Затоа што реков

17.05.2011 13:05
Затоа што реков

Како пак се среќаваме в шума

Момчето од црните дворови
со количката за јаглен,
те познаваше.

И девојката со испукана кожа на рацете
која наутро
ми пружаше леб преку тезгата
знаеше
кој сум јас.

Под белото небо,
под заклонот од стебла и гранки
и живо лисје
ќе лежат, кога ќе поминеме,
оние
во чии очи пак се среќаваме.


Стара фотографија на стара улица

Да се вовлечеш
во пожолтенава улица,
со калдрма, сива
и без жива душа, освен мене
и да отпоздравиш оттаму: зад следниот,
за тебе невидлив агол
веќе се одвезувам со коњскиот трамвај
дома во вечниот негатив.

Нешто

Нешто престанува
Тука е нешто што веќе
не е овде Нешто се лити налик на
стар сапун и напуштени храмови
Нешто без прекин пцовисува Нешто
пламнува и не може да се изгаси
Нешто остава зад себе трага која исчезнува
на екранот Нешто тече
без план и капе
од жиците и се слева низ ѕидовите
Нешто потпукнува зад тапетите

Нешто крвари Нешто пропаѓа
Нешто сотира и нешто искористува
Истовремено Нешто поспано
се тркала и Нешто изгледа болно
Нешто слабее Нешто дејствува
како знаме без ветар или
огулена кожа Нешто јачи
Нешто плука самото кон себе в лице
Нешто вперило цевка од пушка во себе
и чкрапнало Нешто тешко дише и умира
од тоа Нешто нема веќе никаква причина за
оптимизам.
Нешто заминало
со шишињата со посредство на новата алхемија
О обожувана науко
Нешто ни заменува нешто
доаѓа од фабриката
веќе не може да се препознае
сите го препорачуваат
носи стари имиња но зад него
нема веќе ништо

Не е тоа ништо
просто престанало
незабележано и засекогаш
некогаш сега или
од почеток

Еднодневните муви

Неми фантоми видливи
низ микроскоп: испразнети
телесните садови на исушените инсекти.
Во тебе ѕвераат тапите фацетни очи. И
како болка поради нешто што ти недостасува
го чувствуваш врз сопствената лопатка
откорнатото крило.


Затоа што реков

овде смрди
над мојата глава
испразнија неколку ноќни садови:
како доказ дека не е така.

 

Гинтер Кунтерт (Günter Kunert), роден во Берлин 1929, не заминал во војна поради делумно еврејското потекло. Студирал Висока школа за применета уметност во Берлин. Како поет ја развива теоријата на „црната“, т.е. песимистичната поучна песна. До 1979 живеел во НДР, а потоа се преселил во Сојузна Република Германија. Освен поезија пишувал и раскази, романи, афоризми, сатири, поетска проза, радио драми, ТВ драми, сценарија, патеписи, есеи и либрета за опери.

Превод: П. Вулкански

Слики: Scott Hunt

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото