Проширување на читателскиот видик

10.05.2011 14:11
Проширување на читателскиот видик

Кога живеев во Еритреја, бев членка на еден клуб на читатели. Членовите на клубот постојано се менуваа, но ние, постојаните читатели, бевме околу триесеттина. Имавме околу седумстотини книги кои ни беа многу драги, а секој месец во картонски кутии ги пренесувавме до куќата домаќин на средбата.

Тоа пренесување на книги беше вистински потфат. Ако се земе предвид дека во Асмара, каде што тогаш живеев, во тоа време се затвори книжарницата, ми беше вистинска чест да уживам во овој скапоцен товар. Денес сите податоци од тие печатени изданија можат да се соберат на еден единствен пософистициран телефон. Некој може да седи покрај езеро на Аљаска и на телефон да вчита книга на арапски од Либан. Книгите денес преку интернет се достапни до оние кои никогаш немале можност да земат некое початено издание во раце. Моментално на големо се водат дискусии за тоа дали електронскиот формат „ќе ја докрајчи печатената книга“ и ќе ги промени навиките на читателите или всушност ќе го дополни традиционалното издаваштво и на читателите и писателите ќе им отвори нови видици.

Индиската писателка Ниранјана Ијер смета дека електронската книга има бројни предности. „Електронското издаваштво може да се смета за природен одговор на слабостите на традиционалното издаваштво“, вели таа. „Многу електронски книги издаваат малите автори и оние кои се занимаваат со теми што се премногу контроверзни или премалку барани за стандардниот печат. Освен тоа, се уништуваат географските граници на издаваштвото, па пред читателот се отвора поширок литературен пејзаж.“ Со бришењето на границата меѓу авторот, читателот, достапноста на материјалот и форматот ги збуни и најголемите издавачки компании. Во април на саемите на книга во Абу Даби и во Лондон 10.000 луѓе се туркаа на предавањата за новитетите на дигиталното време.

Како што еден издавач рече: „Порано зборувавме за ова, а денес дигиталната ера веќе е тука!“ Потрошувачите придвижуваат развој на нов пазар, а важно е колку што е можно поуспешно да се приспособиме. Иако многу издавачки компании очајнички се обидуваат да се впуштат во забрзаните дигитални води, на многумина овој потфат им е мошне тежок. Бразилецот Жулио Силвеира долго има работено за една голема издавачка компанија, а од неодамна ја има основано независната издавачка куќа Ím? Editorial. „Мислам дека сите издавачи порано или подоцна ќе мораат да се соочат со новата стварност“, вели тој. „Работата е во тоа што сите големи играчи на издавачкиот пазар имаат многу пари, но не можат да си дозволат ризик. Нивните партнери и акционери не се подготвени за истражување на непознатите терени. Сметам дека во иднина најдобро ќе работат помалите фирми кои ќе ги препознаат новите трендови и според нив ќе донесуваат одлуки кога за тоа ќе се укаже можност.“

Што се однесува до брзината и подвижноста на малите фирми, вистински пример е Neelwafurat.com на Салах Чебар, кој книгите на арапски и електронските книги ги продава преку интернет. Фирмата неодамна лансираше две апликации за арапско писмо на и-пад, а оваа години ќе има уште неколку. Електронската содржина е сè подостапна на многу мали јазици. Индискиот е-читач WINK, кој засега поддржува содржини на 15 официјални индиски јазици, на пазарот се појави во август минатата година. Но, моментално не може да се прогнозира колку е-издаваштвото ќе со прошири во сиромашните делови на светот и колку ќе влијае врз образованието.

Јенс Бамел, главниот секретар на Меѓународниот сојуз на издавачи со седиште во Женева, предупредува дека некои очекувања се нереални. „Прашањето поврзано со е-книгите се многу посложено отколку што мислат луѓето. Особено во земјите во развој: тука се развиваат програми „Лаптоп за секое дете“ и „Киндл за секое дете“, а всушност треба да води грижа за развој на соодветни содржини и да се послуша мислењето на педагозите и учителите.“

Освен тоа, прашањето е колку електронските содржини ќе бидат достапни во репресивните режими, каде што пристапот на интернет е многу ограничен или дури забранет. Така Кина неодамна со остри мерки го нападна Gmail, а ни на софтверот кој му успева да ја укине цензурата не му се пишува добро.

Сепак, за многумина писатели е-издаваштвото е чекор во нова слобода. Ирскиот писател на криминалистички приказни Деклан Бурк неодамна ги откупи правата за „Eightball Boogie“, својот фален првенец од 2003 година. Книгата во електронски формат ја постави на издавачката платформа Smashwords и почна да ја продава за 99 центи. За само еден месец продаде 215 примероци. Наскоро излегува печатеното издание на неговото ново дело. „Кога ситуацијата ќе се стабилизира, мислам дека е-книгата и традиционалната, печатена книга, ќе живеат во складен сооднос“, вели тој. „Јас обожавам книги. Изгледот на книгата е совршено замислен, но сепак тој трае веќе 500 години.“

Извор: Њујорк тајмс

ОкоБоли главаВицФото