Упатство - како гласаат мртвите

17.05.2011 10:53
Упатство - како гласаат мртвите

Скопје, Македонија - Со оглед на тоа што секој изборен циклус во Македонија поминува со обвинувања дека изборните списоци не се прочистуваат и на нив има многу мртви гласачи, решивме да спроведеме истражување за тоа како всушност се одвива гласањето на мртовците. Согласно информациите и исказите што ги поседува текстов, може да послужи и како упатство за гласањето на мртовците кои се наоѓаат во списоците.

Според Изборниот законик постојат девет изборни единици, шест во Македонија и најновите три во дијаспората, но малку луѓе од овој свет знаат дека постои и Тајниот изборен законик во кој има уште две изборни единици, кои, исто така, учествуваат во изборниот процес и носат пратеници во собраниската сала. Како што ексклузивно ни откри Борис Кондарко, претседателот на Државната изборна комисија, оваа тајна досега се држела далеку од очите на широките народни маси, но тој решил дека е доста од молчење и дека е време конечно картите да се извадат на маса и да се проговори за ваквите теми.

- Се работи за закон кој досега сите партии и институции вклучени во изборниот процес го држеа во строга тајност и кој ги регулира сите табу-теми кои повремено се отвораат во јавноста но никогаш до крај не се расчистуваат. Најинтересна од сите нив е гласањето на мртвите лица. Како што имаме обичај да кажеме, се работи за нецелосно пречистени списоци во кои има вакви лица, но тоа е муабетот за во јавноста. Се разбира дека состојбата не е таква. Се работи за многу добро направени списоци во кои точно се знае кој може, а кој не може да гласа.

- Според Тајниот изборен законик, освен познатите девет, постојат и уште две изборни единици кои се држат во најголема тајност. Се работи за десеттата изборна единица позната како „Рај“ и единаесеттата изборна единица наречена „Пекол“. Откако гласачот ќе умре поминува низ строга процедура, која одредува дали тој освен место во рајот или пеколот ќе обезбеди и место во избирачките списоци. Тоа се веќе технички работи во кои не би навлегувал бидејќи се навистина комплицирани, но, сепак, важното што треба да се знае е тоа дека не се работи за грешки или подметнувања во списоците туку за сосема легална процедура за која се свесни сите чинители во изборниот процес - објаснува првиот човек на ДИК, Борис Кондарко.

За повеќе информации околу изборниот процес се обидовме да исконтактираме и со првите луѓе на рајот и пеколот, Свети Петар и Луцифер. По повеќе обиди и вклучување на говорната пошта, конечно успеавме да го добиеме господинот Петар. Иако на почеток беше зачуден како сме го добиле неговиот број, но уште повеќе, како сме дознале за Тајниот изборен законик, сепак реши да ни сподели дел од тајните информации.

- Не можам да ви ги откријам критериумите според кои мртвите луѓе влегуваат во избирачките списоци, но верувајте ми, сите што се нашле таму го заслужиле тоа. И би сакал да ја искористам оваа ретка прилика за категорично да ги демантирам сите кои велат дека мртовците се злоупотребуваат за да се искористат нивните гласови за една или за друга партија. Се работи за сосема легална процедура според која долги години наназад се помага во изборот на новиот парламентарен состав. Само поради тоа што некој умрел, не значи дека не треба да може да гласа и со тоа да си ја избере својата судбина... - вели Свети Петар.

Ако од него успеавме да добиеме некакви информации, нашиот обид да извлечеме нешто од чуварот на пеколот, Луцифер, заврши апсолутно неславно.

- Дајте бе престанете да ми ѕвоните и да ме вознемирувате, да не завршите во некој од котливе овде. Баш ме заболе за вашите избори - рече господинот Луцифер.

Според информациите кои успеавме да ги добиеме, гласањето во овие две изборни единици ќе се случи два дена порано, односно во петок на трети јуни, како би имало време за обработка на гласовите и пренесување на резултатите до ДИК.

Извор: plusinfo.mk