Полнење на празното

17.05.2011 11:04
Полнење на празното

„Одлична е плажата, празниот простор треба да се пополни“, рече една анонимна граѓанка, во телевизиска анкета деновиве, по повод отворањето на новата градска плажа на Вардар. Со тој ум, дека празното треба да се наполни, пропагандната машинерија на власта веќе три години ни ги дупчи очите и ушите (кои се, уште Хераклит рече, варварски сведоци ако душата е оѕверена). Јадрото на тој ум е фамозната реченица на груевизмот: „Абе, нек се гради...“

Во својата вулгарна страна, таа „филозофија“ (светогледот кој смета дека светот постои за ние да го полниме со себе), ме потсети на стара анегдота што цврсто ми останала врежана во сеќавањето, иако не помнам кој ми ја раскажал (можеби писателката Оливера Николова); на скопските гала приеми во педесеттите години, одржувани, на пример, во Офицерскиот дом, дел од хронично гладната градска елита на бесплатната храна ѝ пристапувал како Никола Груевски на Скопје: со невидена стрвност! Еве што правеле нашите можеби татковци и дедовци, фасцинирани пред можноста да јадат неограничено: буткале што буткале, колку што можеле, од изложените трпези на изобилието, а потоа излегувале надвор за во блиските грмушки да се исповраќаат, што повеќе да се подиспразнат - за потоа одново и одново до изнемоштеност да можат да ждерат!

Истата јадна сиротинска неумереност денес одново ја гледаме кај новата градска елита олицетворена во варварскиот груевизам. Градот, нацијата, идентитетот, се консумираат до повраќање. Колку повеќе може да се бутне во ждрелата - толку подобро. Па на блуење. Па пак на бутање, и така во круг, како корморани со затнати вратови, како да хранат некој бескрајно гладен двојник длабоко во себе. Се голтаат споменици од 22 метра, речни брегови, цели плоштади и згради - гладта е голема!

Она што денес шокира е што нашата владеачка елита е неспоредливо попримитивна од онаа сепак малцинска и релативно невидлива (освен во анегдотите и во непоткупливите сеќавања) „елита“ од пред педесетина години (а за таа тогашна „елита“ навистина треба да се има разбирање; луѓето реално биле гладни и реално немале каде да ги учат и да ги усвојуваат добрите градски обичаи). За ова денес - немам објаснување. Професори по факултети, образовани млади луѓе ме убедувале и ме убедуваат: подобро нешто отколку ништо! Подобро е градењето, па макар било крадење! Подобро да се ждере, отколку да се седи раат...

За среќа, суштината на Македонија, на македонската култура, барем онака како што јас ја разбирам, се сосема спротивните вредности: скромноста, воздржаноста, пристојноста, мерата. Луѓето на мерата и на рационалноста, впечаток е, преовладувале дури и во силеџискиот, осилен од воената победа комунистички естаблишмент, оној кој ја градеше републиката по војната и градот Скопје по земјотресот.

Ми се чини дека воопшто не е случајно што еден генијален Јапонец, Кензо Танге, ги вкрсти своите креативни патишта со патиштата на нашиот град и нашата култура. Токму во Јапонија, на пример, огромна е важноста на празното, на премолченото. Во Јапонија реченицата „празно е, треба да се пополни“ би се сметала за вулгарност. (Да не зборуваме за антологиски глупавата реченица на еден од репрезентативните груевисти, симболот на градскиот примитивизам, градоначалникот Коце Трајановски кој рече: „Нема белки багреми да садиме?! Палми, бре!“) Јапонските уметници низ историјата особено ја негувале свеста за важноста на празните простори. Во одредена смисла она што се изостава е поважно од она што се става на сликата. Воздржаноста поттикнува, вакуумот предизвикува љубопитство. Кога ќе се подигне само делче од велот луѓето се позаинтересирани за сето она што е зад велот. Во сликарството врвни ефекти се постигнуваат со отсутност на бојата, во но-драмата со отсутност на движењата, отсутноста на зборовите е важна во хаику песните, а сето одвишно се отстранува и при аранжирањето на цвеќето, при чајните обреди, во боречките вештини...

Центарот на Токио, како и на многу други јапонски градови - е празнина, огромна шума. Една од најубавите работи во Скопје беа токму големите празни простори, во разни делови на градот, кои ја чекаа, низ времето, својата посуптилна артикулација. Некои денес се пополнуваат со згради, но некои сè уште можат да останат за да им бидат паркови и шуми на следните генерации, поумни и поблагородни од нас (но на кои мораме да им оставиме троа суптилност и ние, сегашните, како што и нам ни оставиле).

Постојано мораме да повторуваме, токму во името на последните зрнца благородност: груевизмот е варваризам! Груевизмот е силеџиски триумф на сето најлошо во македонскиот менталитет и историја! Дури и без неумереното крадење и опустошување на државата, груевизмот ќе беше недвосмислено варварство! Дури и рацете да им ги сечеше на сите негови пајташи што до врвовите ги наполнија самарите со украдените пари од Скопје 2014 - Груевски пак ќе си останеше ултимативен примитивец, ретко споредлив со кој било друг опустошувач во македонската историја! Дури и да го амнестираме за пљачката, Груевски останува ненадминат културен злосторник! Симбол на најгрдата Македонија!

Симбол на најдобрата Македонија, пак, според мене, е зенитистички мудриот Блаже Конески, кој во својата песна „Претходница“ вака рече, за наук, можеби и за утеха:

Не барам збор за ова што ни се случува.
Речи го: предавство, лудост, гадост, нискост.
Секој ќе плати за својот бес.
Пустошот што те чека
јас веќе го доживеав.
Не бој се. Не е страшно.
На крајот сеќаваш дури жал и блискост.

Извор: Глобус, 17.05.11.

Слики: John Kenn

Имаше едно време еден празен

Имаше едно време еден празен простор, наспроти НБМ, сега таму е Веро. Имаше на истиот простор една расклантана колиба и еден не до толку галантен коњ којшто пасеше. Наликуваше на пејзаж од најзатуцаното село во Пакистан. Ниту трага од зен-празнотија, како што Коља дроби повторно. А такви простори во Скопје имаше на многу места. Разбирам дека скопјани не можеа тоа толку да го воочат, сепак окото се привикнува на секојдневните обсервации, но на некој којшто доаѓа од друго место, тоа беше секогаш извор на неверување, ошумоглавеност - како може еден главен град да изгледа толку несофистицирано, да не речам - селски.
А стилот градбите на Скопје 2014 е друга приказна.

Сталкер, знаеш како Скопје

Сталкер, знаеш како Скопје изгледа сега? Кичерајски! И тоа селско кичерјаки.Нефункционален кич, кој е платен со тешки зајмови. Кој во светот се позајмува за градење ваков кич. Вие кои тоа го подржувате кур ве боли за тоа кој ќе го плаќа цехот. Забегавте идиоти.

Драг Сталкер, Жал ми е што го

Драг Сталкер,
Жал ми е што го преферирате грдиот тотем на конзумеризмот наспроти ливадата, раскантаната колиба и негалантниот коњ. Колку и да беше раскантана колибата и колку и да не беше достоинствен коњот кој, замислете, пасел и го расипувал пејсажот, длабоко ги преферирам пред грчкиот мегамаркет кој сега ја „разубавува“ ливадата. Или подобро сите да станеме робови на Кока-колата и Биг-Мекот?
Останете ми во добро конзумеристичко здравје.

Ad nauseam This argument

Ad nauseam
This argument approach uses tireless repetition of an idea. An idea, especially a simple slogan, that is repeated enough times, may begin to be taken as the truth. This approach works best when media sources are limited or controlled by the propagator.

До дефиницијава треба да се постави слика од Коља и проектот Скопје 2014 + Груевски.

Др Фројд, ти имаш ужасно

Др Фројд, ти имаш ужасно стеснети капацитети за разбирање, оти во тебе нема ништо друго освен апсолутно репрезентативен пропагандист на изродбата (а тоа значи: агресивен, површен, неконцентриран, неспособен не само за читање на малкуцка потежок текст, туку сосема неспособен дури и за обид да го разбере другиот...).
Идејата за „пополнување на празното“ е сосема нова идеја, во досегашните полемики околу СК 014. Овој агол, изложен во денешниот текст на Гелевски (важноста на празните простори, зен, Јапонија, Кензо Танге), досега не бил претставен во нашата јавност.
Анегдотата со ждерењето исто така е нова и длабоко проникнувачка метафора кога станува збор за лудачкиот проект СК 014.
Конески исто така е сјајно надоврзување на „зен атмосферата“. Сосема нестандарден, мошне креативен и иновативен текст на Гелевски, еден од многуте.

Се извинувам што ми недостига

Се извинувам што ми недостига концентрација кога читам некој среднист како навлегува длабоко во тајните на архитектурата.

Затоа што реков овде

Затоа што реков

овде смрди
над мојата глава
испразнија неколку ноќни садови:
како доказ дека не е така.

Гинтер Кунерт

Ова мора постојано да се

Ова мора постојано да се повторува (еден ден и „Фројд“ ќе го сфати) „токму во името на последните зрнца благородност: груевизмот е варваризам! Груевизмот е силеџиски триумф на сето најлошо во македонскиот менталитет и историја! Дури и без неумереното крадење и опустошување на државата, груевизмот ќе беше недвосмислено варварство! Дури и рацете да им ги сечеше на сите негови пајташи што до врвовите ги наполнија самарите со украдените пари од Скопје 2014 - Груевски пак ќе си останеше ултимативен примитивец, ретко споредлив со кој било друг опустошувач во македонската историја!“

Се согласувам со Цитатологот,

Се согласувам со Цитатологот, но мојот фокус сепак е другде: мора постојано да се повторува дека СК 014 е чиста пљачка. Мене, пријатели, не ме интересираат културолошките аспекти на проектот на црни Грујо. Ме заболе дал е антика или барок. Но, тоа што украдоа неколку стотици милиони евра и што и моите внуци ќе го плаќаат лудилото на Златниот-Црниот, тоа богами ме засега. И тоа треба да се повторува се’ додека правдата не биде задоволена (т.е. кога Грујо, Тодоровиќ, Канчевска-Милевска, Владимир Здравев итн. не бидат зад решетки)

Е да си ми жив! Токму тоа, а

Е да си ми жив! Токму тоа, а ѕа културолошките аспекти ќе расправаме од дистанца, за некои десетина години, сега енергијата треба да се потроши да се раскринка криминалната страна на проектот, што може да се поправи и виновниците да одговараат.

Ми делува дека на

Ми делува дека на опозиционериве не им поминува пропагандата кај луѓево и нема што друго па ајде пуштај ги прикаските со „СК 014 е чиста пљачка“ , „не опљачкаа“, „не задолжија“ и уште што се не ќе слушнеме до 5ти јуни.

СК 014 позиционериве си го сметаат како адут и нормално задача на опозицијата е да го девалвира и минимизира тој каков-таков адут.

’ Груевизмот е силеџиски

’ Груевизмот е силеџиски триумф на сето најлошо во македонскиот менталитет и историја! ’

Најлошото/најдоброто што го направи Груевизмот е што покажа колку многу го има тоа ’најлошото’. Што покажа колку се сиромашни Македонците и духовно и материјално и морално. Што многумина плукнаа врз честа, моралот и мерката заради плата. Што мнозина ги сметаат крадењето, лажењето и нечесноста за нормални и пожелни. Што полтронизмот и деспотијата овде одат рака под рака.

Смрдените газови на дпмневците се излижаа од бацување!

За среќа, треба јавно да кажеме дека има две Македонии. Онаа дпмневската и онаа што тоа не е. Треба сега нов рамковен договор да се осветли и регулира оваа поделба, што досега се криеше. Тие две Македонии се со различна култура, поглед на свет, дури и физички изглед на единките. Тие две групи ги поврзува само истата територија и можеби говорен јазик.

Да се покажеме! Да се определиме! Да се раздружиме!

Да не знаев дека напишаново

Да не знаев дека напишаново доаѓа од огорчен опозиционер кој чекањето за враќање на власт го поминува во агонија, богами ќе се замислев, дури и ќе реагирав до Хелсиншки Комитет или кај Жарко Трајановски околу нацистичката теза за „двете македонии“ која ја постави...

„Треба сега нов рамковен договор да се осветли и регулира оваа поделба, што досега се криеше. Тие две Македонии се со различна култура, поглед на свет, дури и физички изглед на единките. Тие две групи ги поврзува само истата територија и можеби говорен јазик. “

....ФИЗИЧКИ ИЗГЛЕД НА ЕДИНКИТЕ ЕЈ !!!
Ова во Германија своевремено го збореше Хитлер! Една Германија,онаа на нечистите раси и примитивци и онаа Германија на чистата ариевска раса! Веројатно ти се ставаш во групата на ариевците претпоставувам!

Дали сте бре луѓе нормални што зборувате и што правите?

Рамковен договор во кој дпмнеовците ќе се одвојат од другите...и ќе се носат во конц логори?!?

Среќа што ова е само твоја перцепција.
Перцепција која е далеку од умот.

Колку повеќе читам вакви бизарни коментари од бизарни умови, се повеќе се убедувам дека владеењето на груевистите и не е толку лошо колку што сакаат бранковистите да не натераат да мислиме дека е.

Рамковниот договор не е конц

Рамковниот договор не е конц логор за Албанците. Тој само го зацврстува остварувањето на нивните права. Слично, на недпмневците треба да им се заштитат правата во оваа недемократија. Не можат да се вработат ако не се членови на партијата на власт, не можат да одлучуваат за урбанизмот, немаат никаков глас во трошењето на јавните пари. Бидејќи не владее закон и институции туку самоволие на кликата на власт, треба со некој инструмент да се заштити малцинството. Бидејќи преродбата ќе владее и наредните четири години. Барем во тоа се согласуваш? А нацизмов гледам ти се допаѓа како инструмент за напад, нели? Убав инструмент за спинувањсе и сатанизација. (Впрочем автономијата може да биде персонална, ако не може да биде територијална или колективна. Една доза серум за индивидуата против глупоста, за тој што не се чувствува прероден туку премален после пет години дрил.)

Не, почитувана, тоа не е само

Не, почитувана, тоа не е само перцепција на Философот, а уште помалку далеку од умот. И да, ФИЗИЧКИОТ ИЗГЛЕД НА ЕДИНКИТЕ Е РАЗЛИЧЕН! Еве, ќе ви го опишам изгледот на една од тие единки: маж во доцни дваести или рани триести, има десетина кила повеќе од нормалата, лош тен, глупава компромис фризура меѓу вчерашниот уличар и денешниот административец, поглед испразнет од се освен од агресија (веројатно компензира за претходните 2-3 децении поминати како лузер), евтино изгужвано одело кое му ги истакнува маните наместо да му ги крие, портокалова машна, факултативно и значка со лав во реверот, валкани чевли, став дека нема да ви помогне иако е платен за тоа (од данокот што вие го плаќате) и дека никој ништо не му може. Ако има и најмал повод (или глупо претпостави дека има) ќе се обиде нешто да ви забрани или некако да ве казни. Нешто слично имаше во минатото. Беа скроз одлични лузери, полтрони, претседатели на одделение или клас и младински раководители. Сите ги презиравме. Денешнава манџа наместо скроз одлични ги содржи оние со сите кецови зачинета со бруталноста на скриениот полицаец во сите од нив. За да бидам посликовит ќе цитирам еден поет кој своевремено ги нарече КУКЛИ ОД КРВ БЕЗ ТРУНКА ИДЕЈА (во песната КУРВИНИ СИНОВИ). ДАЛИ СЕГА ВИ Е ПОЈАСНО ДЕКА ОВИЕ ЕДИНКИ СЕ РАЗЛИЧНИ ОД НАС? Од мене се. И жалам што ја делам територијата со нив. Да имам избор би ги избегнувал улиците и населбите каде што вегетираат. За жал ги има секаде. Јас нема да ги пратам во конц логор, ама тие ми ја претворија земјата, градот, улицата во конц логор. СЕ НАДЕВАМ ДЕКА НЕ СТЕ ЕДНА ОД НИВ. Инаку џабе пишував. Нема да допре. Нема што да допре. Ни емоција, ни мисла.

Анонимен7, сосема сум сигурен

Анонимен7, сосема сум сигурен дека во твојот опис (ако се одземат елементите „значка со лавче“, што е стварно ретка глетка) ќе се препознае едно 80% од светската работна сила. Ти уствари опиша обичен работник (административен или инаков) на негов обичен работен ден (агресијата = стрес, „неволноста“ да ти помогне = лењавост/зафатеност), и така.

Фала што ни кажа како е! Можда ти да идеше негде на работа по 8-10 саати дневно (ако одиш супер) ќе беше полезно да се ѕирнеше во огледало онака во сред гужва, не за друго, чисто за да си го видиш „гневот“ на лицето, капките пот и уморот од сите оние „клиенти“. Можда се опиша сам себе? Сигурно, кога би сфатил дека тоа што го опиша е општочовечка карактеристика, а не некоја квази-фантастична-каста која е изрод од твоите плиткоумни предрасуди. И тука би имал што да каже Др. Фројд, ама за тоа нека си зборува он.

Многу фрустрации бре човеку. Полека малку, диши длабоко, надиши се малку воздух, излези на сонце, шетни до парк (сеа е среден и разубавен) дрмни чаша ладна вода, мавни едно пивце... ќе да имаш за све ова, штом имаш за Интернет, така? Па така. Животот е убав, ако не си буташ (со сила) колонади и цемент во очите. А и тоа наскоро ќе се заврши, и после џабе си се нервирал... Ајт поздрав.

Патем, Анонимен7, дај вака за

Патем, Анонимен7, дај вака за чисто да НАПРАВИМЕ РАЗЛИКА: те молам опиши ни (детално) како ИЗГЛЕДАШ ти? Каков фриз милуваш, што гардероба носиш, што манири гаиш, и слично. Не за друго, утре да знам дека коа ќе сретнам некој што ИЗГЛЕДА како тебе, дека тој НЕСОМНЕНО мора да е многу добар, чесен, и интелигентен (иако изгледа „обесправен“) човек. Благодарам однапред! :)

Јана, што им се чудиш, не

Јана, што им се чудиш, не гледаш ли дека се... малце „куку“? Отидени се... остај... 2 Македонии, 3 Македонии... Connection to reality: RESET. Онака... Заеби...

Празнословието е грев. Ти ако

Празнословието е грев. Ти ако вака продолжиш во адот ќе завршиш.

Башка, и првоодделенците

Башка, и првоодделенците знаат: Човекот не се цени според облеката, а ниту книгата според корицата. Ама генијалциве изгледа се’ уште се влечкаат во забавиште...

Сте го испуштиле Скопјево бре

Сте го испуштиле Скопјево бре Скопјани!
Го видов после 5 години, по прв пат завчера кога се вратив од туѓина. Од Плоштадот не останала ниту П.
Скопје силувано од прокети!! Каде што паметам куќи, изникнале згради,без парќинг простор и паркови.
Непланско градење,пренаселеност, лош собраќај...
Ако не се промени трендот на концентрација на сите "развојни активности" во Скопје и околината, ќе станете град проектиран за 250 000 жители со популација од 1500000.

Слични содржини

Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото