За должноста на граѓанинот да биде непослушен (1)

10.05.2011 13:33
За должноста на граѓанинот да биде непослушен

Со цело срце го прифаќам мотото: „Најдобра е онаа влада која најмалку владее“ и би сакал тоа да се оствари побрзо и посистематски. Кога тоа ќе се спроведе, на крајот се сведува на ова, во кое исто така верувам: „Дека најдобра е онаа влада која воопшто не владее“ и кога луѓето конечно ќе бидат подготвени за тоа, таква влада и ќе имаат. Во најдобар случај, владите се корисни, но обично повеќето влади, а понекогаш и сите влади, се бескорисни. Приговорите кои беа изнесени против постоењето на постојана армија, а ги има многу и сериозни се, а и заслужуваат да се послушаат, можат исто така да се употребат против постоење на постојана влада. Постојаната армија е само продолжена рака на постојаната влада. Самата влада, која е само начин кој луѓето го одбрале за да се изврши нивната волја, е исто подложна на злоупотреби и искривоколчување пред луѓето да можат да делуваат преку неа. Погледнете ја сегашната војна со Мексико, тоа е работа на релативно мал број поединци кои ја користат постојаната влада како нивна алатка, иако народот не би се сложил со оваа мерка.

Што друго е американската влада освен само традиција, која иако скорешна, се стреми недопрена да се пренесе себеси на следните поколенија, но секој момент губи дел од својот интегритет? Таа ја нема виталноста и силата ни на само еден жив човек, затоа што само еден човек може да ја прилагоди на својата волја. Тоа е како некоја неупотреблива дрвена пушка за самите граѓани. Но, тоа не ја прави помалку потребна, бидејќи народот мора да има некоја комплицирана машинерија и да ја слуша буката која таа ја прави за да се задоволи нивната претстава која ја имаат за владата. На овој начин владите покажуваат колку успешно може да им се наметнат на луѓето, или да се наметнат самите себеси, за своја корист. Мора да се признае колку е ова брилијантно. Оваа влада никогаш не спровела некој потфат, туку со голем ентузијазам ги заобиколува. Не ја зачувува слободата на земјата. Не го средува Западот. Не образува. Карактерот својствен на американскиот народ го постигна сето тоа и би сторил уште повеќе, доколку владата понекогаш не го попречуваше тоа. Затоа што владата е средство со кое луѓето се обидуваат да не си сметаат еден на друг, а како што веќе е кажано, најуспешна не им смета на оние со кои владее. Кога трговијата и стопанството не би биле како направени од гума, никогаш не би можеле да ги надминат препреките кои континуирано на патот им ги поставуваат законодавците и кога некој би им судел на овие луѓе само според ефектот кој го имаат нивните активности и делумно нивните намери, тие би заслужиле да бидат класифицирани и казнети како оние лоши луѓе кои ставаат препреки на пругите.

Но, за да зборувам практично и како граѓанин, за разлика до оние кои се нарекуваат себеси противници на владите, воопшто не барам укинување на владата веднаш, туку подобра влада веднаш. Нека се изјасни секој човек каква влада би ја заслужила неговата почит, што би било еден чекор поблиску кон добивање таква влада.

На крајот од краиштата, практичната причина зошто, кога моќта ќе биде во рацете на народот, на мнозинството му е дозволено, и тоа во подолг период, да владее не затоа што е најверојатно дека ќе биде во право, не затоа што ова се чини дека ќе е најфер кон малцинството, туку затоа што мнозинството е физички најсилно. Но, владата во која мнозинството владее во сите случаи не може да е заснована на правдата, дури ни онолку колку што луѓето ја разбираат. Нели може да постои влада во која мнозинството не решава што е добро а што лошо, туку совеста? Во која мнозинството решава само за оние прашања во кои е применливо правилото на ефикасноста? Мора ли граѓанинот макар и за миг, или во најмала мерка, да ја предаде својата совест на законодавецот? Зошто тогаш кај секој човек постои совест? Мислам дека, пред сè, би требало да бидеме луѓе, а потоа поданици. Не е пожелно да се развива почит кон законот, исто како кон исправното.

Единствената обврска која имам право да ја преземам е во секое време да мислам правично. Има вистина кога се вели корпорацијата нема совест, но корпорација на совесни луѓе е корпорација со совест. Законот никогаш не го направил човека ни за јота поправичен и заради нивната почит кон законот, дури и најдобронамерните секојдневно стануваат застапници на неправдата. Вообичаен и природен резултат на несоодветното почитување на законот е, дека може да видите слика од војници, полковници, капетани, водници, обични војници, носачи на муниција и сите маршираат во беспрекорен поредок преку ридовите и долините во војни, против нивната волја, ах, против нивниот здрав разум и совест, што маршот го прави навистина напорен и прави трепет на срцето. Тие не се сомневаат дека е гнасна работата во која се затекнати, кон која мирно се приклониле. Па, што се тие? Дали воопшто се мажи или мали подвижни тврдини и магацини, во служба на некој бескрупулозен човек на власт? Посетете го пристаништето на морнарицата, и погледнете го морнарот, човек каков што може да го направи американската влада, или таков каков што може да го направи со нејзините црни вештини – само сенка и сеќавање на човештвото, човек кој е однадвор жив и стои, а веќе, може да се каже, закопан со оружје и погребна поворка.

Ниту тапан се чу, ниту посмртно слово,
Додека му го спуштавме телото в гроб
Ниту војник истрела почесен плотун
Над гробот каде го закопавме нашиот херој

Значи, масата луѓе ѝ служат на државата, не како луѓе, туку како машини, со нивните тела. Тие се постојаната армија и милицијата, затворски чувари, полицајци, потерџии итн. Во најмногу случаи не постои какво и да е слободно расудување или морално чувство, туку се ставаат себеси на ниво на дрва и земја и камења, а веројатно ќе може да се изработат дрвени луѓе кои исто ќе и служат на намената. Таквите не заслужуваат повеќе почит отколку куклите направени од слама или од кал. Тие имаа ист вид на вредност како и коњите и кучињата. А, сепак, таквите ги сметаат за почитувани граѓани. Другите – како повеќето законодавци, политичари, адвокати, свештеници и службеници главно ѝ служат на државата со главите; и, затоа што ретко можат да прават разлика меѓу моралното и неморалното, најверојатно е дека ќе му служат на ѓаволот како да е Господ, без да имаат таква намера. Само неколкумина – како херои, патриоти, маченици, реформатори во вистинска смисла и Луѓе – и служат на државата и со нивната совест и според тоа и се опираат во најголем број случаи и обично се третирани како нејзини непријатели. Мудриот човек, ќе биде корисен само како човек и нема да се согласи да биде „глина“ за „да ја затне дупката и да го спречи ветрот“, туку ќе остави тоа да го стори правот негов:

Од превисок род сум за да бидам присвоен,
Да бидам втор по важност,
Или корисен служител и инструмент
На било која суверена држава во светот
.

Оној кој целосно им се предава на своите блиски, им изгледа бескорисен и себичен; но оној кој делумно им се предава бива прогласен за доброчинител и филантроп.

Како ли треба човек да се однесува спрема американската влада денес? Мојот одговор е дека тој не може да се поврзе со неа без да се обесчести. Не можам ни во еден миг да ја признаам таа организација, која во исто време е и влада на робовите, како моја влада.

Сите луѓе го признаваат правото на револуција т.е. правото да одбијат лојалност кон владата и да пружат отпор кон неа, кога тиранијата или неефикасноста се огромни и неиздржливи. Но, речиси сите велат дека сега не е таков случајот. Но, мислат дека таква беше состојбата во Револуцијата од ’75. Кога некој би ми рекол дека оваа влада беше лоша затоа што оданочи одредени странски стоки, најверојатно не би се побунил за тоа, бидејќи можам да живеам и без нив. Кај сите машини постојат недостатоци; и веројатно тоа е доволно добро за да биде противтежа на злото. Како и да е, многу е лошо да се прави бука околу тоа. Но кога недостатокот ќе створи своја машина, а угнетувањето и грабежите стануваат организирани, велам, ајде повеќе да немаме таква машина. Со други зборови, кога една шестина од населението на една нација која се залага да биде светилиште на слободата се робови, но кога целата земја е неправедно прегазена од странска војска и подложена на воен закон, мислам дека е вистинско време чесните луѓе да се побунат и да почнат револуција. Она што ја прави оваа должност уште поитна е фактот дека таа прегазена земја не е нашата, но наша е окупаторската војска.

Пејли, кој за многумина е авторитет во однос на прашањата за моралот, во поглавје од неговата „Должност за покорност кон граѓанската влада“, ги сведува сите граѓански обврски на нужност и наведува дека „сè додека тоа е во интерес на целото општество, што значи, сè додека на воспоставената влада не може да ѝ се пружи отпор, или истата да се смени без притоа да се доведе јавноста во неприлики, Божја волја е... Да се почитува постоечката влада, и никако повеќе. Ако се прифати овој принцип, правдата за секој посебен случај на отпор се сведува на пресметка на квантитетот на опасноста и незадоволството, од една страна, и можноста и чинењето за тоа да се поправи, од друга“. Тој вели дека за ова треба секој човек сам да просуди.

Но, Пејли се чини дека никогаш не размислил за оние случаи за кои не е применливо правилото на нужност, во кои народот, или поединецот мораат да го направат она што е исправно, по било која цена. Ако неправично сум му ја истргнал штицата за која се држи на некој давеник, морам да му ја вратам, па макар и јас самиот да се удавам. Ова, според Пејли, би било несоодветно. Но, во таков случај, би бил изгубен еден живот кој можел да биде спасен. Народов мора да престане да држи робови и да води војна со Мексико, дури и ако тоа ги чини нивното постоење како народ.

Во нивната пракса, народите се согласуваат со Пејли, но дали било кој смета дека Масачусетс го прави токму она што е исправно во сегашната криза?

Бајатоста на државата,
Курва во сребрено руво,
Нејзините возови влечат,
А нејзината душа се влече во калта
.

Да бидеме искрени, противниците на реформата во Масачусетс не се сто илјади политичари од Југот, туку сто илјади трговци и фармери од овде, кои се позаинтересирани за прометот и земјоделството отколку што ги интересира човештвото и не се подготвени по секоја цена да бидат правични кон робовите и кон Мексико. Не спорам со непријателите кои се далеку, туку со оние од кај нас, кои соработуваат со нив и ги помагаат далечните, кои без помошта на првите би биле безопасни. Навикнати сме да велиме, дека масите не се подготвени, но напредокот е бавен, бидејќи малцинството не е ни помудро, ни подобро од мнозинството. Не е толку битно дали мнозина ќе бидат добри како тебе, колку што е битно некаде да постои апсолутна добрина која ќе ја поттикне целината.

Постојат илјадници кои начелно се спротивставуваат на ропството, но не прават ништо во реалноста за да му се стави крај, илјадници кои себеси се сметаат за чеда на Вашингтон и Френклин, а седат со рацете в џеб и велат дека не знаат што да сторат и не прават ништо; кои дури го ставаат во втор план прашањето на слободата во однос на слободната трговија, тивко читајќи ги тековните цени и последните совети од Мексико по вечера и најверојатно заспиваат со нив. Која е денешната цена за еден искрен човек и патриот? Тие се двоумат, и зажалуваат, понекогаш дури и прават петиции, но не прават нито сериозно и ефикасно. Тие благонаклоно ќе чекаат некој друг да најде лек за злото за да не мораат повеќе да жалат. Во најдобар случај тие гласаат и даваат млитава поддршка посакуваат Со-Господ-напред на праведната кауза. Има деветстотини девеесет и девет патрони на доблеста на еден доблестен човек. Но, полесно е да се излезе на крај со вистинскиот сопственик отколку со чуварот.

Секое гласање е некаков вид на игра, како дама или табла, со само ронка морал во него, играње со праведното и неправедното, со моралните прашања; и природно е дека кладењето е секогаш присутно. Карактерот на гласачот не е доведен во прашање, јас гласам, веројатно, како што сметам дека е исправно, но не сум витално засегнат дали ќе поведи доброто. Подготвен сум тоа да му го оставам на мнозинството. Неговата обврска, според тоа никогаш не ја надминува таа на нужноста. Дури и да се гласа за доброто е да не се прави ништо за него. Тоа, едноставно, на луѓето им ја изразува вашата желба дека треба да победи. Мудриот човек нема да го остави исправното на милост на среќата, ниту ќе посакува тоа да победи преку моќта на мнозинството. Има сосема малку доблест во активностите на масите. Кога, конечно, мнозинството ќе гласа за аболиција на ропството, тоа ќе биде затоа што тие се индиферентни кон ропството, или останало само малку од ропството кое би се забранило со нивниот глас. Тогаш „тие“ ќе бидат единствените робови. Укинувањето на ропството може да го забрза само оној кој со својот глас ја брани својата слобода.

Слушам дека во Балтимор, или на друго место, ќе се одржи конференција за избор на кандидат за Претседателство, на која главно ќе учествуваат уредници и луѓе кои се политичари по професија; но јас мислам, што ли ќе му значи на секој независен, интелигентен и почитуван човек тоа до какво решение тие би можеле да дојдат? Зарем без тоа не би можеле да ја користиме неговата мудрост и чесност? Зарем не можеме да сметаме на некои независни гласови? Нели има во земјата многу поединци кои не учествуваат на конференции? Но, не. Таканаречениот почитуван човек, веднаш ја напушта својата позиција и очајува за својата земја, додека неговата земја има повеќе причини да очајува од него. Тој веднаш прифаќа еден од кандидатите кои се така избрани, како единствен кој е на располагање, со тоа докажувајќи дека и самиот е на располагање за сите потреби на демагогот. Неговиот глас не вреди повеќе од оној на некој нечесен странец или на поткуплив жител, кој најверојатно е потплатен.

Барам човек кој е човек и како што вели мојот сосед, има ‘рбет што не може да се свитка! Нашата статистика не е во право: населението е пребројно. Колку луѓе има на илјада квадратни милји? Тешко да има и еден. Нели Америка ги охрабрува луѓето да се населуваат овде? Американецот стана чуден човек – кој е познат по развиеноста на неговиот орган за отвореност и манифестира недостаток на интелект и весела самодоволност, чија прва и основна грижа, од доаѓањето на светов, е да се увери дека домовите на сиромашните се добро поправени и уште пред да стане возрасен маж, да собере фондови за поддршка на вдовиците и сираците и наскоро почнува да живее со помош на Компанијата за заедничко осигурување, која му ветила дека пристојно ќе го погребе.

(продолжува...)

Текстот е напишан во 1849 г. Превод од англиски јазик: Васко Лазаревски.

За вториот дел, кликнете овде.

За третиот дел, овде.

ОкоБоли главаВицФото