Плажа

05.05.2011 09:34
Туристичка слика од Коцевото Скопје

(Туристичка слика од Коцевото Скопје)

Неколу дрвени масички, прекриени со карирани столници, на едната од нив, онаа што е директно под сенката на палмата, седи градоначалникот на Скопје Коце Трајановски, облечен во гаќи за капење, таканаречени три четврти и морнарска маичка. Нозете му се кренати на соседното платнено столче. Во десната рака држи чаша со ладен шприцер што го цевчи со коктелско цевче, а пред него на масата е распослан „Дневник“ на страниците со рекламите од ВМРО-ДПМНЕ. Од звучниците пригушено се слушаат слаткастите гласови на дуетот Љупка Димитровска – Ивица Шерфези, со нивниот стандард „Малаика“. Од спротива, на барокните прозорци од побарокното здание се начичкани барокните насмеани глави на уставните судии, кои бавно, но сосема сигурно, се клацкаат во ритамот на песната. А Коце, сè и да сака, не може од главата да ги исфрли милозвучните стихови: „Што е убав овој свет/ Овде плажа, овде цвет/ Онде палма, онде мед“. А кога само ќе се сети дека некои блесави новинари сакаа да засади багреми место палми. Или тој тоа го сакаше? Или беа бадеми во прашање? Добро, и бадеми не се лоши, ама палми... И не може Коце од својата гримаса да ја избрише онаа самозадоволна и во нијанси цинична насмевка. Ем си на плажа, ем си под палма, ем Даме Груев те гледа. Плус, бројните туристи ти се восхитуваат од големото панорамско тркало. Кај го има тоа? Никаде, би рекле злобниците, ако по некоја случајност го немаше тоа во Скопје и ако некој воопшто нешто некогаш ги прашаше. Штета само што „Дубровачките трубадури“ не можеа да дојдат на отворањето на плажата, па да ја испеја онаа „Док палме њишу гране“. Кој ќе знае дека веќе одамна не постојат.

Оваа слика, се разбира, е фантазија, ама сепак достижна реалност. Слоганот „Скопје и сè е можно“ ја губи својата смисла, бидејќи одамна се поминати границите на можното и на можностите. За секое прашање има соодветен одговор. Кога скопскиот градоначалник ќе каже дека со барокното фасадирање на зградите кај кафеаната „Пелистер“ „ќе се врати изгледот на старо Скопје, со што градот ќе добие нов имиџ“, тој не прави никаков лапсус ментис, ниту пак иронизира или се шегува. Оваа изјава, всушност, најдобро ја потврдува нормалноста на ненормалната ситуација во која живеме. Ако случајно во јавната комуникација се пушти некоја реченица која има некаква, ако не граматичка, тогаш барем минимум елементарна логика, тогаш таа реченица во ненавикнатото уво на јавноста ќе делува како мајсторски јазичен каламбур за чие толкување ќе бидат потребни најмалку дузина лингвисти.

Да, навистина, што сакаат тие злобници на плажа да се сади? Па, нормално дека ќе се садат палми. Добро, може и малку марула, некое лукче и кромитче, колку да си ја задржиме традицијата и да се најде за прва помош вон капачката сезона, односно на почетокот на ракиската сезона. Сепак, палмите се најважни. Веќе е во план на следната акција „Засади ја својата иднина“, да бидат засадени 637 892 002 садници на баобаби, агави и оние џиновски еукалиптуси. Ќе бидат засадени нешто помалку банани и, се разбира, уште 83 839 палми. И на тој начин мораме да го потврдиме сопствениот идентитет.
Мислите ли дека претерувам. Не, претерано би било ако кажам дека под мотото „Засади ја сопствената иднина“ ќе се засадат нови три хектари со пиперки, патлиџани ии барем лубеници. Доста беше Македонецот да се гордее со својот ајвар (ако е уште негов) или со своите млечни производи. Дојде време да почнеме да се гордееме со нашите кокосови ореви и со кокосовото млеко со врвна мрснотија.

Токму од овие причини никој повеќе од ништо не се изненадува, па дури ни од обемниот „отчет“ за постигањата на ВМРО-ДПМНЕ во периодот додека се на власт (процентуално изразени на повеќе од двесте страници). Не изненадува што тој „отчет“ прилично мирно помина и кај коалиционите партнери во Владата, кои во него воопшто не се спомнати, што ќе каже дека немаат никаков удел во успесите. Интересен е и фактот дека освен што нема ни збор за успесите во намалувањето на невработеноста, на пример, таму нема ниту збор за најголемиот успех на македонската влада – проектот „Скопје 2014“. За него, веројатно, ќе се пишува посебен том.

Ете, од тие исти причини не изненадува ни фактот дека главните полемики околу „отчетот“ се водат не за неговата содржина, туку за неговата форма – односно цената на чинење. Содржината, очигледно, не е дискутабилна. Конечно, не може да биде дискутабилно она што го нема. Затоа, пак, разбравме дека отчетот чинел колку чантата „Луј Витон“ на Радмила Шекеринска и/или часовникот „ролекс“ што го носи Бранко Црвенковски. Сега една лична молба од авторот на овие редови до Центарот за информации на ВМРО-ДПМНЕ. Со оглед на фактот дека навистина не сум запознаен со чинењето на таканаречените „аксесорис“ на македонската опозиција, како што очигледно се запознаени луѓето од овој центар, би ги замолил цената на „отчетот“ да ја дадат во литри бензин, на пример. И тоа со прецизно наведување за кој тип бензин се работи, при колкава маржа на дистрибутерите и за кој ценовен период станува збор. Мислам дека една таква порака многу посилно и попрецизно ќе стаса до увото на избирачкото тело.

При еден толку обемен „отчет“ нормално е дека повторно ќе нема предизборен телевизиски дуел меѓу челниците на позицијата и опозицијата. Првин, со „отчетот“ позицијата ги „ковертираше“ сите свои одговори, така што е залудно за тоа да троши и скапо телевизиско време (го знаете она: „Одговорот на тоа прашање се наоѓа во вториот пасус на страница 47“, а она што не се наоѓа таму, нормално, не заслужува одговор), и, второ, тоа само ќе биде шанса опозицијата да добие додатно скапоцено телевизиско време за „черечење“ на отчетот. Значи, ВМРО-ДПМНЕ во суштина прифаќа телевизиски дуел, но под услов писмено да одговори на прашањата. А одговорите да ги прочита еден од увежбаните спикери за таа работа. За тоа време ние ќе уживаме во погледот на Коце-морнарот и неговите палми.

Жалам за фактот што Глобус

Жалам за фактот што Глобус повеќе нема да ни биде достапен, но особено жалам што нема да имаме допир со одличните сатири на Георгиевски. Како негов фан, се надевам дека тој, а и другите некови колеги исто така, ќе најдат форми и медиуми за изразување отпор кон налудничавите политики што не' опкружуваат.

Zveki, prodolzhi na OKNO, ne

Zveki, prodolzhi na OKNO, ne prestanuvaj!

Слични содржини

Став
Став
Став
Срце [к:1]
Став
Став
Оџак [к:1]
Став

ОкоБоли главаВицФото