Восок

18.05.2011 09:24
Восок

Имаше една песничка, која своевремено беше и некакво хитче, а која се викаше „1000 причини за крај“. Овој наслов, се разбира, нема никаква врска со Манифестот на ВМРО-ДПМНЕ и нивните илјада и кусур предизборни ветувања. Нема никаква врска со ова предизборие и што името на групата што ја пееше оваа песничка се викаше „Нокаут“. Едноставно, не знам зошто ми текнува на неа.

Нема тоа врска ниту со фактот дека својата листа на предизборни, главно комунални ветувања, ВМРО-ДПМНЕ ја крсти – Манифест. Не е проблемот во претенциозноста на именувањето, повеќе е во прецизноста на именувањето. А номенклатурата, значи редот на нештата, нивното значење и хиерахијата, прецизноста на исказот, тоа се важни работи. А ВМРО-ДПМНЕ тоа би морал да го знае. И го знае, инаку не би се тепал толку во последните шест години три пати да ја освојува власта во Парламентот. Значи, во мое време манифестите од типот на овој на ВМРО-ДПМНЕ се викаа нешто како Четиригодишен план на градежната оператива „Бетон“. Или, ајде, ако беше од нешто покрупни размери тогаш влегуваше во категоријата „петолетка“. Сакам да кажам дека не е точно дека ВМРО-ДПМНЕ го измисли принципот на конкретни планови, со конкретни носители и конкретни рокови, со отчети... Па, секое едноумие тоа го има. И нашето едноумие тоа го има. Конечно, фирмите кои се устроени по сериозна субординација тоа гоа имаат.

Она што го немаме е токму тоа – манифестот. Нарекување на предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ како Манифест не мораше да биде навреда на Манифестот на Крушевската Република и на Манифестот на АСНОМ, па и на оние бројни поетски манифести што се појавија во кусата македонска литературна поезија, само ако беше токму тоа – манифест. Ако ги содржеше општите начела на развојот на државата, ако во себе ја содржеше, на пример, визијата за целосното остварување на човековите права во државата, ако ги имаше основните насоки на унапредување на меѓучовечките, меѓуконфенсионалните и меѓуетничките односи, ако имаше барем една логична реченица за неопходноста од егзистирањето на проектот наречен Република Македонија.

Во Манифестот на ВМРО-ДПМНЕ нема живи идеи. Има бројки. Таму не се пресметани несреќните работници што само во неколку дена загинаа на објектите на проектот „Скопје 2014“. Таму не пишува дали ќе им бидат поставени восочни фигури во Музејот на ВМРО. Веројатно нема, затоа што тоа не се жртви на комунизмот, туку жртви на Преродбата. На крајот, сите ќе завршиме како восочни фигури.

Читам и слушам дека смртта на работниците премногу се користи во политички цели, дека е тоа невкусно и нехумано, дека премиерот не ги турнал сам од скеле, дека има изведувачи на работите кои мораат да се грижат за безбедноста на работниците... И не ми се верува. Владата е инвеститор на проектот. Владата одговара за својата инвестиција. Замислете истата трагедија да се случеше на некој објект во изградба, каде што како инвеститор се јавува некое претпријатие. Замислете тоа претпријатие да најмело изведувач на работите без осигурани работници, да не ги обезбедело сите неопходни услови за обезбедување на објектот... Немаше само политички да го распнат, ќе го распнеа меѓу оние силни споменици на плоштадот „Македонија“ на начин повеќе никогаш да не се состави.

Да, ама Владата има поважни работи во моментов. А тоа е дека - не работи. Па, предизборна кампања е по ѓаволите. Кои уште ќе се занимава со објектите кои сè уште не стасани до посакуваната фаза наречена „црвена лента“. Кога претходно треба да се пронајдат списоци на луѓе што мораат на СДСМ да му обезбедат по пет или по не знам колку задолжителни гласа за изборите. Просто сум фасциниран како се спинуваат работите, како се вртат и превртуваат и како заслепеното стадо слепо гледа во шарената порта. Господо, секој партиски активист секаде во светот и во целата партиска историја не прави ништо друго, освен што агитира за идејата, односно за партијата во која верува. Само што тоа не го прави под закана на бркање од работа. Министерот за надворешни работи Антонио Милошоски најави дека неговата партија ќе ја тужи А1 телевизија за наводните монтировки. Сакам тоа да го видам. Тоа е уште една шанса ВМРО-ДПМНЕ, односно државата, бидејќи „државата – тоа сум јас“, да изгуби уште еден судски спор. Во Стразбур, се разбира.

Во меѓувреме и претседателот на државата приложи свој отчет. Морам да признам дека тоа ми беше поинтересно четиво, отколку отчетот на ВМРО-ДПМНЕ. Просто како да ја читаш „Низ пустината и прашумата“ на Хенрик Сјенкјевич. Ту бил во онолку држави, ту го примиле толку светски лидери, па онолку дошле кај него по дома, па времето било сложено, што би се рекло и дожд врнело и сонце греело. Тоа е сјајно „андеркавер“ четиво, бидејќи, колку што мене ми е познато, сите тие работи претседателот ги направил прилично анонимно и надвор од очите на јавноста. Како да бил на некои тајни мисии, па сега ги разоткрива авантурите што го следеле по тој пат. За волја на вистината, не е најјасно кој ѓавол одел таму каде што одел и зошто ги примал тие што ги примал, ама сепак, неговиот отчет е напната приказна за човекот кој не сакаше да се меша во својата работа, приказна во која ќе го дознаете сето она што никогаш не сте сакале да го знаете за претседателот на државата и затоа никогаш не сте ни прашале.

Не знам дали е точно тврдењето на портпаролот Бичиклиски дека СДСМ купило огромни количества кафе и неодредено количество локуми и наполитанки за подмитување на гласачите, ама длабоко навивам да биде точно. За волја на вистината, не знам колку кафе е потребно за трезнење на нацијата и дали воопшто кафето спасува работа, ама нешто е дефинитивно неопходно за трезнење.

И на крајот, повторно не знам зошто низ главата ми се врти „1000 причини за крај“, една од последните хитови на релативно успешната група „Нокаут“. Можеби поради вториот стих од рефренот, кој гласи „Ниедна не сакам да знам“. Знаењето е моќ, а незнаењето е сила.

Извор: globusmagazin.com.mk

Илустрации:Мајкл Марсикано

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото