На родените по нас

13.05.2011 12:43
На родените по нас

I

Навистина, живеам во мрачно време!
Безопасниот збор е глупав. Безгрижното чело
знак е на неосетливост. Оној што се смее
само сè уште не ја примил
ужасната вест.

Какво е тоа време во кое
разговорот за стеблата е речиси злостор
зашто подразбира молчење за толку злодела!
Зарем оној што таму мирно минува улица
стварно не е дома за своите пријатели
коишто имаат тешкотии?

Вистина: уште заработувам за живот.
Но, верувајте ми: сосема случајно. Ништо
од сè што правам не ми дава право сит да си се најадам.
Случајно сум поштеден. (Ако ме напушти среќата,
ќе бидам изгубен.)

Ми велат: Јади и пиј! Биди среќен што имаш што!
Но како да јадам и пијам
кога изеденото го грабам од гладниот,
а чашата вода што ја испивам му фали на жедниот?
А сепак јадам и пијам.

Би сакал и да сум мудар.
Во староставните книги пишува што е мудро:
да не се мешаш во кавгата на светот и својот кус век
да го проживееш без страв.
Да се одржиш и без насилство,
на злото да враќаш со добро,
своите желби да не ги исполнуваш, туку да ги забораваш
- се смета како мудро.
Јас сето тоа не го можам:
навистина, живеам во мрачно време!

II

Во градовите дојдов во време на нередите
кога во нив владееше гладта.
Меѓу луѓето дојдов во време на буните
и заедно со нив се бунев.
Така измина времето
што ми беше дадено на земјата.

Јадев помеѓу битките,
на починка легнував меѓу убијци.
Љубов водев немарно,
а природата ја гледав без трпение.
Така измина времето
што ми беше дадено на земјата.

Патиштата во мое време водеа во мочуришта.
Говорот ме издаваше пред џелатот.
Малку нешта можев. Но властодршците,
се надевав, побезбедно ќе си седеа да ме немаше.
Така измина времето
што ми беше дадено на земјата.

Силите беа слаби. Целта
лежеше мошне далеку.
Беше јасно видлива, иако за мене
речиси недостижна.
Така измина времето
што ми беше дадено на земјата.

III

Вие што ќе изнурнете од потопот
во којшто ние потонавме,
спомнете си,
кога ќе зборувате за нашите слабости,
и на мрачново време
од кое вие избегавте.

Оти ние одевме, менувајќи ги земјите почесто од чевли,
низ војните на класите, очајни
кога само неправди, но не и буни имаше.

А знаеме и самите:
омразата, дури и спрема подлоста,
ги унаказува цртите на лицето.
Гневот, дури и оној поради неправда,
го прави гласот засипнат. Ах, ние
што сакавме да го подготвиме тлото за љубезност,
самите не можевме да бидеме љубезни.

Но вие, кога најпосле ќе дојде времето
човек на човека да му биде другар,
спомнете нè
со трпеливост.

Бертолт Брехт (Bertolt Brecht, 1898-1956) бил роден во Аугсбург, студирал медицина во Минхен. По Првата светска војна, во која кратко време учествувал како болничар, станал драматург во минхенскиот Камерен театар. Во 1924 преминал во Берлин, каде живеел како слободен писател, повремено режирајќи во Германскиот театар на Рајнхарт. Во тоа време веќе целосно бил посветен на драматуршката работа и на изучувањето на марксизмот. Во 1933, преку Прага и Виена, емигрирал во Франција, па во Данска, каде што живеел до 1939, а 1940 преку Шведска побегнал во Финска, од каде што во 1941 преку СССР заминал за САД и живеел во Калифорнија, блиску до Холивуд. Во Европа се вратил по шест години, најпрво во Цирих, а потоа (1948) во Источен Берлин, каде што го основал и до својата смрт го водел театарот „Берлински ансамбл“. Светска слава стекнал со своите драми: Питачка опера, Мајката храброст, Животот на Галилеј, Добрата душа од Сечуан итн.

Слики: Andrew Sendor

Превод: П. Вулкански

Генијално! Ни требаат повеќе

Генијално! Ни требаат повеќе текстови од Брехт.

Uh! kakov tekst! Se složuvam:

Uh! kakov tekst! Se složuvam: genijalno!

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото