„Дневник“ не врти десно туку врти удолу

05.05.2011 14:17
„Дневник“ не врти десно туку врти удолу

Минатата недела бевме сведоци на драмата на уште еден медиум. Се јавија оцени дека „Дневник“ никогаш нема да биде тоа што беше, медиум на граѓанската и на демократската Македонија.

По петнаесет години опстојување „Дневник“ е пред голем предизвик да ја издржи борбата против здружените сили на некои македонски бизнис и политички магнати. Под притисок на новата уредувачка политика што веќе еден месец владее, долгогодишните колумнисти Љубомир Фрчковски, Жарко Трајаноски, Алекс Букарски и Ивица Боцевски кратко време по оставката на главниот и одговорен уредник Сашо Кокаланов и по именувањето на новиот глодур Зоран Димитровски, го напуштија „Дневник“.

Сè до мината недела властите поминуваа и заминуваа, но овој медиум остануваше конзистентен во својата уредувачка политика и за разлика од многу други слични медиуми во Македонија, никогаш не се срамеше да ја истакне политичката филозофија за која се бореше. Но, се шири впечаток дека овој пат нема да издржи. Сите си го поставуваат прашањето дали весникот станува маша на власта.

„Дневник“ е можеби најуспешната приказна во шумата на македонскиот медиумски плурализам. Весник што ги оствари и сè уште ги држи рекордите во тиражи и финансиски плусеви. Весник кој знаеше да залута во националистичкото лудило и да се врати на линијата на својата иманентна граѓанска ориентација.

„Кокаинско лудило, невиден ирационализам предизвикан од можното губење на власта“ тоа е основата на перцепцијата на колумнистот Букарски, Жарко Трајаноски се збогува со „Дневник“ тврдејки дека тоа што му се случува на „Дневник“ како тврдина на плурализмот ја претвора Македонија како бастион на груевистичката пропаганда.

Подолго време во јавноста кружат гласови дека „Дневник“ ќе почне да ја поддржува политиката и идеологијата на власта бркајки ги економските и финансиски бенефити кои можат да му овозможат да преживее и да носи профити. Проблемите во перцепцијата на весникот не произлегуваат од неговата десна ориентација туку од ориентацијата на десницата во Македонија. Таа ориентација (на десницата) е над нивото или под нивото што може да го поднесе една нормална интелектуална елита во Македонија. И затоа минатата недела бевме сведоци на „колумнистичкиот геноцид “ во овој исклучително важен медиум.

Проблемот беше усложнет со општата ситуација во медиумската сфера која подолго време од сите релевантни инстанци, домашни и странски, се оценува како неповолна. Политичките интервенции, партиските притисоци, финансиските закани и внатрешните непрофесионалности, ја доведоа медиумската сферта до колапс. „Дневник“ е симбол на таа сфера и затоа не е случајно исклучителното внимание што го предизвикуваат случувањата околу најстариот приватен весник.

Ситуацијата во А1 и во другите медиуми од Перо Наков и предизборната ситуација ја прават оваа проблематика исклучително чувствителна. Општ е впечатокот дека власта се труди со сите сили и дури на најбескрупулозен начин да обезбеди медиумска доминација. Таа ги користи сите ресурси на државата за да се репродуцира без пардон и тука медиумите се само една мала платформа која треба да се совлада. И се совладува.

Неколку работи се важни:

Прво, „Дневник“ има право да ја дефинира и операционализира својата уредувачка политика како сака. И има право својата уредувачка политика да ја токми според очекуваните финансиски ефекти.

Второ, „Дневник“ не може да очекува дека ќе го заштити својот интегритет без да води сметка за интегритетот на средината што го чита.

Трето, ерозијата на интелектуалниот потенцијал што отсекогаш се собирал под покривот на оваа гласило не може да се сведе на „напорите на непријателите“ на весникот и на државата. Обратно, таа ерозија може да биде и треба да биде знак дека весникот ја губи својата гравитациона моќ ,односно својата моќ воопшто.
„Дневник“ ја губи моќта на граѓанската и дури на авангардната ориентација кај оние кои така го доживуваа отсекогаш и како такви го создаваа јадрото на неговата нуклеарна граѓанска реакција.

Четврто, „Дневник“ е капка во морето од деструкции кои го преплавуваат македонскиот медиумски и поширок простор. Еден жесток атак на политичката и бизнис мафија која сака да обезбеди доминација по секоја цена.

Политиката и нејзините бизнис поддржувачи, заклучија дека треба да се уништат сите медиуми вклучувајќи го тука и „Дневник“, медиуми кои размислуваат поинаку од она што тие го замислиле. И почнаа да напаѓаат, ја уништија А1, посегнаа по „Шпиц“, „Време“, „Коха Е Ре“, посегнаа и по „Глобус“. Судбината на „Дневник“ може да не е од тој ред но компликациите ќе бидат тие.

Ѓунер Исмаил

ЌЕ ПРОГЛЕДАМЕ ЛИ?

Само на сто метри од логорската жица на конц-логорот Дахау, на работ на една, ,,под конец“ изорана нива, се наоѓаат куќите на селото Дахау. Прекрасно село, во секој случај. Убави куќи, со перфектно уредени дворови, цвеќиња. Милина божја. Чисто и идилично до немајкаде!

Вака, отприлика, започнува описот на случката која што следи, а од страна на еден американски подофицер кој, заедно со неговата единица во почетокот на март во 1945. го ослободил конц-логорот Дахау.

Имено, откако го ослободиле логорот тргнале преку нивата кон куќите. Таму, веќе се собирале, малку индиферентно, ама малку и љубопитно, селаните кои, како што доликува за однесување на добро воспитани луѓе, љубезно и уредно посакале ,,Добар ден“,.

Веќе поприлично згрозените војници, овој израз на добро воспитание, на култура и што сè веќе не, на припадниците на ,,новата раса“, на следбениците на Пастирот кој како овци (доброволни додуша!) ги водеше во деценијата и кусур на разно-разни кланици, го доживеале како врвен цинизам! (Како палмите на оној Коце!). И тоа не било сè. Ги прашале: „Знаете ли Вие што се случуваше зад онаа жица?“ Воспитаните доброволни овци, слуги на своето слепило, робови на нивната тупост, воспитано и решително одговориле - НЕ!

Аха!? А не почуствувавте ли мирис на отровен чад, на изгорено месо, не слушнавте ли крици на луѓе, не видовте ли некој очајник застрелан на логорската жица?

Не! Бил одговорот на вселенски опасните глупаци, тренирани да бидат глупави по разно разни летни кампови на нивните југенд-организации та дури снимани за филмови кои и денес служат како главна лектира за доглавниците на нашиот Пастир, а кандидати за столицата на оној нивен Ванчо кој со фашистите (!) избега од земјата за која велеше дека ќе ја направи Швајцарија.

Американскиот наредник, што друго, туку збеснал и тоа најмногу на себе. За фашистите знаел само преку нишанот и мислел дека носат униформи. Но, по соочувањето со совршено уредените дворови, со мазно избричените мажи, со сета совршеност на овој (с)уреден свет разбрал дека: фашизмот не мора да носи униформа; фашизмот не мора да биде софистициран туку може да биде приучен, прост и туп; та дури и не мора дури за себе да вели дека е фашизам туку дека е ,,десен“ и конзервативен!

А било многу просто. Доволно било да видиш дали во комшиите игра мечка! А играше! И? Само слепците не видоа.

Та така,Таа, фашистичката мечка сега игра сосема легално, во договор со Пастирот, а со овластување на некакви газди, поведена од нивниот намесник и во дворот на ,,Дневник,, за кого на времето рековме дека:
Со појавата на ДНЕВНИК, Македонија повторно научи да чита!

Но сега тоа веќе не е важно. МАКЕДОНИЈА ТРЕБА ДА ПРОГЛЕДА!


Алекс Букарски

Се трудев да дејствувам независно и со став

Она што фрапира е ништожната калкулација дека одекот од чистката ќе нанесе помала политичка штета одошто евентуалните натписи на колумнистите. Тоа го навредува сиот народ зар не? Кај овие млади луѓе кои нè водат, постои смеса составена од изместена маркетиншка логика помешана со кокаинско лудило кое го носи власта, невиден ирационализам предизвикан од можно губење на власта. Сметаат дека со едно оргијастично кршење на излозите на демократијата и варварско десакрализирање на светоста на слободната мисла, треба да ја засилат револуцијата на џганот, кој потоа треба слободно ги млати сите оние кај кои останало чест и интегритет.

Под услови на невидена агресивна политизација од големите партии многу е тешко да се дејствува не само во новинарството туку и во сите останати професии. Во моите колумни се трудев да задржам, пред сè, една уметничка нишка, универзалност која трае повеќе од тривијалноста на денот, секако заради актуелност; повремено ќе ги искритикував и власта и опозицијата. Се трудев да дејствувам најнезависно со став, но без да преминам граница што може да се оквалификува како партиска припадност. Но, ни тоа не е дозволено.

Искрено не знам, што си замислуваат разните спинери, како ли ќе има ефект нивната пропаганда кога има сериозно нарушување и на содржинскиот квалитет но дури и на објективното информирање.

 

Жарко Трајаноски

Медиумско мракобесие

За критичките колумнисти и новинари, Македонија станува сè поопасно место за живеење. Колумнистите не се само јавно изложени на тужби, клевети и навреди, туку се почесто и на закани.

Парадоксално, но следната седмица треба да се појавам на суд каде што за сума од 50.000 евра ме тужи еден „новинар“, зашто реагирав кога јавно се закануваше со ликвидација на критички новинари и колумнисти. Пред некоја година, еден дневен весник објави текст преполн со клевети и со навреди кон мене илустриран со фотографија револвер и кама. Сè уште стојат заканувачките коментари: „За вакви луѓе предавници само едно. Златен куршум.“; „сите ќе висат на бесилка“; „А бе кубурот и ножот за такви како нив...“ Никој не реагираше.

За жал, откако стана провладин мегафон, и „Дневник“ почна да објавува коментари преполни со клевети, навреди и закани кон сопствените колумнисти. Прашање на денот беше кога на критичките колумнисти ќе им пукне филмот да ја напуштат негостољубивата средина. Чашата ја прели понижувачкото писмо пред Велигден, кое го почувствував како „сиктер кафе“. Откако љубезно им се заблагодарив на соработката, уредниците го објавија писмото без моја дозвола, а под него имаше клеветнички коментар потпишан од некојси „ак47“ (ознака за „Калашњиков“). Откако следниот ден полемички реагирав на клеветничката реплика на главниот уредник, тој ме обвини за „Убиство на „Дневник“ со умисла“, и објави карикатура „корица од нож“ вперена кон мојата колумна (?!).

Нечитаниот и преплатен главен уредник почна да ги убедува најчитаните и наградувани колумнисти дека немале право ниту на свој наслов, ниту на хонорар, иако огромен дел од читателите на „Дневник“ го купуваат весникот токму заради колумнистите! Под колумната повторно беа објавени мноштво анонимни клевети и лични навреди. Земете го во рака Етичкиот кодекс на ЗНМ и кажете ми - според кој член е етички да се објавуваат лични навреди, клевети, и закани?

Ситуацијата со „Дневник“ е само симптом на медиумското мракобесие кое ни се случува. Некои медиуми се купени или поткупени и замолчани; други се измачувани во ќелија; трети се заклучени во фиока. Зошто имам впечаток дека „Дневник“ е пикнат во шише?

Илустрации: Лангдон Грејвс

Текстов требаше да излезе во „Глобус“ на 03.05.11.

DPMNEvci pocnaa groteskni

DPMNEvci pocnaa groteskni partiski zurki da si pravat so nasite pari!!! Si gradat spomenici, muzei, krstovi, zicari do krstovi... Cela sreka sto mesecinata nema nekoe anticko, "makedonsko" znacenje kako sonceto, posto ovie nasi moroni od vlada ke investiraa vo zicara do mesecinata. Ke zacukaa i eden krst i spomenik od Aleksandar na mesecinata. Da se znae koj e najstar narod sto go ima vo biblija i sto ja opismenil civilizacijata!!! Ne znam dali ima nesto poprosto od mojata nenarodna vlada!!! DOLU VLADA!!!

Кој ќе направи жичара до

Кој ќе направи жичара до месечината, ќе гласам за него.

Околу навредите,заканите и

Околу навредите,заканите и клеветите....

Дали Жарко Трајаноски ги чита коментарите на Окно?

Или можеби смета дека и Окно е дел од тоа медиумско мракобесие што го препознава кај другите медиуми?

И дали онака на мајтап тоа што тој го напишал може да се примени и за Окно?

„За жал, откако стана проопозициски мегафон, на „Окно“ почнаа да осамнуваат коментари преполни со клевети, навреди и закани кон сопствените коментатори и читатели. “

ОкоБоли главаВицФото