За иднината на мигрантите и Европа

18.05.2011 11:11
Зигмунд Бауман

„На Европа ѝ требаат мигрантите“, беше директен поранешниот италијански премиер Масимо Д’Алема за францускиот весник Le Monde, спротивставувајќи им се на „двајцата најактивни европски пиромани“, Берлускони и Саркози. Пресметката која го поддржува ова тврдење не може да биде поедноставна: има 333 милиони Европејци, но со сегашната стапка на наталитет (која постојано опаѓа), оваа бројка ќе се намали на 242 милиони во наредните 40 години. За да се пополни оваа празнина, потребни се најмалку 30 милиони дојденци – во спротивно, нашата европска економија ќе доживее крах, заедно со нашиот негуван животен стандард. „Имигрантите се предност, а не опасност“, заклучи Д’Алема.

И тоа е и процесот на културна хибридизација кој ќе го поттикне приливот на доселеници; мешањето културални инспирации претставува извор на збогатување и придвижувач на креативноста – како за европската цивилизација, така и за секоја друга. Па сепак, тенка е линијата која ги дели збогатувањето и губењето на идентитетот; за да се спречи кохабитацијата меѓу автохтоните и алохтоните, која би го нагризала културното наследство, треба ја засноваме на почитувањето на принципот на инхерентен европски „општествен договор“. Поентата е – од обете страни!

Како некој може да обезбеди такво почитување ако признавањето на социјалните и граѓанските права на „новите Европејци“ се нуди толку болно и колебливо, и се одвива со забавен ритам?

На пример, во Италија имигрантите придонесуваат со 11% од БДП, а сепак немаат право на глас на италијанските избори. Покрај тоа, никој не може да биде сосем сигурен колкав е бројот на дојденците без документи или оние со лажни документи кои активно придонесуваат за националниот доход, а со тоа и за доброто на нацијата.

„Како може Европската унија“, се прашува Д’Алема, и тоа не реторички, „да дозволи ваква ситуација во која политичките, економските и социјалните права се ускратени за дел од населението без нарушување на нашите демократски принципи? И бидејќи граѓанските должности начелно доаѓаат во ист пакет со граѓанските права, може ли некој сериозно да очекува дојденците да ги прифатат, почитуваат, поддржуваат и бранат тие ’принципи на кои почива европскиот општествен договор’?“

Нашите политичари собираат изборна поддршка обвинувајќи ги имигрантите за нивната вистинска или наводна „неинтегрираност“ во стандардите на автохтоните – а притоа прават сè што можат и ветуваат дека ќе сторат уште повеќе за да ги стават овие стандарди вон досегот на алохтоните. Патем, така ги дискредитираат или поткопуваат токму тие стандарди за кои тврдат дека штитат против наездата на странците.

Важно прашање, кое најмногу од сите неприлики ќе ја одреди иднината на Европа, е која од двете спротивни „фактички состојби“ на крајот (ама не за долго) ќе стане приоритет: имигрантската улога во зачувувањето на животот во сè позгрижената Европа, која само неколкумина политичари се осмелуваат да ја истакнат, или тоа ќе биде растот (со поддршка и помош на власта) на ксенофобичните чувства, горко рециклирани во изборниот капитал?

По збунувачката победа на локалните избори во Баден-Вуртенберг – оставајќи ги зад себе социјалдемократите и ставајќи на чело на локалната влада за првпат во историјата на Бундесрепубликата еден свој, Винфред Кретшман – Зелената партија на Германија, и посебно Даниел Кон-Бендит, почнаа да размислуваат за можноста германскиот кабинет да „позелени“ пред 2013 г.

Но кој ќе ја создава историјата во нивно име? Кон-Бендит нема сомнеж: Сем Оздемир. Нивниот сталожен, остроумен, бистар, динамичен, широко ценет и почитуван соводач, повторно избран пред неколку месеци со над 88% од гласовите. До својот 18-ти роденден Оздемир имаше турски пасош; тогаш, како млад човек, веќе силно ангажиран во германската и европската политика, го избра германското државјанство поради непријатностите кои ги имаат турските државјани секојпат кога ќе се обидат да влезат во В. Британија или во Франција.

Човек мора да се праша: кои се напредните гласници на европската иднина во денешна Европа? Европскиот пар пиромани или Даниел Кон-Бендит?

Зигмунд Бауман (Полска, 1925), е европски социолог кој досега објавил над шеесетина книги. Се смета за еден од највлијателните социолози. Во своите дела се занимава со различни теми: од егзилот и идентитетот до концептот на љубовта, улогата на социологот во општеството и јавното делување.

Извор: Social Europe Journal

ОкоБоли главаВицФото