Ода на моќните трупи

10.05.2011 14:10
Ода на моќните трупи

Ода на моќните трупи

Не ги кршете прозорците: тие ќе бидат отворени,
оти пред вас веќе ветрот беше кај мене
и го листаше мојот весник
пред да замине во брдата и да ги затресе шипразите.

Заколете ги моите риби и папагали
и испитајте колку ледени брегови пловат под водата
а сè што ќе најдете закачете го врз вашите големи ѕвона,
сето тоа ништо не ве чини.

Добредојдовте, вовлечете се во моето дувло
и својот плен барајте го на секој час што се јавува со гласот на кукавица
- на мојот ќилим никогаш ниеден ангел не спиел
и во моите патни торби нема птичји гнезда.

Истргајте ја струготината од моите мртви утови
и копајте, повелете, под јаболкото,
истргајте ја струготината од моите мртви утови
и копајте, повелете, под јаболкото -

Збор за песната

Песната не е место каде што се негува убавината.

Овде е збор за солта што гори во раните.
Овде е збор за смртта, за отровните јазици.
За татковината налик на железни кондури.
Песната не е место каде што вистината се украсува.

Овде е збор за крвта што тече од раните.
За бедата, за бедата, за бедата на сонот.
За пустошењето и шљамот, за баботавите утопии.
Песната не е место кајшто се лекува болката.

Овде е збор за бесот и измамата и гладта
не се опеваат овде стадиумите на заситувањето.
Овде е збор за ждрањето и за оној што е прождран
од маки и сомнежи, овде е хрониката на страдањето.

Песната не е место каде што умирањето ќе се одоброволи,
гладта кајшто ќе се засити, а надежта преобрази.

Песната е место кајшто вистината е смртно ранета.
Крилја! Крилја! Ангелот се струполува, пердувите
летаат поединечно и крваво во виорот на историјата!

Песната не е место каде што ангелот ќе биде поштеден.

*Крилја! Крилја!: алузија на ангелот на историјата во „Историско-филозофските тези“ (теза 9) на Валтер Бенјамин.

Химна

Живеам во земја којашто своите парталави
и искрпени облеки на огледалата на небото
им ги покажува без посебна кокетерија,
во земја под ореол од солзи,
и чии вечни граници се границите на плачот.

Живеам во земја вљубена во смртта,
на нејзиното тло мебел му се безбројните ковчези
тоа е полно со коски кои сталожено
крчмарот на смртта го молат за нови сопатници,
на небото на земјава сонцето добро му стои,
но нејзините фабрики на смртта никогаш не сопираат.

Живеам во мирисот на застоени воздишки,
во извесноста на смртта, неизвесноста на животот,
двократно против своја волја задолжен и обврзан
од стравот и неизбежното внимание
што на циркускиот мајмун му е потребно
за да не падне од грбот на слонот.

Живеам во земја вљубена во смртта,
стомната со солзи е нејзин грб и сувенир,
пијавицата нејзина маскота, знамињата птичји страшила,
илјадитиот внук на мојата надеж загина.
Се распукна последниот штит на мојата доверба.

Кристоф Мекел (Christoph Meckel, 1935) е роден во Берлин. Во Фрајбург и Минхен студирал сликарство и графика. Подолго престојувал во јужна Франција, на Корзика и во Африка. Живее како слободен писател и графичар во Берлин.

Превод: Пандалф Вулкански

Цртежи: Rinus Van de Velde

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото