Коњаниците и лавовите ги прегазија и партиските книшки

11.05.2011 15:47
Коњаниците и лавовите ги прегазија и партиските книшки

Неодамна на една расправа врзана за односот меѓу јавната и неконвенционална култура, која се одржа во ГЕМ клубот, во скопската Стара чаршија, беше потегнато прашањето дали на луѓето кои ги нарекуваме културни работници, било да се тоа менаџери или уметници, им се исплател фактот што во последните години ја имале „вистинската“ партиска книшка? Ова прашање го наметна еден од помладите учесници, дојден од Битола - Филип Јовановски.

ЖРТВА

Како дел од многу неконвенционални проекти, згора како дел од корпусот на вонинституционалната уметничка порака под Пелистер, Јовановски рече дека мислел дека ако партиската книшка е начин да се добијат средства за да се оствари некој проект, тоа е дозволива „жртва“.
Оваа констатација наиде на гласни одобрувања и многу повеќе негодувања, но сеедно - таа дилема допре многумина кои сега, во екот на предизборието, веројатно си вршат и внатрешни, интимни преиспитувања во насока на оценување дали од стоењето зад власта си обезбедија навистина простор за своите идеи и преокупации?

Верував во многу луѓе од културата. Ги оправдував кога земаа партиски книшки. Мислев дека само така - одвнатре - ќе се сменат работите на подобро. Тие требаше да бидат некакви ’тројански коњи’ во системот и одвнатре ќе го освојат. Но, преку спомениците кои тие ги одобрија или ги направија и по начинот како подоцна го оправдуваа тој проект („Скопје 2014“), се покажа дека многу се излажав во тие луѓе“, беше недвосмислен Филип Јовановски, автор на многу неконвенционални настани во градот под Пелистер и директор на АКТО Фестивалот.

ЛОЈАЛНОСТ

И познатиот аналитичар на приликите во културата - неизбежниот Роберт Алаѓозовски, вклучувајќи се во таа дискусија рече дека денес „политичката лојалност е замена за целиот систем кој треба да функционира во културата. Затоа се случува во некои институциии со години да имате забрана за примање на нови луѓе а некаде тие едноставно се натрупуваат“.

„Јас во животот морав да се обезбедам со тристотини различни референци за да можам да преживеам, додека некои културни институции едвај работат со 20-30 отсто од просторот и остануваат заробени во својата склеротичост. Постои тескоба во системот, како да сме сите во оваа дејност среде кафкијанските ходници и судови. И тука сите се незадоволни, и културните работници и културната алтернатива и оние што е одговорни за културата во Градското собрание на Скопје, а на крајот, веројатно и самата министерка“, претпоставува Алаѓозовски.

Големо изненадување од постојната ситуација во културата и нејзините институции покажа, на општо изненадување, и Влатко Стевковски, инаку сега директор на МКЦ, кој претходно, до јануари 2010 година беше директор на КИЦ од Скопје. Истиот се сметаше за „добро вкотвен“ човек во системот, менаџер кој секогаш може да влезе во кабинетот на министерката Елизабета Канчева Милеска и дека тој е, кога се проектите во прашање, човек кому „морето му е до коленици“. Но, тој сепак не го криеше незадоволството.

„Јас имам годишен буџет од 6,1 милион денари, а само долгот за парно греење, кој го наследив од претходните директори, изнесуваше 12 милиони. Успеав со многу напори тој долг да го симнам на 8 милиони. Но тој сооднос многу кажува. Претходниците склучиле договори за издавање на деловниот простор со надворешни фирми и тоа на долг рок за смешно мали суми и тој извор на приходи, надвор од буџетот, сега не е можен. Некои простории се издадени до 2020 година! Денес МКЦ вегетира.“

ВЕГЕТИРАЊЕ

„Ако сакам да имам добра и реализиран програма јас морам да вработувам нови луѓе. Но тоа е невозможно. Постојат правни пречки за такво нешто. Иако има вработени кои со месеци не доаѓаат на работа, а ако ги избркаш, СОНК (Синдикатот за образование, наука и култура) ни ги враќа назад на работа во над 90 отсто од случаите. Таквите сега ги замолуваме барем во периодот јуни-октомври, кога активноста во МКЦ и онака е намалена, барем да не доаѓаат на работа: нема да трошат струја преку користење на климатизерите. Имам голем проблем со постојниот колетивен договор кој го склучил СОНК со Министерството за култура. И додека бев директор на КИЦ, имав слични проблеми со кадрите: еден работник што го избркав, бидејќи не доаѓаше подолго време на работа (седум месеци), сега слушам го вратиле одново назад“, раскажува Стевковски.

Тој вели дека една година бил замолен и самиот да дели средства од буџетот во една стручна комисија. Тоа биле, разбирливо, средства во областа на културата и за оделни манифестации. Веднаш бил нападнат дека во неговиот случај постои судир на интереси.

„Но што, всушност, работат тие советодавни комисии? Ќе изработат план за поделба на средства а ќе дојде некој министер и ќе рече - ова не важи и обично за тоа нема жалби“, вели Стевковски. „А како се делат парите? Во една година имав 12 организирани ликовни изложби, а за сите нив вкупно добив 50.000 денари! Постојано имате притисок за издавање на просторот за нечиј настап. Така, имав притисок да настапи фолклорна ромска група од Куманово „Пралипе“. Тој политичар што интеревенираше, ме замоли да нема пречки бидејќи, кога еднаш тој одбил таква услуга, бил нокаутиран - во раководството на групата бил некогашен познат кумановски боксер!“

БЕЗ КРИТЕРИУМИ

Оваа анегдота всушност беше пледоаје кон неговата констатација дека во културата нема критериуми како се делат пари. „Некои Истибањски средби, каде доаѓаат наши иселеници од странство, а доаѓаат таму да се веселат, напијат и најадат, добива од буџетот 1,4 милиони денари. А за МОТ, една елитна манифестација, со театарски групи кои се носат од странство и многу чинат, добивам 3 милиони денари. За театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“ се даваат 4 - 5 милиони денари, што и исто така несразмерно со МОТ, бидејќи, групите што настапувата се од тука.“

Стевковски опишува дека обновата на МКЦ (кој денес е „гланц нов“ – н.з.) чинела 800-900 илјади евра и дека тој за тоа морал да наоѓа спонзори и фондови однадвор. „Властите несомнено си имаат пулени и миленици“, заклучува тој и додава дека не крие дека министерката за култура му е пријателка и дека имало денови кога тој можел да ја добива нејзината подршка, но дека сè поретко му успева во тоа, не му се јавува ниту на телефон. „Можеби се работело за тоа што се готват избори, кој знае? “, размислува тој.

„Кај нас мора да се знае што е уметност, а што естрада. ’Авалон’ (музичка продуцентска куќа - н.з.) за своите концерти имаат ’пусулче’ од УЈП за намален ДДВ, а јас никако да се ослободам од ’полното’ ДДВ кога се работи за концерти во МКЦ“, вели овој разочаран менаџер.

Гостинката од Словенија, Весна Чопич, искусна теоретичарка и менаџерка, тврди дека и во глобални рамки мора да дојде до реполитизација на управувањето со културата. „Во Словенија постои една невиност на политиката во однос на случувањата во културата и ние на тоа сме горди. На ова влијаеше и тоа што во културата имаше многу малку пари, па не можеше да се развие клиентелизмот меѓу оние кои одлучуваат каде ќе одат парите во оваа дејност. Практично се одеше на тоа да се има мир во куќата и на сите да им се даде по малку. Инаку експертските комисии секаде се само алиби. Насекаде постои само бирократска култура. Комисиите постојат за да си доделат пари на свои проекти.“

„Кај вас постои инфлација на закони. Тоа е исто така една алиби ситуација - се добива впечаток дека нешто навистина е случува во културата. Она што е општа констатација е дека во културата постои процес на разградување и дека постои и процес на стареење - поголем дел од кадрите таму се над 45 години“, оценува Чопич. „Во нашата стварност постои т.н. менаџерски парадокс: се оди кон таков модел и бирократите во државата се мирни. ’Еве ви ги менаџерите и тие се виновни ако работите не одат како што треба’ - е нивната позиција. Не треба да се изоставува позицијата на државата. Јас сметам дека ни треба силна држава, бидејќи, таа е гарант за социјалната правда во сите сектори, па и во културата. Но, за сите земји важи правилото дека со силна држава мора да оди и силен невладин сектор!“, рече Чопич и прдизвика низа полемики.

КАРИЕРА

Присутниот Небојша Вилиќ, професор на ФДУ, ја опиша својата кариера: започнал да работи во МКЦ. Потоа стигнал до професура на факултет. Инаку, нагласи тој, во март 1994 година, преку директна аудиција, која се одвивала во Њујорк, бил одбран за раководител на Центарот за модерни уметности на СОРОС Фондацијата и добил фонд од 400 илјади долари со кои можел да располага. „Но, ако денес се прашувам, јас бев поуспешен со многу скромните пари во МКЦ, тогаш Дом на млади ’25 Мај’, кога преку изложби на младите сум ја погодил целта - денес тие што изложуваа се сите професори на ФЛУ!“, нагласува овој професор.

Иако трибината беше замислена така што таа требаше да се обиде да согледа некои релации меѓу власта и културните збиднувања, кои, по дефиниција се на маргините, произлезе дека целата култура е на маргините, за разлика од некои од проектите кои денес бодат очи, но кои можат лесно да станат клучен дел од поразот на актуелната власт.

Како нè гледаат другите: од култура постои само - агрикултура

Гостинката на трибината - Весна Чопич од Љубљана вели дека го прошетала Скопје и влегла во неколку музеи. Она што го забележала таму е дека заради недостаток на средства во музеите се затворени и недостапни за публиката цели катови! Посебно е изненадена што таму нема вработено доволно млади луѓе - најголем дел од кадарот се над 45 години.

„Во Холандија повеќе децении наназад музеите ја немаат поткрепата на државата - сите се во сопствеништво на фондации или приватни лица, поединци или семејства! Кај вас како транзицијата да не ни започнала, а камо ли да се гледа нејзиниот крај.Проблеми со културата има и во ЕУ, практично ние денес од култура имаме само - агрокултура“, вели таа.

Културните елити, според гостинката, дење се обични бирократи а ноќе се божемни интелектуалци кои расправаат за најважните прашања од културата и уметноста. Тие се добро вкотвени во државата и ним им е убаво, додека на сите други ситуацијата им е лоша, како на официјалната култура, така на алтернативната сцена (посебно неа).

Во СФРЈ неофицијалната, вонинституцијална култура се сметаше секогаш за опозиција, но таа беш маргинализирана со тоа што имаше третман на аматерска.

Џабе фрлени пари

Професорот Небојша Вилиќ на тркалезната маса говореше за едно искуство за тоа како лесно се трошат државните пари во земјава.

„Неодамна учествував во создавањето на книга за политичка уметност на просторите на некогашна Југославија. Тоа беше мултинационален проект. Само за промоција и за нашето учество Министерството за култура даде еден милион евра, а наместо квалитетна книга добивме само обична брошура. Од неа јас се оградив. Барав да се повлече македонскиот дел, но не ми дозволија. Тоа е вистинска катастрофа. Да не говорам за спомениците - се дадоа толку пари, десетици милиони евра, а тие се неквалитетни, поголем дел и вистински кич!“, признава Вилиќ.

Се дава само за прескапите споменици

Министерската за култура Елизабета Канчева Милевска никогаш не излезе во јавноста со бројки колку ќе чинат одделни проекти. Тоа, секако, пред сè важеше за најекслузивниот проект - „Скопје 2014“, каде што нејзиното министерство се јавува како инвеститор. Постојано имаше повикување, па и од премиерот дека „сите договори што се склучени од страна на министерството се наоѓаат на интернет страницата на Бирото за јавни набавки“.

Годинава имаше далеку помалку театарски премиери во нашите театри, намален е бројот на книги кои ќе се подржуваат, во Филмскиот фонд одново имаме кавги и, со еден збор, се појавува ситуација кога и постојните институции мораат да вегетираат.

Во јавноста со изненадување беше примен фактот дека Елизабета Канчева Милеска не е на листата на кандидати за пратеници. Ова изненадува и заради фактот што таа е параванот за сè што се прави во процесот на антиквизацијата. Можеби премиерот ѝ ветил место во извршната власт?

Извор: globusmagazin.com.mk

ОкоБоли главаВицФото