Годојавление

04.05.2011 12:40
Годојавление

„Стигна ли?“ - ме праша мојата пријателка во саботата вечерта во „Менада“ во која отидов со екипата на „Чекајќи го Годо“ за да си наздравиме за премиерата. Не ја разбрав веднаш. „Дојде ли човекот?“ - го дополни таа прашањето, но уморот сé уште ми пречеше да ја разберам. „Го дочекавте ли?“ - беше нејзиниот трет обид, по кој ми светна дека таа мисли на Годо, оној што го чекаат Гого и Диди, двајцата бездомници во веќе класичната Бекетова пиеса. Не се сеќавам што ѝ одговорив. А можев веднаш да ѝ одговорам: „Не дојде, не го дочекавме“. И да продолжам: „А зошто би дошол кај нас, кога не дошол кај Бекет? Зошто Годо би дошол токму во подрумот на некогашниот Театар на народностите?“ Зошто би им ги олеснил маките на оние кои страдаат од кратко паметење? Зошто би им одговорил на оние кои копнеат, а не знаат по што копнеат? Зошто еден морков е доволен Гого и Диди да заборават дека ги мачи неслободата? Зошто за робовладетелот Поцо мислат дека е долгоочекуваниот Годо? Зошто веруваат дека Момчето кое оди како Пајо Паторот е гласник на долгоочекуваниот Годо? Зошто? Дали одговорот на бројните прашања се крие во мигот на луцидност кога Гого ќе праша: „Зар ги изгубивме своите права?“, а Диди ќе одговори: „Ги распродадовме!“? А зошто, зошто, зошто?

Во неделата изутрина, на втората Коцева плажа забележувам бели лежалки. Сè уште влажни од дождот, светкаат зад редот палми. Зад нив, старо-новиот театар и Музејот на ВМРО го затскриваат Музејот на холокаустот. Налево и малку повисоко, на мостот, се зеленее задникот на еден од двата асирско-јапонски лава. Надесно, под Камениот мост, високиот постамент го очекува својот споменик, за да не самува Карпош од другата страна на мостот. Понатаму, хотелот „Стоунбриџ“ и една трикатна зграда, а уште понатаму, Комерцијална банка, потисната од монструозното здание на Уставниот суд. Скапо платена мегаломанија и претрупаност над која надвиснало железното скеле за кое беше пролеана крв! Сето заедно, навреда за окото, навреда за умот. „Абурџубур“, би рекле старите прилепчани, помислив. Но, во истиот миг се сепнав. „А на каде гледаат белине пластични лигештули?“ Пот ме облеа кога ми светна дека гледаат право кон оној бетонски столб со чинија на врвот, насаден пред Ристиќевата палата. И наеднаш, пред очите ми затрепери сликата на Џејмс Енсор, фантазмагоријата „Исус влегува во Брисел“. Потта што ме облеа не може ни да се спореди со потта на „стросаните“ груевци, кои ги замислувам како оптегнати во лигештулите возбудено го очекуваат доаѓањето на долгоочекуваниот Годо. Да, „Форумот на лигештулите“ кој го потисна некогашниот „Плоштад Македонија“ е вистинско место за Годојавлението.

На тој ден, Гоце и Даме ќе ги натераат своите коњи да се спуштат на колена. Двата асирско-јапонски лава ќе се свртат со муцките кон столбот. Ченто ќе ја спушти раката и ќе ја крене шапката за да го поздрави Годо. Светите Кирил, Методиј, Климент и Наум ќе се завртат за 180 степени, ќе преминат на оваа страна од мостот и гологлави ќе клекнат меѓу Гоце и Даме. Гемиџиите ќе се откажат од бомбите и пиштолите, а Карпош ќе се симне од коњот. На тој ден, Триумфалната порта ќе ја совлада својата тежина, ќе се одлепи од асфалтот и, небаре летечки килим, ќе полета и ќе остане да лебди доволно високо за да може да помине Долгоочекуваниот. Тропањето, крцкањето и чкрипењето предизвикани од неочекуваните движења на бетонот, мермерот и бронзата ќе бидат заглушени од биењето на камбаните на сите скопски цркви, а најмилозвучно ќе ѕуни онаа што ќе се јави од железното скеле на Калето. Камбаните ќе ги заглушат лелеците и пискотниците на комуњарите, соросоидите, архибригадирите, гемовците и илјадниците други незадоволници, скептици и саботери кои ќе се потат натискани во Националната арена. Блажени да се премудрите планери кои ѝ направија само два излеза, за да можат и двата за миг да бидат заѕидани од годољубивата градежна оператива.

Блажени да се планерите кои ја закитија фасадата на Музејот на ВМРО со толку прозорци, четириаглести и јајцеобразни, за да можат на Годојавление низ нив да мавтаат стотиците годољубиви восочни фигури. Тие ќе ја исполнат со историја празнината на сегашноста. Солзите радосници произведени од топењето на восокот ќе ја облеат земјата македонска и така ќе ја овековечат нашата иднина годољубива. Но, каде е народот? Има ли доволно марамчиња за да ги избрише своите солзи? Или се брише со знаменцата што му ги поделиле за мавтање? Во десната она „шеснаесеткракото“, во левата „вентилаторот“. Народот, проретчен, го построиле од двете страни на улицата што поминува под лебдечката Триумфална порта. Со знаменцата ги брише пресушените солзи и потта што го облева. Проклети да се планерите што не ја направиле Триумфалната порта доволно голема за да го засени сонцето што пече. Тишината што се надвиснала како темен облак врз „Форумот на лигештулите“ ја пробиваат копитата на поткованиот коњ што се задава од Собранието надградено со куполи. Се слуша детски шепот: „Букефал, Букефал!“ А потоа шепотот на друго дете: „А како ќе се качи на столбот?“ Тишината се заканува со пукање. Над главите на народот прелетува Долгочекуваниот на крилест коњ и слетува право на столбот! Избликот на општонародната радост е спречен од извикот на првото дете: „Па, тоа е Пегаз! Нашиот Букефал немал крилја! Пегаз е грчки коњ!“

Разгаќените груевци забораваат дека на Коцевите плажи е забрането капењето, се фрлаат во Вардар и, откако ќе го препливаат, нетуширани, го ловат народот по сокаците и го испраќаат на курс по ревидирана историја. Столбот се урива под непланираната тежина на крилјата и го затрупува јавачот кому не му се знае името. Годо ли беше, Цанко ли беше, Гујо ли беше? Во штамата што следи уште посилно одекнуваат копитата на заборавеното коњче кое продолжува да ја влече количката на собирачот на пластичен отпад.

Слики: Свирачиња

Амин!

Амин!

Извонреден текст. Зрачи со

Извонреден текст. Зрачи со енергија. Како човек од уметноста, Милчин внесол живи драмски елементи. Успешен кроки на сценографијата на тој простор.Потоа низ една митска слика на возбудата на оживеаните споменици и крешендо - слетувањето со крилатиот коњ на Оној кој се исчекува и за кого се силува градот, ефектно завршува со враќањето во реалноста и тапотот на коњчето на собирачот на отпад. Посебно е впечатлив Форумот на лигештулите. Капата долу! Браво маестро!

Инаку уште еден преродбенички медиумски кадар имаше огнено крштевање со Владе Милчин. Извесен Ивановски од Наша ТВ,го потроши времето на безуспешно атакување и на крај си ја подви опашката соочен со силината на аргументите. Испадна дека не добил грант од Сорос фондација па целиот гнев си го фиксирал врз ’комуњарот’ Владе Милчин.

Интересно беше да се гледа,

Интересно беше да се гледа, Миленко е високоинтелектуална личност, па дури и Јанко е во споредба со тој Ивановски.

Bravo Majstore!!!!

Bravo Majstore!!!!

ОкоБоли главаВицФото