За должноста на граѓанинот да биде непослушен (2)

12.05.2011 09:10
За должноста на граѓанинот да биде непослушен (2)

Не му е должност на човека да се посвети на искоренување на било кое зло, колку и да е огромно, тој може да има и други грижи кои го преокупираат; но негова должност е, барем да си ги измие рацете од злото и ако повеќе не размислува за тоа, да не му дава никаква практична поддршка. Ако се посветам себеси на други цели и размисли, морам прво да видам дека не сум им посветен, седејќи на плеќите на друг човек. Најпрво морам да се симнам од него, за да може и тој да ги следи своите идеали. Погледнете како се дозволува огромна недоследност. Слушнав како некои од моите сограѓани велат: „Само нека се обидат да ми наредат да задушам бунт на робовите или да заминам во Мексико.“ А, сепак, секој од овие луѓе, директно преку нивното подаништво, или посредно со своите пари го прават тоа на само на поинаков начин. На војникот кој одбива да учествува во неправедна војна му аплаудираат оние чие лично делување или авторитет тој ги отфрла и на кои не се обзира; како владите да се покајале до тој степен што најмиле некој да ги камшикува за гревовите, но не се покајале до толку за да престанат да грешат ни за миг. Така, во името на Редот и Граѓанската влада, сите сме натерани барем да оддадеме почит и да ја поддржиме нашата лошотија. После првото зацрвенување на образите гревот станува рамнодушен и од аморален се претвора во речиси неморален и не сосема непотребен за животот каков што сме го создале.

На најраширената и најчеста грешка ѝ треба поткрепа од најцелосната доблест за да се одржи. Плиткото обвинение на кое често е подложена доблеста на патриотизмот, најверојатно е дека на себе ќе го навлечат благородните луѓе. Оние кои во исто време додека не ги одобруваат карактерот и мерките на владата, а во исто време ја изразуваат својата верност и поддршка, се несомнено нејзините најсилни поддржувачи и многу често најголемите препреки на реформите. Некои прават петиции за државата да ја раскине Унијата, да не ги зема предвид барањата на Претседателот. Зошто тие самите не ја раскинат – унијата меѓу нив самите и државата – и да одбијат да ја плаќаат нивната квота во државната благајна? Нели тие имаат ист однос кон државата, каков што има државата кон Унијата? И нели тие причини кои ја спречија државата да пружи отпор кон Унијата, ја спречија и Унијата да пружи отпор кон државата?

Како може човек да биде задоволен само со тоа што има мислење и да ужива во тоа? Има ли некакво задоволство во тоа ако чувството е лутина? Ако соседот ве измами за само еден долар, нема да се задоволите само со сознанието дека сте измамени, или со тоа што ќе кажете дека сте измамени, или со тоа што ќе му пратите петиција за да ви го плати долгот, туку веднаш преземате ефективни чекори за да ја добиете целата сума, и се осигурувате дека никогаш повеќе нема да бидете измамени. Делувањето по основ на принципи, согледувањето на она што е правично и делувањето во таа насока, ги менува работите и односите; тоа е во основа револуционерно и не соодветствува во потполност со било што кое било претходно. Тоа не само што поделува држави и цркви, дели и семејства, да, го дели и поединецот – одвојувајќи го ѓаволското од божественото во него.

Постојат неправедни закони: дали ќе се задоволиме со тоа да им се покориме, или ќе се заложиме за нивно менување, и ќе ги почитуваме сè додека не успееме или веднаш ќе престанеме да ги почитуваме? Луѓето, воопшто, кога се под таква влада како оваа, мислат дека треба да чекаат сè додека не го убедат мнозинството да ја смени. Тие мислат дека, ако пружат отпор, лекот ќе биде полош од злото. Но, грешка на владата е што лекот е полош од злото, таа прави лекот да биде полош. Зошто не е подготвена да подготви и изврши реформи? Зошто не го почитува своето мудро малцинство? Зошто се жали и се опира уште пред да е повредена? Зошто не ги охрабрува своите граѓани да ги истакнат нејзините грешки и да почне д работи подобро? Зошто секогаш го распнува Христа и го екскомуницира Коперник и Лутер и ги прогласува Вашингтон и Френклин за бунтовници?

Човек би помислил дека намерното и практично одрекување на нејзината власт е единствениот прекршок за кој неговата влада никогаш не размислувала, ако не е така, тогаш зошто не одредила дефинитивна, соодветна и пропорционална казна? Ако некој човек, кој нема имот, одбие само еднаш да ги плати деветте шилинзи за државата, го ставаат во затвор на време кое не е ограничено од ниеден закон кој го знам и се одредува само со дискреционото право на оние кои го ставиле в затвор, но ако тој украде деведесет пати по девет шилинзи од државата, наскоро повторно ќе му биде дозволено да излезе на слобода.

Ако е неправдата дел од нужното чкрипење на владината машина, нека чкрипи, нека чкрипи, можеби ќе се излити, а машината секако ќе се изаби. Ако неправдата има навој, или чекрк, или јаже, или лост, само за себеси, тогаш можеби треба да размислите дали лекот нема да е полош од злото, но ако е од таква природа да бара од вас да бидете злобен кон некој друг човек, тогаш ви велам, прекршете го законот. Вашиот живот нека биде спротивставената сила која ќе ја сопре машината. Она што морам да го направам е да се осигурам дека нема да се подадам себеси на злото кое го осудувам.

Што се однесува до начините кои државата ги уредила за справување со злото, не знам дека постојат такви начини. За нив треба премногу време, а на човека ќе му мине животот. Имам други работи кои морам да ги завршам. Не дојдов на овој свет со главна задача да го направам добро место за живеење, туку да живеам во него, било да е добар или лош. Човекот не мора да направи сè. Не е моја работа да му праќам петиции на Гувернерот или на законодавецот ништо повеќе отколку што е нивна работа да ми праќаат петиции мене; и ако не ја послушаат мојата петиција, што да правам јас тогаш? Но, во овој случај Државата не овозможила решение: нејзиниот Устав е злото. Ова можеби изгледа остро, тврдоглаво и непомирливо, но тоа е за со најголема љубезност и обѕир да се укаже на духот кој може да го цени или го заслужува тоа. Таква е секоја промена на подобро, како раѓањето и смртта, која го тера телото да се грчи.

Не се двоумам да кажам дека оние кои се нарекуваат себеси Аболиционисти треба веднаш и целосно да ја повлечат нивната поддршка, и лична и во имот, наменета за владата на Масачусетс и да не чекаат да се оформи мнозинство од еден глас за да почнат со акција. Мислам дека е доволно ако го имаат Бога на своја страна, без да го чекаат тој друг – еден глас. Уште повеќе, секој човек кој е повеќе во право од својот сосед, веќе има мнозинство од еден глас.

Ја среќавам оваа американска влада, или нејзиниот претставник – државната влада, директно, лице в лице, само еднаш годишно, олицетворена во нејзиниот собирач на даноци. Ова е единствениот начин на кој човек, ситуиран како што сум јас, неопходно се сретнува со неа и тогаш таа јасно кажува: Признај ме; а наједноставниот, најефективен и во сегашната поставеност на работите, незаменлив начин да покажете колку малку сте задоволни од неа и колку малку ја сакате, е да ја оспорите. Мојот угледен сосед, собирачот на даноци, е истиот човек со кој морам да се справам, бидејќи, на крајот на краиштата, јас се расправам со луѓе, а не со масата за пишување – а тој доброволно избрал да биде застапник на владата. Како ли некогаш ќе разбере дали тој е и делува како службеник на владата, или како човек, сè додека е обврзан да земе предвид дали ќе се однесува кон мене, неговиот сосед кого го почитува, како сосед и добар човек, или како манијак и нарушувач на мирот, и ќе се обиде да ја надмине пречката на неговото добрососедско чувство без груба или пренаглена мисла или збор. Го знам ова добро, дека ако илјада, дека ако стотина, дека десет луѓе кои можам да ги именувам, дека само десет чесни луѓе, ах, дека само ако еден ЧЕСЕН човек, во оваа држава Масачусетс, кој ќе престане да држи робови, со тоа прекинувајќи го ова партнерство, ќе биде затворен во општински затвор, затоа, тоа ќе биде аболиција на ропството во Америка. Затоа што не е битно колку малечок може да изгледа почетокот: она што еднаш е добро сторено – сторено е засекогаш.

Но, ние најмногу сакаме да зборуваме за тоа: да велиме дека тоа е нашата мисија. Реформата има многу весници во своја служба, но ниеден човек. Ако мојот почитуван сосед, амбасадорот на државата, кој ќе ги посвети своите денови на разрешување на прашањето за човечките права во Советот, наместо да биде згрозен од затворите во Каролина, станува затвореник на Масачусетс, државата која толку е желна да го префрли гревот на ропството на својата сестра – иако во моментов како основа за кавга може да послужи само чинот на негостољубивост – законодавната власт не би го пренебрегнала тоа прашање следната зима.

Под влада која неправедно затвора луѓе, вистинското место за правичниот човек е в затвор. Денес соодветното место, единственото место кое Масачусетс го обезбедува за нејзините послободни и помалку бедните духови, е во нејзините затвори, со нејзин чин да бидат протерани и затворени, како што веќе и самите се издвоија според своите принципи. Тука, на тоа место, треба да ги најдат побегнатиот роб, мексиканскиот затвореник или Индијанецот, кога ќе дојдат да се жалат на неправдите сторени врз нивниот народ, а треба да ги најдат на тоа издвоено но послободно и почесно место, онаму каде државата ги става оние кои не се со неа, туку против неа – во единствената куќа во робовладетелската држава во која слободниот човек може чесно да живее. Ако некои мислат дека во тој случај влијанието би им било сведено на нула, а гласовите веќе нема да допираат до увото на државата, дека нема да бидат ништо друго освен непријатели во нејзините ѕидини – тие не знаат колку е вистината посилна од заблудата, ниту пак колку може поречито и поефикасно да се бори против неправдата оној кој лично ја искусил. Дајте го сиот свој глас, не само парче хартија туку целото влијание кое го имате. Малцинството е немоќно сè додека се прилагодува кон мнозинството, тогаш дури и не е малцинство, но е неодоливо кога ќе натежне со сета своја тежина. Ако државата треба да бира: или сите правични луѓе да ги држи во затвор, или да се откаже од војната и ропството, таа нема да се двоуми што да избере. Ако оваа година илјада луѓе не платат данок, тоа не би била насилна и крвава мерка како што ќе биде ако го платат данокот и ѝ овозможат на државата да врши насилство и пролива невина крв. Тоа е, всушност, дефиницијата на мирната револуција, ако е воопшто можно да постои таква. Ако даночникот или некој друг државен службеник ме праша, како што еден и направи: „А, што да правам јас?“ – мојот одговор е: „Ако навистина сакаш нешто да направиш, дај оставка.“ Кога поданикот ќе откаже послушност, а службеникот ќе даде оставка, револуцијата е извршена. Да претпоставиме дека дури ќе се пролие и крв. Зарем крвта не тече кога е совеста ранета? Од таа рана истекуваат човековата срдечност и бесмртност и тој искрварува до конечната смрт. Гледам дека сега тече таква крв.

Повеќе размислував за затворањето на престапниците отколку за запленувањето на нивните имоти – ако и едното и другото и служат на иста цел – бидејќи они е кои ја бранат најчистата правда и заради тоа се најопасни за една корумпирана држава, обично не трошат многу време на трупање на имот. Ним државата им е од сразмерно мала корист и затоа и малиот данок може да им се чини претеран, особено ако мора да го заработуваат со физички труд. Кога би постоел човек кој живее без никакви пари и самата држава би се снебивала да му побара пари. Но, еден богат човек - без да правиме некакви навредливи споредби – секогаш се продава себеси на институцијата која го прави богат. Искрено говорејќи – колку повеќе пари, толку помалку доблести; бидејќи парите се поставуваат помеѓу човекот и неговите предмети кои тие му ги набавуваат, а секако не е голема доблест да се стекнат пари. Тој не бара одговор на многу прашања на кои човек инаку би морал да одговори. А новото прашање кое го поставуваат парите е тешко и излишно: како да се потрошат? Така на човекот му се оттргнува моралната основа од под нозете. Животните шанси се намалуваат со зголемувањето на „средствата“. Најдобро нешто што може да го направи богатиот човек за својата култура е да ги оствари плановите кои ги имал додека бил сиромав. Одговорот на Исус на Иродовите поданици е во согласност со условите во кои живееле. „Покажете ми ги парите од арачот“, и еден извади паричка од својот џеб. – Ако се служите со пари на кои стои ликот на Кајсарот, парите кои тој ги вовел во промет и им дал вредност, ако сте луѓе на државата и радо ги користите благодатите на Кајсаровата влада, тогаш вратете му го оној дел што е негов кога тој тоа го бара. „Дајте му го на царот царевото, а на Господ - божјото.“ И така ги оставил во недоумица што е чие, бидејќи тие не сакаа ни да го знаат тоа.

Кога разговарам со моите најслободоумни соседи, забележувам дека и покрај сè што ќе кажат за големината и сериозноста за прашањето, и покрај нивната грижа за јавниот мир, колкав и да е проблемот, тие не можат да не ја заштитат постоечката влада и се плашат за последиците по нивниот имот и семејство во случај на непослушност кон неа. Што се однесува до мене, не сакам да мислам дека некогаш сум се потпирал на заштитата од државата. Но, ако не ја признаам власта на државата кога ќе ми ја поднесе даночната сметка, таа наскоро ќе ми го одземе и потроши сиот имот, и бесконечно ќе ме мачи мене и моите деца. Тоа е тешко. Му оневозможува на човека да живее чесно и во исто време удобно. Не вреди да се стекнува голем имот, зошто сигурно би се повторило истото. Треба да изнајмите земја или да се пикнете некаде, да посеете малку и брзо да го изедете тоа. Треба да живеете во рамките на своите можности и да се потпирате само на себе, секогаш спакувани и подготвени за нов почеток, а да немате многу работа. Човек може да се збогати дури и во Турција, ако е добар поданик на турската влада во секој поглед. Конфучие рекол: „Ако државата се води според принципите на разумот, сиромаштијата и мизеријата се срамота, ако државата не се води според принципите на разумот, богатството и почестите се срамота.“ Не – сè додека заштитата која ми ја нуди државата Масачусетс не се протега до далечните јужни пристаништа, каде е загрозена мојата слобода, или сè додека, сум принуден само мирно да создавам имот дома, можам да си дозволам да не бидам поданик на Масачусетс и да не ѝ дадам право на мојот имот и живот. Помалку ме чини, во секоја смисла, да ја платам казната за непокорување кон државата, отколку да ѝ се покорам. Пред неколку години Државата ми се обрати во име на Црквата и ми нареди да платам одредена сума како поддршка на еден клерик чии проповеди ги посетуваше татко ми, но никогаш и јас самиот. „Плати“, ми рече Државата, „или ќе бидеш затворен“. Одбив да платам. Но, за несреќа, другите беа подготвени да платат. Не можев да сфатам зошто учителот со плаќање данок би го поддржал попот, а не обратно, бидејќи јас не бев учител платен од државата, туку се издржував себеси со доброволни прилози. Не можам да разберам зошто гимназијата не би побарала од државата преку државни даноци да може да си ги наплаќа сметките, кога веќе тоа го може Црквата. Како и да е, на барање на службените лица, се согласив да дадам ваква пишана изјава: „На сите нека им се даде до знаење дека јас, Хенри Торо, не сакам да бидам сметан за член на кое било корпоративно здружение во кое не сум се зачленил лично“. Ова му го предадов на општинскиот службеник и тој го има. Државата, која на овој начин дозна дека не сакам да бидам сметан за припадник на таа црква, оттогаш никогаш повеќе не ми испорача слично барање иако наведоа дека за овојпат мора да се држат до нивните првобитни претпоставки во врска со мене. Кога би знаел како да ги именувам, би се отпишал од сите здруженија за кои никогаш не сум потпишал пристапница; но не знам каде да го најдам соодветниот комплетен список на такви здруженија.

Шест години не плаќав данок за гласање, заради тоа еднаш бев во затвор на една вечер; и додека стоев таму и ги гледав камените ѕидови, дебели две или три стапки, вратата од дрво и железо – дебела една стапка, и железните решетки кои ја пропуштаа светлината, не можев да не помислам колку е глупава институцијата која ме третира како да сум само месо, крв и коски, па мисли дека може да ме затвори. Се прашував дали конечно заклучиле дека ова е најдобрата намена која ми ја нашле, дека не можам да им бидам корисен на ниеден друг начин. Сфатив дека, ако има ѕид од камен меѓу мене и моите сограѓани, има уште еден преку кој е потешко да се искачат или да го пробијат за да бидат слободни како што јас бев. Ни за момент не се почувствував затворен, а ѕидовите ми изгледаа како огромно залудно трошење камен и малтер. Чувствував како само јас, меѓу сите мои сограѓани, да сум го платил данокот. Тие, едноставно, не знаеја како да се однесуваат кон мене, па се однесуваа како невоспитани луѓе.

Во секоја закана и во секоја пофалба имаше грешка; бидејќи тие мислеа дека мојата главна желба беше да бидам од другата страна на тој камен ѕид. Можев само да се насмеам кога ги видов како совесно ја заклучуваат вратата за моите размислувања, кои без никакво ограничување ги следеа надвор, а, всушност, само моите размислувања беа навистина опасни. Кога веќе не можеа да допрат до мене, тие решија да го казнат моето тело, исто како малите деца, ако не можат на магарето – удираат по самарот. Видов дека државата е глупава и плашлива како осамена жена која се плаши некој да не ѝ ги земе сребрените лажици; и дека не може да ги разликува своите пријатели од непријателите, и ја изгубив сета преостаната почит кон неа. И ја сожалував.

(продолжува...)

Текстот е напишан во 1849 г. Превод од англиски јазик: Васко Лазаревски.

За првиот дел, кликнете овде.

За третиот дел, овде.

ОкоБоли главаВицФото