале моќните мажи меѓу 14-от и крајот на 18-от век, односно почетокот на 19-от: многу бои, пердуви, накит, метални додатоци, тантела, креативни фризури, перики, шапки и шешири, марами, комбинации на материјали како крзно, кожа, свила, сомот, па дури и цвеќе: мажот од доцниот среден век, ренесансата, барокот, рококото, бил пауновски накитен. Главни елементи на заведување биле добро обликуваните нозе, бедра, раменици, косата и примарните полови одлики, кои не се криеле туку посебно се истакнувале во одредени модни трендови. Таквиот маж бил соодветен на исто толку накитената, моќна, но помалку подвижна жена поради сложената облека што таа морала да ја носи. Пониските слоеви несомнено изгледале поинаку, пред сè, поради поинаквите материјали кои ги нселе. Што, всушност, се случи со машкото тело кое наеднаш престана да биде... модно?

Униформираниот изглед на мажот од 19-от век е во непосредна врска со општествената функционалност на капитализамот, кој најде исклучителен наративен спој со сите облици на христијанството: извесно во тоа е намалувањето на непосредното угнетување на граѓанството, за разлика од дивите навики на владетелите и благородниците од претходните времиња, но во игра се нови психолошки притисоци врз поединецот – вината, самоцензурата, саможртвувањето, самозаборавот. И, исто така, новото сфаќање на мажественоста, односно, жалосното стеснување на поимите за машката привлечност и учество во модата. Во новиот свет на непосреден допир на луѓето од различни класи и колку-толку важечки закони не е умно на себе да се носат знаци на богатство и моќ – тие дискректно се пренесуваат на предметите и имотот (вклучувајќи ги и жените), а на телото стануваат помалку видливи. Запрепастувачки слични биле некои правила на облекување во тоталитарните системи. Во секој случај, или на основа на колонијалимот или пролетерскиот интернационализам, мажите глобално станаа еднолична и здодевна маса по Втората светска војна, и многумина се тоа и денес. Во т.н. деловен свет сивите машки глувци ги следат сивите женски глувчици: моделот на моќта е така изразлив што модата на тој круг бесрамно го изразува немилосрдниот облик на патријархатот.

Современата експлозија на разновидноста и шаренилото можеби навистина означува настап на една нова, целосно недоловлива мода. Добар пример би бил Андреј Пејиќ, кој доаѓа од Австралија, а е роден во Тузла 1991 г., и кој на ревијата на Готје за 2011 прикажа венчален фустан. Неговото етерично андрогино тело одговара на барањата на пистата, а истовремено станува збор за некој кој е доста „престар“ за вообичаените паради на анорексичните девојчиња од 12-16 години, кои кога ќе наполнат 20 ја губат работата, барем на ревиите на високата мода. Андреј, како што изјавува самиот, е материјалист и атеист, значи, никако new-age фрик. Неговиот неочекуван успех не е поврзан ни со популацијата транвестити, посебно бразилските. Тој не се преправа дека е жена и не залажува никого, туку само докажува дека може да изгледа како жена ако го посака тоа.

Од моделите жалосно отстапува Џон Галијано, кој ја водеше својата и куќата на Диор речиси 15 години. Нималку близу до уметничката иновативност на Готје, Галијано често се движеше меѓу уличната баналност и извештачената провокативност. Ова многу грдо мало суштество со руси репчиња и тенки црни мустаќи го покажа својот вистински лик минатиот февруари, кога ги честеше гостите во неговиот омилен бар со навреди кои го споменуваа Хитлер, гасните комори и сл. Засега е отпуштен од Диор, изгуби плата од околу пет милиони евра годишно, и е обвинет на суд. Овој испад му се случи во Париз, во претежно еврејската четврт Марас.

Без оглед на однесувањето на модните диктатори и нивната ноторна општествена безгрижност, т.е. неодговорност, фемимен се појава која навестува нови пресврти во динамичната историја на сексуалноста. Едно е барем јасно – дека сексуалностите се впишани во културата, дека се менуваат со нив и дека воопшто не претставуваат вечни одредници. Практикантите на новите сексуалности немаат ни лесна ни пријатна улога отсуството на вечните, „природни“ дефиниции за половите и кодексите за однесување да ги пикнат во конзервативните глави, а на оние највидливите, богатите и влијателните тоа не им е главната цел. На една страна остануваат богатите костими, на друга богатото размислување. Точките на сретнување можеби не се исклучени. Правилата за убавината, оној миг кога ќе прогласат вечност или природност, запаѓаат во политика, и тоа во политика на исклучување. Случајот со Галијано покажува дека исклучените и маргинализираните, посебно ако се повластени во општеството, не се ништо помалку имуни на расизам и нацизам од другите.

Да застанеме на минималната утописка проекција – фемимен ветуваат малку повеќе веселба, ако светот биде повесел.

Извор: pescanik.net

Модна антиквизација.

Модна антиквизација.

Слични содржини

Квир / Теорија
Квир / Теорија
Општество / Квир / Живот
Фотографија / Квир
Општество / Живот / Историја

ОкоБоли главаВицФото