1027 hPa
75 %
6 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 07:59
Ноќни градови
Ноќните градови реско
излегуваат пред нас во примрак.
Црни - врз магнезиумскиот блесок
на мигновената снимка.
Нивните куќи се протегаат
на брегот од реките кални.
Од нив жителите бегаат
скокајќи од прозорците на спалните.
Лицата бели како креда,
под месечината им се како камени.
Додека трчаат се гледа
дека со врзопи се нарамени.
На плоштадот имаат настап
артисти со бели маски.
По дворовите одеднаш растат
стебла од црна пластика.
Од еден осветлен балкон
свират панично виолинистите.
Непознати лица во паркот
се пресметуваат со бистите.
Ги фрлаат глобусите
од испразнетите школи.
Ги носат со автобусите
некаде децата голи.
Играорците на покрив
играат самрачни ора.
Потоа глетката се сокрива,
последните ѕидови горат.
Ноќните градови се слика
што ја снемува реско.
Во темнината бликнал
и згаснал нивниот блесок.
Хоризонтот наполно црн е.
На неговиот раб ни трепет.
Само во мракот врне
однекаде студена пепел.
(1979, збирка „Сонувачот и празнината“)
Прогонители
Ноќта е матна загатка.
Гласови, цивкот, зборчиња.
Тоа по мене трагаат
прогонители со зли очиња.
Заобиколувам, прескокнувам
сандаци, ветошини, тркала.
Ни за миг не замолкнува
гласот на тие што ме бркаат.
Нивните извици искрат
небаре ситна кристална срча.
Како Исланд е мазен и лизгав
ходникот по којшто трчам.
Нагло се стеснува тој ходник:
здивовите им се сè пожешки.
Потоа низ цевките водоводни
се провирам четироножешки.
Во сиви нечисти крзна
тие се зад мене речиси.
Низ канализацијата во ужас брзам
гледам - и јас сум сив и нечист.
(1979, збирка „Сонувачот и празнината“)
Привремено засолниште
Сите велат дека тука е безбедно.
Седиме меѓу урнатини,
некои варат чај врз отворен оган.
Мајките си ги дојат децата.
Опасностите се поминати,
ако воопшто и постоеле.
Авионите не ќе можат да нè најдат.
Има дури и нејасни љубовни договори,
шепотења, разврзувања на бовчи.
Само јас знам
дека зад насипот, веднаш тука, блиску,
застанати за миг во потрагата по нас
лежат влакнести коњаници во овчи руна
со тешки сабји
но немам срце
тоа да го соопштам.
(1986, збирка „Хипнополис“)
Пејзажи на жестокоста
Спарување на локомотиви и булдожери пред предшколски деца.
Јавно камшикување на мртвите птици.
Ставање на белутраци под јазикот на морето.
Убивање на малите ридови во присуство на планините.
Каменување на статуи по спортските игралишта.
Осветлување на љубовните постели со рефлектори.
Ширење на ледници по скалите на станбените згради ноќе.
(1979, збирка „Сонувачот и празнината“)
Панична планета
Земјени брани чии чувари ги хранат кртовите наоколу.
Пожарникарски коли што вљубенички се фрлаат во вулкани.
Возови без прозорци и врати во кои се возат слепи патници.
Отстрел на ѕвезди-преселници од државните опсерватории.
Езера затворени во кафез и набљудувани од воздух.
Продавачки на порцелан обвинети поради земјотреси.
Планини што бавно но сигурно се доближуваат кон градовите.
Морски приливи и одливи како дишење на тешко болен.
Паника во киносалите во кои се прикажува милион пати зголемена
ружина латица.
(1979, збирка „Сонувачот и празнината“)
Избор: П. Вулкански
Слики: John Tarahteeff